На 20.08.2023 г., во Единаесеттата недела по Педесетница, кога го празнувавме споменот на преподобниот маченик Дометиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Пенчо Пусовски, Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Ако им ги простите на луѓето долговите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен; ако пак, не им ги простите долговите (грешките) на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите” (сп. Матеј 6,14-15).
Браќа и сестри, од денешното Свето литургиско Евангелие, слушнавме како Господ, во една параболите говори за тоа дека треба да се проштеваат гревовите, кои нам луѓето ни ги прават, но исто така и ние треба да побараме прошка за нашите гревови. Како и Самиот Господ што ни ги проштева гревовите на сите, така и ние да им проштеваме на сите, зашто Бог по природа е љубов. Бог Света Троица е љубов. Ако Бог т.е. Светата Троица би бил едни лице, би бил самољубив, а ако би биле двајца, како на пример во религијата (Персиска) за Ормузд и Ахриман, каде што едниот е бог на љубовта, а другиот е бог на омразата, тогаш во таа дуалистичка религија, има наизменично, и љубов, и омраза. Но во нашата Света Православна Вера, Бог е љубов, зашто е Троичен т.е. Отецот Го љуби Синот и Светиот Дух, Синот Го љуби Отецот и Светиот Дух, а Светиот Дух Го љуби Отецот и Синот. Па така, има една кружна совршена љубов меѓу Отецот и Синот и Светиот Дух, и таа Божја љубов, е изразена во тоа што Бог не сакал да остане Сам, туку од преголема љубов почнал да создава. Бог најнапред го создал духовниот свет или втората светлина, Ангелите, а потоа и матариалниот свет, а како венец или круна на сè создадено, го создал човекот, за да управува со созданијата на земјата. Но поради непослушноста на човекот т.е. поради прекршувањето на единствената Заповед да не се јаде од забранетиот плод, нашите прародители Адама и Ева јадеа и умреа. Токму затоа Свети апостол Павле ќе рече: „Адам згреши и умре, а и ние како негови потомци и наследници, грешиме и умираме“. Но од преголемата љубов кон човечкиот род, Бог Отецот благоволи да го испрати Својот Единороден Син, Логосот, Кој предвечно од Отецот се раѓа, да прими човечко тело и во сè да се изедначи со луѓето, освен во гревот, за да го избави паднатиот човек од гревот и смртта и повторно да го врати во единство со Бога.
Не можело поинаку да биде избавувањето на човечкиот род, освен Синот Божји да прими човечко тело, да поживее меѓу луѓето и да ги упати луѓето на првиот и вистински пат. Сето тоа не можело да се случи поинаку, освен Синот Божји, Христос Спасителот наш, доброволно да пострада, и со Својата смрт да ја уништи смртта и повторно да нè воведе во заедница со Бога.
Сето тоа поинаку не можело да се случи, освен преку проштевањето на гревовите. Господ, ако се гледа според тоа што направил човекот, никогаш не би го спасил човечкиот род, бидејќи без причина човекот се огрешил кон Бога. Но Божјата љубов, браќа и сестри, која, како што вели Свети апостол Павле, не се гордее, не се возвишува, која не мрази и не се радува на неправда, ете, таа совршена Божја љубов, е причината за да се спаси човекот, бидејќи со падот на човекот, паднал и целиот свет, како што вели Свети Јован Богослов: „Целиот свет во зло лежи“. И никој не можел да го подигне човекот, освен самиот Син Божји, Кој заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата, се воплотил, пострадал на Крст, за да нè избави од гревот и смртта.
Ете, Господ промислува, како ние треба да се избавиме од гревот и смртта и да го наследиме Царството Небесно, и ни укажал во параболата, која ја слушнавме во денешното Свето Евангелие.
Имено, во денешното Свето Евангелие беше кажано дека еден цар, а царот е Бог, посакал да види како неговите слуги работат. Еден од слугите, кој направил многу гревови т.е. многу се задолжил кон господарот, па по никоја цена тие негови долгови не можел да ги оправда, освен ако господарот не би покажал милост и би му простил. Понатаму се вели дека Господарот наредил да биде фрлен во затвор заедно со неговото семејство т.е. жената и децата, сè додека не го отплати долгот. Тогаш овој слуга, браќа и сестри, паднал пред неговите нозе и го молел: „Господаре, стрпи се спрема мене и сè ќе ти платам“ (сп. Мат. 18, 26) т.е. дај ми можност да заработам и ќе ти го вратам долгот, а долгот бил огромен. Во Светото Евангелие слушнавме дека станувало збор за некои десет илјади таланти што денеска би одговарало на десет милини евра. Кога Господ видел дека овој се моли и бара прошка, сè му простил. Откако слугата излегол од судницата, сретнал еден негов другар, кој што му должел само десет пенези, кои денес би чинеле околу илјада денари, кому му рекол дека ако не му го врати долгот, ќе го фрли во затвор. Кога тоа го виделе неговите другари, многу се вознемириле, па отишле кај царот и му кажале што се случило, а царот го повикал и му рекол: „Јас се смилував над тебе и ти ги простив долговите, зошто ти не беше милосрден како мене и не му го прости долгот на твојот брат? Фатете го и фрлете го во затвор, сè додека не го врати последниот денар“. Понатаму во денешната парабола се вели: „Ако им ги простите на луѓето долговите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен; ако пак, не им ги простите долговите (грешките) на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите” (сп. Матеј 6,14-15). “.
И веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, каква треба да биде нашата љубов? Ние велиме дека треба да ги сакаме луѓето т.е. браќата, сестрите, таткото, мајката, ближните, пријателите, но нашата Света Православната Вера, тоа не го прифаќа, туку ни вели дека треба да имаме љубов кон сите и кон нашите непријатели. Ете, тоа е совршената љубов, браќа и сестри, за која Христос Спасителот ни покажал пример кога бил на Крстот, кога не се молел за Јудеите т.е. Евреите, од чии род по мајка потекнувал, туку се молел за Неговите непријатели со зборовите: „Прости им Отче, оти незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 34). Таква е христијанската љубов. Зошто? Бидејќи е сè опростувачка. Ние затоа во молитвата Отче наш, која ни ја кажал Самиот Господ Исус Христос, се молиме: „И прости ни ги нашите долгови, како што и ние што им ги проштеваме на нашите должници“, односно на нашите браќа, а брат ни е секој човек, зашто сите ние потекнуваме од еден т.е. од Адама. Сите ние по тело потекнуваме од Адама, а по дух од Вториот Адам, од Христа нашиот Бог и Спасител.
Возљубени браќа и сестри, ние треба сè да простуваме, а не како што денеска за жал честопати слушаме од некои свештеници, па и од архиереи на соседни Цркви, кои велат: „Ние простуваме, ама не забораваме“. Ако проштеваш, а не забораваш, не си простил. Кога ќе простиш, мора и да заборавиш на тоа.
Како што слушнавме од денешното Свето Евангелие дека овие двајца должници требало да дадат отчет, и ние треба да дадеме отчет за нашиот живот. Првиот отчет го даваме на времениот Суд, кога ќе умреме т.е. кога нашата душа излегува пред Бога, во 40-тиот ден по почивката, кога сатаната и демоните, сите наши гревови ги прикажуваат пред Бога. Па така, браќа и сестри, нам ќе ни биде судено според моментот кога сме умреле т.е. во каква состојба сме се претставиле пред Бога.
Затоа ние секогаш треба да бидеме подготвени за смртта. Оној, кој не мисли на смртта, тој нема да биде подготвен за вечниот живот, а тој што постојано мисли на смртта и често оди на гробишта и гледа дека и најславните луѓе телесно умираат, тој на некој начин се подготвува за вечниот живот. На сите нам, браќа и сестри, по смртта ќе ни се суди, а, пак, Христос кога повторно ќе дојде, оние кои ќе бидат живи, за миг ќе преминат од овој во оној свет, и сите ќе дадеме одговор за нашиот живот на земјата. Затоа должни сме да бараме прошка од сите оние кои нам ни згрешиле.
И ќе приведам само еден пример, за тоа како двајца пријатели, од кои едниот бил свештеник, а другиот верник, кои биле прекрасни другари и пријатели, но одеднаш ѓаволот направил омраза меѓу нив. Свештеникот се викал Саприкиј, а верникот т.е. неговиот пријател Никифор. Свештеникот бил обвинет дека е христијанин, па затоа како маченик требало да излезе на суд и да биде изгорен на клада, среде гадот, каде што живеел. Кога за тоа слушнал неговиот пријател, со кој бил во омраза, истрчал пред него и го молел со зборовите: „Прости ми маченику, за сè што сум ти згрешил“, а овој, кој веќе бил прогласен за маченик, не му простил. Потоа повторно излегол пред него од другите улици, молејќи го да му простил. Кога и по трет пат дошол и го молел да му прости, а овој не му простил, тогаш Светиот Дух го напуштил маченикот, затоа што не сакал да му простил, и во тој миг во него се вселил сатаната (ѓаволот), па рекол и дека не верува во Христа. Гледајќи како верата ќе биде понижена, тогаш Никифор извикал со силен глас: „Јас сум христијанин, мене место него поставете ме на клада да изгорам“. Тогаш судијата наредил да биде ослободен свештеникот Саприкиј, а изгорен на клада да биде Никифор, кој станал маченик за нашата Света Православна Вера.
Подобар пример од овој, браќа и сестри, за тоа дека ние треба да им простуваме на луѓето нема. Ете, овој пример нека се всели длабоко во нашите души и срца.
Ако Свети Никифор, од неговиот некогашен најголем пријател, а подоцна и негов најголем непријател барал прошка, и не ја добил, но сепак овој не се откажал да бара прошка, со цел за да не биде понижена верата, па на крај тој пострадал за Христа нашиот Бог и Спасител, и го наследил Царството Небесно.
По неговите Свети молитви и по молитвите на денешните славеници, Светиот Свештеномаченик Иринеј Лионски, кој е образец на свештеномачениците на нашата Света Црква и Светиот Виктор, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар