На 09.05.2021 г, во Неделата на Антипасха – Томина недела, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Василиј, епископ Амасиски, Свети Јоаникиј Девички, Свети Стефан епископ Пермски и споменот на Преподобен Филотеј Зервакос, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Гоце Велјановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Вечерта, кога Учениците Христови беа собрани во Сионската Горница, со заклучени врати, со нив не беше Тома. По осум дена, Тома наречен близнак, браќа и сестри, во истата таа Сионска Горница, беше заедно со останатите Апостоли, кои му велеа дека Го виделе Господа, а Светиот апостол Тома им рекол: „Додека не ги видам раните и лузните од клинците на рацете и нозете Негови, и додека не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“ (сп. Јован 20, 25).
Еве, при оваа прилика, како што и пред осум дена по Христовото Воскресение, Христос нашиот Бог и Спасител, Кој Воскресна од мртвите, им се јавил на учениците и им рекол: „Мир вам“ (сп. Јован 20, 21). Така и сега Христос влегува низ затворени врати во Сионската Горница и им вели на Своите Учениците: „Мир вам“ (сп. Јован 20, 21), а потоа го повикува Тома и Му вели: „Тома дојди и стави ги прстите твои во раните од клинците на рацете и нозете и стави ја раката твоја во ребрата Мои и повеќе не биди неверен туку биди верен!“ (сп. Јован 20, 27).
Тома пристапил и со своите прсти ги допрел раните од клинците и ја ставил раката своја во ребрата и се уверил дека тоа не е привидение, туку дека е Самиот Христос нашиот Бог и Спасител, и со силен глас извикал: „Господ мој и Бог мој“ (сп. Јован 20, 28).
И веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, зошто Господ Исус Христос Му се јавува на Тома и му вели: „Тома дојди и стави ги прстите твои во раните од клинците на рацете и нозете и стави ја раката твоја во ребрата Мои и повеќе не биди неверен туку биди верен!“ (сп. Јован 20, 27).
Не толку заради Тома, туку заради нас грешните и недостојните, за ние да немаме сомнеж во нашата Света Православна Вера.
Преку искуството на Светиот апостол Тома, кој не бил неверен, туку верен, бидејќи сакал да Го види Господа, и не само да Го види, туку и да Го слушне, и не само да Го слушне, туку и да Го допре со своите раце. Ете, токму затоа Господ нему му се јавил, за ние да не се сомневаме во нашата Света Православна Вера.
Господ при јавувањето на Светиот апостол Тома, исто така, сакал да ни укаже и на нас грешните и недостојните дека оние што ќе поверуваат во Него, без да Го видат, ќе бидат благословени и преблагословени, зашто Господ вели: „Блажени се оние што не видоа, а поверуваа“ (сп. Јован 20, 29).
Така што, браќа и сестри, за тоа дека Христос нашиот Бог и Спасител, Воскреснал од мртвите, нема повеќе никаков сомнеж, за нас православните христијани и нема потреба од никакво друго потврдување и уверување во верата за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, зашто Самиот Логос, Синот Божји, Кој предвечно од Отецот се раѓа, токму заради нас и заради нашето спасение, се родил од Света Дева Марија, станал човек еднаков во сè на нас луѓето, освен во гревот, а потоа бил мачен, тепан, плукан, шамаран, трнов венец Му ставиле на главата, бил распанат на Крст и положен во гроб, и во третиот ден Воскреснал од мртвите.
Христос нашиот Бог и Спасител, по Неговото Воскресение, се јавил единаесет пати. Во Светото Писмо се вели дека Он најнапред им се јавил на Жените Мироносици, на Марија Магдалина, но Светото Предание, кое е еднакво на Светото Писмо и во ништо не е помало, вели дека Спасителот најнапред и се јавил на Мајката Божја, Пресвета Богородица.
Навистина, не можело поинаку да биде, отколку Христос најнапред да и се јави на Мајката Божја т.е. на онаа која Го родила, па токму заради тоа во Синаксарот е запишано, а исто така и во воскресенскиот тропар на шести глас пееме: „Ангельския Силы на гробе Твоем…“, каде понатаму се вели „сретил еси Деву“ т.е. си ја сретнал Дева, односно Пресвета Богородица. Па така, еве уште еден доказ од Светото Предание дека Господ најнапред и се јавил на Пресвета Богородица, потоа на Жените Миронисици, па дури потоа на Апостолите, за да се докаже дека Христос по Неговото Воскресение не бил привидение.
Христовото Воскресение, не било привидение, туку реалност, а таа реалност, ние православните христијани и ден денес ја чувствуваме длабоко во нашите души и срца. Ниту еден православен христијанин, кој вистински верува во Бога, не се сомнева во Христовото Воскресение.
Но да се вратиме малку на оној момент, во кој се вели дека при првото јавување на Господа Исуса Христа, на Апостолите во Сионската Горница, со нивне бил присутен Тома, а ако Тома не бил присутен, не можел ни да Го види Христовото Воскресение. Но и ние не можеме да Го видиме, ако не сме присутни во храмовите Божји на заедничката молитва, како што рекол Христос Спасителот: „Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму меѓу нив сум и јас“ (сп. Мат. 18, 20), а нас денеска нè има повеќе од двајца или тројца, собрани во овој Свет храм, иако ни е забрането да се собираме на едно место повеќе од пет мина.
Ние, браќа и сестри, не сме собрани било каде, туку во храмот Божји, таму каде што на Светиот Престол преку целата година се: Телото и Крвта Христови, зашто на Велики Четврток ние подготвуваме запасни Дарови или Причесна за болните, која е Самиот Христос.
Па ете затоа, присуството во храмот на заедничката молитва, е нешто што е најпосакувано за сите, зашто Господ рекол дека што и да побараме во Негово име, ќе ни биде исполнето. И од таму, овие искушенија што денеска ги имаме, со оваа опасна чума, да не можеме сите да бидеме во храмовите Божји, се опомена за сите нас т.е. опомена за тоа дека кога можевме да доаѓаме во храмовите Божји, не доаѓавме. Еве, сега сите посакуваме да сме во храмот Божји и сакаме да ги исполниме храмовите, но неможеме. Зошто? Зашто многупати кога можевме, не бевме во храмовите.
Да се потсетиме на тоа дека секогаш треба, не само да сакаме, туку и да бидеме во храмот Божји. Но не да бидеме во храмот Божји само колку да сме присутни. Светиот пророк Давид вели: „ Се зарадував кога ми рекоа да одиме во домот Господов за да се помолиме“ (сп. Псал. 122, 1). Ако ние бидеме присутни во Божјите храмови и ако заедно се молиме, Господ ќе ни ги исполни нашите молби и барање, кои се за спасение на нашите души и тела.
Па затоа ние, откако ќе заврши сето ова, да ги исполниме до последно место нашите Свети Православни храмови т.е. секој православен христијанин, кој што не е спречен од некој поголема сила да дојде во храмот. После оваа чума, нашите храмови треба да бидат преполни, за да докажеме дека сме се опаметиле, дека сме ја прифатиле и примиле Божјата опомена и Божјата порака со оваа чума и постојано да мислиме на смртта, зашто без мислата за смртта, ние нема да се спасиме. Нашите прародители Адам и Ева, токму во оној ден, во оној момент, час и миг, кога заборавиле на Божјите зборови: „Во кој ден ќе вкусите ќе умрете“ (1. Мој. 2, 17), тогаш и умреле. Така и ние, браќа и сестри, кога ќе заборавиме дека има умирање, тогаш грешиме. Денес педесет насто од луѓето за жал, не мислат на духовната, туку само на телесната смрт. А што е телесната смрт? Телесната смрт е одвојување на душата од телот. Човекот без душата не е човек, бидејќи душата оди на едно, а телото на друго место. Така човекот разделен, не е човек, се додека повторно при општото Воскресение на Страшниот Сид, душата не влезе во телото, но не повеќе за ваков земен, материјален и преоден живот, туку за друг живот, за живот во вечноста, во Царството Небесно или не дај Боже за живот во тага и вечно страдање со сатаната и неговите ангели во пеколот.
Во тој дух, ќе приведам еден интересен пример, во кој се вели како во некоја земја, каде ништо не знаеле за Христа нашиот Бог и Спасител, еден слуга, кој бил многу послушен на својот господар, секој ден пешачел по неколку километри, за да отиде во храмот Божји и да се помоли. Гледајќи го тоа господарот му рекол: „Зошто толку се мачиш и одиш дури до тој храм? Зошто дома не се молиш?“ Додека тоа му го велел, слугата од огинот пред нив што горел, со машата извадил едно жарче и го поставил на едно место и му рекол: „Погледни го жарот што го поставив тука“, тој гледал и жарот поцрнел т.е. станал јаглен. Тогаш слугата му рекол на господарот: Виде што се случи со жарот? Видов, одговорил господарот. Потоа слугата повторно го зел жарот и го ставил во огинот, кај што биле другите жарчиња и жарот повторно почнал да пламти. Ете, затоа јас одам во храмот, затоа што пламти моето срце и мојата душа, кога заедно се молиме со браќата во храмот Божји. Затоа и нашиот патрон Свети Климент вели дека нема поголема молитва, од соборната молитва во храмот Божји, заедно со браќата и сестрите. А Христовото Воскресение и Неговото јавување на денешниот ден на апостол Тома, ни говори за тоа дека она што му се случило на Свети апостол Тома и нам ни се случува на секоја Божествена Литургија во храмот Божји, а особено во неделите, зашто неделата е денот на Воскресението, како што ние пееме во нашите народни песни дека секоја недела Велигден.
Имено, на Божествената Литургија, ние имаме можност да докажеме дека Господ Воскреснал, а исто така да Го видиме, слушнеме и допреме.
Имено, Свети апостол Тома прво Го видел Господа, како што и ние Го гледаме Господа во Божјиот храм т.е. Го гледаме на Неговата Света икона, Го гледаме со Мајката Божја, Го гледаме Господа Исуса Христа и преку светителите, кои што се овде изобразени во овој Свет храм, зашто сите тие, не во свое име, туку во Негово име правеле чуда, живееле, проповедале и го потврдувале не својот, туку Христовиот живот, како што Свети апостол Павле вели: „Не јас, туку Христос живее во мене“(сп. Гал. 2, 20).
На таков начин ние Го гледаме Бога во Божјите храмови. Понатаму, како што Свети апостол Тома Го слушнал Господа, Кој рекол „Мир вам“ (сп. Јован 20, 21), така и ние Го слушаме Господа на Божествените Литургии, преку гласот на Архиерејот, преку гласот на свештенослужителите, преку гласот на ѓаконот, преку гласот на псалтите, кои пеат тука, бидејќи црковното пеење, е гласот Христов. Некој ќе рече, ама не Го допревме Господа.
Браќа и сестри, ако ние сме се подготвиле за примање на Светата Тајна Евхаристија – Причесната, не само што ќе Го допреме Христа, туку и ќе Го примиме во нашите души и тела, Самиот наш Спасител, Господ Исус Христос.
И еве, тоа нека биде уште еден доказ, дека кога ние денеска го славиме овој голем и спасоносен празник – Томината недела, односно јавувањето на Господа наш Исуса Христа на Светите Апостоли заедно со апостол Тома, и ние со него да извикаме: „Господ мој и Бог мој“ (сп. Јован 20, 28). Амин!
Христос Воскресе! Навистина Воскресе!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар