На 03.07.2021 г., кога го празнувавме споменот на Светиот Наум Охридски, Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Никола Чонтев и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Наум Охридски“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светот Дух!
„Чесна е пред Господа, смртта на Неговите преподобни“ (сп. Псал. 115, 6), како што е и крајот на животот, на земјата, на денешниот славеник, преподобниот наш отец Наум, Охридскиот Чудотворец, кој е светител од нашиот Македонски род, кои во тоа време претежно се нарекувале словени, затоа што говореле на еден заеднички јазик. Сите тие народи, почнувајќи од нас Македонците, говореле на тој општ таканаречен словенски јазик, на кој Светите браќа Кирил и Методиј, го превеле Светото Писмо и богослужбените книги. Тие биле родени во Солун и се познати како рамни на Апостолите, бидејќи Апостолите целиот свет, од исток до запад и од север до југ, го просветија, со проповедта на Евангелието. Но овие сесловенски и Македонски просветители и учители Кирил и Методиј, ги просветлија сите словенски народи, од кои денес ако погледнеме по бројот на православните, најбројни се словенските православни народи. Преку проповедта на Светите браќа Кирил и Методиј, чии ученици се и Светите Климент и Наум, Охридските Чудотворци, како први и најдаровите, кои биле придружници на Светите Кирил и Методиј, најнапред во онаа позната мисија меѓу агарјани или сарацените на исток, муслиманско племе, на кои им го проповедале словото Божјо и докажале дека верата во Христа, нашиот Бог и Спасител, во Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, е вистинската вера.
Нашата вера не е човечка измислица, како што се другите религии и вери со погрешни учења, браќа и сестри, туку таа е Богооткриена вера, зашто ниту ангел од небото, нам ни ја открил верата, ниту било кој човек, туку Самиот Богочовек, Синот Божји, Логосот, Кој од прегратките на Отецот излезе, и заради нас грешните и недостојните слезе на земјата, се воплоти од Светиот Дух и Пресвета Богородица, која Го прими во својата Света утроба и она што се роди од неа, е Свето, како што рекол арханхелот Гаврил.
И така нашата вера, е Богооткриена, бидејќи Самиот Бог ни ја открил т.е. Спасителот наш Господ Исус Христос, а во Стариот Завет, како што читаме во Светото Писмо, Светите Божји луѓе, говореа научени од Светиот Дух.
Па така, еве и Светите Учители Кирил и Методиј, кои ги просветлија сите словенски народи и нашиот православен Македонски народ, нивното Свето дело го продолжија нивните ученици, од кои меѓу нај даруваните беа Свети Климент и Свети Наум, Охридските Чудотворци, кои по завршувањето на нивното дело во Моравија и во Панонија, денешна Унгарија и општо на Запад, од каде натаму се прошири во сите словенски земји, како што е Русија, Белорусија, Украина, Полска, Чешка, Словачка и.т.н. И да не заборавиме дека на истиот тој јазик, беше проповедано Словото Божјо и беше употребувано во црквите и манастирите кај Романскиот народ, кои има друг поинаков јазик од словенскиот јазик, а за тоа доказ се и црквите, кој во тоа време биле живописани со црковнословенски јазик, но и книгите, кои што биле подоцна со латинска транскрипција, но на словенски јазик.
Па така, по завршувањето на делото на Свети Кирил и Методиј, нивните ученици биле продавани, како што се продавала стоката на пазариштата. Многумина од нив, завршиле во северна Италија, Венеција и во западните земји, а Свети Климент и Наум, Сава и Ангелариј, преку Дунав дошле во Белград. Таму, познатиот во тоа време болјар или принц Боритакан, кој управувал со тој дел од државата, која во тоа време била именувана како Бугарска држава, ги испратил во Преслав или Плиска, град во денешна Бугарија, некаде во близината на Црното Море. Таму биле пречекани со сите почести од цар Борис, но заради тоа што тие упорно настојувале да го зачуваат делото на нивните учители Свети Кирил и Методиј т.е. глаголицата или писмото што тие го измислиле, односно по Божјо вдахновение го напишале, Свети Климент бил испратен во Кутмичевица, област околу Охридското и Преспанското езеро, од каде понатаму, ја продолжил својата мисија да го проповеда словото Божјо. Па така, Свети Климент во 886-та година, дошол во Кутмичевица, односно во Македонија, а по седум години, бил избран за прв Словенски или Македонски епископ. Неговиот брат, Свети Наум, на кој денес споменот му го празнуваме, копнеел по својот брат, (се мисли не само духовен, туку и телесен брат), Свети Климента. И кога овој станал прв словенски епископ во Македонија и на Балканот, зашто воопшто првиот словенски епископ, е Свети Методиј, Свети Наум дошол да го замени него во неговото учителско дело во Девол, кој се наоѓа во денешна Албанија, малку потаму од Преспанското езеро, но и во оној дел кај Преспа продолжил да го извршува словото негово.
Но Свети Наум, браќа и сестри, покрај тоа што бил учител, копнеел по духовниот живот на тихувањето или осаменоста т.е. по манастирскиот или монашкиот живот, како што пееме во неговиот тропар „мир оставил еси“, односно си го оставил светот и си се прилепи кон Христа нашиот Бог и Спасител.
Ете, тој како Апостолите се подвизувал, па затоа уловил множество мизиски луѓе во Мизија, која била област во денешна Бугарија.
Така е името на таа земја, каде тој го посеал словото на Христа нашиот Бог и Спасител, зашто до тогаш словото Божјо во Македонија и Мизија, се проповедало на грчиот јазик, кој за нашиот народ и за мизијците во тоа време, а подоцна и бугарите, кои дошле во Мизија и се измешале со словените, бил неразбирлив.
И ете, така Свети Наум уловил огромно мнозинство мизиско, па ја просветил Мизија, ама ја просветлил и Македонија како учител по завршувањето на учителската служба на светиот Климент, кој станал словенски епископ на Балканот и Македонија.
Свети Наум формирал манастир на брегот на Охридското езеро, кој го посветил на Светите Архангели, кој и ден денес постои. Таму почиваат неговите Свети мошти, односно неговото Свети тело во неговиот Свет гроб, кое не е дозволено да биде извадено од земјата, каде луѓето одат и се поклонуваат со силна вера и се лекуваат од секакви болести, секако ако имаат силна вера, а ако немаат вера, попусто е молењето, браќа и сестри.
Па така, Свети Наум, формирал голема монашка заедница, која броела некаде околу триста монаси. Образец на таа монашка заедница, на тие монаси и калуѓери, бил самиот Светиот Наум, Охридскиот Чудотворец, кој за образец Го имал Спасителот наш Господа Исуса Христа, а секако и неговите учителите Свети Кирил и Методиј. Свети Методиј, браќа и сестри, исто како Свети Наум, премногу го сакал тихувањето и манастирот на Олимп, па затоа Свети Кирил му рекол: „Знам брату дека ти многу го сакаш манастирот и тихувањето, но не заборавај дека поголемо дело ќе направиш ако го продолжиш делото што започнавме, зашто јас паѓам во браздата што заедно ја оравме како ѕевгар, зашто во 879-та година, Свети Кирил починал во Рим, а неговото дело, како проповедник меѓу словените на Запад, го продолжил Свети Методиј“.
Свети Наум, браќа и сестри, е голем подвижник, кој е наречен преподобен, затоа што го задобил преподобието што го имале нашите праотци Адама и Ева, нашите прародители, кои заради непослушноста отпаднале од Бога, но со нивното покајание што го покажале во адот, кога Христос со душата слегол во адот, од гревот и смртта ги избавил и Адама и Ева, кои покажале покајание за својот грев т.е. за непослушноста, но и сите старозаветни праведници, кои поверувале во Христа нашиот Бог и Спасител, како Месија и Спасител, ги избавил од адот.
Па така, Свети Наум, се покажал како еден од врвните подвижници, кој напишал и едно дело „О писменех“ за писменоста. И ете, тој кога говорел меѓу своите монаси, истот најнапред го покажувал со своите дела. Се знае дека неговата вера била света и непорочна, онака како што ни ја предал Христос нашиот Бог и Спасител, преку Неговите Свети Апостоли и Нивните наследници, односно епископите на Црквата Божја.
Па така, Свети Наум, својот ум го возвисувал горе кон небесата, постојано молејќи Му се на Бога. Тој бил во постојано бдение и молитва, зашто ја практикувал умносрдечната молитва на Спасителот наш Господа Исуса Христа:, „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме (спаси ме мене) грешниот!“
Свети Наум на своите ученици и монаси им бил сè, како што вели Свети апостол Павле, за да ги придобие за Христа нашиот Бог и Спасител.
Па така, Свети Наум толку многу го возљубил Господа, што како и Свети апостол Павле рекол: „Не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20). Секако дека во Свети Наума живеел Христос нашиот Бог и Спасите, со Отецот и Светиот Дух. Имено, се знае мошне добро дека Светите луѓе, своите тела ги направиле да бидат храмови на Светиот Дух.
Имено, Свети апостол Павле вели: „Зар не знаете дека вашите тела, се храмови на Светиот Дух“ (сп. 1. Кор. 3, 16), односно дека за тоа се создадени телата на луѓето, да бидат храмови на Светиот Дух, во нив да живее Отецот, и Синот, и Светиот Дух т.е. да бидат целосно предадени на Бога. Но заради непослушноста на Адама и Ева, дојде гревот, а преку гревот и смртта. И никој не можеше да го спаси човечкиот род, освен Самиот Син Божји, Христос нашиот Спасител, Кој се воплоти од Пресвета Богородица, која уште се нарекува и втора Ева. Заради непослушноста на првата Ева, дојде гревот и смртта во човечкиот род, а заради послушноста на втората Ева, на Пресвета Богородица, да Го прими во Својата Света утроба Синот Божји, дојде спасението на човечкиот род.
И така, еве денеска ние имаме славеник, кој исто така покажал совршена послушност кон Божјите Заповеди.
Свети Наум, браќа и сестри, немал удобни постели, како што имаме ние, туку лежел на земјата и така го минувал својот живот. Постојано бил во бдеење, пост и молитви, а ние денес не можеме да ги испостиме големите пости т.е. Велигденскиот, Божикниот, Богородичниот, и Петровденскиот, кој е посветен на Светите Апостоли. Телесниот пост треба да го разбереме како недонајадување, како што обично вели нашиот народ: „Кога ти е најслатко јадењето, тогаш да престанеш да јадеш“.
А духовниот пост, кој има предност над телесниот, е да се воздржуваме од секакви грешни мисли, помисли и фантазии, и да не дозволиме тие грешни мисли и помисли, да се спуштат во нашите срца, па да станат грешни желби, похоти и страсти, а подоцна и дела, од кои не можеме да се спасиме, ако не почнеме да се поправаме, односно да го чистиме срцето од грешните желби, чувства, похоти, страсти и од грешните дела. Само на тој начин можеме да ја задобиеме онаа состојба, која ја имале нашите прародители Ада и Ева пред да згрешат, која ја задобил и Светиот Наум, Охридскиот Чудотворец. Но не само тоа што го задобил, туку дури и она што не го постигнале Адама и Ева, тој го постигнал, односно станал светител т.е. се обожил, а обожувањето, е да ги преобрази страстите во себе т.е. омразата да ја направи љубов, лагата да ја отфрли и да ја претвори во вистина, место нечесно, чесно, место несвето, свето да говори и орави т.е. сето она спротивното што го прават луѓето во својата грешност. Па затоа него Господ го просветлил и затоа е чесна неговата смрт пред Господа, како што слушнавме на почетокот дека чесна е пред Господа смртта на неговите преподобни. И така, Господа го направил да биде храм на Светиот Дух, а неговото тело не дозволил да види распаѓање, бидејќи е Свето и непорочно, како што учи нашата Света Црква дека телата на Светите нема да видат распаѓање, затоа што се храмови на Светиот Дух.
Ете, Светиот Наум, ни покажал како треба да живееме и како да се однесуваме, а не да велиме дека тоа било минато и дека истото за нас е невозможно.
Навистина за многумина не е возможно, но Господ вели: „Тоа што за луѓето е невозможно, за Мене е возможно“, односно ако ние се предадеме на Божјата волја, ако Господа Го повикаме во нашиот живот, Он да раководи со нас, ако целосно се предадеме на Неговите Свети Заповеди, тогаш сè е возможно, зашто тоа не го правиме ние, туку Господ го прави во нас, како што вели Светиот Апостол Павле дека тој од сите Апостоли се погрижил повеќе, иако пред тоа, пред да стане христијанин, ја гонел Црквата Божја и не бил достоен да се нарече Христов апостол. Но потоа објаснува дека не се погрижил тој, туку благодатта Божја, која е сила Божја, енергии Божји, кои нам ни се даваат заради трудот и заради предаденоста на волјата Божја. И така, таа благодат Божја, нè прави од грешни, праведни, од несвети, свети, од недостојни, достојни, од нечесни, чесни луѓе.
Па така, имајќи го денешниот славеник, Светиот преподобен Наум Охридски, како образец, ние барем приближно да постиме, како тој што постел и да се однесуваме во семејството, како што се однесувал тој кон своите монаси.
Како што тој бил образец на своите монаси, да бидат родителите образец на своите деца, кои секогаш сакаат родителите да им бидат свети, зашто децата, кога ќе видат дека родителите им се порочни и грешни, одма се гневат. Така, ако ние сигурно тоа го направиме, тогаш ќе покажеме вистински пример како треба и децата да се однесуваат кон нас, но и едни кон други. А и сите ние, браќа и сестри, како синови и деца Божји, да се однесуваме едни кон други со љубов, за да ги исполниме двете совршени заповеди, кои Христос ни ги дал, кога рекол : „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27).
Прво Бога да Го визљубиме, со сите свои сили, а потоа и ближниот како себеси. Ете, тоа го направил Светиот преподобен Наум, кому денес споменот му го празнуваме. Амин!
Честит нека е празникот и честито нека е името на оние што го носат името на Свети Наум, Охридскиот Чудотворец!