За јасно и еднозначно да го разбереме она, за кое ќе зборуваме, неопходно е, пред сè, да дадеме определување на поимот „баење“ (магии):
Баењето (магијата) претставува збир на методи за врски и взаемодејствија со инфернални (т.е., долни, демонски) сфери од духовниот свет.
Тие методи, меѓу сето останато, вклучуваат во себе религиозно поклонение и служење (со молитва и жртвопринесување) на демоните. Неизбежноста на тоа поклонување се гледа и од горенаведената определба, зашто зборот „врска“ претставува корен на латинскиот збор „религија“. Сите тие религиозни дејствија (користењето на специјална сатанска симболика, молитви, клетви, жртвопринесувања) им се неопходни на бајачите, за уште еднаш да ја потврдат верноста на својот избор меѓу Бог и Сатаната, во полза на последниот. Тоа им дава можност на демоните да стапат во „врска“, то ест, во директен контакт со човекот. А на човекот – можност да ги решава своите животни проблеми, и тоа од најдолен карактер (да ја задоволува жедта за одмазда, власт, сексуални потреби, богатство и т.н.) – со помош на ангелите кои отпаднале од Бога, кои после својот пад се именуваат со демони, бесови и сл.
Така, луѓето кои се обраќаат на бајачките методи, покажуваат дека како цел на својот земен живот тие го избрале задоволувањето на страстите, ограничени со нивниот краток земен живот. И тоа, тие се готови да ги добијат тие задоволства, без оглед на тоа, што за другите луѓе тие може да завршат со страдање, солзи, болест, па дури и смрт. Суштината на таквата, навистина сатанска филозофија била јасно изложена од познатиот маг Алистер Кроули во неговата „Книга на Законот“, која била напишана од него во состојба на транс, под диктирање на дух по име Ајвас. Нејзината главна формула звучи вака: „Прави го она, што ти го кажува твојата волја, и тоа ќе биде сиот Закон“. Сепак, постојат и такви бајачи (магионичари), кои знаат за бесмертноста на душата и се надеваат на тоа, дека земната историја ќе заврши со победа на Сатаната-Луцифер над Христа, а сите соработници на ѓаволот ќе станат елита во вечното царство на Луцифер. Тоа учење е суштината на Кабалата, до кое се придржуваат масоните од високите редови и сите сатанисти.
Но сепак, самиот живот покажува, дека за задоволствата, особено оние кои им нанесиле штета на други луѓе, порано или подоцна, треба горко да се плати. Демоните, привлекувајќи ги луѓето за соработка, се обидуваат најпрвин да создадат кај почетникот бајач (магионичар) илузија, дека му се потчинуваат без збор, исполнувајќи ги неговите барања само заради тоа што правилно ги прочитал магиите или го извршил некој обред. Но, постепено таа илузија се разрушува, затоа што со тек на време, демоните неизоставно покажуваат, дека бајачот воопшто не управува со нив, туку тие со него. Од тој момент, демоните веќе не му даваат ни минутка спокојство, го принудуваат постојано да прави зло на оние кои го опкружуваат, дури и тогаш, кога самиот бајач тоа не го сака.
Еве како за тоа пишува бившиот бајач Андреј Шувалов: „Да, животот на бајачот, да кажам искрено, е тежок и воопшто не е радосен. Нема и немало ниту еден вистински бајач, кој не платил целосно за тајните знаења и својата работа. И платата е горка: како правило, осаменост, нељубов од луѓето, отсуство на одмор, невозможност да се прекине општењето со светот на духовите. Тоа е претежок јарем, кој тој е принуден да го носи, незнаејќи ни мир ни покој во душата своја < ...> Тој нема можност ни да одмори од својата работа… Таа не престанува, дури и ако денеска нема клиенти… Многумина сакаат или да отфрлат сè, или да се самоубијат. Но, сепак, не ја прекинуваат нивната дејност. Зошто? Затоа што не можат. Тие се заробеници и вечни должници на ѓаволот, и не си припаѓаат на себеси“ (А. Шувалов. Обратната страна на магијата. Книга-предупредување. СПб., 1998., стр. 74-78). За тоа, каква е платата на бајачот после смртта не крие ни Менли П. Холл (1928), познат познавач на магиите и секој вид окултизам. Во својата енциклопедија тој пишува: „Може да се склучуваат договори со духовите, со чие посредство бајачот, на одредено време (определено со договорот) добива власт над духовите кои управуваат со стихиите“. (Менли П. Холл, Енциклопедиско изложување на Масонската, Херметичката, Кабалистичката и Розенкрецеровската Симболична Филозофија, „СПИКС“. СПб, 1994, стр. 368). (секако, тоа што авторот го пишува за постхумната судбина на бајачите, не претставува црковна гледна точка).
Но Сатаната – е стар измамник, и не е за чудење, дека обична заблуда на бајачите-почетници е мислењето, кое на секој начин се распространува за тоа ѓаволско искуство, дека на бајачот му се потчинуваат и добрите духови, кои не можат да му нанесат на човек ништо, освен полза. Сепак, врз основа на учењето на Православната Црква и опитот на светите Отци, треба со сета категоричност да се изјави: за никакво управување со Ангелите Божји – како, и со паднатите ангели – од страна на човекот, не може ни збор да стане.
Тоа, најпрвин е јасно од тоа, дека пониските не можат да управуваат со повисоките. За ерархијата на разумните суштества јасно зборува св. Григориј Палама: „Сите суштества на умната природа, создадени по образот на Творецот, се наши сослужители, иако и нè надвишуваат по чест, постоејќи надвор од телото, и кои се поблиску од нас, до совршената бестелесна и несоздадена природа, посебно оние од нив, кои го сочувале своето достоинство и се стремат кон тоа, заради што и биле создадени; иако се наши сослужители. Тие се повисоко од нас и многу нè надминуваат со своето достоинство“. (Св. Григориј Палама., 150 физички, богословски, морални и практични глави, глава 27).
Второ, луѓето кои не ја достигнале преку многугодишна аскетска борба (со своите гревови), максимално за нас возможната чистота и светост, не можат ни да се надеваат на слободно општење со ангелите или душите на светителите. Како последица на општата гревовност на сиот човечки род, ние луѓето, со своите внатрени квалитети сме поблиску до паднатите духови, т.е., демоните, со кои и само може да комуницираме доста лесно. Во секој случај, тие доста силно се стремат кон тоа, и ако забележат отворена желба во луѓето, со големо задоволство стапуваат во контакт со нив, постепено и целесно потчинувајќи ја под себе волјата на човекот.
Заедничкото мислење на светите Отци на Православната Црква за можноста за контакт со духовните сфери најпотполно ја изразил св. Игнатиј (Брјанчанинов): Светите духови се оддалечиле од општењето со човекот, како од недостојни за такво општење; паднатите духови, кои нè повлекле и нас во својот пад, се смешале со нас, и за да нè држат уште поудобно во пленот, се трудат да се направат и себеси и своите замки незабележливи. Дури и да се откриваат, тоа го прават за да ја зацврстат својата власт над нас. Сите ние, кои се наоѓаме во роство на гревот, треба да знаеме дека општењето со светите Ангели не ни е својствено, заради нашето оттуѓување од нив преку паѓањето, што пак ни е својствено од истата причина, општењето со одметнатите духови, во кои се вбројуваме и ние со нашите души, – дека духовите кои сетилно им се јавуваат на луѓето кои пребиваат во грев и пад, се демони, а не свети Ангели. „Осквернетата душа, – рекол свети Исак Сирин, – не влегува во чистото царство, и не се вбројува со духовите на светителите“. Светите Ангели се јавуваат само на свети луѓе, кои го востановиле општењето со Бога и со нив со свет живот“ (Св. Игнатиј Брјанчанинов, Собрание сочинений Т. 3, Слово о смерти, Москва, 1993, стр. 8-9)
Внимавајте во чии раце го ставате животот!
Извадок од книгата: За еден древен страв. На кого и како му наштетуваат бајачите Игумен N
(книгата е во подготовка за печат)