На 11.03.2022 г., кога го празнуваме споменот на Светиот Порфириј, епископ Гаски и споменот на Светиот маченик Јован Калфа, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски, ерејот Игор Ризановски, ѓаконите Ѓорѓи Делев и Златко Гјоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, во средата од оваа седмица говоревме за првиот дел од молитвата на Свети Ефрем Сирин, која се кажува кога ги правиме метаниите во храмот, а која во себе има длабока содржина.
Денес ќе поговориме за втората кратка молитва, а ако има време, секако и за третиот дел од молитва.
Вториот дел од молитвата на Светиот Ефрем Сирин, кога ги правиме големите поклони гласи: „Дај ни Господи дух на целомудреност, смирение, трпение и љубов“.
Што значи тоа целомудреност, браќа и сестри?
Целомудреност значи, ние целосно мудро да мислиме за нашиот живот, а тоа значи да живееме чесно и достојно, да живееме девствен живот, живот кој ни го препорачува нашата Света Православна Црква.
Целомудрениот или девствен живот, се состои во тоа, ние да не правиме ништо што е штетно за нашата душа, односно да не се огрешуваме со мислите за неморални и нечесни работи, да не се огрешуваме со помислите, чувствата, желбите, похотите и страстите, зашто ние практично сме изложени постојано на големи и страшни искушенија.
Нашите искушенија, доаѓаат од нашето комуницирање со луѓето, од нашите разговори со луѓето, од нашето однесување со нив, било тоа да е дома или на работа. Кога сме на работа не треба да се загледуваме во лицата на другите и на тој начин да бидеме предизвикани на соблазна или пак ние со нашето однесување да го свртуваме вниманието на другите, зашто така практично се прават гревовите, прво со погледи, а потоа со разни движења на лицето, на очите, со намигнувања и.т.н.
Гревовите, исто така се прават, кога ние разговараме и слушаме секакви нечесни и недостојни работи, кога слушаме непристојни шеги или кога некои кажуваат недолични работи и зборови, кои можат да го поттикнат човекот на лоши постапки и лоши дела. Па така, целомудрието се однесува токму на тоа, да внимаваме како се однесуваме и да внимаваме во тоа, како ние да постапуваме во однесувањето на другите. Кога ќе видиме некои непристојни работи, да ги наведнуваме главите, па ако е потребно дури и да замижуваме, кога пред нас ќе видиме нешто што не е чесно и достојно, да не одиме на забави во кои има непристојни работи, туку да ги проверуваме однапред, а тоа се однесува и кога одиме на кино, театар или било каде, ако е пристојна таа претстава да се оди, а ако е непристојна да не се оди и.т.н.
Ние сме изложени, браќа и сестри, и дома на тие искушенија. Најголемиот наш предизвикувач и соблазнувач дома – е телевизорот. Ќе го пуштиме телевизорот и на него можеме да видиме и слушнеме секакви глупости, па дури и во време кога децата сеуште се дома. Во таа смисла треба да се внимава, што и каква програма на телевизијата ќе пуштиме и што ќе гледаме. Треба да се гледа, само она што е корисно, поучно и спасоносно. Честопати дури и во самите вести ќе видиме многу соблазнителни работи, што можат нашиот ум, чувства и желби, да ги предизвикаат на похоти, страсти и грешни дела.
Кога зборуваме, браќа и сестри, за смирението, практично се однесува на тоа дека ние се покажуваме дека сме смирени т.е. не сме раздразливи. За смирение нам образец или пример ни е Самиот наш Спасител, Господ Исус Христос, Кој толку многу се смирил Себеси, иако е совршен Бог, (Синот Божји) излегол од прегратките на Отецот, слегол на земјата, се воплотил од Пресвета Богородица, станал човек заради нас и заради нашето спасение и за време на Неговиот живот на земјата покажал совршено смирение. Спасителот доброволно страдал за нас, бил биен по плеќите, бил шамаран, плукан, трнов венец му ставиле на главата, неправедно Го осудиле на смрт, Му го дале Крстот да го носи на Голгота и го распнале на Крстот, но Спасителот Господ Исус Христос ниту еден збор не прозборел против Неговите непријатели и мачители, освен зборовите што ги говорел од Крстот, а тоа биле зборовите кога се молел за оние што го распнувале: „Прости им Отче, зашто не знаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).
Еве ни совршен пример на смирение од нашиот Спасител Господа Исуса Христа, а да не говориме и за многу други прекрасни примери од Светото Писмо, од Светото Евангелие, како што е примерот од парабола, што ја кажал Господ за митникот (цариникот) и фарисеот, кога оној фарисеот, застанал напред во храмот за да го видат сите, како тој се моли и велел дека тој не е како другите, односно дека тој е човек што ги исполнува законите Божји, човек што пости во среда и петок, што дава десеток од својот имот, па дури и велел дека не е како оној цариник, кој стоел паднат на колена во храмот, биејќи се во градите и барајќи прошка од Господа за своите гревови. Господ вели, укажувајќи на митникот, дека тој си отиде оправдан дома, за разлика од фарисејот, кој заради гордоста не ја спасил својата душа, туку ја изгубил.
Во врска со смирението, треба да знаеме дека смирението се покажува и во тоа кога нам некој ќе ни направи нешто што е недолично, а ние ако на тоа веднаш не реагираме, значи дека не сме смирени. Ако некој не навреди, а ние веднаш му возвратиме со навреда, ние покажуваме дека не сме смирени. Ако некој нам ни направи некое злодело, а ние сакаме да му се одмаздиме, значи ние не сме смирени. Тоа е нашата должност, сè штетно што ќе ни прават луѓето, ние тоа да го поднесуваме со смирение и трпение.
Па ете, исто така во оваа молитва се говореше и за трпението. Нема поголемо трпение од она што го кажавме за Господа Исуса Христа, Кој трпеливо ги поднесувал страдањата и маките. А зар нема многумина меѓу нас кои трпеливо ги поднесуваат сите искушенија во својот живот што ги имаат.
Еве, ќе спомнеме и за оние кои од Господа барале и проселе, Господ да им ги исполни сите желби. Во Стариот Завет имало луѓе кои постојано му се молеле на Бога за да им даде чеда, зашто кај евреите, ако некој нема чеда, тоа го сметале за знак дека тој човек е многу грешен, па поради тоа Господ не му дава чеда. Но тоа не било секогаш така и со сите луѓе, туку многумина од нив немале чеда, само за да се покаже нивното трпение и нивната усрдна и постојана молитва кон Бога.
Па така, да си спомнеме како со трпение и со постојана молитва се молеле Свети Захариј и Света Елисавета, за Господ да им го даде Претечата на Господа наш Исуса Христа, Светиот Јован Крстител.
Да си спомнеме како Света Ана која немала деца, се молела Господа да и даде чедо, а Господ и го дала пророкот Самуил
Да си спомнеме како и родителите на Пресвета Богородица, Свети Јоаким и Ана се молеле, па во нивната старост, кога веќе престануваат телесните можности да се раѓаат деца, поради нивното трпение во молитвите, Господ им дал чедо, Мајката наша Пресвета Богородица.
Ете, браќа и сестри, во оваа молитва токму тоа и се споменува и на крајот се вели: „дај ни Господи и љубов“.
Што значи Господ да ни даде да имаме љубов? Да имаме љубов, значи да го сакаме Господа, како што Господ одговорил на прашањето на еден млад човек, законик, кој рекол: „Што да направам за да имам живот вечен?“ (сп. Мат. 19,16), а Господ му рекол: „Возљуби го Господа својот Бог, со сето свое срце, со сиот свој ум, со сета своја душа и мисла, и ближниот свој како себеси“(сп. Мат. 22, 37-39). Ете, таква треба да биде нашата љубов, браќа и сестри.
Што значи да го љубиме Бога? Тоа значи постојано да мислиме на Бога, постојано да му се молиме на Бога да му благодариме на Бога за се што ни дал, а Му благодариме, и со чувствата, и со срцата, и со душите, и со мислите, и со животот, и со однесувањето, односно да се однесуваме кон Бога како негови чеда.
И така, кога зборуваме, пак, за љубовта кон ближниот, тоа значи дека треба да ги сакаме луѓето, односно треба да ги сакаме сите луѓе. Особено се вели дека треба да покажуваме љубов, не само кон пријателите, блиските, роднините и кон оние што ни се допаѓаат, туку и кон непријателите.
Ете, слушнавме како Спасителот наш Господ Исус Христос се молел од Крстот за непријателите, со зборовите: „Прости им Отче, зашто незнаат што прават“(сп. Лука 23, 34). Оној што не може да ги сака и непријателите, тој не може да се нарече христијанин, зашто нашата Христијанска Православна Вера, нè учи да ги сакаме сите, односно да не ги мразиме луѓето, туку да го мразиме гревот, прво во себе, а потоа во луѓето. Голема е разликата да се мрази гревот во нас и во луѓето, од тоа да ги мразиме луѓето. Тоа е исто како лекарот , кој не ги мрази болните пациенти, туку ги сака, ама ја мрази болеста што е во нив. Тој честопати се изложува на опасност од некои заразни болести и самиот да се зарази и да умре, покажувајќи љубов кон тие луѓе, за да ги излекува од болеста од која што тие страдаат.
Токму таков треба да биде нашиот однос кон луѓето, кои што страдаат, кои што се во неволји, кои што се во маки и.т.н. Ние, браќа и сестри, оние што се многу нечесни и недостојни, не треба да ги мразиме, туку за нив треба да се молиме и да ги опоменуваме, поучуваме, советуваме и да ги одвраќаме од грешниот и нечесен живот, зашто е кажано, ако некој, некој грешник го врати од грешниот пат, на правиот вистински пат, тој ќе си ја спаси својата душа.
Таков треба да биде нашиот однос, нашиот живот и нашите постапки, кон луѓето.
Уште збор дава, за последната молитва, која гласи: „Еј Господи, дај ми да ги гледам моите гревови и да не го осудувам мојот брат“. Што значи тоа да ги гледаме своите гревови, браќа и сестри? Факт е дека ние најмалку ги гледаме своите гревови! Ние најмалку се занимаваме со самите себеси, најмалку мислиме на спасението на нашите души и тела, бидејќи нашите очи, мисли и чувства, ни се упатени кон ближниот и него го осудуваме. Кажуваме каков е, односно дека е недостоен, нечесен, неубав, и незнам што ли не ќе измислиме за другите, а никако да погледнеме на себе, како што вели Спасителот Господ Исус Христос „ја гледаш раската во окото на својот брат, а не ја гледаш гредата во своето око“ (сп. Лука 6, 41).
Така, ние гледаме сè што е нечесно и недостојно кај другите и истото честопати го зголемуваме и преувеличуваме, но никако да погледнеме во нас, во нашите души, во нашите срца, во нашите чувстава, и да се покаеме за нашите гревови.
Браќа и сестри, ние не треба да ги осудуваме другите и не треба да се занимаваме со другите, туку треба да размислуваме и да се грижиме за нашето спасение. Ние треба пред сè од детството, од најраната наша младост, од нашите први сознанија па сè до последниот ден од нашиот живот, да размислуваме за нашите гревови што сме ги направиле и да ги анализираме за тоа, во кои околнсти сме ги направиле и пред нашиот духовник, свештеникот да ги кажеме, односно пред Бога ги кажуваме, а тој (духовникот), е само сведок за тоа што ќе го кажеме. Откако ќе ги исповедаме гревовите и откако духовникот ќе ни даде совет и поука, ние треба да направиме добри дела спротивни на гревовите, и дури тогаш ќе можеме да мислиме дека сме тргнале по правиот и вистински пат, за спасението на нашите души и тела. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар