На 17.07.2022 г., во Петтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Андреј, архиепископ Критски, Преподобен Андреј Рубљов и Света Марта, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Роберт Илиевски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Преображение“, во Прилеп.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи да ги венча Божјите чеда Андреј и Бисера Иваноски.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кога Христос дојде во нивниот град, тие излегоа, и кога Го пресретнаа, Го молеа и му велеа: Оди си од нас Исусе“ (сп. Мат. 8, 34).
Ги слушнавме, браќа и сестри, овие зборови, од денешното Свето Литургиско Евангелие, во кое беше раскажано за чудото што го направил нашиот Спасител Господ Исус Христос, врз двајцата од бес обземени луѓе, кои живееле во гробиштата во земјата Гергесинска, во градот Гадара. Овие бесомачни луѓе, живееле на гробиштата, имале синџири на рацете (кои ги кинеле) и ги плашеле луѓето.
Кога Господ дошол во тоа место, односно кога се приближил до гробиштата, каде што луѓето не доаѓале, поради страв од овие, од бес обземени луѓе, одеднаш пред Него излегле бесомачениците и почнале да викаат по Господа Исуса Христа: „Исусе Назареецу, зошто си дошол пред време да нè мачиш?“ (сп. Мат. 8, 29).
Присуството на Господа наш Исуса Христа, браќа и сестри, пред демоните е страшно. За нив, тоа е огромно мачење, бидејќи немаат ништо заедничко со Исуса, бидејќи и Господ нема ништо заедничко со ѓаволот. Ѓаволот е противник Божји и човекоубиец од искони.
Демоните, не можејќи да го поднесат присуството на Господа Исуса Христа, проговориле преку устите на овие луѓе, кога Господ ги прашал: „Како ви е името?“ Тие одговориле: „Легион“, што значи илјадници. Во нив не се вселил еден бесен дух, туку илјадници бесни духови. Затоа овие обземени (од бес) луѓе, имале сила да кинат синџири. Нивната сила, не била природна човечка сила, туку била сила на нечистите духови, на демоните.
Па ете, немајќи повеќе снага, да го издржат присуството Христово, тие го молат Христа, ако ништо друго, барем да им дозволи, да отидат во стадото свињи, што паселе на стрмнината, и Господ и м дозволил. Тогаш, демоните откако влегле во свињите, свињите се стрчале по стрмнината, скокнале во езерото и сите се издавиле.
Спасителот Господ Исус Христос, откако ги истерал нечистите духови од бесомачните луѓе, тие смирено и кротко, почнале да одат покрај Него. Кога тоа го виделе, како што слушнавме од Светото Евангелие, свињарите, отишле во градот и им кажале на луѓето што се случило.
Луѓето го пресретнале Господа Исуса Христа и го молеле да си оди од нив. Спасителот Господ Исус Христос, не сакал да остане со сила кај нив, и затоа заминал на другата страна од езерото.
Браќа и сестри, ова прашање со демоните или со бесните луѓе, било актуелно во времето кога дошол Господ Исус Христос, а и пред тоа. Зошто? Затоа што, ѓаволите или демоните, пред Христовото доаѓање во светот, имале голема сила. Знаеме дека, под дејството на сатаната, биле измамени нашите прародители Адам и Ева, кога згрешиле, јадејќи од забранетиот плод. Веднаш, по гревот на нашите прародители, се зголемуваат и множат гревовите.
Нашите прародители Адам и Ева, не побарале прошка за гревот што го направиле, туку се правдале, исто како што и ние се правдаме кога ќе згрешиме и не сакаме да го признаеме гревот и да отпочнеме нов живот, онаков како што ни го проповеда нашата Света Црква.
Последиците од првородниот грев на нашите прародители, веднаш ги почувствуваа нивните деца, а ги чувствуваме и сите ние. Од библискта историја, знаеме за гревот во кој западна најстариот син Каин, кој поради завист го уби (братот свој) Авел.
Во светот, во човештвото толку многу се умножил гревот, така што, сè до доаѓањето на Спасителот наш Господ Исус Христос, луѓето не верувале дека ќе има спасение.
Дури и многубожечките поети велеле дека „никој не може да го спаси човечкиот род, освен Самиот Бог да слезе од Небесата“, што и сè случило.
Ете, кога Господ дошол на земјата, ѓаволот се нашол во голема опасност. Господ во Светото Евангелие ни вели, дека ние не треба да се бориме со телото и со крвта, туку да се бориме со поднебесните сили на темнината, односно со сатаната и со неговите ангели.
Демоните, браќа и сестри, се најприсутни во воздушните простори, а исто така, и во пустините. Затоа, светителите кои живееле пустински живот, оделе да живеат во пустините, за да се борат против сатаната и демоните, кои се најприсутни таму. Во тие пусти места, во историјата на Светата Црква, безброј пустиници, кои се молеле и се бореле со нечестивите, а тука ќе ги спомнеме Свети Антониј Велики и Свети Макариј Велика, а исто така и нашите пустиножителни Отци: Свети Прохор Пчински, Свети Јоаким Осоговски, Свети Јован Рилски, Свети Гаврил Лесновски и сите пустиножителни отци на Црквата Христова.
Ете, и Спасителот наш Господ Исус Христос, (во осамено место) бил искушуван.
Од кога станата, односно ѓаволот, ја изгубил силата врз луѓето?
Сè до слегувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос, во адот со својата душа, за да им проповеда на оние што се во адот, ѓаволот ја имал силата во свои раце. Нему до Христовото слегување во адот, му биле поверени, нè само грешниците, туку и праведниците.
Затоа, Христос нашиот Бог и Спасител, кога слегол во адот, го уништил, ги скршил неговите резиња и проповедал, а оние што поверувале, се спасиле. Повеќе сатаната, нема таква сила врз луѓето.
Затоа, ние никогаш не треба да имаме страв од ѓаволот. Погрешно е кога ние се плашиме од ѓаволот. Ние треба да се плашиме од гревот, бидејќи гревот е најголемата опасност за луѓето. Апостол Павле вели: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“. Ние умираме поради нашата гревовна состојба, прво духовно, а потоа и телесно.
Па оттаму, присуството Христово за ѓаволите претставува мачење и големо страдање. Ние знаејќи дека ѓаволот можеме да го победиме преку присуството на Бога, тогаш ние сме должни сè да направиме за да бидеме во Божјото присуство.
Како се стекнува Божјото присуство? Божјото присуство најнапред се стекнува преку нашето крштевање. На Светата Тајна Крштение, ние се одерекуваме од сатаната, од сето негово служење и од сета негова гордост. Кога ќе се одречеме од сатаната, ние потоа на Светата Тајна Крштение исповедаме дека ќе се соединиме со Христа и дека веруваме во Него, како во Бог и Цар.
После Крштението, ние луѓето, браќа и сестри, повторно паѓаме во гревови, и како последица на нашата гревовна состојба, ние повторно стануваме жртва на ѓаволот.
Која е разликата, помеѓу оние, што нè го примаат Христа и Му велат, оди си од нас, и меѓу ние кои го посакуваат Христа нашиот Бог и Спасител?
Имаме една слична состојба како оваа со гадаринците, но во суштина многу резлична. Имено, кога Спасителот наш Господ Исус Христос, направил чудо, односно кога Светите Апостоли уловиле мноштво риби, а претходно цела ноќ не можеле ништо да уловат, тогаш Светиот Апостол Петар, чувствувајќи ја својата грешност му вели на Христа: „Јас сум грешен човек Господи, затоа оди си од мене“ (сп. Лука, 5, 8). Светиот апостол Петар, смета дека заради неговата грешност, не е достоен Господ да биде со него, односно покажува скромност и не го пади Господа, туку напротив, ја признава својата грешност. Затоа, секој оној што ќе ја признае својата грешност, Господ него нè го напушта, туку напротив, Тој кон него се приближува, односно влегува во него, во неговата душа и неговите чувства, во неговото срце.
Ние се прашуваме, како Господ влегува во нас, браќа и сестри? Господ најнапред влегува во нас, преку Светиот Дух , преку Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Покајание или Исповед, Венчание, Големиот Маслосвет, Свештенство, и најпосле преку Тајната над сите тајни, Причесната.
Што ние треба да направиме пред да се причестиме? Прво што треба да направиме, е да се покаеме за гревовите и да побараме прошка, односно да се измириме со оние на кои сме им згрешиле, и кои нам ни згрешиле, а потоа откако ќе се почувствуваме како најгрешни од сите луѓе, да пристапиме кон Светата Причест, не како достојни, туку како подготвени да го примиме во себе Господа, Кој влегува во нас преку Своето Пречисто Тело и Својата Чесна Крв.
Откако ќе се причестиме, Господ нас нè преобразува, односно од грешни не прави свети луѓе, од нечесни, чесни и од недостојни, достојни. Тоа е онаа сила, што нас нè преобразува и нè прави поинакви.
Затоа, темнината и светлината не одат заедно. Господ рекол: „Јас сум светлина на светот“ (Јован 8, 12).. Господ вели дека, луѓето повеќе ја посакуваат темнината, отколку светлината. Зошто? Затоа што се грешни нивните дела. Оној што е грешен, повеќе ја сака темнината, отколку светлината, повеќе ја сака гревовната состојба, отколку праведноста, светоста и чесноста, браќа и сестри.
Па така и ние, откако го слушнавме ова Свето Евангелие, откако во нашите души и срца, почувствувавме дека ние сме должни да постапуваме, онака како што постапувале Светиот апостол Петар и Светиот апостол Павле, кој за себе вели дека „не е достоен да се нарече Христов апостол, бидејќи ја гонел Црквата Божја“ (сп. 1. Кор, 15, 9). Ние. Браќа и сестри, треба да се чувствуваме како свети луѓе, кои се одрекле од земните, материјалните и преодните работи, заради духовните нешта.
Па ете, да се запрашаме, зошто гадаринците барале од Христа, да си замине од нив? Гадаринците тоа го барале, бидејќи биле приврзани кон материјалните и земни работи. За нив биле поважни свињите кои се издавиле и кои според еврејскиот закон не смееле да ги чуваат евреите, отколку Христос да дојде во нивниот град и нив да ги просветли, односно да ги очисти од нивните гревови и страсти, а исто так и да им ги излекува болните и.т.н.
Ете, токму заради тоа, браќа и сестри, други народи како Самарјаните, кои откако од жената самарјанка, дознаа за Христа, тие го помолија Христа и Му рекоа: „Дојди и остани кај нас“ (сп. Јован 4, 40), а Господ, два дена останал кај нив, иако Самарјаните се сметале за народ, кој од Бога бил презрен и не се сметал за еднаков со Јудејците, (богоизбраниот народ).
Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели, на Светите Апостоли и на Сите Свети, преку нивните молитви, Господ да ги очисти нашите души, од сите демони, кои денеска се присутни кај нас, а тие демони се: демонот на злобата, зависта, прељубата, блудот, пријанството, развратот, многубоштвото, разбојнишртвото, кавгите, расправиите и од сè што е нечесно и недостојно. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар