Дваесет и петта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 12.12.2021 г., во Дваесет и петтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Парамон и другите триста и седумдесетмина со негоСветиот маченик Дионисиј, епископ Коринтски, Светиот маченик АполонијСвети Тиридат цар ерменски и Преподобниот Акакиј Синајски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Оди и ти прави така“ (сп. Лука 10, 37).

Кога кон Господа Исуса Христа, браќа и сестри, пристапил еден законик и Му се обратил со зборовите: „Што треба да направам за да имам живот вечен“ (сп. Лука 10, 25), Господ го прашал: „Како читаш во законот“ (сп. Лука 10, 26), а тој Му договорил: „Возљуби Го Господа Својот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, се сета своја сила, со сите свои помисли, и ближниот свој како себе си“ (сп. Лука 10, 27). Добро кажа, му одговорил Господ, а потоа овој законик, со задна мисла и намера да Го искуша Господа Исуса Христа, пристапил кон Него, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, со цел за да каже нешто погрешно, за потоа да може да Го обвини пред книжниците и фарисеите, пак  Го прашал Господа: „А кој е мој ближен?“ (сп. Лука 10, 29).

На овие негови зборови, Господ Исус Христос ја кажал параболата за милостивиот самарјанин, велејќи: „Еден човек слегуваше од Ерусалим за Ерихон“ (сп. Лука 10, 30). Веднаш, браќа и сестри, ќе го објасниме значењето на овие зборови. Зборовите: „Слегуваше од Ерусалим за Ерихон“, во преносна смисла значат од рајот или од Едемот, каде што бил населен нашиот прататко Адам, заедно со нашата прамајка Ева, кои биле создадени за живот вечен, а не за смрт и умирање, но поради непослушноста и прекршувањето на единствената Божја Заповед да не јадат од забранетиот плод, умреле.

Градот Ерихон, го претставува светот, во кој што отишле нашите прародители Адам и Ева, откако згрешиле и биле истерани од Рајот (Ерусалим). Тој свет, е всушност овој свет во кој што ние се наоѓаме и живееме.

Понатаму се вели дека по патот од Ерусалим до Ерихон, а станува збор за пат од околу осумнаесет километри, кој бил целиот со дупки и камења, и не бил добро истрасиран, каде често разбојниците на патниците им нанесувале големи злостораства т.е. ги пљачкале, тепале, соблекувале, и ги оставале полу мртви, како овој човек, кому не му се знае ни името, па ниту од која народност или вера бил, кој го претставува човекот, создаден од Бога.

Ете, овој човек бил пресретнат од разбојници, кои го претепале, опљачкале и гол го соблекле, оставајќи го полумртов. Во оваа парабола се вели дека по тој пат поминал некој еврејски свештеник, а во конкретниот случај, свештеникот го претставува Старозаветниот Закон, кој не бил совршен, па затоа се вели дека свештеникот не направил саможртвена милост, туку го погледнал овој човек, кој бил ранет и оставен од разбојниците, и си заминал, велејќи си: „Ако останам и почнам да се занимавам со овој болен, можеби и мене ќе ме нападнат разбојници, затоа ајде што побргу да си заминам од тука“. После него, браќа и сестри, поминал некој левит, а левитите, се оние кои служеле во Црквата од племето на Левиј, кој бил еден од синовите на Јакова.

Левитите постојано прислужувале во храмот, но сега оној, кој што служел во храмот и бил постојано во служба на Бога, заборавил на својата служба, плашејќи се најверојатно и тој да не биде нападнат од разбојниците, па затоа си заминал.

После него, по патот поминал некој Самарјанин. Кој биле Самарјаните? Самарјаните биле народ, кој бил отфрлен, презрен и понижен од Јудеите. Самарија се наоѓала некаде помеѓу Јудеја и Галилеја. Во Јудеја, главен град бил Ерусалим, а во Галилеја со Генисаретсото езеро, главен град бил Капернаум.

Ете, овој народ, затоа што се одрекол од старозаветниот Закон, и не живеел достојно, бил презрен од Јудеите, кои не сакале да имаат ништо заедничко со Самарјаните. Честопати кога Јудеите патувале од Јудеја за Галилеја или од Галилеја за Јудеа, обично ја заобиколувале Самарија, не сакајќи да општат со Самарјанскиот народ, кој бил презрен и понижен.

Но, ете, токму од тој народ бил овој Самарјанин, кој сега оди од Ерусалим за Ерихон т.е. од рајот, во овој свет.

Кој е тој, браќа и сестри, кој што тргнал од рајот кон овој свет, ако не Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Кој заради тоа што нашиот прататко Адам и нашата прамајка Ева, кои биле протерани од рајот, еве сега од небесниот Ерусалим, Синот Божји слегува и патува кон сето создадено човештво од Адама и Ева и го наоѓа во тоа човештво оној, кој ранет и полумртов лежел на патот. Болниот на патот, го претставува секој човек, кој се родил, почнувајќи од Адама и Ева , па до крајот на светот. Ете, за него тргнал Спасителот Христос како милостив Самарјанин, за да го најде и излекува.

Првите двајца, како што слушнавме од Светото Евангелие, воопшто не се сожалиле над оној што бил ранет и оставен полумртов, ама овој Самарјанин, кој бил презрен и понижен од Јудеите, се смилувал над овој ранет човек, слегол од своето добиче, и она што го носел со себе т.е. масло, вино и завој, за да биде заштитен од евентуални рани (нему нанесени од разбојници),  ете со нив ги измил и преврзал неговите рани, за да не добие некаква зараза или инфекција. Маслото со кое ги премачкал неговите рание, е всушност праслика на благодатта Божја. Замислете колкава љубов покажал овој Самарјанин, кој потоа овој ранет човек го качил на своето фобиче и го однел во гостилница.

Браќа и сестри, кои се оние што го нападнале овој Самарјанин? Тоа се непријателите на човечкиот род, односно сатаната со неговите ангели (демоните), кои делуваат и преку нас луѓето. Кога некој од нас ќе направи некое злодело, знајте дека истото го направил под влијание на сатаната и неговите ангели (демоните), и со тоа станал орудие на сатаната и демоните, бидејќи го прифатил нивниот предлог.

Што претставува гостилницата? Според толкувањето на Светите Отци, гостилницата е Црквата Божја, а Црквата Божја, е Телото и Крвта Христова. Црквата Божја, како жива Црква, се верниците, заедно со свештениците, ѓаконите и монасите, собрани околу својот Владика. Ете тоа е Црквата, бидејќи преку Телото и Крвта Христови, кои нам ни се даваат, како што мене, на вашиот Владика, денес ми се даде Причесната т.е. Телото и Крвта христова, како што му се даде и на свештникот, ѓаконот, а и на вас верниците, за сите преку Едниот, а тоа е Христос, да бидеме сите едно во Христа нашиот Бог и Спасител. И токму во тоа е суштината на Божествената Литургија, бидејќи кога ги примаме Телото и Крвта Христови, ние стануваме Христови. Самиот Христос, браќа и сестри, рекол дека ќе се всели во нас со Отецот и Светиот Дух, и дека Он биде наш Бог, а ние Негов народ.

Ете, тоа е суштината на Црквата, и само во Црква, преку Телото и Крвта Христови, ние се лекуваме.

А кои се гостилничарите? Гостилничарите сме ние владиците, заедно со свештениците и  ѓаконите. Ние свештенослужителите, практично сме поставени да ги лекуваме верните од секакви душевни, духовни и телесни билести, според вашата вера, зашто Господ рекол: „Нека ви биде според верата“ (сп. Мат. 9, 29).

Од денешното второ прочитано Литургиско Евангелие, слушнавме за Свети апостол Матеј, кој бил митник (цариник), кој што собирал данок за тогашните Римјани, па затоа бил презрен од народот, бидејќи сите цариници и митници биле презрени. Од Светото Евангелие слушнавме што било кажано за Христа од книжниците и фарисеите, зашто Он со нив седел, јадел и пиел, а Господ рекол дека не дошол за праведниците, туку за грешниците.

Ете, Христос не случајно кажал и други параболи,  како што е и онаа за „Добриот пастир“, во која вели дека пастирот ги оставил деведесет и деветте овци и тргнал по загубена овца т.е. по грешникот, за да ја најде, и откако ја нашол, ја зел и ја ставил на рамо како свој товар да ја носи, за да ја спаси. Да си спомнеме и на параболата за загубената драхма, во која се вели дека кога жената ја нашла загубената драхма (загубената паричка), многу се израдувала, а драхмата, е всушност човекот, кој е загубен во овој свет, за кој се радува Христос кога тој ќе се најде и спаси.

Е токму затоа и се вели дека му дал на гостилничарот две парички, а тие две парички ги претставуваат Стариот и Новиот Завет, и му рекол: „Погрижи се за него“ (сп. Лука 10, 35). Кој да се погрижи? Гостилничарите т.е. ние владиците и свештениците, сме должни да се грижиме за вас, а вие треба да слушате, оти ние не сме поставени тука да ви наредуваме и да ви се закануваме, туку да ви го покажеме патот на вашето спасение. Затоа, како што ние се молиме и грижиме за вас, така и вие треба да бидете послушни, не заради нас, туку заради Христа, оти ние тоа не го правиме во свое име, туку во името на Христа, нашиот Бог и Спасител.

Ете, токму заради тоа во оваа парабола се говори дека им дал два златника или сребрени парички на служителите, а пота им рекол: „Погрижете се за него, а јас кога ќе се вратам, ќе ти платам“ (сп. Лука 10, 35). Кога ќе се врати Христос? Христос ќе се врати, кога ќе дојде крајот на светот, кога ќе биде Страшниот Суд, на кој ќе им суди на живите и мртвите, и секому ќе даде според делата.

Каква ќе биде нашата награда на Христовиот Страшен Суд? Наградата за оние што правеле добри дела, ќе биде вечен живот во Царството Небесно, а за оние што правеле зло, ќе биде живот во огнената геена, создадена за нив и за сатаната со неговите ангели (демоните).

Ете, браќа и сестри, таков ќе биде крајот на нас луѓето, но Господ рекол дека не сака жртва, туку бара милост т.е. бара ние да бидеме добри кон сите луѓе, не само кон оние што ни се најбиски, туку кон сите. Што значи, наши ближни, не ни се само браќата и сестри, таткото и мајката, братучедите и роднините, туку и се сите луѓе, оти сите сме од Бога создадени, и на сите нам Адам и Ева ни се заеднички прародители.

Па така, сите ние сме Божји чеда и треба да покажеме љубов кон сите, а не само кон добрите, туку и кон лошите, не само кон пријателите, туку и кон непријателите, а пример за тоа ни дал Спасителот Господ Исус Христос, Кој на Крстот распнат извикал: „Прости им Отче, зашто не знаат што прават“ (сп. Лука 23, 34), молејќи се за оние што Го распнале.

Па така, ние сме должни да покажеме љубов кон сите луѓе, но таа љубов не треба да биде егоистична т.е. само затоа што некој нам ни возвратил со добро, односно покажал љубов кон нас, па и ние да му возвратиме. Не така, браќа и сестри. Христос се моли за оние што Го распнале. Христовата љубов е саможртвена, а саможртвената љубов не гледа кој е кој, туку секого го сака. Сите луѓе што имаат таква љубов, ги решиле сите проблеми. Таквите луѓе немаат никакви проблеми, оти и непријателот го сакаат, а ние имаме проблеми, оти не ги сакаме ни своите. Е тука е нашиот проблем. Проблемот на нас луѓето е во тоа што дури и блиските и најблиските по род не ги сакаме, а камо ли подалечните. Кога ќе ја стекнеме таа љубов што ја покажал Христос нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата, се воплотил, станал човек, во сè се изедначил со нас луѓето, освен во гревот, за да нè подигне од гревот и смртта, и повторно да нè приведе во Царството Небесно.

Ете, таква саможртвена љубов треба да покажеме. Затоа и Христос кога дошол во овој свет рекол: „Сега нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (сп. Јова 13, 34).

Христос го возљубил човекот, уште човекот пред да згреши, а откако згрешил, пак, љубовта Христова е постојано присутна. Христос заради нас бил распнат на Крст и претрпел смрт и распнување, за да го спаси човечкиот род.

Ете, сето тоа Христос го направи за нас грешниците. Не гледајте на грешниците како на луѓе кои се презрени, туку гледајте ги како ваши браќа и покажувајте милост. Некој ќе рече, како да покажам милост, кога имаат што да јадат и пијат. Не е точно. Има многумина, кои од срам не сакаат да кажат дека се гладни, жедни, и.т.н. Постојано околу нас има гладни, кои треба да ги нахраниме, необлечени, кои треба да ги облечеме, болни, кои треба да ги посетиме, луѓе кои западнале во гревови, кои треба да ги поучиме и вратиме на вистинскиот пат. Тоа се бара од нас, браќа и сестри, и тоа е вистинската љубов што треба ние да ја направиме, ако сакаме да го наследиме Царството Небесно.

По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар