На 20.04. 2022 г., во Средата од Страсната седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Литургија на Претходноосветените Дарови во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
По завршувањето на Божествената Литургија, беше отслужена Светата Тајна Елеосвештение.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ, и блажен е слугата кого буден ќе го најде, а недостоен е оној што ќе го најде да дреме. Затоа внимавај душо моја, да не те надвладее сонот, да не бидеш предадена на смрт, и да не останеш пред заклучените врати на Царството, туку сепни се и извикај: Свет, Свет, Свет Си, Боже, заради молитвите на Богородица помилуј нè. (Тропар).
Браќа и сестри, денеска е Велика Среда. Ние од Светото Божествено Евангелие, слушнавме што се говори за жената грешница, која паднала пред Господа Исуса Христа и скршила едно шише со скапоцено миро и го излеала врз Неговите Свети нозе, а потоа со солзи како од поток, ги облеала Неговите нозе, ги пружила своите раце и со своите коси ги бришела и тирела.
Истовремено еден од Неговите ученици, односно Јуда Симонов Искариот, спротивно размислува од оваа жена, односно не мисли да му даде богатство или љубов на Христа, туку напротив, неговата мисла е што е можно повеќе пари да украде од црковната каса, од касата на апостолите, во која се собирале црковните пари и над која Јуда бил благајник.
Жената грешница, го дава сето богатство што го спечалила, како што слушнавме од црковните песни, односно од стихирите на „Господи Визвах“, и оди кај продавачот и му вели: „Дај ми најскапоцено миро“, па откако го купува мирото, истото го излева врз нозете Христови. А Јуда, кој на некој начин е страшно обземен од среброљубие, помислува и размислува како е можно да земе колку е можно повеќе пари. Па така, тој сега наместо како жената да оди кај продавачите кои продаваат најскапо миро, тој оди кај првосвештениците, фарисеите и старешините и им вели: „Што ќе ми дадете за да ви Го предадам Учителот, односно Господа?“ (сп. Мат. 26, 15), а тие му ветиле триесет сребреници, како што веќе пророкувал старозаветниот пророк, дека за „триесет сребреници ќе Го предаде Христа“, односно дека ќе му дадат триесет сребреници.
И ете, додека оваа жена грешница и блудница се разврзува од своите гревови, односно Христос и ги отпушта нејзините гревови, Јуда се врзува со јарост, злоба и завист. Додека жената грешница ги пружа своите раце со мирото кон Христа нашиот Бог и Спасител, Јуда, предавникот Христов, ги пружа рацете кон сребрениците, со цел да ги земе, предавајќи Го својот Учител и наш Спасител, Господа Исуса Христа.
Додека оваа жена му ги целива Неговите нозе и порој од солзи рони врз нив, Јуда со целив Го предава Христа нашиот Бог и Спасител.
Еве, какви големи спротивности има тука, браќа и сестри. Жена грешница, која се кае за своите гревови, прима прошка за гревови, а Јуда, кој бил Негов возљубен ученики кој многупати бил опоменуван сè до последниот момент да се откаже од среброљубието и да не го предава Христа нашиот Бог и Спасител, ете, тој го прави токму спротивното.
Па така, во оваа Велика Среда, ние всушност се подготвуваме за она што доправа треба да се случи со Господа Исуса Христа, нашиот Бог и Спасител по Неговото предавство, а тоа се: Неговите страдања, неправедниот суд извршен врз Него, од страна на Ана и Кајафа, а исто така и од Пилат, Неговото неправедно осудување на смрт, Неговото биење по плеќите, подбивање, шамарање и плукање врз Неговото Лице, ставањето на црвената наметка врз Него, како на цар, кога Го исмејувале, а исто така и ставањето врз Неовата глава на трновиот венец, давањето на Крстот да Го носи на грбот, на Своите плеќи, до Глгота, на Кој што ќе биде распнат.
А за ова, околу оваа жена грешница, сношти од Синаксарот слушнавме дека станува збор за три жени грешнички, па затоа Свети Јован Златоуст дава појаснување, со цел да правиме разлика меѓу Марија Магдалина и сестрата Лазарева, односно дека таа не била блудница и дека ова излевање на мирото не се однесува дека таа го направила тоа.
Таа, тоа што го направила во Витанија, во селото на нејзиниот брат и на нејзината сестра, односно во селото Витанија, а ова се случило во Ерусалим. Овде станива збор за друг случај, кога еве и самите ученици велат кон Господа Исуса Христа, дека не е добро ова скапоцено миро да се изтура, зашто за него, откако ќе се продаде, можеле да се земат големи пари и тие пари можат да се дадат на сиромаси, како што и самиот Јода тоа изричито го кажува и бара, или со други зборови ја осудува жената грешница, а со тоа Го осудува и Самиот Господ Исус Христос, зошто дозволува да се растура ова големо богатство од кое можат да се земат големи пари и да влезат во касата.
Како што се вели во Светото Писмо, не дека Јуда многу се грижеше за сиромасите, туку сакаше што повеќе пари да влезат во црковната каса, зашто од неа, од црковната каса, Јуда крадеше пари. Затоа, браќа и сестри, ете, токму тоа била причината што Господ Исус Христос им вели на Неговите Ученици и Апостоли: „Сиромасите секогаш ќе ги имате со себе, но немојте да ја буните оваа жена и да ја прекорувате, зашто ова што таа го направи за Мене, ќе биде споменувамо како спомен во сите времиња, зашто таа излевајќи го мирото врз Моите нозе, Мене Ме подготви за погребение“ (сп. Мат. 26, 11).
Бидејќи се приближувало времето за Христовото погребение, Христос требало да биде помазан со миро, а ние така обично пееме во црковните песни дека „на мртвите им приличи да бидат помазувани со миро, односно со мириси“. Ете, токму тоа го направила оваа жена грешница, наспроти Јуда, кој за пари, Го продал на првосвештениците еврејски, Христа нашиот Бог и Спасител.
Ете и ние, браќа и сестри, сериозно да размислиме и да правиме разлика измеѓу жената грешница што го даде своето богатство, односно сè што имаше сè продаде, само да го купи ова најскапоцено миро и да го излие врз нозете на Христа нашиот Бог и Спасител, од Марија сестрата Лазарева. Но таа тука не застана, туку пролеа поток од солзи врз Неговите нозе, барајќи прошка за нејзините гревови. Така и ние треба да пролееме многу солзи во овие денови на страдањата Христови, за Господ да ни ги прости нашите гревови.
Ние, сè што е нечисто и недостојно, треба да отфрлиме во овие денови на стадањата Христови и со вистинско покајание да се покаеме, зашто е кажано дека за еден грешник што ќе се покае на земјата, многу ангели се радуваат на небесата.
И ние, по молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели, на Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител, на Светите Апостоли и на Сите Свети да се помолиме, и ние да постапиме по примерот на големата грешница и блудница, која побарала покајание за своите гревови и го добила простувањето за гревовите.
Ние, исто така, треба да се поучиме за тоа, колку е опасно и страшно да бидеме на страната на Јуда, зашто во тој случај ќе ни бидат затворени вратите на Царството Небесно. Амин! Нека е честит празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар