На 09.08.2021 г, кога го празнуваме споменот на Светите Седмочисленици и на Светиот Великомаченик Пантелејмон, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на ерејот Игор Ризановски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Пантелејмон, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; а наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците“ (сп. Јован 10, 11-12).
Браќа и сестри, денес прославуваме троен празник. Денес го славиме Светот Великомаченик и исцелител Пантелејмон, кој лекувал без пари, потоа Светиот Климент, Архиепископот Охридски Чудотворец, патронот на нашата Света Македонска Црква, кој е еден од најдаровитите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, како и Светите Седмочислениците т.е. Светите браќа Кирил и Методиј и нивните Свети ученици Климент и Наум, Охридските Чудотворци, Сава, Горазд и Ангелариј.
Ете, ќе поговориме за сите овие денешни славеници, почнувајќи од Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, кој е најдаровитиот ученик на Светите браќа Кирил и Методиј, кој ги придружувал во нивните мисии во проповедањето на Словото Божјо, како што е онаа мисија кај Хазарите, кога го нашле телото на Светиот Климент, епископот Римски. До тогаш т.е. до 1054 година Црквата Божја била една. Во 1054 година, заради погрешните учења на Западната (Римокатоличката) Црква, Црквата се поделила на Источна и Западна. Римокатоличката Црква, браќа и сестри, останала во своите погрешни учења, па создала и други погрешни учења, а Источната т.е. Православната Црква, останала доследна на своето учење за Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, за Мајката Божја, за создавањето на духовниот и материјалниот свет, за човекот, и за Ангелите.
Господ наш Исус Христос, ни го предал тоа учење чисто, кое понатаму продолжиле да го проповедаат Светите Апостоли, потоа апостолските мажи и епископите на Православната Црквата.
Па така, најверојатно, по името на Свети Климент, папа Римски, Свети Климент го добил своето име, зашто телото на овој свет човек, кој маченички пострадал за верата, било фрлено во Црното Море кај Херсон, во близината каде што живеело едно племе или народ Хазари, кој денеска не постои, зашто не останале доследни на својата Света Православна Вера. А и од нас Македонците ништо нема да остане, ако не си ја зачуваме нашата Света Православна Вера, браќа и сестри. Ништо нас не може да нè уништи, освен ако тргнеме по патот на западниот свет, на Европа, блудницата Вавилонска, која ни носи закони спротивни на Божјите Закони, па ако тие закони ние повеќе ги почитуваме од Божјите Закони, од Светот Писмо, Светото Предание и учењето на Светото Отци, тогаш спас ни нема, иако сме првиот народ во Европа, кој го примил Христовото учење од Свети апостол Павле и Света Лидија, првата христијанка во Македонија и Европа. Ништо тоа нема да значи, ако ние се откажеме од Православната Вера.
Ете, Свети Климент не се откажал од Верата, туку напротив, до крај бил доследен на своите учители, Светите браќа Кирил и Методиј, кои доследно ги придружувал до крајот на нивниот живот. Свети Методиј, починал во 885 година, во Велеград, а неговите Свети ученици Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, отишле кај германецот Виинг, кој бил застапник на погрешното учење Филиокве т.е. дека Светиот Дух излегува и од Синот. Потоа тие биле протерани преку Дунав, кај тогашниот болјар или војвода на бугарскиот цар Борис, Боритакан и однесени во Преслав Бугарија. По друг пат, и Свети Сава и Ангелариј, се пратени во тогашното Бугарско царство, кое се протегало и на денешна Македонија и денешна јужна Албанија, Србија, а можеби и повеќе.
Па така, кога Свети Климент дошол во судир поради едно погрешното учење на тогашниот свештеник Кирил Преславски, кој ја упростил глаголицата т.е. писмото што од Бога го откриле Светите браќа Кирил и Методиј, па така, не според Свети Кирил Солунски, туку според свештеникот Кирил Преславски, е направена кирилицата. Ете, заради тој судир, Свети Климент бил пратен во Кутмичевица, во областа кај Охридското езеро, меѓу нашиот православен народ, кој не го разбирал грчкиот јазик, на кој му било проповедано Словото Божјо.
Свети Климент, основал школа од 35000 ученици, кои биле испратени насекаде во православните земји, од Исток до Запад, од Север до Југ, па дури и до Сибир, односно Владивосток.
Свети Климент, браќа и сестри, е достоен наследник на своите учители, Светите браќа Кирил и Методиј. Кога дошло времето, тој бил поставен за епископ Велички, а седиштето на неговата Епархија, најверојатно било во Белица, во охридско – струшкиот крај, во близината на изворот на реката Велика, односно Треска, која се слива во денешниот Вардар.
По неговиот избор за епископ, на неговото место како учител, е поставен Свети Наум, Охридскиот Чудотворец, кој подигнува манастир на брегот на Охридското езеро, посветен на Светите Архангели, кој денес го носи името Свети Наум, а Свети Климент подигнал манастир во чест на Свети Пантелејмон, на кој му е посветен и овој свет храм, кој е голем свештеномаченик на нашата Света Православна Црква.
Ќе поговориме, браќа и сестри, и за останатите Седмочисленици. Мошне добро знаеме, кои се Светите браќа Кирил и Методиј. Тие се Македонци од Солун, од татко Лав и мајка Марија, кои одлично го знаеле македонскиот јазик, кој во тоа време бил именуван словенски јазик. Овие Свети браќа, ја измислиле глаголицата т.е. писмото на сите словенски народи во тоа време, кои живееле во словенските земји.
Тие имале неколку мисии т.е. меѓу Сарацените на Исток, меѓу Хазарите, во близината на Херсон на Црното Море, а потоа и онаа мисија во 864 година, кога на барање на кнезот Ростислав, заминале во Моравија.
Свети Кирил, починал во 879 година во Рим, а Свети Методиј во 885 година во Велеград, а останатите ученици, како што кажавме, биле протерани од Виинг во тогашното Бугарско Царство.
За Свети Ангелариј и Свети Горазд, од некои извори, како што е изворот на Архиепископите на Бугарија, се знае дека својот живот го завршиле кај Берат или Белград во Албанија. Ете, ова се Седмчислениците на нашата Света Православна Црква.
Кога зборуваме за денешниот славеник и светител, патронот на овој Свети храм, Светиот Пантелејмон, веднаш ќе кажеме дека првото негово име е Пантолеон, што значи во сè лав. Роден е во Никомидија од мајка христијанка и од татко многубожец. Неговата мајка се викала Евула, а таткото Евсторгиј. По смртта на мајка му, таткото упорно како многубожец го убедувал да се поклонува и да ги почитува Елинските или грчките богови, но тој пред да стане христијанин, се запознал со многу лекари, а бил и ученик на Ефросин, најпознатиот во тоа време многубожечки лекар, кој бил лекар и на царот Максимијан. Ете на тој начин, имал можност да биде и во дворот на царот. Еднаш кога минувал покрај патот, покрај една сиромашна куќичка, се запознал со еден свештеник по име Ермолај, кој потоа го упатил во верата. Тогаш Свети Пантелејмон, се потсетил на сите поучувања од неговата мајка Евула, и длабоко поверувал во Бога т.е. станал врвен лекар во тоа време, но не само на телото, туку и на душата. Свети Пантелејмон, со силна вера во Христа нашиот Бог и Спасител, најнапред излекувал едно дете, кое било каснато од змија и скоро било мртво. Откако го излекувал, веднаш потоа излекувал и еден слеп човек, кој никој од тогашните лекари не можел да го излекува, вклучувајќи го и Ефросин, најпознатиот царски лекар. Ете, заради сето тоа, бил наклеветен кај царот дека е христијанин и изведен на суд. Многукратно од царот бил опоменуван да се поклони и да им принесе жртви на елинските (грчките) богови, но тој ништо од тоа не прифаќал, па затоа бил подложен на големи страдања т.е. бил ставен во котел со зовриено олово, кое не му наштетило, зашто Господ го штител да не изгори од зовриеното олово. Потоа бил подложен на други маки т.е. бил фрлен во морето со тежок камен околу вратот, но и од тоа се избавил. На крајот, браќа и сестри, бил ставен на едно големо тркало, на кое имало големи ножеви, но и од тоа се избавил. После сите укажувања и барања да се откаже од Христа нашиот Бог и Спасите, му било кажано дека животот ќе го заврши маченички со отсекување на неговата глава. Кога џелатот пристапил и удрил со големиот меч, а во тоа време Свети Пантелејмон бил на молитва, мечот се превиткал околу вратот на Свети Пантелејмон, како што восокот се топи огнот и не го пресекол, сè додека Свети Пантелејмон не ја завршил молитвата кој му рекол на целатот: „Сега можеш да ја извршиш пресудата, да ми ја пресечеш главата“. Така го завршил својот живот Свети Пантелејмон, браќа и сестри.
Ете, затоа нашата Света Црква го прославува овој Божји угодник, исцелител и бесребреник. Се нарекува бесребреник, затоа што лекувал без сребро т.е. без пари. Кај нас во нашата Света Православна Црква, тоа и денес се практикува и се остава на верните, тие по своето мислење да дадат на свештеното лице награда, бидејќи свештените лица немаат плата, туку живеат од наградата на верниците, а не како некои бајачи и гатачи, кои лекуваат за пари, а немаат ништо со верата.
Да извлечеме поука, браќа и сестри, за сите овие нешта за кои денес слушнавме од денешното Свето Евангелие, дека Спасителот наш, нам ни оставил наследници, кои ќе го проповедаат Неговото Свето Евангелие. Господ вели: „Јас Сум добриот пастир, добриот пастир, си ја полага душата своја за овците свои“ (сп. Јован 10, 11). Ете, како што Христос ја положил душата Своја за овците Свои, за Црквата Своја, така и овие Свети Божји угодници, денешните славеници, Свети Климент, Охридскиот Чудотворец и Светтие Седмочислениците, вбројувајќи го во нив и Свети Пантелејмон, ја положиле душата за верниот народ, за Црквата Божја.
Па така денеска, кога ние нив ги прославуваме, треба да ги прославиме, онака како што вели Свети апостол Павле: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (сп. Евр. 13, 7),
Ако ние, браќа и сестри, се угледаме на Христа, нашиот Бог и Спасител, Пастирот над пастирите, на Светите Апостоли и на нивните наследници – светите епископи, тогаш и ние можеме да го очекуваме Царството Небесно, сега и секогаш и во веки веков. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години и честити нека се имињата на оние кои ги носат имињата на денешните славеници.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар