СОВЕТИ за оние кои се подготвуваат за исповед

Во Светото Писмо пишува: „Синко мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение. Управи го твоето срце и биди цврст; не збунувај се кога ќе бидеш посетен од Бога. Прилепи се до Него и не отстапувај, за да бидеш прославен во последниот ден.“(Сир. 2,1-3).

Кога ќе одлучиш да постиш, да се покаеш и да си ги исповедаш гревовите, веднаш ќе се појават многу внатрешни и надворешни препреки. Непријателите на родот човечки, дознавајќи за твојата намера да се покаеш, на секој можен начин ќе те вознемируваат со разни искушенија како надворешни така и со внатрешни сомнежи, помисли и стравови. Но сето тоа ќе исчезне кога ќе покажеш дека имаш цврсти намери.
Човекот треба да се исповеда што е можно почесто, паузите меѓу исповедите треба да бидат исполнети со духовна борба и подвиг кои ќе се зацврстуваат со подготовките за претходната исповед и подготовките за наредната исповед. Значи честото исповедање на гревот ќе те чува, поддржува и ќе го охрабрува целиот твој духовен живот. Божјата благодат што делува во Светите Тајни Покајание и Исповед значително влијае врз човекот за да почне тој да ги чувствува своите гревови и слабости, да не се впушта толку лесно во грев и да се зацврсти во вистинската вера: Црквата и целиот нејзин поредок да му станат мили и блиски на срцето.
Иако е пожелно човекот да си има духовник, тоа воопшто не е задолжително за вистинско покајание. За човекот кој навистина пати поради својот грев нема разлика кај кого се исповеда: битно е само да се покае што е можно побрзо и да добие разрешување. Покајанието мора да е целосно слободно и без никакви присилувања.
Исповедта не е разговор за твоите недостатоци и сомнежи, тоа не е едноставно запознавање меѓу тебе и духовникот. Исповедта е Света Тајна, а не само “религиски обичај“. Исповедта е силно каење на срцето, желба за чистење што се раѓа од чувството на светост, а исповедта и покајанието уште и се нарекуваат второ крштевање, па така со покајанието умираме за гревот и воскреснуваме за светост. Покајанието е првиот степен на светост, надвор од Бога.
Првото нешто за оној кој се подготвува за исповед, мора да биде испитувањето на своето срце. За тоа е потребно човекот да се припреми неколку дена – да пости, да чита духовна литература, да се моли повеќе, да чита совети и поуки за Светата Тајна Покајание, да се сети на своите гревови и да ги запише. Обично луѓето кои немаат искуство во духовниот живот не ги гледаат ниту повеќето свои гревови, ниту одвратноста на истите. Кажуваат: „немам загрешено ништо посебно“, „имам само ситни гревови како и сите други“, „немам крадено“, „немам убивано“ – многумина вака ја почнуваат исповедта. А самољубието, нетрпењето прекорување, бесчувствителноста, човекоугодието, слабоверноста, недостатокот од љубов кон ближните, а малодушноста и духовната мрзеливост? Зар сите тие не се тешки гревови? Зар верата ни е корисна и силна? Дали секој го сакаме како брат во Христа? Дали сме достигнале кроткост, трпение и смирение? Како да ја наречеме нашата бесчувствителност при исповед, замисленоста, ако не камена, мртва, смрт на душата и срцето? Зошто Светите Отци кои ни ги оставиле покајните молитви, се сметале себеси за најголеми грешници, а ние сме убедени дека кај нас сѐ е во ред?! Колку посилно светлоста Христова го осветлува срцето, толку посилно човекот ги чувствува своите слабости, чирови и рани. И обратно: луѓето нурнати во гревовниот мрак не гледаат ништо во срцето свое, а ако видат не се ужаснуваат бидејќи немаат со што да споредат затоа што Христос за нив е скриен со завесата на нивните гревови.
Во обидот човекот да се спознае во поглед на моралната состојба на својата душа, треба да се потруди да направи разлика меѓу основните и секундарни гревови, меѓу симптомите и длабоките причини. На пример, многу е важно што ние забележуваме расеаност на молитвата, невнимание за време на богослужбата, отсуство на интерес за слушање и читање на Светото Писмо, но зар овие гревови не потекнуваат од маловерноста и слабата љубов кон Бога?! Треба во себе да забележеме своеволност, непослушност, самооправдување, нетрпеливост, тврдокорност и тврдоглавост, но многу е важно човекот да ја открие и сфати нивната врска со самољубието и гордоста. Ако во нас забележеме желба секогаш да сме во друштво со луѓето, покажуваме зборливост, склоност кон потсмевање и оговарање, ако премногу се грижиме за надворешниот изглед и облеката тогаш треба внимателно да ги преиспитаме тие страсти бидејќи најчесто така се покажуваат нашата суета и гордост. Ако животните неуспеси претерано ги земаме при срце, тешко ја поднесуваме разделбата, неутешливо жалиме за мртвите, зар длабоко во тие наши искрени чувства не се крие неверувањето во Божјата Промисла?
Има уште едно средство што може да ни помогне во спознавањето на гревовите наши. Пред исповедта треба да се присетиме на оние работи за кои обично нѐ обвинуваат луѓето кои живеат со нас, ближните наши: нивните обвинувања, прекори и напади, често се оправдани. Пред исповедта треба да побараме прошка од сите пред кои се чувствуваме виновни за со мирна совест да ѝ пристапиме на Светата Тајна.
При таквото испитување на своето срце, човекот треба да пази да не почне претерано да се сомнева и да бара ситници во секој чекор на срцето; ако тргнеме по тој пат може да го изгубиме осетот за битното и небитното, да се заплеткаме во ситници. Во такви случаи треба привремено да престанеме да ја испитуваме душата и да ја просветлиме со молитва и добри дела.
Под подготовки за исповед не се подразбира подетално присетување на гревовите и запишување, туку треба да се достигне онаа состојба на концентрација, сериозност и молитва, во која гревовите ќе ни станат јасно видливи како на светлина. Оној кој ѝ пристапува на Светата Тајна Исповед кај духовникот не треба да има список на гревовите туку треба да чувствува каење, не треба детално да го прераскаже својот грешен живот, туку треба да има скрушено срце.
Знаење на гревовите свои не значи и каење за истите. Вистина е дека Господ прима искрена и чесна исповед, дури и ако таа не пропратена со силно чувство на каење, ако и тој грев – камената бесчувствителност, го исповедаме храбро и отворено без лицемерие. Сепак, скрушеното срце, жалењето за своите гревови е најважното нешто што можеме и што треба да го имаме на исповед.
Но, што да правиме ако нашето срце е исушено од гревот и не се мие со живоносната вода на солзите? Што да правиме ако “духовната немоќ и телесната слабост“ се толку толку големи што не сме во состојба да се покаеме? Сепак, тоа не е причина да се одложува исповедта во очекување на чувството на каење. Бог може да го допре срцето наше и во текот на нашата исповед бидејќи самата исповед, самото гласно изговарање на гревовите свои може да ни го омекнат срцето, да ни го изострат духовниот вид, да ни го продлабочат чувството на каење.
За надвладување на нашата духовна тромост служат молитвените подготовки за исповед и најмногу постот. Исцрпувајќи ни го телото, постот ни го нарушува телесниот спокој и душевниот мир кои се погубни за нашиот духовен мир. Сепак, постот сам по себе само го подготвува и растресува теренот на срцето наше кое по тоа може да ја упие молитвата, Божјиот Збор, Светите Житија и делата на Светите Отци, а ова ќе биде пропратено со посилна борба со сопствената гревовна природа, што ќе нѐ охрабри активно да им правиме добро на ближните.
Нашата бесчувствителност за време на исповедта најчесто потекнува од недостаток на Божјиот страв во нас. Ете, кон ова треба да се насочат сопствените напори. Затоа многу е корисно читањето и размислувањето за смртта, за Страшниот Суд, за несреќата да се биде грешник во пеколот, за минливоста на животот и за бесконечната големина на вечноста.
На исповедта не треба да се очекуваат прашања, човекот сам треба да вложи напор бидејќи исповедта е подвиг и самопринуда. Треба да се зборува течно без да се кријат срамните гревови со општи изрази. Прилично е тешко, но за време на исповедта неопходно е да се избегне самооправдување, да се одречеме од обидот да му ги објаснуваме “олеснителните околсноти“, да се одречеме од кажување на оние кои наводно нѐ навеле на грев. Понекогаш луѓето се оправдуваат кажувајќи дека имаат слабо паметење кое наводно претставува препрека за човекот да се сети на сите гревови. И навистина, често се случува лесно и брзо да си ги заборавиме гревовите. Но, дали тоа се случува само поради заборавање? Има на пример случаи кога самољубието ни биле премногу повредено, кога некој незаслужно нѐ навредил, или па спротивно од тоа се случаите кои ѝ годат на суетата: успех, добри дела, пофалби, благодарност – на сѐ ова се сеќаваме многу години. Сѐ она во нашиот светски живот ни остава голем впечаток, го паметиме јасно. Не ги забораваме ли своите гревови поради тоа што не има придаваме сериозно значење?
Некои луѓе се плашат и како да не веруваат дека гревовите можат да им бидат простени и таа плашливост понекогаш го прима обликот на болест. Чувството на страв се темели на недостаток на вера, надеж и љубов кон милосрдниот Господ, или па на честото повторување на гревот. Труди се да не грешиш и тогаш со Божја помош, ќе ти се намали и грижата за тоа дека Господ нема да ти прости.
Не осодувај се да помислиш дека гревовите ти се толку големи што нема смисла да се каеш. Кој го прима нашето покајание? Кој ни ги лечи гревовните рани? Семоќниот Бог. Запамти: Семоќен. Семоќен лекар! И како таков, Тој на многу им ги простува и најтешките можни гревови.
Постојат и таканаречените неисповедани гревови со кои многумина живеат многу години, а можеби и целиот свој живот. Цело време тие луѓе имаат желба да му ги откријат гревовите на духовникот, но премногу има е срам да зборуваат за нив и така минуваат годините. Додека гревовите цело време им ја мачат душата и ѝ подготвуваат вечна осуда. Но и тоа како треба да се плашиме од непокајаните и неисповеданите гревови! Нашиот живот, како што кажува Апостолот, е исто што и пареата (Јаков. 4,14), денес сме живи, а утре ни се спрема крајот. Таму каде ќе си ги сокриеме гревовите? Треба да се срамиме од гревовите, а не од покајанието. Покајанието е победа над себеси, победничкиот трофеј поради кој оној што се кае е достоен за почит и чест.
Знак за потполно каење е чувството на олеснување, чистота и неизмерна радост, кога гревот на човекот му изгледа исто онолку тежок и невозможен како што претходно му изгледата радостта.
Покајанието нема да е потполно ако човекот, каејќи се внатрешно не донесе цврста одлука да не се враќа повторно на тој грев. Но ќе речеш: „ Како може да ветам дека нема да го повторам гревот? Зар не е најправилно да се мисли дека поради нашата немоќ, ќе се повтори гревот? Бидејќи и врз основа на искуството секој знае дека по некое време човекот му се враќа на истите гревови и со текот на годините не се гледа никакво подобрување?“ Всушност, не е така! Нема такви случаи кои при можноста на искрено покајание и добрите желби кои човекот ги примил од Светата Причест, а во душата да не предизвика промени. И тешко дека човекот може сам да си суди на сопствената состојба. Сѐ поголемите барања од себеси, строгост и изостресниот духовен вид често даваат впечаток дека има сѐ повеќе гревови и дека нивното дејство се засилило. Верникот почнува да мисли дека станал уште погрешен, дека болестите се засилуваат. А всушност, има многу големо подобрување, многу зло е отфрлено, но на негово место се појавило она што порано не било забележано и борбата мора да се продолжи со истата сила.
Често се случува Господ според посебна Промисла Своја да ни ги затвори очите за нашите успеси за да нѐ сочува од суета и гордост. И обратно: за да не паднеме во очај и за да се одлучиме да се бориме со гревот, Господ не ни дозволува наеднаш да видиме слика од својот гревовен пад, која е преужасна, туку според нашето духовно вознесување, дел по дел ни ги отвора очите. често гревот долго останува во човекот, но честата Исповед, причестувањето со Светата Тајна се поткопува и ослабнува неговиот корен. Па и самата борба против гревот, патењето поради гревот – зар тоа самото по себе не е напредок?! „ Не плаши се, дури и ако секој ден паѓаш и скршнуваш од патиштата Божји, стои храбро и Ангелот – Чувар ќе го почитува твоето трпение,“ кажува Свети Јован Лествичник.
Па дури и ако го нема тоа чувство на олеснување и препородување, треба да се има сила за враќање кон Исповедта, душата треба целосно да си ја исчистиш од нечистотија, треба храбро да се ослободиш од деформитетот, целата гадост и без прикривање, без украсување да ја исчистиш од скверност и гнасотија. Оној кој се стреми кон тоа, секогаш ќе успева!
Само, не смееме да си ги припишуваме своите успеси себеси, да се потпираме на нашата сила, да им веруваме на своите способности. Така може да изгубиме сѐ што сме стекнале.
„ Да, Господе, Царе, дај ми да си ги согледам гревовите. . . “ (Од Великопосните молитви на Св. Ефрем Сирин)
„ Господе, дај ми помисла за исповедање на моите гревови“ ( од 7. Молитви на Св. Јован Златоуст за пред спиење)
„ Собери ми го расеаниот ум, Господи, и исчисти ми го скаменетото срце, дај ми покајание како на Петар, воздишки како на митарот (цариникот) и солзи како на блудницата.“
Амин.

Превел: дипломиран теолог, Крсте Тасевски