На 20.02.2021 г., во Втората подготвителна недела за Великиот пост, Неделата на блудниот син, кога го празнуваме споменот на Свети Партениј, епископ Лампсакиски, Преподобниот Лука Еладски, Преподобната Мастридија и споменот на илјада и тројцата маченици во Никомидија, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Боримечка.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во чин протоереј да го ракопроизведе ерејот Николче Неделковски.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Дверите (вратите) на покајанието отвори ми ги Животодавче!“
Нашата Света Црква, браќа и сестри, Евангелијата во неделите пред Велигденскиот пост, ги определила за да нè потсетат и подготват со мислите и чувствата, навреме да почнеме да размислуваме за постот, кој што ни претстои, кој не е нашата цел, туку е средството за дочекувањето на најголемиот празник Христовото Воскресение.
Во оваа недела, именувана недела на блудниот син, нашата Света Црква, ни ја предлага евангелската парабола за блудниот син.
Имено, се вели дека еден човек имал два сина, еден постар и еден помал. Помалиот син, пристапил кон татка си и му рекол: „Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!“ (сп. Лука 15, 12) и таткото му го дал. Понатаму во параболата се вели дека помладиот син отишол во далечна земја, каде го упропастил сиот имот што го зел од својот татко, живеејќи блудно, нечесно и недостојно, со блудници, пијаници и со нечесни луѓе. И ете, понатаму се вели дека, откако го упропастил имотот, го напуштиле пријателите и немал никого, така што дошол до тој степен да не може ни да се прехрани, па затоа отишол кај некој човек, да чува и пасе свињи. Гладот, браќа и сестри, овој блуден син, не можел да го утоли со ништо, па се вели дека бил страден дури и корењето и желадите што ги јаделе свињите да ги јаде, но и тоа не му било дозволено во доволна мера, па затоа се вели дека тогаш дошол при себеси и си рекол: „Во домот на мојот татко и наемниците имаат храна во изобилство и сè што е потребно, а јас умирам од глед, ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“ (сп. Лука 15, 17-19). Понатаму се вели дека, кога се приближил кон татковиот дом, татко негов го виде оддалеку и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива, а синот му рече: „Татко, не сум достоен да се наречам твој син, туку прими ме како еден од твоите наемници“ (сп. Лука 15, 19). Тогаш, таткото им наредил на слугите велејќи им: „Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде“ (сп. Лука 15, 22-24). И тогаш, во параболата се вели дека отпочнала веселбата, а постариот син, кој се враќал од полето, кога ја слушнал веселблата, прашал што се случува, а слугите му рекле: „Твојот брат се врати, а татко ти, кога виде дека е здрав, нареди да се заколи угоеното теле“ (сп. Лука 15, 27). Тогаш постариот син се налутил и му рекол на татка си: „Татко, еве јас ти служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти твојот имот со блудници, за него ти закла угоено теле“ (сп. Лука 15, 29-30), а таткото му рече: „Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде“ (сп. Лука 15, 32).
Оваа прекрасна парабола, браќа и сестри, е Евангелие во Евангелието, бидејќи е најубавата изречена парабола за синот, кој го напуштил татковиот дом. И ете, оваа парабола има свое преносно значење или објаснување, па затоа ќе се потрудиме да го објасниме она што беше кажано во параболата.
Имено, човекот што имал два сина е Отецот Небесен. Синовите т.е. постариот син, според потесното мислење, ги претставува ангелите Божји, кои се создадени од Бога, а помалиот син, се грешните луѓе, односно оние што не живеат во согласност со учењето на Светата Црква. Тука во таа смисла, покрај потесното значење, има и пошироко значење, според кое постариот син го претставува избраниот Еврејски народ, кој бил свет и од Бога избран, кој во последно време формално ги извршувал Божјите заповеди, а помалиот син, се народите во времето на Авраама, кои не верувале во вистинскиот Бог, а и сите незнабожечки народи до доаѓањето во Тело на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Во врска со она што беше кажано дека постариот син му позавидел на помалиот, се однесува на луѓето, кои се сметаат за праведни и ги обвинуваат оние кои се грешни, сметајќи дека ако не бидат казнети, нема да бидат во заедница со Бога. Од тука е и погрешното учење на Римокатолиците, кои сметаат дека луѓето што згрешиле, треба преку казни да се ослободат од гревовите. Ова учење, според учењето на Православната Црква е погрешно, зашто за сите гревови, за сета грешност на човечкиот род, Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, слегол од небесата и поживеал со луѓето, доброволно пострадал на Крст, на кој ја пролеал Својата Света Крв, со која нè избави од гревот и смртта. Па според тоа, оние што згрешиле и вистински се каат за своите гревови т.е. го променуваат својот начин на живот, од грешен кон свет, за нив не треба казна. Епитимиите што во Црквата се определени, не се казна, туку поправна мерка, со цел човекот, кој претходно грешел, да се откаже од гревовите што ги направил и да почне да живее свет и непорочен живот.
Она место од параболата, каде се вели дека помалиот син го зел имотот и отишол во далечна земја, Свети Јован Златоуст го толкува и вели дека под далечна земја, не се подразбира некоја далечина, каде што Господ не е присутен, зашто Господ е секадеприсутен, туку се мисли на оддалеченоста од Бога. Ние се оддалечуваме од Бога, тогаш кога грешиме, кога правиме гревови, зашто ништо заедничко нема светлината со темнината.
Бог со велијар т.е. со сатаната, со ѓаволот, нема ништо заедничко. Кога ние правивме гревови, тогаш сме со сатаната и се оддалечуваме со Бога, односно одиме во таа таканаречена далечна земја, во која овој блуден син отишол да живее грешно, спротивно на Божјата волја, спротивно на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци на нашата Света Православна Црква.
Па токму, кога човек ќе се оддалечи од Бога, тој, пак, копнее кон Бога. Затоа е кажано: „Икона сум на Твојата неискажлива слава Господи, иако ги носам раните на моите гревови“. Токму во таа смисла, е кажано дека човекот и по првородниот грев, кој ние го наследуваме, од Бога има дадена можност да го разликува доброто од лошото, и со Божја помош да почне да живее чесно и достојно. Ете, токму тоа се случило и со блудниот син, кој откако потрошил сè што имал т.е. имотот што Господ му го дал, а имотот што Господ му го дал е умот, првдата, здравјето и сите добрини. Ете, сето тоа блудниот син го упропастил.
Човекот што него го најмил во полето, е сатаната, а свињите што ринкале и јаделе корења и желади, се демоните (ѓаволите). Јадењето на желадите и корењата, кои свињите ги ринкале, се всушност погрешните учења за Бога и разните религии, кои немаат никаква врска со вистината, зашто единствената вистина е Христос нашиот Бог и Спасител и нашата Света Православна Вера и Црква, која не ја измислил ниту човек, ниту ангел, туку Самиот Син Божји, Кој слегол од небесата, за да ни ја проповеда вистината за Бога.
Господ не дошол во светот заради праведниците, туку заради грешниците. Господ ги сака праведниците, ама ги милува грешниците, па затоа на грешните луѓе им пушта, страдања, маки, неволји и искушенија, за да се отрезнат и освестат, како овој блуден син, кој се отрезнил и си рекол: „Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад “ (сп. Лука 15, 17). Така е со секој грешен човек, кој после страдањата, маките и искушенијата, ако се отрезни и ако разбере дека греши и сака да се поправи, треба да тргне по правиот пат. И така, кога ние ќе дојдеме во состојба да размислиме дека сме грешни и да побараме да се вратиме во татковиот дом, односно да бидеме во заедница со Бога, тогаш ние пристапуваме кон Бога, како што пристапил овој блуден син.
Светлата, убава и чиста облека, која таткото им наредил на слугите да ја донесат, е благодатта Божја, која ние грешните ја губиме кога правиме гревови, а кога ќе се покаеме и вратиме на правиот и вистински пат, кој е во согласност со Светото Писмо и Светото Евангелие, тогаш, повторно ја добиваме. Светиот пророк Давид, во покајниот педесетти псалм, вели: „Светиот Дух Твој не одземај Го од мене“ (сп. Псал. 50, 11), а тоа е благодатта Божја, која може да ни биде одземена заради нашите гревови. Ставањето на прстенот на раката на блудниот син, го означува печатот на Светиот Дух или повторно влегување во заедница со Бога или венчавање со Бога, како кога младите се венчаваат и даваат завет дека еден на друг ќе бидат верни до крајот на животот, така и ние, откако повторно ќе се вратиме при Бога, треба да дадеме ветување дека ќе живееме достојно и никогаш повеќе нема да Го изневериме Бога.
Обувките што му ги дале на блудниот син, го означуваат достоинството дека е син на богат човек, па така и ние кога ќе се вратиме во заедницата со Бога, го добиваме достоинството или повторното посинување од страна на Бога.
Како што кажавме, постариот син, според толкувањата на Светите Отци, ги означува Ангелите, кои не се нажалени, туку напротив се радуваат и веселат, бидејќи при Бога се вратил еден грешник.
А што се однесува, пак, до другото толкување за избраниот Еврејски народ и за оние што себеси се сметаат за праведници, како фарисеите, се луѓето кои формално ги извршуваат Божјите заповеди и не го прават она што Му е угодно на Бога.
Сите ние, браќа и сестри, треба да се видиме во блудниот син, зашто нема човек на земјата, кој не згрешил. Секој наш грев, нè прави да бидеме блудни синови или ќерки. Секој од нас треба да си спомне за блудниот син, во смисла дека сме го напуштиле Божјиот дом, со нашиот грев и сме се оддалечиле од Бога, и дека повторно треба да се вратиме во заедница со Бога.
Па така, оваа прекрасна парабола, која како што кажавме, е Евангелие во Евангелието, ни укажува токму на тоа дека ние треба да знаеме дека Велигденскиот пост, што ни претстои, è поттик за размисла, но и за наше вистинско спознавање, кои сме и што сме т.е. дали сме грешни или праведни.
Ниту еден човек, браќа и сестри, не е без грев, па дури и Мајката Божја. Пресвета Богородица, го носела првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева, од кого била очистена, кога и била соопштена радосната вест за раѓањето на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, ама свои лични гревови не направила.
Од сите луѓе, кои живееле на земјата, нема човек, кој не направил свој личен грев. Затоа, сите на некој начин се препознаваме во блудниот син и можеме да се ослободиме од гревот и смртта, ако постапиме онака како што постапил блудниот син, раскајувајќи се и плачејќи за своите гревови.
Велигденски пост, за кој се подготвуваме, во овие подготвителни недели, треба да го постиме и духовно, како што ќе пееме во песните од Канонот на Свети Андреј Критски, а и телесно. Духовното постење пред сè значи, да си поставиме стражарот на нашиот ум, за во него да не влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии, а исто така и во срцето да не дозволиме да имаме грешни желби, похоти, страсти, грешни чувства и дела. Ако од сето ова се ослободиме, во текот на Велигденскиот пост, тогаш ќе можеме радосно да го дочекаме Празникот над празниците, Христовото Воскресение – Велигден. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар