Осма недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 18.07.2021 г., во Осмата недела по Педесетница, кога го празнуваме преносот на моштите на Свети Климент Охридскиоткривање и пренос на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон СтефанСветиот свештеномаченик Стефан, папа Римски и другите со него и споменот на Светиот блажен Василиј, јуродив Московски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња“ (сп. Мат. 14, 19-20).

Браќа и сестри, ние во оваа Осма недела по Педесетница, го слушнавме Светото литургиско Евангелие, во кое се вели дека Господ Исус Христос, откако слушнал дека Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, е погубен по заповед на Ирод Антипа т.е. му е пресечена главата, заминал кон северната страна кај Витсаидиската пустина, за да се помоли насамо, а кога народот слушнал за тоа, илјадници луѓе тргнале по Него. Во Светото Писмо се вели дека имало околу пет илјади луѓе, освен жените и децата.

Ете, Господ се смилувал над народот и ги излекувал сите оние, кои страдале од духовни, душевни и телесни болести. Присутниот народ, кој го слушал Словото Божјо, огладнел и не можел да се нахрани, бидејќи местото било пусто, па затоа Апостолите Му рекле на Господа: „Распушти го народот да оди во околните села, за да си купи нешто за јадење“ (сп. Мат. 14, 15), а Господ им рекол: „Дајте им вие да јадат!“ (сп. Мат. 14, 16), а тие рекле: „Немаме ништо друго, освен пет леба и две риби“ (сп. Мат. 14, 17), а Господ им рекол: „Донесете ми ги тука!“ (сп. Мат. 14, 18). Понатаму во Светото Евангелие се вели: „И како му заповеда на народот да седне на тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња“ (сп. Мат. 14, 19-20).

Браќа и сестри, секое живо суштество, кое живее на земјата, има потреба од храна, вода и воздух. Без храна, вода и воздух, ништо не може да живее на земјата. Но, покрај телесната храна, постои и  духовна храна, за која се говори во денешното Свето Евангелие.

Имено, си споменуваме дека Господ Исус Христос, рекол дека човекот не живее само од лебот телесен, а тоа посебно му го кажал на сатаната, кој го искушувал Христа после четириесетдневниот пост, не јадејќи и не пиејќи ништо, а сатаната Му рекол на Христа дека камењата може да ги претвори во лебови, а Христос Спасителот му рекол: „Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (сп. Мат. 4,4).

При друга прилика, Господ укажал на тоа дека ние најнапред треба да го бараме Царството Небесно и Божјата правда, а останатото ќе ни се придодаде, како што и на овие луѓе им се придодаде, кога Христос ги благослови петте леба и двете риби и нахрани пет илјади мажи, а заедно со нив жените и децата.

Веднаш се поставува прашањето: како е можно тоа? За Господа сè е можно, браќа и сестри! Да си спомнеме, како Господ го хранел Еврејскиот народ, кога овој се враќа од Египетското (Мисирското) ропство, кога четириесет години скитал во пустината и немал храна, па Господ од облакот им пуштал мана (небесна храна) и потполашки, а облакот, кој се движел, бил Христос нашиот Бог и Спасител, Логосот Божји, Кој сеуште не бил отелотворен. Како, пак, Христос да не се смилува над овој народ, кој дошол да ги слушне Неговите зборови.

Ние денеска, браќа и сестри, кога ќе го поставиме прашањето: колку време треба да Mу посветиме на Бога, знаеме дека во Десетте Божји Заповеди се вели: „Шест дена работи, а седмиот ден посвети го на Господа твојот Бог“. Што значи, само еден ден, од сите седумте денови, треба да Му го посветиме на Бога, ама ние и тој ден не Му го посветуваме, бидејќи сме сведоци дека, ние православните христијани, во неделите не сме во храмовите ни еден насто. Дири и кога сме во храмовите на богослужба, ние и тогаш целосно времето не Му го посветуваме на Бога, бидејќи не внимаваме на богослужбите, на кои народот Божји треба да одговара, а не само хорот или певците, туку целиот народ, кога свештенослужителите возгласуваат од олтарот.

Затоа треба да разбереме дека покрај телесната, пости и духовна храна. Таа духовна храна, е всушност Словото Божјо, а Словото Божјо, ние најповеќе го слушаме во храмот Божји, а особено на Божествените Литургии, кои се централното богослужение на нашата Света Црква, но и на сите останати богослужби т.е. на вечерните, утринските, акатистите, повечеријата, на часовите и.т.н.

Па така, браќа и сестри, ние постојано имаме потреба од духовна храна, како што и овој пет илјаден народ, без жените и децата,  имал потреба да ги слуша зборовите на Христа нашиот Бог и Спасител. И како што Мајката Божја, Пресвета Богородица, секој збор што излегувал од устата на нејзиниот Син го слагала во нејзиното срце, така и ние треба Божјите зборови да ги слагаме во нашите срца. Ние, браќа и сестри, не треба да се поучуваме само од проповедите на богослужбите, туку треба да читаме божествени книги, издадени од Православната Црква со благослов на надлежниот Архиереј.

Ете, така  ние треба да постапуваме, но луѓето велат дека имале премногу обврски, па заради тоа требало да се грижат за јадењето, пиењето т.е. да обезбедат храна за семејството, заборавајќи на Христовите зборови: „Но, најнапред барајте го Царството Небесно и неговата правда, а останатото ќе ви се придодаде“ (сп. Мат. 6, 33). Во молитвата Отче, ние се молиме: „Лебот наш насуштен, дај ни го денес!“. Не велиме утре, туку денес. За секој ден треба да се грижиме, зашто во Светото Писмо, е кажано: „И така, не грижете се за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе се грижи за себеси. Доста му е на секој ден неговото зло“ (сп. Мат. 6, 34)

Браќа и сестри, за да разбереме дека духовната е поважна од телесната храна, ние за тоа имаме безброј примери, како ,во Стариот, така и во Новиот Завет. Да си спомнеме за вдовицата од Сарепта Сидонска, која немала ништо за јадење, па затоа му рекла на Светиот пророк Илија: „Кога ќе ја изедеме последната храна, ќе умреме“. Но Господ, оние кои имаат вера во Бога, не ги остава без Неговата грижа, па така, преку молитвите на Светиот пророк Илија, не престанало маслото во масларникот, ниту, пак, брашното во ноќвите на вдовицата од Сарепта Сидонска.

Слушнавме како Господ ги хранел и Евреите во пустината, кои немале што да јадат, па и при сите други прилики, Господ се грижел за нив, како што се грижел и за овие пет илјади луѓе, без жените и децата, кои Господ ги нахранил со леба и две риби. Веднаш се поставува прашањето: за каква храна станува збор? Станува збор за духовна храна, зашто овој народ не дошол во пустината за телесно да се нахрани, туку да ги слушне зборовите на Христа нашиот Бог и Спасител, а потоа откако духовно се нахранил, Господ не го оставил народот и телесно да биде нахранет.

Ние исто така, кога доаѓаме во храмот Божји, прво нешто што бараме, е духовно да се нахраниме. А која е духовната храна? Духовната храна, е Словото Божјо, кое го слушаме во храмот Божјо. Преку Светите Тајни, браќа и сестри, нам ни се дава небесната храна, а тоа се Божествените несоздадени енергии, благодатта Божја, која се излива на секоја Света Тајна, особено во Тајната над Тајните, Светата Евхаристија, Причесната, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.

Ние честопати забораваме дека Господ Исус Христос рекол: „Јас Сум Лебот Небесен, кој слезе од небото. Кој Го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, тој има живот вечен“. Најсилната, најдобрата и најпрекрасната храна, е Телото и Крвта Христови, кои треба да ги примаме подготвени, како што го подготвуваме нашиот дом и го чистиме од секаква прашинка и нечистотија, кога ни доаѓаат гости. Како ли тогаш треба да се подготвиме за најскапоцената храна, за Лебот Небесен, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител? Секако со духовен и телесен пост.

Еве сега сме веќе во Богородичниот пост, кога со духовен и телесен пост, се подготвуваме да се соединиме со Телото и Крвта Христови.  Духовен пост, браќа и сестри, подразбира да не лажеме, а за жал денес по медиумите слушаме најмногу лаги, потоа да не крадеме, да не осудуваме, да не завидуваме и.т.н.

Ние, браќа и сестри, треба секогаш да се грижиме, да живееме достоинствен и чесен живот. Па така, подготвени и измирени со Бога и опростени со луѓето, сметајќи се за најгрешни од сите луѓе, како што вели Свети апостол Павле, да пристапиме не по наша заслуга, туку по милоста Божја, да ги примиме Телото и Крвта Христови и да се ослободиме од нашата гревовна состојба.

Најпосле, браќа и сестри, да се поучиме од денешното Свето Евангелие, дека ние треба најповеќе да се грижиме за духовната храна, а дури потоа за телесната храна, ако сакаме да го задобиеме Царството Небесно, во противно не ќе можеме да бидеме жители на Царството Небесно.

Да се помолиме на денешните славеници, Светиот архиѓакон и првомаченик Стефан и Светиот Климент, Охридскиот Чудотворец, на кои денеска споменот им го празнуваме.

По нивните Свети молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар