За новиот „Ценовник“ во Црквата

„Не знаете ли дека оние, што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот? Така и Господ заповедал, проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.
Но јас не се ползував ни со едно од тие права; и не го пишав ова, за да се приложи сето тоа кон мене. Оти за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе. Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам“. (1 Кор. 9, 13-16).

„Ценовник“, „тарифник“, „џипови“, „скандали“, се зборови кои најуспешно го привлекуваат вниманието на луѓето. А пак: „Во Бога верувам, но во црквата и поповите не верувам“ би бил еден од најчестите коментари, и оправдувања за својата незаинтересираност, соблазнетост и невоцрковеност. Се чувствуваме сопственици на Црквата и на државата, неоткинлив дел од нив, секогаш имаме што да искритикуваме, осудиме, некого да обвиниме. И сето тоа е во ред, ако знаеме што всушност значи да се биде суштински дел и на Црквата и на државата. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови. И едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли, второ пророци, трето учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па застапници, управници и луѓе што зборуваат на разни јазици (1 Кор. 12, 27-28). Христијаните сме навистина род избран, царско свештенство (1 Петар. 2, 9), потполни и подеднакви учесници во благодатта на обожувањето. Не само што имаме „глас“ во Црквата, туку и сме повикани, должни сме да го дадеме своето слово во неа. Но, тоа дали нашето слово ќе ја прими силата на Воплотеното слово и ќе ја преобрази состојбата во која се наоѓаме, или ќе стане деструктивна сила која ќе нè уништи најпрвин нас самите, зависи од тоа колку сме свесни за нашата улога во неа.

Сите сакаме да имаме свештеници кои ќе ни ласкаат, бесплатно ќе нè тешат, ќе ги извршуваат церемониите кои не толку ги разбираме, но кои ни даваат легитимитет и право да се удираме во гради дека сме побожни и праведни. Сите сакаме да имаме пратеници, службеници кои беспрекорно ќе ја извршуваат својата работа, кои ќе го даваат животот во служба на државата, и романтично да размислуваме за тоа како некогаш добро се живеело. Сакаме некој непознат да ни ги реши проблемите, и ние да не размислуваме за ништо – доколку тоа е можно. И тоа, за жал, ќе ни се случи, кога сосема ќе се откажеме да размислуваме, и ќе го продадеме нашиот разум и слобода за поудобна, полесна и „посветла“ иднина во новиот синкретистички систем.

Добро е што сеуште нè боли душата кога гледаме дека се случуваат неправди во црквата и во државата. Добро е кога реагираме на злото. Но, неопходно е да ги знаеме вистинските идеали и нашата улога во нив, за да можеме да направиме некаква промена. Доколку нашиот став е: „во Бога верувам, но не мора секоја недела да одам во Црква“, и спаѓаме во номиналните христијани, ќе имаме и номинални свештеници. Доколку „си ја сакаме државата, но може да ги заобиколуваме нејзините закони“ тогаш ќе имаме токму такви пратеници, службеници.

Само ние го градиме или рушиме нашето општество. Можеби не е сè наша вина, но сигурно е наша должност да станеме бесценети камчиња од прекрасниот мозаик кој се вика Црква. Да одиме во храмовите, да Го побараме најпрвин Христос, да се пронајдеме себеси како христијани, тогаш Бог ќе ги тргне и „ценовниците“ и „кратците“ и богатите и сиромасите, и сите ќе станеме едно во Христос.

Ќе наведам уште една приказна за човечката креативност:

Си живееле еднаш маж и жена, кои имале дванаесетгодишен син и едно магаре. Одлучиле да заминат на патување, да работат и да го запознаат светот, и такатргнале на пат. Кога дошле во првото село, луѓето коментирале:
„Погледнете го ова невоспитано момче. Тоа седи на магарето, додека неговите кутри родители го влечат.“ Тогаш жената рекла на својот маж: „Нема да дозволиме луѓето да зборуваат лошо за нашиот син.“ Мажот го симнал детето од магарето и седнал на него.
Кога дошле во друго село, луѓето мрмореле:

pouchna-prikazna-ostavete-gi-neka-ve-ozboruvaat-kafepauza.mk_

„Погледнете го ова, нека се засрами човекот што дозволува неговата жена и неговото дете да го влечат магарето додека тој седи.“ Тогаш одлучиле дека жената ќе седи на магарето, а мажот и детето да ги држат уздите.
Така тие пристигнале и во трето село каде што луѓето повторно коментирале: „Кутар човек! Цел ден работел, а неговата жена седнала на магарето. И кутро дете, којзнае што уште го чека со таква мајка.“ После ова одлучиле сите тројца да се качат на магарето и продолжиле да патуваат.
Кога дошле во следното село, слушнале како луѓето коментираат дека грбот на сиротото магаре ќе пукне од преголема тежина. И тогаш сите тројца одлучиле да се симнат и да пешачат. Кога поминувале низ следно село, не можеле да поверуваат на коментарите од луѓето кои им се смееле: „Видете ги овие три будали… пешачат, а имаат магаре кое што може да ги носи. Зар не би било нормално еден да поштедат од пешачење, а само двајца да пешачат.“

Така и ние, можеме бесконечно да се расправаме кој треба да го влече магарето, но за семејството секогаш ќе биде најважно да стигне до целта. А по патот, ќе се менуваме!

Подготви: Златко Дивјаковски
(личен став на авторот)