На 10.06.2021 г., кога го празнуваме Вознесението Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Златко Костовски, свештеникот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој празник во село Брусник, Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христе Боже на Своите рамена си ја примил т.е. натоварил природата на заблудените, Вознесувајќи се кон Отецот Небесен, си ги привел, постојано сега и секогаш.
Денес, браќа и сестри, е голем и спасоносен ден, кој и името го носи Спасовден. Зошто? Затоа што на денешен ден, е подигната и спасена природата на паднатиот човек, на Адама нашиот прародител, а преку него и на сите луѓе од постанокот, па сè до крајот на светот. Ете, затоа овој ден се нарекува Спасовден, зашто е спасена паднатата човечка природа, која е падната поради непослушноста на нашата прамајка Ева и на нашиот прататко Адам, а подигната е и спасена преку послушноста на втората Ева, Пресвета Богородица и вториот Адам, Спасителот Христос.
Господ им дал само една заповед на нашите прародители, да не јадат од забранетиот плод, но тие сè додека мислеа на последиците од јадењето на забранетиот плод, сè додека во нив беше присутна мислата дека ќе умрат ако ја прекршат Божјата заповед, сè дотогаш тие не умреа, но кога заборавија на тоа, тогаш згрешија, прекршувајќи ја единствената Божја заповед. Нашите прародители Адама и Ева, најнапред умреа духовно, а тоа значи дека се одделија и отпаднаа од Бога, престанаа да бидат во заедница со Бога, престанаа да литургисуваат со Бога, да Го слават Бога, Кој претходно Го чувствуваа во рајот во нивните души и срца.
Ете, кога сега ова се случило, немало никаква можност поинаку човечкиот род, паднатата човечка природа да се подигне, освен Самиот Бог, Синот Божји, Логосот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, да излезе од прегратките на Отецот и по благоволение на Отецот, доброволно да слезе на земјата, да зачне во утробата на Пресветата Богородица и да се вочовечи, да прими наше човечко тело, изедначувајќи се со нас луѓето во сè, освен во гревот.
Па така, Христовото доаѓање во светот е нечујно, бидејќи Христос не се родил во палата, туку во пештера, каде бил повиен и положен во јасли, кога Ангелите ја пееле песната: „Слава во висините на Бога, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (сп. Лука 2, 14). Тогаш пастирите гледајќи го чудото, се радувале, а со нив и сите земни суштества.
Ете, сите принесуваат по нешто т.е. Ангелите песна, пештерата на Христа новородениот Му принесува јасли, пастирите чудо, а ние Му ја принесуваме Дева, Мајката Божја, Пресвета Богородица.
Христос дошол и се вочовечил, за да го научи човечкиот род како да живее во овој свет, како да се спаси, како со послушност, да биде исправена непослушноста на нашиот прародител Адам и нашата прамајка Ева. Па затоа, Мајката Божја, Пресвета Богородица, поради својата послушност, поради откажувањето на својата волја, поради неправењето на никакви свои лични гревови, освен гревот што го носела од нашите прародители Адам и Ева, била очистена од него во денот кога архангелот Гаврил и ја соопштил радосната вест, со зборовите: „Радувај се благодатна! Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба, зашто ќе Го родиш Спасителот на нашите души “ (сп. Лука 1, 28), а таа прашува: „Како ќе биде тоа, кога јас незнам за маж?“ (сп. Лука 1, 34) А Ангелот и вели: „Силата на Севишниот ќе те осени; Светиот Дух ќе слезе на тебе, па затоа и роденото што ќе зачне во тебе, ќе биде свето, и ќе му ставиш име Емануил, што значи со нас е Бог“ (сп. Лука 1, 35).
Ете, Синот Божји заради нас грешните, за човечкиот род да се избави од гревот и смртта, за паднатата човечка природа повторно да биде подигната и вознесена на небесата, доаѓа и доброволно прифаќа да страда, да биде понижен до таа мера, односно да пострада со најстрашаната казна за луѓето т.е. да биде распнат на Крст.
На тој начин Христос, покажувајќи ја Својата преголема љубов кон човекот, Го жртвуваше доброволно Својот живот, ја пролеа Својата Света Крв на Крстот, со која Го освети Крстот, па затоа Крстот е и спасоносен и е оружјето против сатаната и неговите ангели (демоните). Од таму, браќа и сестри, ние ја црпиме силата во борбата со сатаната и гревот, кој е присутен во нас луѓето. Ние, браќа и сестри, не треба да ги мразиме луѓето, туку гревот што е во нас и во нив, тоа треба да се мрази. Како што лекарите не ги мразат болните, туку ја мразат болеста што е во нив, зашто во противно секој лекар би требало да го убие секој болен човек за и тој да не се разболи. Па така, треба да се мрази болеста, а нашата болест е гревот.
Смртта не можела да биде поинаку победена, освен Самиот Христос да биде распнат на Крст заради нас и нашето спасение, да ја покаже Својата љубов кон луѓето до таа мера, доброволно да пострада за нас, кои ништо добро не сме направиле за него. И ете, Господ Исус Христос на Крстот ги изговара последните зборови, а последните зборови се: „Се сврши“ (Јован 19, 30). Многумина прашуваат што се свршило, кога Господ на Крстот рекол: „Се сврши“ (Јован 19, 30). Се сврши или заврши Неговата мисија како човек на земјата, кој è Богочовек. Ја заврши мисијата на Неговото страдање, на Неговиот живот, погребение и воскресение од мртвите, зашто Христос со Својата смрт, смртта ја победи и Воскресна од мртвите. По Воскресението од мртвите, Христос им се јави на многумина, почнувајќи од Мајката Божја, кое нешто не е запишано во Светото Писмо, но е пренесено во Светото Предание, дека најнапред и се јавил на Пресвета Богородица, (Си ја сретнал Дева… воскресен тропар 6 глас) потоа на Марија Магдалина, на Жените Мириносици, на Апостолите Петар и Јован и на другите.
Исто така, кога Апостолите биле собрани во Сионската Горница, без и со Тома, кој го уверил дека Неговото Тело не е привид, туку вистинско Тело, велејќи му: „Тома дојди и стави ги прстите твои во раните од клинците на рацете и нозете и стави ја раката твоја во ребрата Мои и повеќе не биди неверен туку биди верен!“ (сп. Јован 20, 27). А кога тоа Тома го направил, извикал со силен глас: „Господ мој и Бог мој“ (сп. Јован 20, 28).
И ете, поголем доказ за Христовото Воскресение од овој да не бараме, браќа и сестри, затоа што Апостолите не само што Го виделе Синот Божји по Воскресението Христово, туку и Го слушнале, кога им рекол Господ: „Мир вам“(сп. Јован 20, 21), кога апостолот Тома ги допрел со своите прсти раните од клинците, и со раката своја, ребрата Негови, па затоа извикал: „Господ мој и Бог мој!“ (сп. Јован 20, 28). И повеќе да не се слушне меѓу нас православните христијани дека треба да имаме некаков доказ за тоа дека Христос постоел и дека Воскреснал од мртвите.
Ете, браќа и сестри, така завршила мисијата на Христа нашиот Бог и Спасител на земјата.
По Воскресението Господ им се јавил на Апостолите на Генисаретското езеро и им рекол: „Мир вам“ (сп. Јован 20, 21), а потоа ги прашал дали имаат нешто за јадење, а тие имале риби и мед во саќе. И Христос јадел по Воскресението со Неговото духовно Тело, за да им покаже и докаже дека не е привид, туку дека Неговото Тело е вистинско, а храната се топела во Него, оти немал потреба, како што и ние нема да имаме потреба по Второто Христово доаѓање т.е. по сеопштото Воскресени од никаква телесна и материјална храна, туку телата наши ќе бидат, какво што било Телото на Христа по Воскресението.
Ете, потоа им кажал Спасителот Господ Исус Христос за нивното назначување т.е. им ја дал задачата што треба тие да направат, велејќи им: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20). И некои ќе речат: Па не е во цел свет проповедано Евангелието на Христа нашиот Бог и Спасител, но тоа не е точно. Ако во тоа време, браќа и сестри, немало посебни услови и средства за да се стигне секаде во светот, како што се денеска средствата за комуникации, авионите, со кои за неколку часа, можеме да стигнеме од овој, до оној крај на светот. Ете, и тогаш имало средства за нивното брзо одење. Да си спомнеме како Светите Апостоли, кога се случило Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, односно кога го завршила нејзиниот земен живот, Апостолите, од сите краишта на светот каде што проповедале, биле донесени во Ерусалим, за да се опростат со Мајката Божја, а стигнал и Тома од Индија, од Карела, земјата од најужниот дел од Индија.
Како можел тој, браќа и сестри, за еден ден или помалку од еден ден да стигне од таму, кога денеска од таму со помали авиони, ни за еден ден не може да се стигне, освен да бил носен на облаците од Светиот Дух.
Денеска сме сведоци дека преку Апостолите и преку нивните ученици и наследници, а тоа се епископите и свештениците, секаде во светот е проповедано Словото Божјо, а и преку другите средства што се нудат, а тоа се интернетот и социјални мрежи, преку кои нема човек што не може да слушне и да знае за православието, за нашата Света Православна Вера. Па од таму, тоа кажување на Господа Исуса Христа, да одат и да го проповедаат Словото Божјо, насекаде во светот, се исполнило и денес уште повеќе се исполнува. А која е силата, која Апостолите ја имале да го проповедаат Словото Божјо? Тоа е онаа сила што Господ Исус Христос им го рекол на Своите Свети Ученици и Апостоли: „Силата одозгора ќе ве осени“. Тоа им го рекол, за тие да го напуштат Ерусалим, додека не слезе Оној, што Христос им го ветува, а тоа е Духот на вистината, Кој од Отецот исходи.
Ете, Христос нашиот Спасител, Го исполни Своето ветување и на Педесеттиот ден по Неговото Воскресение, им Го испратил Светиот Дух на Своите Свети Ученици и Апостили, кои со силата одозгора, со силата на Светиот Дух, го проповедале Светото Евангелие. И тој Свет Дух, браќа и сестри, е присутен во Црквата Христова уште од почетокот. Знаеме уште и светот кога бил создаден, ништо не можело да се создаде и да има живот, ако не бил Светиот Дух, Кој ја загревал земјата, за таа да даде секаков род, односно билки, растенија, птици небесни, риби морски и секакви животни во морињата. Сè што дише, сè е создадено и дише преку Светиот Дух, а како венец на сè создадено, Господ го создава човекот, кој не бил жива душа, сè додека Господ не му дувнал во носот дух животен и постанал душа жива, а тој животен дух, е Светиот Дух, Кој нам ни се дава преку Светите Тајни, почнувајќи од Светата Тајна Крштение, заклучно со најголемата Тајна, Тајната над Тајните – Причесната, која е Телото и Крвта, на Христа нашиот Бог и Спасител.
Ете, токму тоа се случило кога Господ им вели да не го напуштаа Ерусалим, сè додека не им Го испрати Светиот Дух, Кој ќе сведочи за Него и ќе ги научи за сè што им проповедал. Исто така им укажува дека и тие ќе бидат сведоци на сето тоа што се случило.
Светиот Дух е Оној што Господ Го испраќа во десеттиот ден по Неговото Вознесение на небесата. А што е Неговото Вознесение на небесата, ако не вознесување на небото на нашата падната човечка природа, кон нашиот Отец небесен. Никој не можел таа падната човечка природа да ја подигне, освен Самиот Син Божји, Логосот, Христос нашиот Бог и Спасител. И така, како што кажавме на почетокот, таа природа на заблудените, која Господ ја примил, за нас грешните и недостојните, да нè обожи, велејќи: „Еве, Јас слегов од небесата и станав човек, претрпувајќи за вас страдања и смрт на Крст, за да ја Вознесам паднатата човечка природа на небесата“.
Ете, кога Христос се Вознесувал на небесата пред Неговите Свети Ученици и Апостоли, пред Мајката Божја, тогаш еден облак го затскрил Него, а двајца сведоци т.е. Архангели Божји, рекле: „Луѓе Галилејци што гледате, овој Христос што сега се вознесува на небесата, на истиот начин ќе дојде на земјата во Својата слава, за да им суди на живите и на мртвите“ (сп. Дела 1, 11).
Христовото Вознесение на небесата и Неговото повторно доаѓање, ќе биде различно од Неговото прво доаѓање. Првото доаѓа било нечујно, неславно и понижено. Тука во прашање е кенозисот, односно крајното понижување на Христа, кој доброволно заради нас се понижил, да прими човечко тело, да страда, само нас да нè воздигне, кои сме Го изгубиле Бога, кои сме престанале да бидеме богови по благодат, за повторно да нè направи богови по благодат.
Па така, Господ со Своето вознесение на небесата, ја вознесе човечката природа на небесата и ја прослави(л), а со тоа го спасил човечкиот род, ја спаси грешната човечка природа, па затоа и овој ден се вика Спасовден. Кога Спасителот Христос се Вознесувал на небесата, Неговите сведоци Ангелите, им кажале на присутните какво ќе биде повторното Христово доаѓање т.е. дека тоа ќе биде во слава со трубен глас од сите страни на светото, кои ќе проповедаат дека доаѓа Христос, но овој пат како Праведен Судија, за да им суди на луѓето за нивниот живот на земјата. Оние што правеле добро и верувале со вистинска и чиста вера во Него, ќе воскреснат за живот вечен, а оние што правеле зло или си ја искривиле верата како сектантите, а денеска ги има многумина, кои за пари стануваат сектанти и ним им веруваат, ќе воскреснат за осудување.
Треба да знаеме, браќа и сестри, дека ние православните, не сме исти, ни со римокатолиците, ни со протестантите, ни со хиндуистите, ниту со било која друга вера. Нашата Света Православна Вета, е вистинска, чистата и спасоносна. Кој нема чиста вера, како нашата Света Православна Вера, нема да се спаси, тоа не го велам јас, туку тоа го велат Светите Отци, кои го докажале тоа. И денешните Свети Отци, кои се ретки, кои живеат во пустините и манастирите на Света Гора и на други места, а можеби и меѓу нас има такви, кои молчат и не кажуваат дека се Свети, кои со своите постапки можеби ни изгледаат како безумни, ама се Свети. Само Господ знае, како што вели Свети апостол Павле: „Што е во човекот, никој не знае, освен духот што живее во него“ (сп. 1. Кор. 2, 11).
Па затоа, возљубени браќа и сестри, доаѓањето на Светиот Дух се случило на Педесетница. Од тогаш Црквата во својата полнота почнува да живее, зашто ба Духовден Светиот Дух изобилно слезе врз Апостолите и врз Апостолите и сите присутните што поверуваа и се крстија, бидејќи Господи Исус Христос, им рекол на Своите Ученици дека никогаш нема да ги остави сираци, туку дека ќе биде со нив до крајот на светот и векот.
Христос, е со нас, браќа и сестри, секогаш преку Светиот Дух, бидејќи на секоја Божествена Литургија, тука на Светиот Престол, благословениот Леб се претвора во Тело Христово, а благословеното Вино, во Крв Христова, и ние, кога Го примаме Христа нашиот Бог и Спасител во нашите тела, кои се храмови на Светиот Дух, ако сме се подготвиле достојно да ги примиме Телото и Крвта Христови, тогаш стануваме Христови последователи, бидејќи Христа сме Го примиле во нашите души и срца.
По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, испрати Го и на нас Светиот Дух. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар