На 27.03.2022 г., во Третата Недела од Великиот пост (Крстопоклона Недела), кога го празнуваме споменот на преподобен Бенедикт, Свети Евсхимон, епископ Лампсакиски и споменот на Свети Теогност, митрополит Киевски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, Роберт Илиевски, ерејот Емилијан Зелнички, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Драган Иванов, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Преображението Господово“, во Прилеп.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во свештенички чин да го ракоположи ѓаконот Емилијан Зелнички.
Од името на Епархијата, на отец Емилијан му го честитаме презвитерскиот чин и се молиме достојно да Му служи на Бога и на паството кое ќе му биде доверено.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (сп. Марко 8, 34).
Овие зборови на Спасителот наш Господ Исус Христос, браќа и сестри, ги слушнавме денеска во денешното Свето Литургиско Евангелие, кои ќе се потрудиме да ги објасниме.
Имено, што значат зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе?“ (сп. Марко 8, 34). Кој е оној што треба да се одрече од себе и од што да се одрече? Тоа сме ние, браќа и сестри, кои треба да се одречеме од нашата грешна човечка волја, која се грижи само за земните и материјални богатства, да му угоди на телото, со прејадување, опивање и со секакви други нечесни и недостојни работи. Од тоа треба човекот да се одрече. Секој од нас треба да се одрече од стариот човек, а стариот човек, е човекот што живее во гревови, кој што има изопачен ум, кој што не мисли за Царство Небесно и вечниот живот, за Страшниот Суд, кога Господ Исус Христос повторно ќе дојде во слава со Своите Свети Ангели, за да им суди на живите и мртвите. Ете, од тоа треба да се одрече човекот. Па токму во таа смисла, во Светото Евангелие е кажано: „Кој сака да ја спаси својата душа, тој ќе ја загуби“ (сп. Марко 8, 35).
За каква душа станува збор, возљубени браќа и сестри? Станува збор за грешна душа, која живее во грешни наслади, грешни уживања, грешни чувства, грешни похоти и грешни страсти. Таквата душа постојано мисли само за земното и материјално богатство, како истото да го спечали, дали со крадење и измами, или со злоупотреби на работните места и.т.н.
Од сето ова човекот треба да се одрече, ако сака да се спаси. Господ вели: „Кој сака таквата душа да ја спаси, ќе ја изгуби“ (сп. Марко 8, 35), зашто човекот кој ги мрази и клевети луѓето, кој измислува измами, кој постојано мисли како на некого зло да му направи, истиот не може да се спаси. Таквиот човек треба да се одрече од својата грешна душа и да прифати дека постои Божјата волја, а Божјата волја, е да имаме љубов кон луѓето, како што рекол Господ Исус Христос: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (сп. Јован 13, 34-35).
Денеска љубовта меѓу луѓето, браќа и сестри, е толку оладена, што скоро секој на секого завидува т.е. брат на брат завидува, сестра на сестра, татко на син, мајка на ќерка. Дотаму е дојдена работата, што никој никого не сака, освен неговиот личен интерес. Ете, затоа Господ повикува човекот да се откаже од својата грешна душа, зашто тој што сака на таков начин да ја спаси својата душа, тој ќе ја изгуби во Царството Небесно, а оној што ќе ја изгуби душата, заради Христа и Евангелието, тој ќе ја спаси.
Исто така, треба да се откажеме од нашата грешна волја, од нашите грешни постапки, од нашиот грешен живот, ако сакаме да ја спасиме нашата душа.
Само на тој начин, кога ќе ги намразиме во нас грешните мисли, грешните желби, грешните похоти, грешните фантазии, грешните страсти, ние ќе бидете вистински Христови последователи. Токму затоа Господ вели: „Кој сака да врви по Мене, нека го земе Својот Крст и нека врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34).
Што е Христовиот Крст? Христовиот Крст, браќа и сестри, е доброволното Христово доаѓање во светот, Кој излезе од прегратките на Отецот, за да стане човек, еднаков на нас луѓето во сè, освен во гревот. Ете, Христос токму затоа поживеал меѓу луѓето, го проповедал Евангелието и ни ја открил вистината за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светот Дух. Ете, откако сето тоа го направи за три ипол години, проповедајќи го Неговото Свето Евангелие, добороволно посакал да пострада заради нас и нашето спасение т.е. да биде тепан по плеќите, плукан по образите, шамаран, биен, на главата да Му стават трнов венец, неправедно да Го осудат, Крстот да Му го дадат да го носи на Голгота, а кога дошол на Голгота, бил распнат меѓу двајца разбојници, од кој едниот (благоразумниот разбојник), кој бил од десната страна, се покајал и го заслужил Царството Небесно, бидејќи Христос му рекол: „Уште денеска ќе бидеш со Мене во рајот“ (сп. Лука 23, 11), а другиот, кој хулел на Бога, не се спасил.
Ете, Христос нашиот Бог и Спасител, преку Неговата Света жртва, на секоја Божествена Литургија, ни Го дава Свето Пресвето Тело и Негова Света Крв, за прошка на нашите гревви. Па така, ако ние со вера пристапуваме кон Причесната т.е. Телото и Крвта Христови, ако им простиме на сите што ни згрешиле и ако побараме прошка од оние кои нам ни згрешиле, тогаш, можеме да пристапиме да се причестиме, не како достојни, туку како недостојни, како што се молиме во молитвите пред Причесната, а исто така и како што вели Светиот апостол Павле дека е привиот меѓу грешните. Ако Свети апостол Павле, кој е привиот меѓу апостолите со Свети апостол Петар, вели дека е најгрешниот човек, тогаш каде сме ние?
Што значат Христовите зборови: „Кој сака да врви по Мене, нека го земе Kрстот свој и нека врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34)? Овие зборови значат дека како што Христос стралдал, и ние да дозволиме доброволно да страдаме во животот, а не да роптаме за нашите срадања, туку истите да ги прифатиме како начин на живот, бидејќи ако Христос за нас пострадал добороволно, тогаш ние барем да покажеме љубов кон Него дека сме Негови последователи.
Овој Велогденски пост, е пост на покајане, па токму затоа, секој треба да размисли за гревовите што ги направил и да побара прошка. Исто така, покајанието значи, ние да се откажеме од нашиот грешен живот и да ветиме дека повеќе нема да грешеиме, односно ако сме лажеле, во иднина само вистината да ја зборвуваме, зашто кажано е дека татко на лагата е ѓаволот, а сите што лажат се негови чеда.
Затоа, браќа и сестри, нема оправдување за никого што лаже, кој и да е, почнувајќи од мене. Ако јас почнам да лажам, кажете: дедо владика лажеш, a ако не се поправам, не треба повеќе да бидам владика. Тоа важи за секого, почнувајќи од мене, па натаму.
Токму затоа, во една наша поговорка се вели: „Кој лаже, тој краде“. И навистина, тие што лажат, мора да крадат, оти за да се украде, мора да се излаже. Не можеш да украдеш човек, ако претходно не го излажеш. Само Господа не можеме да Го излажеме. Можеме да се лажеме себеси и другите луѓе, но Бога не можеме да Го излажеме.
Затоа, браќа и сестри, да се ослободиме од лагите, кражбите, злобата, клеветењето на луѓето и од сите грешни постапки и дела.
Па така, браќа и сестри, кога се вели дека треба да одиме по Христа, земајќи го нашиот Крст, т.е. страдањата, болките и потешкотиите, се мисли дека треба да одиме онака, како што Христос одел т.е да имаме ум Христов, како што вели во Светото Писмо. Само на таков начин ќе Го следиме Христа и ќе одиме по Него. Поинаку ние не можеме да одиме по Христа нашиот Бог и Спасител.
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар