На 08.08.2021 г, во Седмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Параскева (Петка) Римјанка, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Љупче Петрески и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Петка“, во населбата Точила, Прилеп.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
После Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, отслужи Панихида за борците и бранителите, кои ги положија своите животи за одбрана на Татковината во 2001-та година. Нека им е вечен нивниот спомен!
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Нека ви биде според верата ваша!“ (Мат. 9, 29).
Од денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, слушнавме за тоа како Господ Исус Христос, телесно излекувал, а пред тоа и од духовно слепило, двајца слепи луѓе, но и една жена, која дванаесет години страдала од крвотечение. Па така, ќе поговориме за овие две чуда, како и за денешната славаничка, Света Велокомаченица Параскава (Петка) Римјанка, која се родила, живеела и проповедала во Рим.
Имено, кога Христос Спасителот, ги видел овие двајца слепи луѓе, тие се приближиле кон Него и побарале да ги излекува, а Господ оние што ги лекувал, пред да ги излекува, ги прашувал дали веруваат во Него т.е. дали имаат чиста и вистинска вера.
Кога зборуваме за телесното слепило на овие двајца слепи луѓе, мора да поговориме и за едно друго многу поголемо и поопасно слепило, а тоа е духовното слепило. Кое е тоа духовното слепило, браќа и сестри? Духовното слепило, е помраченоста на умот, и тоа духовно слепило, нас нè прати од првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева, кои кога зрешиле, им се помрачил умот, преку кого пред тоа, Го гледале Бога и живееле според Божјата волја и Божјите Заповеди. Ете, затоа Господ им рекол дека во кој ден ќе згрешат, ќе умрат. Па така, кога тие згрешиле, веднаш им се помрачил умот и заборавиле дека Бог е секаде присутен, па се криеле од Бога. Од тоа духовно слепило ништо не можело да ги избави нашите прародители Адама и Ева, освен Лекарот над лекарите, Сонцето на Правдата, Вистинската Светлина од Вистинската Светлина, како што читаме во Символот на Верата, Христос нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата, се воплотил од Пресвета Богородица, станал човек во сè еднаков со нас луѓето освен во гревот. Од тоа духовно слепило, браќа и сестри, ние можеме да се ослободиме само преку очистување на нашите срца.
Ние не можеме да Го гледаме Бога, ако немаме чисти срца, зашто во едно од блаженствата се вели: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“ (сп. Мат. 5, 8). Само оние кои имаат чисти срца, можат да Го видат Бога. Чисти срца, браќа и сестри, имаат оние луѓе, кои успеале да се ослободат од грешните желби, чувства, похоти, страсти и од грешните дела. Оние, кои го постигнале овој прв степен на духовно раѓање или поточно кажано првиот духовен степен, не можат да се спасат, ако не го постигнат и вториот степен на духовно раѓање, а тоа е просветлувањето на умот. Просветлувањето на умот се состои во тоа, ние, да не дозволиме во нашите умови да влегуваат грешни мисли и помисли, а помислите се слики додадени на грешните мисли. На пример, ние имаме грешни мисли за богатство, кога ќе видиме пари.
Ете, токму затоа Христос Спасителот, ги прашал овие двајца слепи луѓе, дали веруваат дека Он може да ги излекува, па така, откако тие потврдиле дека веруваат во Христа нашиот Бог и Спасител, Господ им ги простил гревовите, а тоа значи дека нивните срца биле очистени од гревовите, и тие веќе духовно Го виделе Бога, а потоа и телесно прогледале и ги виделе сите убавини на овој свет, кои ги гледаме и ние, браќа и сестри.
Така и ние сме должни да се молиме, за Господ да ни ги прости нашите гревови, а и духовно да се просветлиме, односно да можеме да мислиме само на Бога и да имаме љубов кон Бога и ближните, а наш ближен е секој човек.
Од Светото Евангелие, слушнавме исто така како Господ кога ги правел овие чуда, Тој барал да кажат дали веруваат во Него. Ете, кон Него пристапила една жена, која дванаесет години страдала од крвотечение, која сиот свој имот на лекари го потрошила и не и станало подобро, туку полошо. Таа си помислила и рекла во себе: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам“ (сп. Мат. 9, 21), и така направила т.е. се допрела до Христовите алишта и веднаш оздравела, а Христос рекол: „Кој се допре до Мене“ (сп. Лука 8, 45). Апостолите Му рекле: „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: – Кој се допре до Мене? (сп. Лука 8, 45).
Христос вели: „Некој се допре до Мене, оти излезе сила од Мене“ (сп. Лука 8, 46). Тогаш жената паднала ничкум пред Него и Го молела да и прости, а Тој и рекол: „Верата твоја те спаси, оди си со мир“ (сп. Лука 8, 48).
Ете каква голема и силна вера, покажала оваа жена, која дванаесет години страдала од крвотечение. И навистина, нејзината вера ја спасила, па и ние ако имаме таква вера, можеме да се спасиме и да се излекуваме од многу блести. Кај нашиот православен народ и воопшто кај православните, а посебно тоа го имам забележано во Прилеп, во првите години кога станав владика, кога жените се туркаа да се допрат до алиштата на свештениците при големиот вход, зашто длабоко веруваа дека Даровите т.е. Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, лекуваат, па затоа се допираат до нив, чекајќи од Даровите Христовите т.е. од Телото и Крвта Христови, да се излекуваат, преку одеждите на свештените лица, кои ја служат Божествената Литургија.
Истото тоа го забележав и во Нов Зеланд, кога ја служев првата Божествена Литургија, каде беше присутен еден свештеник грк бегалец, како и нашите од Егејскиот дел, за време на граѓанската војна од 46 до 49 година. Тој свештеник таму беше дојден од Романија, кој многу добро ја разбираше нашата Македонска мака и трагедија, а особено на оние од Егејскиот дел на Македонија. Кога виде толку многу мноштво народ и како жените ги полагаат децата пред мене, односно пред Телото и Крвта Христови, рече: „Јас толку народ на Велигден немам видено, а вие на оваа прва ваша служба во овој град, каде немате ни своја Црква, собравте толку народ. Ете, тоа е таа вистинска вера, на верните чеда на нашата Света Православна Црква.
Ете, оваа жена, која дванаесет години страдала од крвотечение, се излекувала, кога таа се допрела до алиштата Христови.
Кога Христос нашиот Бог и Спасител, браќа и сестри, одел на Голгота, кон Него пристапила токму оваа жена, која на Христа Му дала убрус или крпа, со која Христос се избришал, а на таа крпа или на тој убрус, се отсликал Неговиот нерактворниот Лик или Образ на Христа нашиот Бог и Спасител, ист таков Лик своевремено му бил испратен на Едескиот цар Авгар, во Арабија, од кој тој се исцелил од лепра.
Ете, таа жена, е именувана Вероника, што значи вистинска икона, бидејќи таа добила вистинска икона, кога Христос се избришал со убрусот, која таа Му го подала, кога одел на Голгота.
Денес, браќа и сестри, ја прославуваме Светата Великомаченица Параскева (Петка), која е родена во Рим и уште од мали нозе, од страна на нејзините родители воспитана во нашата Света Православна Вера. По смртта на нејзините родители, таа сиот имот го раздала на сиромаси и целосно Му се посветила на Бога, откажувајќи се од овој свет т.е. се замонашила и насекаде Го проповедала Христа.
Времето кога живеела Светата Великомаченица Параскева (Петка), е време на гонење на христијаните, па така и таа не била поштедена од гонење. Имено, тогашниот многубожечки цар Антониј, ја подложил на многу страдања т.е. на главата и ставиле вжештен шлем, а потоа ја ставиле во котел со масло, но Ангел Божји, го разладил маслото и таа останала неповредена. Тогаш царот мислејќи дека маслото не е жешко, и рекол на Света Параскева: „Ако навистина маслото не е врело, тогаш фрли кон мене“. Кога таа фрлила со раката кон царот од жешкото масло, во истиот момент царот ослепел. Еве, браќа и сестри, уште едно слепило поврзано со овој многубожечки цар, кој се излекувал преку молитвите на Светата Великомаченица Параскева (Петка), откако таа со молитва се обратила кон Бога.
Светата Великомаченица Параскева (Петка), животот го завршила со маченичка смрт т.е. некој си Тарасиј, со меч и ја пресекол главата и таа во нејзината младост се преселила во Царството Небесно.
Ете, во денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, имаме прекрасни примери за лекувањето на двајцата слепи и за лекувањето на жената, која дванаесет години страдала од крвотечение, но прекрасен пример ни е и животот на Светата Великомаченица Параскева, на која и е посветен овој Свет храм, кој е изграден преку жртвите на сите оние, кои пострадаа на Карпалак за одбрана на нашата Света Православна Вера и Татковина Македонија.
Вие, браќа и сестри, не престанавте да го сакате овој храм и во него да принесувате молитви кон Бога. Гледам дека се трудите да го продолжите живописувањето на храмот, и за тоа благодарност на сите, почнувајќи од бившиот градоначалник Марјан, кој најмногу се заложи за градбата на овој храм, но и сите други кои на различни начини помагаат на овој свет храм.
Немојте никогаш да мислите дека храмот е нечиј. Храмот е Божји т.е. не е ниту на владиката, ниту на свештениците, ниту на верниците. Храмот Божји, е изграден за во него да се лекуваме и да правиме заедница. Кога ќе стапнеме во црковниот двор и во храмот, тогаш треба да престанат сите кавги, расправии и недоразбирања, како што пееме во литургиска песна Иже Херувимы: „Всякое ныне житейское отложим попечение“ т.е. „Да одложиме секоја животна грижа“ додека сме на молитва во храмот Божји.
Па така, благодарност до сите вас, кои се грижите за овој свет храм и што правите жива Црква, а живата Црква, сте вие верните на нашата Македонска Православна Црква, заедно со свештенството и монаштвото, собрани околу својот Епископ – Владиката.
Тоа е живата Црква, тоа е вистинската Црква. Ова е болницата, во која се лекуваме, браќа и сестри, а Лекарот над лекарите, е Христос нашиот Бог и Спасител. Нему слава во сите векови. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години. Исто така нека е честито името на оние што го носат името на Света Параскева (Петка).
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар