На 09.07.2023 г., во Петтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на преподобниот Давид, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Пенчо Пусовски, Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Оди си од нас Исусе!“ (сп. Мат. 8, 34).
Браќа и сестри, вака Му рекле на Господа Исуса Христа Гадаринцита или жителите на Гергесинската земја или Гадара.
Кога Господ Исус Христос дошол во оваа земја, која е на југоисточниот дел од Генисаретското езеро, за да ги посети луѓето кои таму живееле, кога минувал покрај гробиштата, излегле двајца бесомачни луѓе, кои правеле многу зло на тамошното население, па дури и синџирите ги кинеле во кои биле врзувани. Тие луѓе, браќа и сестри, биле страв и трепет за населението, па скоро никој не минувал покрај гробиштата, освен кога погребувале покојник. Кога Спасителот Христос пристапил таму каде што тие живееле, Му се обратиле со следните зборови извикувајќи: „Исусе Назареецу, зошто си дошол пред време да нè мачиш?“ (сп. Мат. 8, 29), а Христос ги прашал: „Како ви е името?“, а тие рекле: „Легион“, што значи илјадници демони биле вгнездени во овие двајца луѓе.
Сатаната, не може да Го поднесува присуството Христа нашиот Бог и Спасител, па токму затоа, тие не можеле да издржат, а да не Му се обратат на Христа со зборовите: „Зошто си дошол пред време да нè мачиш“ (сп. Мат. 8, 29), зашто Неговото присуство за нив (демоните), е страшно мачење. Тогаш Христос Спасителот им наредил да излезат од бесомачните луѓе, кои, а демоните кои биле во нив рекле: „Немој да нè изгонуваш во пустината или во безводните места, туку дозволи ни да влеземе во стадото свињи, кое пасело горе на стрмнината пред езерото. Тогаш Господ им дозволил да влезат во стадото свињи, кои кога во нив влегле демоните, тие се стрчале по стрмнината во езерото и сите се издавиле. Кога тоа го виделе свињарите, отишле во земјата Гадаринска т.е. во градот Гадара и им соопштиле на луѓето дека Христос ги истерал демоните од двајцата бесомачни луѓе, и дека тие влегле во свињите, кои се издавиле во езерото. Кога Господ дошол во градот, тогаш граѓаните од тој град излегле пред градот и Му рекле на Господа Исуса Христа: „Оди си од нас Исусе!“ (сп. Мат. 8, 34). Зошто? Затоа што тие биле обземени од богатството, од желбата за печалење пари и богатство. Ним, исто така, според Еврејскиот Закон, им било забрането да чуваат свињи, бидејќи Евреите не јаделе свинско месо и месо од другите нечисти животни.
Ете, заради тоа тие не можеле да Го примат Христа во нивниот град и Му рекле да си оди, а Христос тогаш влегол во коработ и се вратил назад во Капернаум.
Браќа и сестри, кога зборуваме за беснилото, кое било присутно во овие двајца луѓе, мора да нагласиме дека беснилото, е всушност присуство на демони т.е. нечисти сили во луѓето. Демоните се вселуваат во луѓето, поради нивната гревовна состојба. Си споменуваме како Господ Исус Христос истерал седум демони од Марија Магдалина. Исто така, Христос истерувал демони и од други луѓе, кои биле грешни, како што е примерот со она момче, во кое имало нем дух, кој Христос го изгонил кога слегол од гората Тавор со Своите ученици Петар, Јаков и Јован, кога ја открил и дијагнозата зошто детето боледувало, а тоа било заради неверувањето на неговиот татко, кој на Христовите зборови: „Веруваш ли дека можам тоа да го направам“, тој рекол: „Верувам Господи, помогни му на моето неверување“. Дај Боже и ние, браќа и сестри, кога ќе видиме дека некоја наша молба не се исполнува, да се обраќаме со зборовите: „Верувам Господа, помогни му на моето неверување“, односно дај ми вистинска вера, со која ќе се спасам и ќе измолам спасение на душата и телото.
Браќа и сестри, ние сме свесни за тоа дека и денеска постојат нечисти духови и дека истите се вселуваат во луѓето, но сега тоа е малку поинаку. Зошто? Затоа Христос до слегувањето со Својата душа во адот, заради гревовната состојба на нашите прародители Адам и Ева и нивните наследници, им дозволил на демоните да имаат власт над луѓето и над човечките души, сè до слегувањето на Христа со душата во адот. Но од тогаш па натаму, демоните немаат влас над човечките души, иако претходно имале власт дури и над светите луѓе.
Демоните сега делуваат преку среброљубието, кое е присутно кај нас преку желбата за богатство, пари, имот или да се издигнуваме над другите, кои што ни се подвластени. Демоните делуваат во оние кои се оддаваат на пороци т.е. на пијанство, блуд и прељубодејство. Демоните се вселуваат и во оние луѓе, кои се полни со омраза кон браќата, кои од нив ја цицаат нивната крв со земање на она што ним им припаѓа.
Така, браќа и сестри, ние под разни други видови, кои се именувани како идолопоклонство, се предаваме на ѓаволот, бидејќи на местото на Бога, го поставуваме богатството, имотот, бизнисот и ним им се клањаме.
Денес ние сме свесни за тоа, браќа и сестри, дека и ние постапуваме по примерот на Гадаринците. Кога ние Го бркаме Христа од нас, браќа и сестри? Кога се пијанчиме, блудствуваме, прељубодејствуваме, кога копнемме по богатството, кога им завидуваме на браќата т.е. со сите оние постапки, кои се грешни и опасни по спасението на нашите души и тела. Ете тогаш, браќа и сестри, ние практично Го бркаме Христа од нас. Ние и од семејствата Го бркаме Христа, ако во семејството нема ред, поредок и хармонија, ако наутро родителите заедно со своите деца не ги читаат утринските и вечерните молитви или ако не се молат пред секоја почната работа, за тоа што ќе го сработат, да Му биде угодно на Бога. Значи ако ние навечер во семејството и наутро не ги читаме вечерните и утринските молитви, со тоа Го бркаме Христа од нашето семејство. Христа Го бркаме и од училиштата, бидејќи во училиштата сега слушаме дека ќе се забрани предметот Етика на религиите, преку кој децата се воспитуваа во верата. Христа Го бркаме и од Универзитетите, кои го носат името на Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Јустинијан и.т.н. Во тие универзитети не се проповеда ништо од она, кое го проповедале Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, Свети Јустинијан и.т.н. Само имињата на овие свети луѓе стојат на тие универзитети, ама ништо од она што тие го проповедале. Читаме во Светото Писмо дека е кажано: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13, 7). Ако ние не ги подражаваме во верата и не живееме според животот, кои тие го живееле, тогаш ништо не сме направиле, браќа и сестри. Денеска скоро сите луѓе, со мали исклучоци, работат во недела,.
Ете, во другите денови ништо не работат, ама затоа во недела ги тераат луѓето да работат. Зошто? За да го прекршат Божјиот Закон во кој се вели: „Шест дена работи, а седмиот ден посвети го на Бога твојот Бог.
Така, браќа и сестри, ако ние погледнеме на сето ова што го спомнавме, ќе констатираме дека и ден денеска ние сме жртви на сатаната, како овие двајца бесомачни луѓе, од кои Господ ги истерал илјадниците нечисти духови, кои биле во нив.
Да си спомнеме дека и при други прилики кога Господ доаѓал во некое место, некои го бркале, а други го повикувале.
Кога Господа Исуса Христа, при една прилика не Го примиле некои луѓе, Апостолите рекле: „Ајде Господ изгори ги нив т.е. уништи ги“, а Христос рекол: „Не дојдов Јас да ги уништам луѓето, туку да ги спасам“. Да си спомнеме на Свети апостол Петар, кој на гората Тавор рекол: „Ајде да направиме тука три сеници, една за Христа, за Илија и за Мојсеј“, бидејќи со голема радост го чувствувале овие Божји ученици, Светиот Дух, кога Христос се преобразил на Гората Тавор. Исто така да си спомнеме дека наспроти овие Гадаринците, Самарјаните Го молеле Христа да дојде во нивниот град Сихар во Самарија, каде им проповедал два дена, после чудото, кое се случило, кога жената Самарјанка Го препознала Христа нашиот Бог и Спасител (како Месија), па им кажала на Самарјаните дека Он е вистински пророк и Месија, а тие поверувале во тоа не само на нејзините зборови, туку и од проповедтта на Христа нашиот Бог и Спасител.
Па и ние, браќа и сестри, во тој дух ние да речеме не како Гадаринците, „оди си од нас Господи“, затоа што ние сме грешни и недостојни и повеќе ја сакаме темнината од светлината, а Христос рекол: „Јас Сум светлина, и светлината дојде во светот и луѓето не ја засакаа светлината, туку повеќе ја засакаа темнината од светлината, зашто такви беа нивните грешни дела“. Ние да речеме, како што пишува во Светото Писмо т.е. во Откровението Јованово во дваесеттата глава во дваесет и вториот стих: „Маран Ата“, „Дојди Господи“. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар