На 03.06.2021 г., кога го празнуваме споменот на Светиот цар Константин и Светата царица Елена, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Оливер Ивновски и ѓаконот Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Константин и Елена“ (Влашка Црква), во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Ве величаме рамноапостолни цареви Константине и Елено!“
Овие благочестиви цареви Константин Великиот и неговата мајка Света Елена, се најзаслужните луѓе за тоа што ние денес се нарекуваме православни христијани, зашто времето кога тие живееле, е време на најголемите страдања на Црквата Христова. Тоа е време како што богословот Тертулијан во тие векови кажал дека крвта на христијаните станува семе за ниви христијани, бидејќи крвта на христијаните се пролевала со потоци и реки, браќа и сестри. Тоа е време кога едно по друго се случиле десет страшни гонења на христијаните, а последното (десетото) гонење на христијаните било во времето на најкрвожедниот цар на Римската Империја, Диоклицијан, кој страшно ги гонел христијаните.
Во тоа време, христијаните поднесувале страшни мачења т.е. биле сечени нивните тела, а нивните делови од телата биле ставани на колци, со кои пота ноќе како со факели со нив оделе и си го осветлувале патот или незнабошците правеле разни демонстрации со телата на христијаните. На пример за време на царот Нерон, христијаните биле пресекувани со пили, под ноктите им ставале спици, им ги сечеле прстите, и на рацете, и на нозете. Христијаните, биле исто така ставани врз огнот, како што на скара се става месото. На таков начин бил мачен и Светиот Архиѓакон Лаврентиј, кој кога едната страна од неговото тело било целосно изгорена на скарата, рекол: „Превртете го телото, за и другата страна да изгори“.
Можете да замислите само какви големи страдања тогаш луѓето поднесувале т.е. на колци биле набивани, ставани на тркала, каде долу под нив имало клинци и шајки, за телата да им станат како една огромна рана, како што било телото на Свети Георгиј. Христијаните, браќа и сестри, биле фрлани во пештери, во дупки, во големи амбиси, ги потопувале во води, во реки, во езера, во мориња, им ставале во устите и ушите стопено олово, им ги продупчувале ушите од едната до другата старана и.т.н. Страшни биле страдањата на мачениците, како што биле страшни страдањата на четириесетте преподобни маченици во Севастија, кои биле фрлени во езерото да замрзнат во најлутата зима.
Ете, такво било времето кога се родил Светиот цар Константин, кој потекнувал од царски род. Негов татко бил царот Констанциј Флор, кој подоцна станал и император, и негова мајка, Света Елена, која била од непознат род, но била прекрасна христијанка, која од Свети Константин направила врвен светител, рамноапостолен и рамен на Апостолите.
Света Елена, браќа и сестри, до крајот на својот живот била, и срцето, и душата, и умот, на нејзиниот син Константин, која сигурно ако таа не била, тогаш немало ни царството на Свети цар Константин да биде такво какво што било.
Кога умрел таткото на Свети цар Константин, великиот Констанциј Флор, него го наследил Свети Константин, кој управувал со тогашните западни делови од Римската Империја т.е. со Галија, Британија, Шпанија и Маврикија.
Ете, тие големи области во тоа време, биле во неговото царство, а со Италија управувал Максенциј. Кога луѓето веќе не можеле да ги поднесат страдањата на овој безбожен цар Максенциј во Италија, се обраќале кон Светиот цар Константин да им помогне и да направи нешто за тие да не страдаат, а Светиот цар Константин тоа го прифатил и почнал да се подготвува. Па така, потоа успеал да се здружи со царот на Источното царство Лактанциј и да направи еден оглас, едикт или закон, со кој во 312-та година им дал слобода на христијаните. Но овој цар на Источното царство, по извесно време се одрекол од ветеното и од согласноста да се издаде тој Милански Едикт. За сметка на тоа што се случило, овој Едикт, кој во 313- година бил издаден, не важел веќе за Источното царство, па така Свети Константин него го победил, а потоа секако пред да завладее со целокупната Римска Империја, тој го победил и царот Максенциј, кој што управувал со Италија.
За да го направи тоа, Светиот цар Константин, кој можеби имал трипати помалку војска, која била помалку бројна и силна од непријателот, се обратил кон Бога со молитва, а на пладнина, кога денот е прекрасен, кога ниту ѕвездите, ниту месечината се гледаат, освен сонцето, му се покажал на небото прекрасен Крст од ѕвезди, на кој било напишано: „Со овој знак ќе победиш“, а ноќта на Светиот цар Константин, Му се јавил и Господ Исус Христос, Кој му рекол: „Направи Крстови секаде на сите орудија што ги имаш т.е. на штитовите, на знамињата, на шлемовите, и тргни во војна против нерамниот на тебе непријател Максенциј“. И во таа нерамна борба, браќа и сестри, Светиот цар Константин го победил Максенциј, а овој во своето бегство, сакајќи да побегне, паднал во реката Тибар и таму се удавил. На таков начин завршило царството на царот Максенциј, за Светиот цар Константин потоа да управува, и со Западното, и со Источното царство.
Потоа Светиот цар Константин го прогласил градот Византон за престолнина и го пренел царскиот престол од Рим во Византон, а тој град потоа го добил името Константинопола, бидејќи станува збор царски град, а потоа го добил и името Цариград, а сега се вика Исатанбил, откако Турците дошле и му го ставиле тоа име.
Така управувал Светиот цар Константин и одлучил на христијаните да им даде целосна слобода, а исто така му наредила на епископот Евсевиј Кесариски, да напише книги, повеќе од педесет тома, за христијанската вера, за христијаните да можат убаво ја научат нашата Света Православна Вера. Исто така, наредил да се градат цркви и манастири во целата Империја, а самиот тој подигнал храм во Цариград на Светите Апостоли. Затоа и во црковните песни е опеан како човек и цар, кој имал: мудрост Соломонова, кротост Давидова и вера Апостолска.
И неговата благородна мајка, Света Елена, која за да Му заблагодари на Бога, отишла во Светата земја Палестина, за да ги посети сите места каде што Господ наш Исус Христос живеел, работел и творел, сакајќи на тој начин да Му се поклони на Бога, но имала преголема желба да го најде Крстот на Христа нашиот Бог и Спасител. Па така, откако по многу истражувања некој стар евреин и кажал каде се наоѓа тој Крст, а тој Крст бил под едно големо изградено светилиште на една римска богиња, кое било урнато, а долу биле откопани три Крст, кои после чудото кое се случило, со кое се бил откриен Крстот Христов, кога бил ставен врз некој мртовец, мртовецот оживеал, а со тоа се утврдило дека тој е Крстот Христов. Потоа, тука, на тоа место е изграден храмот во спомен на Христово страдање и на Христовото Воскресение.
Света Елена, браќа и сестри, подигнала и многу други храмови во Палестина, а особено во Витлеем, каде што бил роден Спасителот наш Господ Исус Христос.
Починала на осумдесет годишна возраст, а народот ја опеал како жива светителка.
Ете, таков бил животот на оваа Света жена, која го родила и воспитала царот Константин, кој им дал слобода на сите христијани.
Чудото со пронаоѓањето на Крстот Христов се случило во 327-та година, а само две години пред тоа, царот Константин го свикал Вселенскиот собор. Тоа е Првиот Вселенски Собор, кој е свикан во тоа време поради најопасното и најзлогласното еретичко учење на Александрискиот свештеник Ариј, кој учел дека Христос нашиот Бог и Спасител не е рамен на Отецот, туку дека е божјо создание. Таквата негова глупост и погрешно учење, биле казнети, со тоа што тој најсрамно го завршил својот живот во тоалет. Таков бил животот на Ариј, но Свети Константин не дозволил да се случи народот да биде погрешно учен и воспитуван во нашата Света Православна Вера, затоа го свикал Првиот Вселенски Собор, на кој 318-ет Свети Отци, кои биле присутни, го осудиле учењето на Ариј и го создале преку перото на Свети Атанасиј, архиѓаконот Александриски, првиот дел од Символот на Верата, а на Вториот Вселенски, Цариградски Собор, вториот дел од Символот на Верата.
И ние кога велиме дека православните христијани имаме нај добра вера, не го велиме тоа, затоа што сакаме многу да се фалиме, туку затоа што таа не е наша измислица, не е човечка измислица, како што се измислица други вери и религии, што постојат во светот. Нашата вера е Богооткриена вера, која не ни ја проповедал ни Ангел од небесата, ниту најмудрите луѓе од овој свет, туку ни ја открил Самиот Син Божји, Логосот, Кој излегол од прегратките на Отецот, и заради нас грешните и недостојните прифатил да прими човечко тело, во сè да се изедначи со луѓето, освен во гревот.
Затоа Господ наш Исус Христос, проповедал и ни ја открил целосно верата за Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и затоа е кажано, почнувајќи од Првиот Вселенски Собор, па до последниот, како и на Помесни Собори и учењето на Светите Отци, дека она што било донесено на Вселенските и Помесните Собори, не е мудрување на луѓето, на владиците кои таму биле присутни и активно учествувале, туку Светиот Дух од небесата слегувал врз нив. Затоа е кажано: „Ащте и Ангел с небесе благовестит вам ино, анатема да бидет т.е. дури и Ангел од небото ако ви каже поинаку, отколку што ние на Вселенските Собори утврдивме, (не по наше мислење, туку по вдахновение на Светиот Дух), да биде проклетство на секој што поинаку ќе проповеда и учи.
Па така, почнувајќи од Првиот Вселенски Собор, сите вселенски Собори ја исчистиле верата од сите погрешни учења што се јавиле во Црквата.
Светите Отци на Црквата Христова, чие поколение не престанува духовно да постои до крајот на светот, зашто и денеска ние имаме Свети Отци, а тоа се светители, кои дали се тоа во светогорските манастирите или во некои други манастири во светот, или меѓу нас и вас верниците, во кои се кријат да ја кажат својата светост, заради да не се возгордеат. Ете, токму тоа била и причината Светиот цар Константин, прогласувајќи го Миланскиот Едикт, со кој дал слобода на Црквата Христова, да се шири, расте и напредува.
Ете, таа слобода ние и ден денес во голема мера ја чувствуваме.
Затоа, браќа и сестри, овој голем празник на Светите боговенчани цареви Константин и неговата мајка Света царица Елена, е празник голем за нашата Црква Христова. Од таму сите ние на овие благочестиви цареви, да им се молиме постојано, Црквата Христова до крајот на светот, до повторното Христово доаѓање во светот, да се одржи како Света и непорочна.
По нивните молитви, Господ Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Христос Воскресна! Навистина Воскресна!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар