На 21.08.2022 г., во Десеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Емилијан Исповедник, епископ Кизички, Свети Мирон Чудотворец, епископ Критски и Светите маченици Тријандафил и Анастасиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Златко Костовски, ерејот Игор Ризановски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Верувам Господи, помогни му на моето неверие!“ (сп. Марко 9,24).
Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Литургиско Евангелие, но за оние кои дојдоа подоцна во храмот, ќе го прераскажеме Евангелското четиво и ќе дадеме објаснување за чудото што се случило, кое Го направил Спасителот наш Господ Исус Христос.
Имено, Спасителот наш Господ Исус Христос, по Светото Преображение на гората Тавор, каде се преобразил пред Неговите тројца избрани ученици, Петар, Јаков и Јован, слегол долу од гората, каде што имало насобрано многу народ. Таму бил и еден човек со своето дете, кое било тешко болно од нечист и нем дух, кој го напаѓал и го фрлал во оган, вода и на разни места, кога ќе го фатела болеста, односно кога нечестивиот дух ќе почнел да делува силно во него.
Ете, овој човек, браќа и сестри, пред тоа ги замолил деветмината Христовите Ученици, кои не биле со Него на гората Тавор, да го излекуваат, а овие не можеле да го излекуваат, па затоа овој човек пристапува кон Господа Исуса Христа со зборовите: „Ако можеш нешто да му направиш, помогни ми!“ (сп. Марко 9, 22), а Господ го прашува таткото на момчето: „Веруваш ли дека можам?“ (сп. Марко 9, 23). Тогаш таткото на момчето, гледајќи дека Господ ги знае неговите мисли и чувства, и дека знае што Господ од него бара, вели: „Верувам Господи, помогни му на моето неверие!“ (сп. Марко9, 24). Тогаш Господ му вели: „Нека ти биде според твојата вера!“. Во тој момент, откако претходно момчето паднало на земјата од нечистиот дух и почнало да се превртува и да фрла пени од устата, Господ му наредил на нечистиот дух, велејќи му: „Дух нем и нечист, излези веднаш од момчето и повеќе никогаш не влегувај“ (сп. Марко 9, 25), а народот кога го видел тоа, Го прославил Бога.
Насамо, Неговите деветмина ученици, кои што не биле на гората Тавор го прашале Господа: „Зошто ние не можевме да го истераме нечистиот дух?“ (сп. Марко 9, 28). Господ им одговара: „Заради вашето неверување!“, а потоа Господ им вели: „Овој род, зол и прељубодеен, само со пост и молитва може да се истера“ (сп. Марко 9, 29). „А вие ако имате вера колку синапово зрно, и ѝ речете ли на оваа планина, подигни се од тука и премести се или фрли се во морето, таа ќе се премести, ќе се подигне и ќе се фрли во морето“ (сп. Мат. 17, 20).
Ете, браќа и сестри, ова чудо што Господ Исус Христос го направил, Го направил затоа што Господ со таа цел и дошол во овој свет, болни да лекува, немоќи кај луѓето да отстранува, мртви да воскреснува. Господ токму затоа ги испраќа и Своите Свети Ученици и Апостоли во светот, и тие да прават чуда и да ги лекуваат луѓето од болестите од кои боледуваат.
Веднаш се поставува прашањето во врска со ова чудо, зошто Неговите деветмина ученици, не можеле да Го истераат нечистиот дух од момчето? Господ рекол: „Заради вашето неверување“ (сп. Мат. 17, 20). Но што се случило пред тоа? Имено, деветмината Христови ученици, позавиделе на нивните тројца браќа: Петар, Јаков и Јован, кои Господ Исус Христос ги зел со Себе на гората Тавор, пред кои се преобразил. Ете, токму заради тоа, таа нивна завист и заради тоа што тие не постапиле онака како што Господ им кажал дека тие треба да ги изгонуваат нечистите духови и да прават чуда во името на Господа наш Исуса Христа, тие немале сила.
Ете, тоа била и главната причина од една страна, а од друга страна било неверувањето на таткото на тоа момче дека Господ Исус Христос може да го истера нечистиот и нем дух од неговиот син, зашто кога тој пристапил рекол: „Ако можеш, смили се над нас и помогни ни!“ (сп. Марко 9, 22). Овој човек, таткото на момчето, не бил убеден дека Спасителот Христос може да го истера нечистиот дух, т.е. се сомневал во Господа Исуса Христа дека Он може да го истера нечистиот дух.
Повторно се поставува прашањето и за другите што биле присутни, т.е. случајно да не се поколебале заради тоа што Неговите деветмина ученици не можеле да го истераат тој дух?.
Спасителот Господ Исус Христос, браќа и сестри, во Светото Евангелие се вели дека во Назарет при една прилика не направил чуда. Зошто? Затоа што таму луѓето не верувале, а Господ кај тие што не веруваат дека Он може да направи чуда, не прави чуда. Па така и овде, сè додека таткото на момчето нè кажал: „Верувам Господ, помогни му на моето неверување“ (сп. Марко 9, 24), односно без Твојата помош Господи, јас не можам подлабоко да верувам, Господ нè го направил чудото.
Повторно се поставува прашањето, што е верата и каква вера има, браќа и сестри? Верата, е надеж во животот. Нема ли човек вера, нема смисла неговиот живот. Нема ли човек вера, нема корен неговиот живот. Како што растението, ако нема корен, се суши, така и секој човек, кој нема вера во Христа нашиот Бог и Спасител, вера во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, тој не може да биде постојан на овој свет.
Па така, како што била површна верата на овој човек, изгледа таква е и нашата вера, па затоа ние, браќа и сестри, кога Го молиме Бога да ни исполни некои наши молби или барања, т.е. да подигне некој болен од постелата, да утеши некој на кој му умрел најблискиот или кога и ние самите сме во болест или немаштија и.т.н., нам Господ тогаш не ни ги исполнува нашите барања, зашто нашата вера е формална, каква што била и верата на овој човек, таткото на ова момче. Па токму затоа, браќа и сестри, од нас се бара цврста и силна вера, која ако биде и како зрно синапово, сепак ќе може и планини да подигне?
Ние христијаните, кога ќе не прашаат дали сме православни христијани, секогаш се тепаме во градите и говориме: „Да, јас сум православен христијанин“. А погледнете по судовите, браќа и сестри, какви сè нечесни работи се случуваат, т.е. ако ги прашате тие луѓе што крадат, што злоупотребуваат, што измамуваат, што завидуваат, што се служат со разбојништво, што клеветат, што тепаат и.т.н., ако ги прашате дали се христијани, сите ќе речат дека се христијани. Еве, во тој дух, ќе кажам еден пример со една жена, која направила некои престапи, па кога била изведена на суд, судијата ја прашал: „Дали си ти христијанка?“, таа одговорила: „не“. Судијата повторно ја прашува: „Зар не си ти крстена?“ „Да крстена сум“. „Зар не произлегуваш од православна семејство?“ „Да произлегувам.“ „Дали ти имаш свидетелство за крштение?“ „Да имам“. „Дали ти жено доаѓаш во црквата?“ „Да доаѓам.“„Па како велиш дека не си православна христијанка?“ Таа вели: „Не сум православна христијанка, затоа што дојдов до овој степен да одам на суд за моите престапи“.
„Ако бев христијанка, немаше ова да се случи“. Што значи, вистинските христијани, браќа и сестри, не постапуваат така, како што ние денешните православни христијани, постапуваме вака, како што постапуваме.
И ете, во тој дух, еден познатиот богослов на Црквата Христова, од вториот век, Тертулијан, кој го напишал делото: „Апологија или одбрана за христијаните“, во кое меѓу другото ги прашува тогашните државници да му кажат: „Има ли некој христијанин кој украл нешто? Има ли некој христијанин кој истепал некого? Има ли некој христијанин кој наклеветил некого? Има ли некој христијанин кој измамил, кој излажал или можеби отепал некого?“ Одговорот бил дека нема.
Ете, за жал, браќа и сестри, колку многу сме напреднале во злото, а не во доброто, од раните христијани, до сега, во нашата Света Православна Вера.
Па затоа, вистинската и длабока вера на христијаните, е онаа вера која произлегува од животот на луѓето. Секој христијанин, е должен да ги знае барем основните вистини за верата. Ние денес сè знаеме, бидејќи телевизиите ги гледаме од почеток до крај, но кога станува збор за верата, за нашето спасение, за идниот живот во Царството Небесно, ние ништо не правиме. Ние имаме за сè време, но за тоа немаме, па дури и кога сме во храмот, ние сè почесто погледнуваме во часовникот кога ќе заврши Литургијата, дали свештеникот или владиката многу зборува на проповедта, па да заврши што побргу за да си заминеме и.т.н.
И кога ќе си појдеме дома, сè правиме според старите навики, т.е. овој направил тоа, оваа е ваква, тој е таков, сите не чинат, само јас сум добриот и.т.н. Така завршува нашата приказна на православни христијани, кои само по име сме христијани, а по вера и живот, сме премногу далеку од вистинските христијани.
Вистинскиот христијанин, браќа и сестри, пред сè треба да си го очисти своето срце, од секаква духовна, душевна и телесна нечистотија. Да го очисти срцето од грешни желби, грешни чувства, грешни похоти и грешни страсти. А откако тоа ќе го направи, да го просветли својот ум, а просветлувањето на умот се состои во тоа, совеста наша да биде буден стражар т.е. да не дозволуваме во нашиот ум да влезат грешни мисли, кои потоа стануваат помисли, односно на мислата, која е општо поим, се додава слика. Еве, како општ поим ќе го земеме богатството, на кое додаваме слика т.е. парите, кои за жал денеска во целото општество се во прашање. Ете, оние што се повикани да не ги злоупотребуваат луѓето и да не крадат пари, односно да го спречуваат криминалот, поткупот и корупцијата, тие испаднаа најголемите арамии. За жал, вистината е таа, а за тоа слушаме по телевизиите, како што слушаме деновиве за оној, некој си тринаесетка, кој се фалеше дека ќе ги запалел нашите црквите, ако случајно свештениците на бадник не му кренеле лепче и.т.н.
Сега испадна дека тој е криминалец над сите криминалци, заедно со првата обвинителка на специјалното обвинителство, па дури не знаеме ни каде е крајот на сто тоа. Глупости невидени, браќа и сестри. Ете, сето тоа ни се случува нам, денес.
Затоа треба да внимаваме и да правиме разлика што е добро, а што е лошо.
Момчето, браќа и сестри, за кое денеска зборувавме, кое било нападнато од нем и нечист дух, кој го мачел, не било способно да разликува што е добро, а што лошо, бидејќи лошиот дух во него, го кршел и го фрлал во оган и вода. Но слушнавме, исто така дека таткото на момчето бил оној што се молел за него, Господ да му прости и да го излекува неговото чедо. Ние во Светото Писмо имаме безброј примери, кога други се молеле за некој што не е способен да разликува добро од лошо или паднал во тешки гревови. Ете, тука ќе си спомнеме за случајот со стотникот или капетаник, кој се молел на Господа за својот слуга, Господ да го излекува. Во Светото Евангелие го имаме премерот и со жената Хананејка, која се молела Господ да ја излекува нејзината ќерка, која била тешко болна, односно била нападната од нечисти духови и.т.н.
Ете, сите овие примери говорат за тоа, дека ние треба да ги очистиме нашите души и срца. Оние што ги очистиле душите и срцата и се просветлиле, тие се постојано во заедница со Бога, бидејќи ставиле стражар во нивниот ум, т.е. нивните мисли да нè станат слики и со нив да фантазираат. Фантазиите, браќа и сестри, биле дадени на нашиот прародител Адам, откако го направил првородниот грев, а пред тоа, тој не фантазирал, но откако згрешил почнал да фантазира, па така од тогаш фантазиите се присутни и во сите нас. Само Господ Исус Христос немал фантазии, затоа што е Бог и Спасител, и Пресвета Богородица, која не дозволила да се развијат кај неа фантазии.
И ете, кога ќе ги отстраниме тие нешта, тогаш ќе можеме да речеме дека имаме силна вера, и со таква силна вера, очистени од нечистотијата, што и да посакаме, ќе ни биде исполнето. Во противно нема да ни биде исполнето, бидејќи не знаеме што бараме, како што вели Светиот апостол Павле дека ние повеќе бараме работи што се штетни за нас, отколку што се корисни за нашиот живот.
Па така, во тој дух, браќа и сестри, да се помолиме на Спасителот наш Господ Исус Христос, да нè очисти од секаква нечистотија, како што Мојсеј се очистил од секаква нечистотија, кој откако разговарал со Бога на гората Синај, слегол од гората меѓу народот, држејќи ги во рацете таблиците со Божјите Заповеди, а народот не можел да гледа во неговото лице, бидејќи од неговото лице излегувала светлина како од сонце, а тоа била багодатта Божја, што треба да ја поседуваме сите ние, браќа и сестри.
Ете така светителите зрачат со својата светлина, а токму во тој дух и ние сме повикани да бидеме свети, како што вели Спасителот Господ Исус Христос: „Бидете свети, како што е свет вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48)“. А Светиот апостол Павле, вели: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1)“. Ако ние со животот и делата се уподобиме на Христа, тогаш Христос ќе се всели во нас, и ние нема да живееме, туку Христос ќе живее во нас, како што вели Светиот апостол Павле: „Не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20).
Па во тој дух Светиот апостол Павле повторно рече: „Зар не знаете дека телата ваши се храмови на Светиот Дух“ (сп. 1. Кор. 6, 19). Нашите тела се создадени, браќа и сестри, да бидат храмови на Светиот Дух, а не храм на нечестивиот, како што било телото на ова момче, пред да Го излекува Спасителот Господ Исус Христос, од неговата тешка болест, т.е. немиот и нечист дух, кој се вселил во него.
По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Сите Свети, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар