На 04.12.2021 год, кога го празнувавме Воведението на Мајката Божја, Пресвета Богородица во храмот, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, Миланчо Стојановски, протоѓаконот Драган Георгиевски и ѓаконот Емилијан Зелнички, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10, 42).
Браќа и сестри, денес празнуваме голем и спасоносен празник, односно, денес е Воведение на Мајката Божја, Пресвета Богородица, во храмот Божји. На овој ден Мајката Божја, Пресвета Богородица, со нејзините родители, врснички и роднини, тргнала од Назарет кон Ерусалим, кон Ерусалимскиот храм, за нејзините родители Светите Јоаким и Ана, кои ја испросиле Пресвета Богородица со горешти молитви, да го исполнат ветувањето, бидејќи посакале Господ да им даде чедо, кое тие потоа ќе Му Го дадат Нему, на Самиот Бог.
Кога, Пресвета Богородица, наполнила две години, нејзиниот татко, Светиот Јоаким, сакал да ја однесат во храмот, но поради мајчинските чувства на Света Ана, нејзиното носење или воведувањето во храмот Божји, било одложено уште за една година. Нејзините другарки со запалени свеќи оделе напред, а таа украсена со прекрасни одежди, како вистинска царица, била доведена пред храмот Божји и поставена на првото скалило, а тој храм имал петнаесет скалила. Пресвета Богородица, догоре сама се искачила на сите четиринаесет скалила, кои биле симбол на четиринаесет годишниот нејзин живот, вклучително со престојот во храмот Божји, да Му се посвети и да Му служи на Бога.
И ете, Света Ана, му ја предава Пресвета Богородица на првосвештеникот Захариј, таткото на Свети Јован Претеча и Крстител, и му вели, „еве, ти ја предавам оваа моја ќерка, која е дар од Бога, да го дадеш на Бога, а овој примајќи ја тригодишната Пресвета Богородица, одеднаш без да размислува, обземен од Светиот Дух, ја внесува во храмот, но не таму во коработ каде што биле верните, и олтарот каде што служат свештениците, туку уште повнатре, во најсветиот дел на храмот, кој се нарекувал Светиња над Светињите, каде што само еднаш во годината имал право да влегува Првосвештеникот, за да го покади кадилниот олтар и кивотот, а тоа е Ковчегот на Заветот, во кој била сместена стомната со мана, а маната е лебот, односно храната, која Евреите ја добивале од облак од небото во пустината кога патувале од Египет кон Ветената Земја, (Палестина).
Возљубени, браќа и сестри, како некогаш пред тоа, во храмот Божји како што бил внесуван Ковчегот на Заветот, така и сега се внесува Светиот Ковчег, Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е праслика на кивотот, зашто она што во себе го имал Кивотот или Скинијата, истото тоа го имала во себе и Мајката Божја.
Имено, во Ковчегот на Заветот бил лебот, кој од облакот, од небото паѓал во пустината, со кој се хранеле Евреите, а сега Мајката Божја, Пресвета Богородица, е всушност стомната, во која ќе се всели Небесниот Леб, Самиот наш Спасител Господ Исус Христос.
Тогаш, кога се внесувал Ковчегот на Заветот во храмот Божји, од радост скокал и пеел псалми Светиот цар и пророк Давид, а сега при воведувањето на Пресвета Богородица во храмот, пред неа оди, како што некогаш одел цар Давид, Самиот Бог, т.е. Светиот Дух ја воведува Пресвета Богородица во храмот Божји и ја исполнува.
Празникољупци, храмот Божји или Скинијата, е Пресвета Богородица, која откако била внесена во Светиот храм, била поставена на најсветото место, каде од Ангелите била хранета со небесна храна. Таа до четиринаесеттата година од животот, ги минала своите години во овој храм, каде што претежно биле старите жени и вдовици, како што била Светата пророчица Ана, кои Му Му биле посветени на Бога.
Пресвета Богородица, Му се посветува на Бога не во одминати години, туку токму во росата на нејзината младост, од тригодишна возраст. И така, таа го минувала својот живот во храмот, постојано молејќи се, од утрото, па сèдо шестиот час, а после молитвата се занимавала со ракоделие, односно ткаела и везела, па затоа според преданието се вели дека токму Пресвета Богородица, го исткала или го извезила Христовиот хитон, односно облеката што Христос нашиот Бог и Спасител ја носел.
Пресвета Богородица, покрај плетењето и ткаењето, се занимавала секако и со постојано читање на Словото Божјо, односно на Светото Писмо, и на тој начин постојано била упатувана кон Бога, до третата година била воспитувана од нејзините родители, Светите Јоаким и Ана, а потоа во храмот Божји.
Ќе прашате, возљубени во Господа, што можат децата до третата година да научат?
Децата до третата година многу повеќе ќе научат за Бога, отколку ние возрасните, за некои педесет, осумдесет или сто години. Децата ако бидат добро упатени од родителите, и ако бидат носени во храмот Божји уште малечки, т.е. кога се во повој и во прегратките на мајките, како што некои мајки го прават тоа, иако тоа е многу ретко, тогаш децата уште од малечки ќе знаат за Бога.
Си споменувам дека и јас како дете, она што го гледав во детството, во храмот, Светите икони на иконостасот, и фреските за кои поконкретно не знаев, затоа што можеби и моите родители не знаеле доволно да ми објаснат, но Господ нè просветлува, за сите тие нешта да ги научиме и почувствуваме длбоко набожно и да ги разбереме. Кога децата ќе ги видат фреските во црквата, кога ќе го видат Крстот Божји, кога ќе го видат Светиот Престол, на кој се принесуваат Светите Дарови, сето тоа во нив остава силен впечаток, и тие тоа ќе го запаметат до крајот на својот живот. Не заборавете дека децата се како неиспишана табла, врз која сè што ќе видат, тие сè пишуваат во своите умови, а потоа истото го запазуваат во своите срца.
Не заборавајте дека се тие се како суњѓер, кој впива вода. Тие сè што ќе кажеме, сето тоа го примаат во себе, во душите и срцата. Затоа и Пресвета Богородица, до својата трета година многу научила од нејзините родители, а во храмот Божји била воспитувана од Ангелите и од свештениците. Таа од свештениците научила многу за Бога, но особено од Ангелите, кои ја хранеле со небесна храна, па затоа Пресвета Богородица, се нарекува и Пречиста, како што и овој празник „Воведение на Пресветата Богородица“, се нарекува уште и Пречиста, бидејќи била не само чиста, туку и Пречиста. Почисто суштество не постоело и не постои во светот, од родените на земјата, од неа и од Христос нашиот Бог и Спасител. Токму затоа, заради нејзината чистота, затоа што била пречиста, затоа што била неосквернета, затоа што имала чисто и благородно срце, затоа што им помагала на сиромасите и на сираците, се удостоила преку својот просветлен ум и очистено срце од грешните желби, чувства, похоти, страсти и грешни дела, обожена да Го гледа Бога.
Пресвета Богородица, ништо друго не сакала да чувствува во своето срце, освен да Го чувствува Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Токму затоа се удостоила, да биде мајка, не на некое човечко создание, туку на Бога Словото, бидејќи била осенета од Светиот Дух и Го зачнала и родила Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа, преку кого нам ни доаѓа спасението, како што пееме во денешниот тропар: „Денес дојде спасението на човечкиот род“.
Со влегувањето на Пресвета Богородица во храмот Божји, на овој голем празник, нам ни се дава пример како треба да се однесуваме кон новородените деца.
Не се вистински родители, браќа и сестри, само оние што ќе ги родат децата, туку вистински родители се оние што правилно ќе ги воспитаат децата во нашата Света Православна Вера. Затоа, да се потрудиме да го следиме примерот на родителите Мајката Божја, Пресвета Богородица. Секој родител како Свети Јоаким, и секоја мајка како Света Ана, да се погрижат на своите деца, да им дадат сè што е потребно од раното детство т.е. да ги поучат во верата. Првите нивни зборови, покрај тато и мама, да бидат Мајко Божја, Пресвета Богородица, Сине Божји, Исусе Христа, Отче наш и.т.н., како што и денеска имаме примери од некои совесни родители, кои ги учат децата уште од мали нозе да ги знаат молитвите.
Во денешното Свето Евангелие беше речено дека Марија го избрала подобриот дел, кој нема да и се одземе. Што значи тоа? Господ Исус Христос, кога дошал во домот на Марта и Марија, сестрите на неговиот пријателот Лазара, Марта се трудела за земните и материјални работи, т.е. околу грижата како да Го угости Господа, што да приготви за јадење и.т.н., па дури и Му се пожалила на Спасителот дека нејзината сестра (Марија) ја оставила сама да служи, а Господ и вели: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лука 10, 41-42).
Марта се трудела за земните и материјалните работи, т.е. за телесното угостувањето, јадење и пеење, а Марија била покрај нозете Исусови, наведната и ги слушала зборовите на Христа за нашата Света Православна Вера, за тоа дека постои Бог Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и сè што Господ Исус Христос проповедал.
Ете, тој примерот, браќа и сестри, дека ние не треба постојано да се трудиме за земните и материјални работи и само на тоа мислиме, како што мислела и Марта, туку треба да постапуваме како Марија, која размислувала за духовните работи, зашто душата не се храни само со телесен леб и со телесни јадења и пиења, туку се храни со духовни нешта, т.е. со Словото Божјо, а тоа е Светото Евангелие, Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци.
Ние треба добро да си ја научиме верата, како што вели Свети Климент, зашто оној што не си ја знае верата, тој е човек слеп, а оној што си ја знае верата, тој е човек што има очи и ја гледа целта и може да стигне таму, а оној што мисли дека и без знаење на верата може да се спаси, мислејќи дека ќе живее набожно и дека ќе се спаси, е како човек што има нозе, ама нема очи, бидејќи не ја знае верата и затоа не може да стигне до целта. Неопходно е потребно да се научи верата, но таа не може да се научи на друго место, како во храмот Божји, зашто вистинска школа за учење на верата е храмот Божји.
Денеска, возљубени браќа и сестри, е празник на децата и младите, но сведоци сме дека најмалку млади и деца имаме покрај нас денеска во храмот Божји.
Ако сме зафатени поради работни обврски, во ред, но ако верниците спијат, а младите ноќеска биле по кафулињата, нема оправдување. Вината за негрижата за спасението е еднаш ваша, а на нас свештенослужителите два пати.
Затоа, на вакви денови носете ги малите дечиња во храмот Божји са се нахранат духовно, и да се поучиме во верата. Кога ќе ги донесете и вие научете нешто, поучете се за верата и вие. Иконите на Светиот иконостас, разгледајте ги и објаснете им ги. Имаме литература, па ќе им објасните, Кој бил Господ Исус Христос, која е Пресвета Богородица, кој е Свети Јован Крстител, кој е празникот на кој е посветен овој Свет храм, а тоа е Свето Благовештение, и така со ред сите други икони што стојат тука во овој Свет храм и во секој храм. Поучете ги така во верата и набожно да живеат и не се секирајте дали се на правиот пат. Исто така немојте да жалите дека утре ќе бидете оставени од децата и дека нема да ве догледаат. Како ќе се поставите со нив, така и децата ќе се постават со вас, возљубени браќа и сестри.
Така и во тој дух, ние ако за основа на нашата вера го имаме Светото Евангелие, ако се поучуваме од Светото Писмо, ако го практикуваме литургискиот живот, односно ако доаѓаме во храмот Божји на сите богослужби, а особено на Божествената Литургија, во празниците и неделите како што вели Свети Климент, секоја неделата, а и во нашите народни песни се вели секоја неделата е Велигден т.е. Христово Воскресение. Русите, не ја викаат неделата недела, туку ја викаат воскресение, оти е ден на Воскресението.
Па така, ако ние правилно ги воспитаме и поучиме децата, а денеска за жал немаме друга можност, бидејќи веронауката е забранета, освен што само во едно одделение се предава, и тоа под друго име, како Историја на религиите и Етика, и.т.н., што е сосема малку и недоволно, децата да научат нешто за верата.
Останува грижата на родителите и на нас свештенослужителите, во храмовите Божји и во црковните простории, да ги поучуваме младите но и ние да се поучиме во нашата Света Православна Вера.
Во тој дух, на сите ви го честитам овој празник, а особено на младите, кои денес се многу малку присутни во храмот. Но вие секако ќе им пренесете на вашите најблиски и на дечињата, дека денеска е празник на младите, кои најмалку ги имаме во Црквата.
Нека е честит празникот „Воведување на Пресвета Богородица во храмот Божји“ (Пречиста), и за сите нас нека биде образец како треба да мислиме и да кажуваме дека децата не се ваша заслуга, туку се дар милост Божји, како што била и Пресвета Богородица дар Божји на Светите Јоаким и Ана.
Тој дар Божји треба да Му се возврати на Бога, а возвраќањето на дарот Божји, е во воспитувањето на децата во нашата Света Православна Вера. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар