Теологијата која се негува и изучува на Православниот богословски факултет во рамките на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, се поврзува непосредно со животот на црковното тело, односно соодветствува со една жива црковна заедница која се движи во историјата. Следствено, теологијата на Црквата се разбира како служба на Црквата, а не како некоја автономна област или гранка независна од Црквата. И не е случајно тоа што првобитната причина за постоењето на теологијата на Црквата извира од членот на Црквата, и претставува исповедање на Троичниот Бог. Вистинската теологија е неразделна од боговидението, на кое му претходи благодатниот живот на човекот. Благодатниот живот претходи и следи догмата и теологијата како резултат на живото искуство. Ова им беше познато на светите отци и токму затоа не чувствуваа потреба да ја сместат Црквата во некакви класични дефиниции, бидејќи таа е настан кој тие непрестајно го живееја. Ова го знаат денес и верниците, кои го стекнуваат ова живо искуство преку учеството во литургискиот живот на Црквата. Согласно досега кажаното, станува јасно дека теологијата е живот. Меѓутоа, исто така од голема важност е нашите верници да знаат дека теологијата е истовремено и наука, бидејќи како и сите останати науки и таа поседува огромно текстуално богатство: Светото Писмо, делата на светите отци, одлуките на Помесните и Вселенските Собори итн. Тие го сочинуваат пишаниот извор на црковниот живот, и се испитуваат исклучиво во рамките на единственото предание на Црквата: пророчкото, апостолското и светоотечкото, од кое и произлегоа како коментар и живо сведоштво за откривањето на Троичниот Бог во светот. За светите отци теологијата на Црквата не е индивидуален обид на човекот, проткаен со импровизации и најчесто потпрен на некаков личен критериум, кој во основа има философски произлез (Црквата во својот живот веќе се соочи со еден таков човек, каков што беше Ариј). Во суштината на еден таков обид е лукаво затскриена опасноста која најчесто верникот може и да не ја забележи, и истата да се протне во облик на горделивост. Во овој случај, човекот свесно или несвесно започнува да се приврзува кон буквата или кон дел од преданието на Црквата, и истиот тој дел да го изолира од целокупното предание, длабоко уверен дека го поседува критериумот на ‘’православието’’. Затоа Свети Григориј Богослов, кога станува збор за правилно и безбедно толкување на Светото Писмо со цел да не се заглавиме во буквата, не’ упатува кон толкувачките текстови на Свети Василиј Велики, кого го смета за образец во толкувањето на Светото Писмо. Исто така, да не заборавиме дека и погрешното учење од страната на еретиците никогаш не беше претставено како новитет или некое ново учење, бидејќи и тие бараа места во Светото Писмо за да го засноваат своето учење и да го сведат на буквата, цврсто уверени дека се движат во рамките на Светото Писмо. Во продолжение, постои опасност да се создаде една пара-духовност која не соодветствува со содржината на теологијата, која пак, се поврзува органски со животот на црковното тело. Доколку работите се разгледуваат надвор од единственото предание на Црквата, и без темелно знаење на веќе утврдените критериуми: Светото Писмо (Библија), Символот на верата, синодалното толкување (од кое произлегуваат голем број од текстовите на Црквата) и литургиската практика, како и на историскиот контекст во кој се движи црковната заедница, крајниот резултат за жал ќе биде трагичен без разлика дали станува збор за ерес или пак, за горделивост која можеби не ја забележуваме, но ја живееме. Како последица верникот започнува да живее во Црквата на свој начин. Уште повеќе затоа што православието и ереста не се само некакви теоретски учења, туку се облици на живот. Православието е правилен живот, додека ереста е погрешен, и тие се сретнуваат и се судруваат во одреден временски период во животот на Црквата. Потребно е исклучително внимание, смирение и љубов за да не западнеме во замката на осудата кон ближниот, и на тој начин да ги занемариме зборовите на нашиот Господ Исус Христос. Како верници чија мајка е Светата Црква треба да знаеме дека познавањето на текстуалното богатство на Црквата е потребно за да може да се зачува изворното православно предание и истото да се пренесе на целиот човечки род, онака како што го зачуваа пред нас светите отци, кои во химнологијата при литургиската практика на Црквата ги нарекуваме вселенски учители. Оправдано и за очекување е верниците да не го знаат темелно преданието на Црквата, заради одредената професија со која се занимаваат, но затоа треба да се изградуваат духовно кај веќе докажани духовници, свештеници и епископи, и да се поучуваат внатре во Црквата од учителите. Затоа, не треба да се игнорираат учителите на Црквата, кои се потребни и се присутни и денес во нејзиниот живот. Истите можат да се најдат на Православниот богословски факултет каде што ја негуваат теологијата на Црквата и со радост ги очекуваат верните но и сите останати кои имаат желба подлабоко да се запознаат со нејзиното предание.
Теологијата на Црквата е пред се’ живот, но таа е истовремено и наука бидејќи ги испитува и проучува текстовите на Црквата
Асс. мр. Докторанд Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет, Скопје