На 26.07.2022 г., кога го празнуваме споменот на Чудата на Светиот Архангел Гавриил, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски, ерејот Александар Николовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик – Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Што е човекoт, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш?
Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал“ (Псал. 8, 4-5).
Браќа и сестри, денеска празнуваме празник, посветен на Светиот Архангел Гаврил, кој е еден од најпознатите Архангели на нашата Света Православна Црква, заедно со Светиот Архангел Михаил. Едниот од овие ангели, односно Светиот Архангел Михаил, е ангелот кој извикал вонмен т.е. да внимаваме, кога ѕвездата деница, Сатанаил, кој бил најблискиот ангел до Бога, се превознесол поради својата убавина и отпаднал од Бога. Тогаш на небесата настанала војна помеѓу ангелите, едни предводени од Светиот Архангел Михаил, а други со Сатанаил, кој сакал да се изедначи со Бога, заборавајќи дека е Божјо создание. Тоа е исто, како и децата, кога ќе помислат дека се еднакви на родителите, односно дека тие (родителите) не се соработници Божји во нивното создавање. Токму заради тоа, отпаднал Сатаната по војната на небесата, и една третина од ангелите ја повлекол со себеси.
Другите ангели, браќа и сестри, се утврдиле во верата на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и затоа се вели дека ние не сме ангели, па да не грешиме, тука се мисли на ангелите кои се утврдиле во верата. Исто така, не сме ни ѓаволи, односно како оние ангели што отпаднале од Бога, па да не се каеме, бидејќи демоните немаат можност да се покајат, бидејќи се утврдиле во злото. Така и ние луѓето, не треба да мислиме дека, лесно можеме да се покаеме и да се поправиме, откако длабоко ќе навлеземе во злото, правејќи гревови и грешни дела, бидејќи тогаш душата се навикнува на лошото, и тешко ѝ е тешко да се одврати од лошиот пат. Малкумина се оние што се откажале од грешниот живот и тргнале по Бога.
Еве пак, ангелите кои се од Бога создадени за да бидат посредници помеѓу Бога и луѓето, се оние кои се дадени од Бога да не водат по правиот и вистински пат. Секој од ангелите има своја задача и своја улога. Според кажувањето на Свети Дионисиј Ареопагит, знаеме дека Светите Ангелите се поделени во девет чинови, по три реда.
Оној кој денеска го празнуваме е Светиот Архангел Гаврил, односно архангелот кој ги соопштува радосните вести на луѓето. Архангел Гаврил на иконите и фреските, се слика со цвеќе во раката, бидејќи цвеќето е знак на радост, и токму поради тоа, нашата Света Црква, направила разлика помеѓу погрешните учења, кои се појавиле во првите векови во христијанството, дека ангелите се создатели на светот. Создател на целиот свет е Самиот Троичен Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Ангелите, се Божји угодници, а некои од нив се најблизу до Бога, а така читаме во Светото Писмо и пееме и во црковните песни, дека „Бог почива врз Архангелите, Херувимите и Серафимите“.
Светиот Архангел Гаврил, во Стариот Завет, во повеќе наврати се споменува како оној, кој соопштува радосни вести. Кога Евреите биле во војна со своите непријатели и кога требало да извојуваат победа, за истата им било соопштувано од Светиот Архангел Гаврил.
Ангелите, браќа и сестри, честопати им помагале на луѓето и на светителите, па затоа се вели дека „светителите од ангелите биле пренесувани од едно место на друго“. На пример, Светиот Архангел Гаврил, на Светиот пророк Даниил му носел храна.
Си споменуваме и за тоа, како Светите Апостоли, од сите четири страни на светот, биле носени на облаци, кога се упокоила Мајката Божја, Пресвета Богородица, односно кога дошло времето за нејзиното Успение. Светите Апостоли на облаците биле носени од Светите Ангели. Се вели дека брзината на нивното движење, била слична со брзината на денешните летала на небото, односно со најбрзите авиони. Такво било движењето на Светите Ангели, кога требало да стигнат, од едниот, до другиот крај на светот, и да соопштат радосна вест.
За разлика од Бога, Кој е насекаде присутен, во секое место и во секое време, ангелите, а исто така и демоните, не се присутни насекаде, односно, ако се тука, не можат истовремено да бидат присутни на друго место, но можат со молскавична брзина да минуваат простори. Во тоа е разликата помеѓу Бога и ангелите.
Светиот Архангел Гаврил, понатаму, исто во како во Стариот Завет, се јавува и во Новиот Завет, за да соопштува радосни вести и да прави чуда. Кога бездетните родители на Свети Јован Крстител, Светите Захариј и Елисавета, требало да добијат чедо, Светиот Архангел Гаврил му се јавува на Светиот Захариј во Светиот Олтар и му ја соопштува радосната вест, а овој заради тоа што не поверувал, бил казнет со немост, односно да не може да зборува, сè додека не се родило неговото чедо.
Исто така, Светиот Архангел Гаврил, им ја соопштува радосната вест на родителите на Пресвета Богородица, на Светите Јоаким и Ана, и им кажува дека ќе ја родат Мајката на Спасителот наш Господ Исус Христос.
Архангелот Гаврил и се јавува и на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и ѝ ја соопштува најрадосната вест, дека таа ќе биде онаа што ќе го роди Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, со зборовите: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” (Лука 1, 28).
Понатаму, браќа и сестри, Светиот Архангел Гаврил, се јавува и при други прилики и соопштува радосни вести. Во Гетсиманската градина, Архангел Гаврил му се јавил на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој истовремено е и Бог, и Човек, односно Богочовек, и го крепел како човек, во Неговата првосвештеничка молитва, да го одмине чашата на страдањето. Но Господ не вели по секоја цена да го одмине чашата на страдањето, туку вели „нека биде Отче, волјата Твоја“ (сп. Мат. 26, 42).
Исто така, браќа и сестри, Светиот Архангел Гаврил, се јавил, при Воскресението на Христа нашиот Бог и Спасител, прво на Мајката Божја, Пресвета Богородица, а потоа и на Жените Мироносици, кои дошле на гробот да го помажат телото Исусово. Архангелот Гаврил, тогаш им рекол: „Што сте дошле, зошто го барате живиот меѓу мртвите? Он не е овде, а воскресна! Но одете, кажете им на учениците Негови, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја“ (Јован 16, 6-7). И ете, Христос, пред нив бил во Галилеја, како Воскреснат по Неговото Вескресение од мртвите.
Понатаму, Светиот Архангел Гаврил, во многу случаеви во Новиот Завет, се јавувал на светители кои ги крепел и им помагал во борбата против злите духови, а тоа е сатаната со неговите демони.
Во однос на востановувањето на овој празник, има еден посебен настан кој се случил во деветтиот век во Света Гора. Имено, во една испосница во Кареа, додека монасите го пееле молитвеното правило, им се јавил Архангелот Гаврил и им рекол дека нецелосно ја пеат песната на Пресвета Богородица, бидејќи пред делот „Чеснејшују“, постои уште еден дел, кој тие не го знаат. Тогаш Архангел Гаврил, пред монасите, ја испеал песната на Пресвета Богородица: „Достојно е навистина да те блажиме Богородице“. Монасите сакајќи да ја имаат песната, точно онака како што била испеана и изговорена, Архангел Гаврил, со својот прст, на табла, како на восок, им ја напишал оваа песна „Достојно ест“.
Од тогаш, браќа и сестри, нашата Света Црква го празнува овој голем и спасоносен празник, кој е посветен на чудата на Светиот Архангел Гаврил.
Која е суштината, улогата и природата, на Светите Ангели, браќа и сестри? Во црковните песни што ги пеевме, слушнавме дека Светите Ангели се втората светлина.
Првата Светлина е Бог, Кој е несоздадена Светлина, и Кој е Отец на светлините. Светлина е и Синот, за Кој читаме во Символот на Верата, дека е „Светлина од Светлина, вистински Бог, од Бога вистински“, а исто така, Светлина е и Светиот Дух.
Ние, браќа и сестри, не можеме да навлеземе во суштината на Бога и да дознаеме што е Он, исто како што не можеме да навлеземе во сонцето, кое е оган, и да дознаеме што се случува во него.
Никој Бога не го видел, односно никој не го видел во Неговото Божество, бидејќи е речено: „ не може човек да Го види лицето на Бога и да остане жив“ (сп. 2. Мој. 22, 20).
Затоа, браќа и сестри, никој да не се занесува, да навлегува во суштината на Божјото постоење, односно во Божеството. Ние сме должни да веруваме во Бога, и да ги гледаме Неговите дела, бидејќи делата Божји ни говорат за Бога. Преку создавањето на светот, на сонцето, на месечината, на ѕвездите, на земјата и на сè што е на земјата, ние го гледаме и разбираме Бога.
Бога го гледаме и разбираме, и преку Светите Тајни, кои ни се дадени во Црквата, односно преку Крштението, Миропомазанието, Покајанието, Венчанието, Свештенството, Големиот Маслосвет, а исто така и преку Тајната над Сите Тајни, Евхаристијата или Причесната. Овие нешта ни се доволни, и не ни треба ништо повеќе за да го видиме Бога.
Да си спомнеме, и за двајцата патници Лука и Клеопа, кои патувале во селото Емаус, кога по Воскресението им се придружил Спасителот наш Господ Исус Христос, и им заборувал за сите настани кои се случиле со Господа, но тие не го препознале. Потоа кога стигнале во селото и кога седнале на трпеза, тогаш Христос на трпезата ја направил Светата Литургија, односно го претворил Лебот, во Негово Тело, а благословеното Вино, во Негова Крв, и веднаш исчезнал. А Светите Апостоли Лука и Клеопа, се изненадиле на Неговото исчезнување. Христос исчезнал, бидејќи немало потреба Он повеќе до биде со нив, бидејќи Он е веќе присутен преку Причесната, Која е Неговото вистинско Тело и вистинска Крв.
Па така, браќа и сестри, преку сите овие нешта, ние можеме да го гледаме Бога, толку, колку што ни è нам потребно. Од овие причини треба да разбереме и сфатиме, дека Светите Ангели се созданија Божји, односно тие се втората светлина, кои ни се нам дадени да ни помагаат во животот, односно да ни бидат посредници во нашето општење со Бога.
Да му се помолиме на Светиот Архангел Гаврил, на кого денес му ги прославуваме неговите чуда, да биде наш заштитник, заедно со останатите ангели и со нашиот ангел чувар, за да не чува од секакво зло, и да не одвраќа од секакви грешни мисли, помисли и фантазии, што влегуваат во нашите умови, и грешни чувства, похоти и страсти во нашите срца, под дејство на нечистите духови. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар