На 02.10.2022 година, во соборниот храм „Св. вмч. Георгиј“ во Нови Сад, Србија, беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на којашто беа свечено канонизирани светиот Иринеј (Ќириќ) Исповедник и Светите Бачки новомаченици, пострадани за време на Втората Светска војна.
На Божествената Литургија чиноначалствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, во сослужение на голем број архиереи од СПЦ, како и голем број гости од останатите помесни цркви, меѓу кои: Митрополитот Василиј Аркадиски од Антиохиската Православна Црква, Митрополитот Будимпештански Иларион од Руската Православна Црква, Митрополитот Крфски Нектариј од Грчката Православна Црква, Архиепископот Михаловско-кошички Георгиј од Словачка, а од Македонската Православна Црква сослужуваа: Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј и Митрополитот Повардарски г. Агатангел. По завршувањето на Литургијата, патријархот Порфириј, како и домаќинот на оваа свечена богослужба Епископот г. Иринеј, се обратија кон неизбројниот верен народ, и се заблагодарија на сите кои дојдоа да служат и да земат учество во овој свет чин.