На 06.05.2021 г., во четвртокот од Светлата Седмица, кога го празнуваме споменот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на „Свети Великомаченик Георгиј“ во Ресен.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
„Не бојте се од оној што може да го убие телото, а на душата не може да и напакости. Бојте се од Оној, Кој и телото и душата може да ги фрли во пеколот“ (сп. Мат. 10, 28).
Го прославуваме, браќа и сестри, овој голем и спасоносен празник посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, на кого му е посветен овој храм. Свети Георгиј е светител и маченик за нашата Света Православна Вера, кој живеел во последната четвртина од третиот век и почетокот од четвртиот век, од богати, благочестиви и набожни христијани. Бил роден и воспитан во Православната Вера. Неговиот татко бил убиен заради Христа нашиот Бог и Спсител во Капакадокија, денешна Турција, па од таму неговата мајка со него, заминала во Ерусалим и таму го продолжиле животот, а тој уште како младо момче бил во војската на тогашниот злогласен цар за христијаните, Диоклицијан, кој потекнувал од нашиве простори и кој едно време управувал и со Илирикот. Како злогласен цар т.е. како мачител на христијаните, издал наредба масовно да се убиваат христијаните.
Свети Георгиј, во својата дваесетатта година од својот живот стигнал до положбата трибун во војската, а тоа би било нешто како војвода, односно имал највисок степен на војската што се добивал во тоа време и се спротивставил на царот, па затоа бил подложен на големи страдања и големи мачења.
Царот прво наредил да му ги стават нозете во клада, а потоа да му стават огромен камен на градите, но и кога тоа не помогнало, тогаш наредил да го измачуваат, односно да го клаваат во оган,
Мачењето, браќа и сестри, немало крај, односно имало наредба од царот да биде ставен на едно огромно тркало, со цел кога тоа ќе се врти да му нанесува големи рани. Долу на тркалото имало штици, бруќе и шајки, и при вртењето целото тело почнувало да станува една огромна рана. Но и овие маки и страдања, Светиот Великомаченик Георгиј ги поднел со силна вера, зашто Господ е оној што нам ни дава сила во страдањата и маките заради Него. Самиот Христос рекол да не боиме, да не се плашиме од страдањата, зашто ние ништо без Бога не можеме да направиме. Па така, само преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја и на светителите, ние можеме да испросиме од Бога, прво прошка за гревовите наши и за светот, а потоа и спасение на душите наши.
Гледајќи го овој настан и ова мачење, сите оние што ја виделе силната вера на Свети Георгиј, поверувале, некои потајно, а некои тоа го искажале и јавно, како и самата царица Александра, жената на царот Диоклицијан, кој бил жесток мачител на христијаните.
Исто така, гледајќи ја силната вера во поднесувањето на големите страдања, според кои Свети Георгија се именува Великомаченик, односно оној кој поднесол големи маки и страдања за Христа и за нашата Света Православна Вера, поверувала и царицата Александра, па затоа паднала наредба од царот и таа да биде погубена, но пред да биде со мечот посечена, таа ја испуштила својата благородна душа во рацете на Бога. Тука поверувале и некои други, кои биле присутни, како големиот жерц Анастасиј, а жреците биле неверни луѓе, односно тие биле служители на многубожечката римска религија. Поверувале и Гликерие, Валериј, Донат, Терин и другите што бие таму присутни. Па така, не можејќи поинаку да го одврати Светиот Великомаченик Георгиј, царот помислил дека можеби ќе биде добро тој да биде закопан во еден ров до гушата, односно до вратот, но и тоа не помогнало. Тогаш паднала наредбата од царот дека треба Светиот Великомаченик Георгиј да биде погубен со меч, односно да биде обезглавен. Па така, во 303-та година, што значи пред 1716-ет години пострадал за нашата Света Православна Вера, Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец и со тоа покажал и докажал не само на луѓето и генерациите од негово време, туку и на сите генерации подоцна дека верата во Бога треба да се потврди на дело.
Луѓето можеби ќе направат нешто за некого, односно ќе се жртвуваат, но некој да се жртвува за нешто што не може да го види со своите очи, се мисли на Бога, Кој Самиот рекол: „Не може човек да Ме види Мене, а да остане жив“ (сп. 2. Мој 33, 20), се мисли на суштината на Самата Божја Природа, е неможно без вера во Бога.
Ете, браќа и сестри, тоа го направиле оние кои имале силна вера, како што била верата на Светиот Великомаченик Георгиј. Па така со тоа Светиот Великомаченик Георгиј им покажал на сите дека го презрел овој преоден, земен и материјален свет, во кој имаме повеќе маки, страдања и искушенија, и дека повеќе го возљубил вечниот живот, односно Царството Небесно. Па затоа Господ и го прославил и го овенчал со епитетот Великомаченик и Победоносец Георгиј.
Браќа и сестри, мачениците, било да се тоа мажи или жени, девојчиња или момчиња, па дури и мали деца, како што бил случајот со првите маченици за христијанската вера, односно четиринаесетте илјади младенци, кои биле убиен и по наредба на Ирода, сакајќи меѓу нив да го убие и Богомладенецот, Христа нашиот Бог и Спасител.
Безброј се имињата на оние кои ги дале своите животи за верата Христова, а меѓу нив е и Свети Киријак и други и.т.н. Тоа е само уште една потврда дека овој свет, конечно ќе помине, а Господ рекол дека сè ќе помине, односно дека и земјата ќе се преобрази т.е. ќе биде на крајот конечно уништена и изгорена.
На крајот на светот, ќе се расклатат небесните сили – палнетите, сонцето ќе потемне и ќе дојде Страшниот Ден, кога сите ние ќе треба да дадеме одговор за нашиот живот на земјата. На Страшниот Ден, секој ќе ја добие заслужената плата, награда или казна. Оние што правеле добро, се вели дека ќе воскреснат на Страшниот Ден, на Судниот Ден, кога Христос повторно ќе дојде да им суди на луѓето. Спасителот Христос вели: „Тие што правеле добро, ќе воскреснат за живот вечен, а тие што правеле зло, ќе воскреснат за погибел, суд и осуда“ (сп. Јован 5, 29).
Па затоа имајќи го овој прекрасен пример на Свети Великомаченик и Победоносец Георгиј, да се угледаме на него, браќа и сестри. Ако тој во дваесеттата година од животот го презрел светот и својата младост, само за да го здобие Небесното Царство, односно го презрел времениот град, времениот Ерусалим, за да го здобие Небесниот Ерусалим. Свети Георгиј ја презрел земната Татковина, за да ја здобие Небесната Татковина, Царството Небесно.
По неговите молитви, Господ Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Христос Воскресе! Навистина Воскресе!