На 14.05.2022 година, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во манастриот „Успение на Пресвета Богородица“, во Јанковец, отслужи Воскресна Вечерна богослужба, на која во мала схима го потстрижа монахот Игнатиј.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кој ќе се одрече од татко или мајка, од жена или деца, од куќи или ниви, и тргне по Христа нашиот Бог и Спасител, ќе добие живот вечен“.
Високопреподобен игумене на оваа Света обител, еве Господ ве удостои да примите уште еден брат во заедницата со ангелски лик, во името на братот Игнатиј, кој е третиот монах во оваа монашка заедница. Како што имавме можност да слушнеме од ангелскиот чин, кој гo извршивме врз братот Игнатиј, кој за сите присутни, сметам дека беше потресна слика, особено за оние кои длабоко и со внимание го следеа чинот и го почувствуваат во душите и срцата. Овoј чин најголем впечаткок остави во душата, срцето, мислите и чувствата на братот Игнатиј, бидејќи е ова најголема одлука во неговиот живот, која не е врзана за земните и материјалните нешта, туку напротив, одрекување од сè што е земно и матријално и целосно предавање на Бога, целосно одење кон Бога.
Слушна брате Игнатиј дека кога ќе се тргне напред по Божјата волја, вртење назад нема. Тоа е исто како орачот, кога ќе го стави плугот во нивата да ора, тој повеќе не мисли за тоа што е назад, туку за тоа што е напред т.е. да изора, а тоа што ќе го изора и посее, да даде плод преку росата т.е. дождот. Во твојот случај таа роса или дожд, е благодатта Божја, која денес тебе ти се дава да ја примиш во ангелскиот чин и преку неа да го заслужиш и постигнеш Царството Небесно.
Ова сето се случува, браќа и сестри, во еден сосема краток период од неколку дена, откако од нашата Света Православна Црква, е симната забраната да заедничариме со другите браќа во Христа, архиереи, свештенослужители, свештеномонаси, ѓакони, јероѓакони, заедно со верниот народ. Ете, тоа се случи во овие неколку дена, преку благословот на Сесветиот Патријарх на Првопрестолната Црква, Неговата Сесветост г.г. Вартоломеј. Ние можеме веќе со Сите Помесни Православни Цркви, заедно да заедничариме, да богослужиме, да се молиме и секако заедно да го примаме Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.
Па така во тој дух, ти го честитам брате Игнатиј твојот ангелски чин и ти посакувам преку Божјата благодат, молитвеното застапништво на истоимениот светител, Свети Игнатиј Богоносец, и ти да имаш богоносно срце и душа и да го носиш длабоко во својата душа и во своето срце Христа нашиот Бог и Спасител.
Нека ти е честито и од Бога благословено примањето на ангелскиот чин и нека е на радост на оваа Божја монашка заедница во веки веков. Амин!
Христос Воскресе! Навистина Воскресе!