На 24.05.2023 г., кога го празнуваме споменот на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоереј-ставрофор Трајко Босеовски, протоереите Дејан Секулоски, Гоце Маџароски, протоѓаконот Ѓорѓи Делев и ѓаконот Димитар Поп Атанасов, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ (Параклис), во Прилеп.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Помнете ги вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ги во верата“ (сп. Евер. 13, 7).
Денес ги славиме Божјите угодници, учители и просветители на сите словенски народи, Светите Кирил и Методиј, на кои им е посветен овој храм, браќа и сестри.
Овие Божји угодници, овој небесен ѕавгар, овие садови на Божјата благодат, се родиле и израснале во Солун, а се од нашиот Македонски род, кои одлично го познавале нашиот јазик. Постариот Методиј, некое време бил управник на некоја област во Македонија, најверојатно кај Родопите или во источна Македонија, а Константин, кој всушност бил најмалиот од сите деца во семејството, во кое имало седум деца, бил најучениот. Ете, тој уште кога бил како дете сонувал сон, во кој градоначалникот на градот, во сонот му претставил седум девојки и му рекол: „Еве бирај една од тие која ќе ја избереш за се себе“, а тој ја избрал Софија, а Софија е всушност Мудроста Божја, а Мудроста Божја, е олицетворена во Спасителот наш Господа Исуса Христа. Практично тој го избрал Христа нашиот Бог и Спасител, да Му биде негов патеводител во животот. Свети Кирил во тоа време завршил на најпрестижната школа, т.е. на универзитетската Магнаурска школа во Цариград, каде што предавал еден од врвните патријарси на Црквата, Светиот Фотиј. Уште многу рано бил прославен со тоа што бил поставен да биде логотет, односно управник на Цариградската Библиотека на Великата Црква.
Ете, заедно со својот брат Методиј се молеле и Му служеле на Бога. Кога царот Моравски Ростислав, дошол и побарал од царот (Ромејски) Михаил, а се разбира и од патријархот, да им испратат во Моравија (и во Панонија), доблесни мажи, што убаво го знаат словенскиот јазик, зашто тогаш, јазикот на сите словенски народи бил ист, но не бил дефиниран и кодифициран, односно немало словенски писмо, па затоа овие Свети браќа се молеле на Господа, Господ да им открие писмо за сите словенски народи и им го открил писмото, односно азбуката: аз, буки, веди, глагол, и.т.н., односно глаголицата.
Тие, браќа и сестри, со тие триесет и седум букви, кои тогаш ги оформиле и со нив отпочнале да го преведуваат најнапред Светото Писмо, т.е. Светата Книга откриена од Бога преку старозаветните Свети луѓе, пророци и светители и се разбира и преку новозаветните евангелисти и другите Свети Апостоли што ги напишале Посланијата, Делата на Светите Апостоли и Откровението Јованово. На тој начин, преку овие Свети Книги, биле просветени сите народи, почнувајќи од роденденот на Црквата Христова, а тоа е всушност Духовден, кога Светиото Дух слегол врз Апостолите, кога тие биле заедно собрани на молитва со Мајката Божја и петстотини луѓе. Потоа Црквата Божја се раширила и на секаде во светот, зашто првата проповед на Светиот апостол Петар, што ја одржал по слегувањето на Светиот Дух, била толку силна што тогаш три илјади луѓе биле веднаш крстени, а при другата проповед, при другата Литургија, биле крстени уште пет илјади души.
И така Спасителот Господ Исус Христос ги испратил Светите Апостоли насекаде во светот, по двајца, да го проповедаат Словото Божјо со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19).
Како можеле, браќа и сестри, Светите Апостоли да ги научат сите народи на друг јазик, освен на нивниот т.е мајчиниот јазик? Ете, оваа Божја заповед, полека во Црквата била на некој начин запоставена и отфрлена.
Во времето на Светите браќа Кирил и Методиј, во Црквата Христова, како на Исток, така и на Запад, се проповедало само на три јазици, односно на еврејски, грчки и латински. Тогаш се појавила таканаречената тријазична ерес, односно погрешното учење дека само на тие три јазици треба да се проповеда Словото Божјо, а не на другите јазици. Но Господ, браќа и сестри, делува во Црквата Божја, па еве ги избрал овие два прекрасни садови на Божјата благодат, Светите Кирил и Методиј, за да направат пресвртница во Христовата Црква, во христијанската Црква на Запад, зашто до тогаш, односно и подоцна до 1054-та година, Црквата Христова била една и се именувала на Источна и Западна, според просторот каде што се проповедало Евангелието, но учењето, односно догмата била една. Верата била една, а различни биле можеби само обредите, но обредите не се содржината на верата, туку се само форма на верата.
Ете, во тоа време кога се појавила оваа тријазична ерес, Господ ја спасил Црквата, токму на тој начин што ги избрал овие прекрасни садови на благодатта Божја, Светите Кирил и Методиј, кои најнапред направиле неколку свои мисии на Исток меѓу Агарјаните, односно муслиманските племиња и Сарацените. Потоа направиле една мисија кај Хазарите во Херсон, на брегот на Црното Море. Таму Свети Климент го добил своето името Климент, по пронаоѓањето на Светото тело на Светиот Климент, папа Римски, свештеномаченик од првиот век по раѓањето на Христа нашиот Бог и Спасител.
И ете, по нивната проповед на Запад во Моравија и во Панонија, искусувајќи многу страдања за нашата Света Православна вера и за нашиот јазик, тие биле многупати измачувани. Светите браќа биле повикани и кај папата, за да ја потврдат и оправдаат нивната проповед, на овој дотогаш за Црквата непознат јазик на Словените. Тоа го оправдале, со тоа што ги превеле богослужбените книгите од грчки на словенски јазик. Во тоа време, кога служел папата во Црквата Сан Марија Маџоре во Рим, која е од шестиот век, тогаш папата ракоположл и свештени лица од учениците на Светите браќа Кирил и Методиј. Свети Методиј станал и првиот словенски епископ, а Свети Кирил во 879-та година, додека престојувале таму, се разболел тешко и починал и бил погребан во црквата Сан Клементе. Таа црква, браќа и сестри, е црквата на Свети Климент, папата Римски, за кој пред малку зборувавме, кој пострадал маченички за верата. Ете, таму бил погребан Свети Кирил и таму се наоѓа неговото Свето Тело.
Браќа и сестри, овие Божји угодници, ако не го проповедале Словото Божјо, ако не ја измислеле со Божја помош азбуката на сите словенски народи, ако не го проповедале словото Божјо во сите словенски земји и ако нивните Свети ученици, не го продолжеле делото на Свети Кирил и Методиј, како Свети Климент и Наум, кај нас во Македонија, во Охрид, од каде што биле воспитани и подготвени три илјади и петстотини ученици и испратени во сите словенски земји да го проповедаат словото Божјо, денес Православната Црква не ќе беше толкава, колкава што е. Најголемиот дел од Православната Црква, може слободно да се рече дека повеќе од седумдесет насто од православните, се всушност православни преку делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Ако не беа тие, ние не ќе имавме денеска универзитети, факултети и писатели и сè што е напишано на нашиот македонски јазик. Не ќе беа православни ни Србите, ни Бугарите, ни Романците, кои до пред век и половина последниве исклучиво богослужеа на словенски јазик. Не ќе беа православни не еден добар дел и од Чесите, Словаците и Полјаците, а исто така и Украинците и особено Русите.
Делото на Светите браќа Кирил и Методиј, е токму тоа дело што ги просветли сите овие народи, браќа и сестри. И ете, денеска ние кога веќе говориме за Светите браќа Кирил и Методиј, да си спомнеме за девизата што ја кажавме на почетокот на нашата проповед: „Помнете ги вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо!“ (сп. Евер. 13, 7).
Дали навистина ние, ги помниме оние што ни го проповедаа словото Божјо и кои благодарение на нивното дело, ние денес сме сеуште православни христијани? Не, браќа и сестри, бидејќи се почесто на овие денови, на денот на Свети Кирил и Методиј, слушаме дека нашите прославувале, и велат одиме по агенциите и бараме да отидеме некаде на одмор, во Грција, Турција или подалеку од Турција на некое друго место, но никако во Црква, како што сте вие денеска собрани. Нашите православни христијани не ги прославуваат како вие, односно како ние што ги прославуваме. Наместо на тој ден да дојдат во храмот Божји и да им оддадат почит за делото што ни го направиле Светите браќа, тие шетаат по светот. Сите ние денес, односно и македонците, и србите, и бугарите, и романците, и русите, и украинците и сите други, сме православни христијани, благодарение на нивното Свето дело.
Единствена православна земја, која достојно ги почитува и ги слави овие Божји угодници е Русија, браќа и сестри, бидејќи повеќе од петнаесет години едно по друго, сум бил во Русија на прославата на Светите браќа Кирил и Методиј. Таму во Русија, овој ден се прославува исто како и Велигден. Сите Црквите се полни, т.е. Црквите не можат да ги соберат христијаните, а исто така полни се и дворовите на Црквите. Цел народ е на нога. Сите тие го слават Бога, а каде сме ние. Од нашиот род се, а ние ги запоставивме. Што значи тоа? Тоа значи кој не знае да си ги почитува предците, долго нема да опстои. Кој не знае да си ги почитува светителите, еден ден ќе биде жртва на ересите, ќе биде жртва на нововерците, на јеховините свидетели, на разни други сектанти, адвентисти, јеховисти, евангелисти и.т.н.
Сите тие некако исти, но никако православни, кои се откажаа од вистинската Православна Вера. Денеска слушнавме и во Светиот Апостол и во Светото Евангелие дека ако некој ја промени верата, односно Господ рекол: „Ако измените една цртичка, една точка или една буква од верата, од она што ви е дадено во Откровението, односно во Светото Писмо и Светото Предание, таквиот најмал ќе се нарече најмал во Царството Небесно.
Единствено само преку нашата Света Православна Вера, која оригинално е зачувана онака како што не е предадена од Христа нашиот Бог и Спасител, од Апостолите и од нивните наследници епископите и која е проверена и очистена од погрешните еретички учења во текот на Вселенските и Помесните Собори и Светите Отци, ние можеме да се спасиме, браќа и сестри.
Кој си ја знае верата своја Света Православна Вера и кој ја применува во животот, односно живее според верата, тој ќе се спаси. Никој не може да очекува дека ќе се спаси ако не присуствува на Божествените Литургии во неделите, на светителските, Богородичните и Господските празници, ако не се покае за своите гревови и ако не се исповедува кај својот парохиски свештеник и не се откаже од гревовите, но не само со збор, туку и со дело, и ако не пролее многу солзи за направените гревови. Ако таквиот човек, браќа и сестри, не направи спротивни на гревовите добри дела, нема да се спаси. Затоа, браќа и сестри, да се помолиме на Светите браќа Кирил и Методиј, кои преку нивното дело направија сè, за ние денес сеуште да бидеме православни христијани.
По нивите молитви Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè и спаси нè нас грешните. Амин! Христос Воскресна! Навистина Воскресна!