На 09.03.2022 г., кога го празнуваме споменот на наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски, ерејот Игор Ризановски, ѓаконите Ѓорѓи Делев и Златко Гјоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на леност, дух на властољубие, дух на празнословие и дух на безволност“.
Браќа и сестри, денеска ја отслуживме првата Света Божествена Литургија на порано или претходно осветените Дарови. Оваа богослужба всушност е вечерна богослужба, а Божествената Литургија ја отслуживме во неделата на Прочка и тука на овој Свет Престол се осветени Даровите, кои вие денес, што сте се подготвиле за Причесна, ќе ги примите.
Нашата Света Православна Црква востановила пост, не само телесен туку и духовен, но и литургиски. Литургискиот пост значи, дека во Црквата православна, во Велигденскиот пост, не се дозволува да се служат Божествени Литургии, освен во саботите и неделите. Но заради љубовта што ја имаат верните чеда кон Христа нашиот Бог и Спасител, кон Неговото Свето Тело и Неговата Света Крв, ете, Црквата не сака да ги лиши верните, во текот на оваа седмица, па и во останатите да останат без да ги примат Телото и Крвта Христови, а особено оние кои се немоќни и децата, токму затоа е востановена Литургијата на претходно осветените Дарови или вечерната на која вие, а и ние кои богослужиме се причестуваме. Тоа е големината на Светата Црква.
Кога ние ја служиме оваа Литургија, нам должноста ни наложува да размислиме што всушност се случува со нас кога е во прашање Велигденскиот пост, кога е во прашање Првата седмица од постот. Како што слушнавме во првиот стих во молитвата на Свети Ефрем Сирин (Сириски), ние го молиме Господа, Кој е Господ и Владика на нашиот живот, да не ни дава нам дух на мрзливос, дух на безволност, дух на властољубие и празнословие.
Што значи тоа да не ни дава дух на мрзеливост или леност? Ние стануваме лениви, браќа и сестри, а леноста или мрзеливоста, е еден од големите смртни гревови. Ако човек, поради мрзеливост, не сака да работи, било да е тоа физичката, умствената или духовната работа, ќе биде осуден од Бога. Мрзеливоста како голем или смртен грев, е неопростив, доколку ние не се поправиме и не побараме прошка од Бога за нашата мрзеливост и не го помолиме Бога да ни даде да бидеме секогаш подготвени да работиме, и телесно, и духовно, односно да се молиме.
Спасителот наш Господ Исус Христос, токму затоа нас луѓето како суштества Божји, нè обдарил и со ум и со духовни и телесни сили, со цел да ги користиме за наше спасение и добро, па затоа Светиот апостол Павле ќе рече: „Оној кој не работи не треба и да јаде“ (сп. 2. Сол. 3, 10). Токму така и ние треба да постапуваме, односно со труд и мака, да го заработуваме лебот како што Господ му рекол на Адама по направениот првороден грев, јадејќи од забранетата храна дека со „пот ќе го заработува лебот свој, а земјата ќе му дава трње и коров“ (сп. 1. Мој. 3, 17), односно дека треба со голем труд да го заработуваме лебот што го јадеме.
Затоа мрзеливоста треба да ја оставиме и телесно, умствено и духовно да се трудиме да работиме за да го спечалиме она што е потребно за наш опстој, телесен и духовен.
Во таа смисла кога зборуваме за духовниот пост, треба да знаеме дека духовниот пост е постојана молитва, браќа и сестри. Во Велигденскиот пост, постојано треба да се зголемуваат нашите молби, молитви и подвизи, како што вели Светиот апостол Павле „молете се постојано!“ (сп. 1. Сол. 5, 17).
Токму затоа, Црквата и наложила во оваа недела да имаме многу поклони и тоа претежно големи поклони, а тоа значи малку повеќе да го измориме телото, бидејќи кога телото ќе ослабне, тогаш духот има предност врз телото, односно тогаш духот уште повеќе јакнее. Колку е послабо телото, толку посилен станува духот, зашто тогаш размислуваме за духовните работи. Кога ослабнува телото, тогаш зајакнува нашиот дух.
Браќа и сестри, исто така ние треба, во текот на овој Велигденски пост, да се молиме Господ да не ни дава дух на безволност, во смисла кога ние ја губиме желбата и волјата за работа, молитва, подвизи и правење на добри дела. Токму затоа во оваа молитва се укажува на ова дека кај нас волјата треба да се подигне на многу повисоко ниво, за да се молиме постојано, да мислиме на Бога, да размислуваме за нашите гревови и да бараме прошка од, браќата и сестрите, за сè што сме згрешиле, но и ним сè да им простиме.
Исто така се молиме, Господ да не ни дава дух на властољубие, бидејќи ние сме подготвени под влијание на сатаната, постојано да покажуваме дека ние сме некои и нешто и дека имаме власт над многу нешта, и над многумина.
Родителите, забораваат дека децата што Господ им ги дал, како соработници Божји, дека треба да ги воспитуваат во духот на нашата Света Православна Вера и дека не треба да ги дразнат. Многумина од родителите кон децата се однесуваат како тие да се нивни робови, а не свои чеда, кои треба да ги сакаат. Сакањето не се однесува само во тоа, да им се дозволува на децата да им се даде сè што ќе посакаат, туку правилно да се воспитуваат во нашата Света Православна Вера.
Не случајно во Стариот Завет е кажано: „оној татко што го сака својот син, тој го тепа и не го жали стапот“. Тука стапот за тепање, не се однесува на материјалното дрво, зашто има и друг уште потежок и поопасен стап за децата, а тоа се советите, што треба родителите да им ги дадат на децата, за тоа како не треба да живеат, односно кои се лошите постапки, мисли, помисли, чувства, похоти, страсти и дела.
Ако така родителите од мали ги воспитуваат децата и ги учат како треба тие да се однесуваат и да ги тепаат со зборови, а не со физички стап, тогаш тие нема да зажалат кога ќе остарат, зашто ако децата се правилно воспитани, ќе знаат достојно да се однесуваат кон своите родители и нема на крајот од нивниот живот да ги остават по старските домови или да ги напуштат и да заминат далеку од татковината, а родителите кои целиот свој живот се грижеле за нив, да останат осамени и за нив да не се погрижат нивните деца. Ние не треба да ги осудуваме децата за постапките кон родителите, доколку родителите не постапиле правилно или правилно не ги воспитале своите деца, особено денес, кога децата се изложени на големи опасности.
Со кои опасности се соочуваат денеска децата? Денес децата гледаат од телевизиите, слушаат од радијата или читаат на социјалните режи, на фејзбуците и.т.н., сè и сешто, односно секакви глупости, неморал и нечесни работи. Токму затоа нагласувам, да ги учите децата што помалку да се занимаваат со тие таканаречени социјални мрежи, каде што можат да научат секакви лоши и грешни работи. Децата треба да се трудат да го научат и прават она што е корисно за душата, срцето и телото, а не она што е грешно и опасно.
Па така, родителите да не ги дразнат своите деца, тука да се трудат да ги упатуваат на правиот и вистинскиот пат.
Исто така се молиме Господ да не ни дава нам дух на празнословие. Што значи тоа да имаме дух на празнословие. Празнословие е кога ние зборуваме сенешто, односно празни зборови, секакви глупости и шеги, сè она што не е корисно да го слушнеме или од нашата уста да излезе, па да го слушнат другите. Тоа е страшно и опасно, браќа и сестри, зашто од Господа наш Исуса Христа е кажано дека секој човек за секој кажан збор ќе треба да даде одговор на Страшниот Христов Суд, а ние најмалку мислиме што ќе зборуваме.
Честопати јазикот ни оди пред умот, пред да размислиме што ќе кажеме и кави пследици од тоа што ќе го кажеме ќе има, па затоа постојано зборуваме непромислено. Оттаму доаѓаат навредите, и од жените, и од мажите, зашто не размислуваат пред да го кажат зборот, колку со него можат да навредат и убијат, зашто преку зборот можат да се направат многу зла дела. Не случајно нашиот народ кажал во поговорката „јазикот коски нема, но коски крши“.
Опасно е, браќа и сестри, да се зборува и празнослови, односно да се изнесуваат лажни зборови, клевети, суета, омрази, подмолност, злоба и сè што е недолично и штетно за спасението на човекот.
Па ете, токму во тој дух сакаме да укажеме дека треба најсериозно да размислиме во текот на овој пост, посебно во оваа прва седмица од постот, кога ни се наложуваат голем број на подвизи, големи поклони и читање на текстови од Светото Писмо, а во овој Велигденски пост, е кажано дека треба да се прочита целото Свето Писмо (Библијата), и Стариот, и Новиот Завет.
Затоа треба да го собереме нашиот расеан ум и да не го минуваме времето во текот на Велигденскиот пост во бесполезни работи и некорисни грижи, туку да го минуваме во пост, молитва и подвизи, зашто Господ рекол: „Немојте да се грижите за душата – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Погледнете ги птиците небесни, ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, но сепак Господ ги храни“ (сп. Мат. 6, 25-26).
Ако Господ за нив се грижи, кои нам ни се дадени во служба, тогаш колку повеќе ќе се грижи за нас маловерните и недостојните. Амин! Нека е честит и благословен постот, браќа и сестри.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар