На 07.07.2022 г., кога го празнуваме Раѓањето на Светиот Јован, Претеча и Крстител Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на архимандритот Никола (Трајковски), протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, игуменот Григориј, ереите Крсте Тасески, Јове Треневски, Метошко дончовски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Јован Крстител“, во Слепче.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Овој ден, е голем празник, браќа и сестри, бидејќи го славиме роденденот на Светиот славен Пророк и Претеча, Јован Крстител, кој е испросен со горешти молитви од неговите неплодни родители, Светиот пророк Захариј и Света Елисавета, кои живееле благочестив живот, оддавајќи се постојано на молитва и подвизи. Овие благочестиви сопружници, никогаш не ја напуштиле надежта дека еден ден и тие ќе се зарадуваат, заради нивната неплодност, бидејќи знаеле и чувствувале дека Господ ги исполнува молитвите на оние кои постојано му се молат, и особено се молеле, Господ да го тргне од нив прекорот, бидејќи кај Еврејскиот народ се сметало, дека оние што немаат деца, се големи грешници.
Кога ќе се роди дете, се радува домот каде што се родило детето, а исто така се радуваат и комшиите и блиските, браќа и сестри. Само неразумен човек може да не се радува на новородено чедо. Дека треба да се радуваат луѓето на децата, ни покажал пример и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, кога Светите Апостоли им бранеле на децата да пристпат кон Него, а Он им рекол: „Не бранете им на децата да дојдт кај Мене, зашто на таквите е Црството Небесно“ (Мат. 19, 14).
Зошто е, браќа и сестри, на децата, или поточно на оние кои се како децата незлобиви и без гревови, Царството Небесно? Затоа што тие не знаат за омраза, незнаат за злоба, незнаат за лукаство, незнаат за измамништво, незнаат за сѐ она грешно што возрасните го прават, и затоа не се срамуваат на голотијата.
Нема човек кој не се радува на своето чедо, дури и да е некој крвожеден и крволочен човек. Ќе спомнеме за Наполеон Бонапарта, кој со својата војска правел пустош насекаде каде што ќе стигнел, немајќи милост кон луѓето. Но кога ќе се врател дома во својот дом, тој ронел солзи кога ќе го земел во своите раце својот син, кој го гушкал и ги целивал неговите обравчиња. Ете, и таквите, грубите и крволочните, знаеле да се радуваат на дечињата. Радоста кон дечињата, браќа и сестри, е условена, зашто Спасителот наш Исус Христос, дава деца таму, каде што смета дека треба да се дадат, но некогаш и не дава деца, за да се поттикант молитвените чувства кај луѓето, дека треба Нему да му се молат и од Него да бараат милост, за да им се исполнат нивните молби и молитви. Од друга страна, пак, таму каде што нема деца, кажано е во Светото Писмо „ти си благословена и преблагословена што немаш деца, зашто ти си молитвено упатена кон Бога“. Онаа што нема деца, таа знае да се моли, таа знае да биде милостива кон оние што имаат потреба од нејзината помош.
Па така, браќа и сестри, кога Светиот Захариј бил во Светиот храм, во најсветиот дел, во олтарот, кога најмалку очекувал, одеднаш му се јавил, како што слушнавме од денешното Свето Литургиско Евангелие, ангел Божји, и тој се уплашил и си рекол: „Зошто доаѓа сега ангелот, да ме прекори ли за моите гревови и за мојата грешност“. Но ангелот во Светиот олтар му рекол: „Не бој се Захарија, дојден сум да ти возвестам голема радост, бидејќи твојата неплодна жена Елисавета ќе зачне и ќе роди син и ќе му ставиш име Јован што значи благодат Божја, и тој ќе биде голем пророк и ќе го приготви патот на Спасителот“ (сп. Лука 1, 13-14).
Така, кога ги слушнал овие зборови, од Светиот архангел Гаврил, Свети Захариј не можел да поверува и одговорил: „Јас сум веќе стар и изнемоштен, и мојата другарка е стара и неплодна, и како тоа може да биде“ (Лука 1, 18). Заради сомнежот и неверувањето, архангелот му рекол на Свети Захариј: „Сѐ додека не ти се роди синот ќе онемеш“ (Лука 1, 20).
Кога му се родил синот, како што слушнавме од Светото Евангелие, сите нагаѓале како ќе му биде името, но тогаш кога требало да се изјаснат, неговата жена Елисавета рекла: „Името нека го каже неговиот татко“, а тој побарал парче од штица и на неа напишал: „Името ќе му биде Јован, и во тој момент проговорил“ (Лука 1, 64).
Еве се случило уште едно чудо, кога проговорил Светиот Захариј и го кажал името на Светиот Јован Пророк и Претеча, претскажувајќи дека тој ќе биде голем пророк и дека тој ќе ги израмни патиштата на Месијата, односно на Спасителот наш Господ Исус Христос.
Па така, браќа и сестри, молитвите на овие благочестиви родители, Светите Захариј и Елисавета, таткото и мајката на Свети Јован, биле исполнети, и од нив се родил Претечата, за кого старозаветниот пророк вели, дека е ангел во тело.
Свети Јован Крстител, во пустината живеел ангелски живот, хранејќи се со скакулци и див мед. Ете, така го минувал животот, бос и необлечен, односно имал само една облека од кожа од камила, со која се нагрнувал, а околу половината имал појас.
Откако го исчеличил својот карактер во пустината, Свети Јован, дошол меѓу луѓето и повикал со силен глас: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (Мат. 3, 2). И уште вели: „Ете, секирата е при коренот на дрвото, и секое дрво што не раѓа добар плод се сече и се фрла во оган“ (Мат. 3, 10), што значи дека, секој човек што не прави добри дела, што нема добродетели, ќе биде исто како дрвото кое се сече и се фрла во оган.
Ете, токму заради овие негови строги укажувања, со кои ги жигосувал фарисеите, садукеите, книжниците и старешините јудејски, на кои им велел, породи аспидини, односно змии, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас. Со овие зборови Свети Јован ги поучува, со цел да се покајат и поправат.
Кога војниците доаѓале кај него и барале совет, Свети Јован им велел: „Немојте да клеветите и извршувајте си ја својата војничка служба достојно, бидете благодарни за платата што ја примате“. На народот кога пристапувал кон него му велел: „Кој има две кошули, нека даде една на другиот“. На тој начин Свети Јован сите ги поучувал, правилно да живеат и да се однесуваат во согласност со учењето на нашата Света Православна вера и Црква. Не се плашел од никого, па дури ни од Царот, па затоа собрал сили за да му каже на царот, дека нема право да ја има за жена, жената на својот брат Филип, со која незаконско живеел.
Ете, токму заради тоа се озлобила Иродијада и сакала да го убие Свети Јован. Кога цар Ирод кој бил на веселбата, односно на пирот на својот роденден, во една пијана или полупијана состојба, побарал од девојката да им угодила на гостите со играње, а тоа била неговата внука Саломија, дека што и да побара, па дури и половината од неговото Царство ќе и го даде. Таа се посоветувала со мајкаси Иродијада, која била во една озлобена состојба поради прекорот што го кажувал Свети Јован, дека Ирод нема право да ја има за жена, Иродијада неговата снаа.
Иродијада, побарала од нејзината ќерка да отиде кај Ирода, и да ја побара главата на Свети Јован Крстител, и ова тој го сторил, иако не сакал тоа да го направи, бидејќи го почитувал Свети Јован, и знаел дека е чесен, свет и праведен пророк, но за да не го откаже кажаниот царски збор, наредил џелат да ја пресече главата на Свети Јован Крстител.
Потоа Слаломија на табла ја зала главата на Свети Јован и ја однела кај својата мајка Иродијата, која со игла го бодела јазикот на Свети Јован говорејќи: „овој јазик зборуваше против мене“. И така Свети Јован го завршил својот живот, бранејќи ја светињата, односно бракот, браќа и сестри, кој всушност е голема Света Тајна, за која Свети апостол Павле вели: „Оваа тајна е голема, но јас ви зборувам за Христа и за Црквата“ (Ефес. 5, 32), споредувајќи ја брачната врска на брачните другари, со духовната врска меѓу Христа нашиот Бог и Спасител и Неговата Света Црква.
А Црквата Христова се верните православни христијани, собрани заедно со свештенството и монаштвото околу својот епископ. За Црквата Своја, Христос нашиот Бог и Спасител, го дал Својот живот. Затоа е кажано дека мажот треба да си ја сака својата жена, како што го сака своето тело. Како што Христос е глава на Црквата, така глава на жената и на семејството е мажот, кој е создаден од Бога како цар на земјата.
Па ете, покрај сите овие нешта што ги слушнавме, да ја извлечеме поуката од денешниот празник. Како што се молеле Светите Захариј и Елисавета за да добијат чедо, така треба секој човек да се моли. Луѓето не треба да се молат, само за да добијат чеда, туку да се молат за секоја потреба, пред сè духовна, бидејќи Господ вели: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде“ (Мат. 6, 33).
Пред сè ние, браќа и сестри, сме должни да се потрудиме да ја побараме правдата Божја, како што бил праведен Свети Јован Крстител, и ги жигосувал сите неправди во тоа време.
Без молитви, без подвизи, без пост, како што правеле Светите Захариј и Елисавета, не можеме да го заслужиме Царството Небесно.
Од друга страна, кога зборуваме за раѓањето на Свети Јован Крстител, да не заборавиме дека денеска имаме обратно однесување на денешниот народ наш христијански. Педесет проценти од децата кои се зачнуваат, денешните жени не ги раѓаат, туку ги убиваат во своите утроби, или земаат сретства за да не родат деца. Зошто тоа го прават? Тоа го прават, за да немаат обврски, за да бидат покомотни и поспокојни, за да можат да одат на одмор на море, езеро или планина.
Денешните брачни парови забораваат на Божјата заповед „не убивај“, зашто секој што ќе убие, а особено оној што ќе убие невино суштество, тој ќе треба да даде одговор на Страшниот Христов суд. Сите што направиле таков грев, нека не чекаат, туку веднаш да одат кај свештеникот и да се исповедаат, барајќи совет како да се ослободат од гревовната состојба.
Исто така, браќа и сестри, не е сè во тоа да се има деца, зашто народната поговорка вели: „оф за деца, но и оф од деца“. Зошто е тоа „оф“ за деца, како овие денешни славеници кои го добиле Свети Јован. Тоа „оф“ е зашто немале деца, а сакале да добијат деца. Бог им го подарил Свети Јован, и тие уште од мали нозе го воспитале и на Бога му го предале.
Денешните родители, не сакаат децата да ги дадат на Бога, туку сакаат да бидат, она што тие не успеале да бидат. Сè да бидат, само да не бидат деца Божји. Тоа е најголемата грешка, браќа и сестри!
Затоа, најдобри родители се дури и оние, кои немаат свои деца, а посвоиле и ги воспотале во духот на нашата Света Православна Вера и Црква.
Затоа пораката од денешното Свето Евангелие, е дека децата треба да се раѓаат и воспитуваат во духот на нашата Света Православна Вера и Црква. Родителит не треба да забораваат дека, какви деца ќе воспитаат, таков ќе им биде крајот, зашто оние што неправилно ги воспитале децата, не крајот не завршуваат во еден мирен и благочестив живот, туку за жал нивниот живот е недостоен, односно се отфрлени и напуштени.
Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Захариј и Елисавета, кои го родија овој прекрасен пророк, кој ги подготви патиштата на Спасителот наш Господ Исус Христос, и кој беше праведен и чесен во своето живеење, и од него да земеме пример како да биде нашиот живот. Амин! Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар