На 09.10.2022 г., по повод чествувањето на 55 годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, во црквата “Св. вмч. Димитриј” во Кавадарци, се одржа традиционалниот “Семакедонски црковно-народен собор”. Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше на Божествената Литургија во сослужение со надлежниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, поранешниот Митрополит Јосиф, Епископот Хераклејски г. Климент, Епископот Стобиски г. Јаков, како и бројно свештенство и монаштво на нашата македонска црква. Традиционално, на Литургија присуствуваа верници од цела Македонија и дијаспората.