На 30.04.2021 г., утрото на Велики Петок, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Царски часови и Вечерна богослужба, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.
„Отче, прости им, оти не знаат што прават!“
Денес се собравме во храмот не со цел да слушнеме нешто ново. Правдата секогаш е една, била и ќе биде. Ние се собравме, за да си спомнеме за доброволното страдање на Христа, да земеме учество во Неговото крстоносење, да се помолиме со Него за Распнувачите, плачејќи и жалејќи за своите гревови, кои сè, и остануваат главна причина за жртвеното истоштување на Спасителот наш Господ Исус Христос.
На постелата лежи старецот, сломен од годините и болестите, тој самиот, кој над Кедронскиот поток, не можеше да го победи ангелот Божји. Тој старец и денес лежи победен од волјата Божја. Тоа е патријархот Јаков. Околу неговата постела се собрани дванаесетте негови синови. Сè се имало случено во нивните животи: се случувало да не ги послушаат советите на својот татко; се случувало да му приредат тага. Но кога настапиле последните минути од неговиот живот, сите се собрале околу него, за да ја слушнат татковата волја, да ги слушнат неговите последни зборови, да го слушнат заветот, и како скапоцена ризница, да го чуваат во своето срце, и да им го пренесат на своите деца. Колку и да биле тешки тие зборови за некои од синовите, сепак сите ги слушале, како зборови на Самиот Бог, бидејќи тоа биле зборови на нивниот татко кој умира.
Тој, Кој според зборовите на Светите Отци, убедливо го победил Јакова, денес е распнат од потомците на истиот патријарх, да виси на Крст, а околу неговата смртна постела стоиме сите ние. Тој самиот, за Кој Мојсеј во Стариот Завет рекол: Него слушајте го… (5. Мој. 18, 15), Тој самиот, Кој себеси се нарекувал Учител, ја отвара својата пречиста уста, за да го каже својот последен завет. Неразбирливо и восхитувачко е тоа, бидејќи секој човек како наследство на прво место го става она што е најскапоцено во неговото срце, си спомнува за децата, пријателите, познаниците, а Тој, Кој на Крстот умира, помнејќи ја Својата бедна Мајка, помнејќи ги Своите ученици, се обраќа деректно кон тие, кои во ослепеност го приковаа на Крст, како да се плаши, дека смртта ќе настапи прерано, пред Он да може со нив да се прости. Он е готов да ги лиши Своите ближни со последната утеха, за со неа да не ги одмини Своите непријатели.
„Оче!“, – повикува Исус од Крстот. Иако Он гледа, дека според справедливоста потребно е оган да падне од небесата и да ги изгори распнувачите, дека земјата е должна да се отвори и да ги проголта тие, кои со неосветени раце се допреа до Најсветиот, сепак Он изговара умилен збор „Оче“: „Оче Мој, јас сум подготвен уште многу да претрпам. Биди милосрден, дај ми ги Мене сите страдања. Казната, која тие ја заслужуваат, постави ја на Моите окрвавени плеќи, и Јас со јадост ќе ја понесам, само нив не ги казнувај“.
О, колку голема љубов, која не може да ја смести човечкиот ум. Кога до нас ќе се добре било каква тага или несреќа, ние како оган гориме од злоба, и се обидуваме со уште поголема злоба да им одговориме на оние кои не навредиле. Дури и инсектот, кога е во опасност, се обидува да се заштити со својот кревок оклоп. А Тој, Кој со збор земјата ја утврди врз водите, на Кого му служат сите небесни и земните сили, – Тој сега е понижен од луѓето, но наместо да се заштитува или да ги казни за сквернавењето, Он ги употребува сите начини, само за да ја намали човечката вина и наместо казна да им даде награда.
Не прави Он разлика помеѓу едните или другите, Он со Својата безгранична љубов ги прегрнува сите подеднакво. Он не се моли само за тие, кои слушајќи ги наредбите на старешините, го бичуваат Неговото Свето Тело. Он се моли за ослепениот еврејски народ, кој извикува: „Распни го, распни!“ Он се моли не само за оние, кои сакаат да го ослободат Варава, а не Него, туку се моли и за тој, кој Него на смрт го осуди, иако призна дека предаде невина крв. Он се моли за Пилата, кој на смрт го осуди. И не само за еден римски намесник, туку и за илјадници Пилатовци… Он се моли за сите нас одделно, и за сите заедно, бидејќи ние не еднаш сме го предале Него, сме го предавале на суд, како Пилат, сме го приковувале на Крст, и секој пат кога тешко ќе погрешиме, повторно го принудуваме да трпи маки. Секој наш грев ги удвојува Неговите рани, и ги зголемува Неговите страдања. И кога не сме биле родени на овој свет, за сите нас се моли нашиот Првосвештеник, принесувајќи се себеси на крвава жртва за нашите гревови.
Со што да му заблагодариме на Бога за сите Негови добрини, направени нам пред нашето раѓање? Знаел Сезнајниот, дека ние било кога ќе му принесеме Нему рани… И кога ние сеуште не сме се умилкувале, и не сме го молеле Него да не помилува, Он веќе го имал помолено Отецот да не ги помни нашите злодела.
Причината за страшното и гревовно зло, Спасителот ја гледа во човечкото незнаење: „Не знаат што прават“. Можеби, не знаел што прави, тој воин, кој го удирал Него по лицето, опијанет од злоба, губејќи ја на момент човечноста, станувајќи како крволочен тигар. Можеби, не знаел тој, дека Лицето, кое тој го бесчести со својот допир, е тоа Лице, на кое не смеат да гледаат Херувимите и Серафимите, дека тоа е Лицето, кое тој го видел во Гетсиманската градина, кога тоа засветило со светлина и устата говорела: „Тоа сум јас“ (Јован 18, 5-8). Можеби, не знаел што прави тој, кој со клинци на Крст ги приковал Неговите пречисти раце, бидејќи изгледот на крвта ја затемнила неговата волја и разум, иако можеби тој и видел, а можеби и слушнал, дека тие раце со еден допир воскреснувале умрени. Не знаел ли Пилат, што прави, потпишувајќи пресуда кон својот Творец? Знаел одлично, бидејќи сам говорел, дека предал невина крв.
Така знае и секој од нас, што прави, кога го умножува гревот; знае, дека, со умножување на гревот, се крева против Самиот Бог, сака Него да го направи свој слуга, сака да го понизи, да го симни од Неговата глава венецот на вечната слава, да го одземе Неговиот семоќен жезол, сака да го урне Него од Небесата, приковувајќи го на Крст, за повторно да умри. Секој од нас знае, дека умножувајќи го гревот, прави зло, од кое се треси природата, како што се тресела тогаш, кога го видела распнат Творецот.
Тогаш зошто Распнатиот говори, дека Неговите мачители „незнаат, што прават“? О, тоа е нов доказ за Неговата љубов кон нас. Навистина, гревот се случува од незнаење и не влечи со себе. Првородниот грев го ослабил нашиот ум и волја, и секој направен од нас грев ги ослабува нив уште повеќе, така што е невозможно, човекот кој го умножува гревот, да си даде себеси, јасен отчет, за тоа што прави. Во тој момент човекот е подобро да биде во адот, отколку да направи грев. Ако Пилат помислел за своите постапки, тогаш најверојатно, не би донел смртна пресуда. Ако Пилат си спомнел, дека дивите лавови не се осмелувале да се нафрлат на пророкот Даниил, би го препознал во него Божјиот пратеник, и најверојатно би разбрал, дека тој е полош и од дивиот ѕвер, бидејќи на смрт го предал Самиот Бог.
Така, браќа и сестри, не знаеме и ние на моменти, што правиме, кога си дозволуваме да направиме грев. Да не гледаат со очите, да не слушаат со ушите, и да не чујат со срцето… – извикува пророк Исаија, – бидејќи закоравило срцето на сите луѓе (Иса. 6, 10; Мат. 13, 14-15).
„Оче! Прости им, оти не знаат што прават“. Во овие зборови нема само прозба кон Отецот Небесен за прошка на ослепениот од гревот род човечки, но и заповед за христијанската љубов, прогласена од Крстот, заповед да му простуваме на оној, кој нам ни причинува незадоволства, заповед на Новиот Завет кон непријателите, наместо старозаветната „око за око, заб за заб“.
Со ненадејна смрт им се заканува Господ на децата на гората Синај, ако не ги послушаат своите родители (2. Мој. 21, 17 и др.); сеопшт презир заслужува оној, кој не ја исполнува волјата на мајката или таткото кои умираат; отфрлен треба да биде оној, кој не ја исполнува волјата на Творецот кој умира. Како што во тестаментот на прво место се спомнува оној, кој треба да стане наследник, така и тука: кој сака да стане наследник на Царството Небесно, тој е должен да го исполни првиот услов, инаку го губи вистинското наследство.
Ако сакаме да се нарекуваме деца Божји, и сакаме да ја наследиме вечната среќа, тогаш неопходно е да им простуваме на непријателите, да не им враќаме зло за зло, туку да им дедеме леб наместо камен, благослов, наместо – проклетство. Тоа е тежок услов, но да не бидеме како евреите, кои слушајќи го учењето на Спасителот за Светата Тајна Евхаристија, си заминале од Него, говорејќи: „Тешки се тие зборови, кој може да го слуша“.
Заповедта за љубовта кон непријателите не е лесна. Зарем насилникот, може да го љуби непријателот? Тоа дитектно допира до нас, бидејќи можат да не наречат кукавици, кои не умеат себеси да се заштитат! А што е со одмаздата, кога ќе го загубиме умот и волјата, и кога размислуваме како за мала навреда двојно да се одмаздиме? Како да се справиме со тоа? Сè тоа, нам ни се чини природно! Кога си спомнуваме за навредите, нам ни врие крвта, и започнуваме да се тресеме од злоба. Да, таква состојба ние многу често преживуваме. Важно е да запомниме само едно, – дека таа состојба не е од Бога, туку е од духот на злобата, кој умее да го пополни гревот со сладок отров.
Со таа состојба потребно е да се бориме.
Можел да го направи тоа Спасителот Христос, кога се молел за оние кои го распнуваа. Но тогаш, зарем ќе кажел некој дека тоа бил Бог. Тоа можела да го направи и Мајката Божја, Пресветата Дева, која стоејќи пред Крстот со голема болка во Своето срце, не изговорила ни еден збор од Нејзината уста, со кој би ги укорила тие, кој го мачеле Нејзиниот Единороден Син со страшни маки. Можел тоа да го направи и Свети Василиј Велики, кога оној кој влегол кај него со нож за да го убие, го целивал како брат, и се молел, Господ да не му го зема тоа за грев. Колку многу Божји угодници ја исполниле оваа заповед! Иста така, и многу прости Божји луѓе, војници во војни и други, во многу случаи, ги лекувале со љубов своите срца, и ги искоренувале од нив непријателството и омразата.
Бог никогаш не бара од човекот да го направи невозможното, и тогаш кога ни заповеда да ги љубиме непријателите и да им простуваме, тоа значи дека ние тоа можеме да го направиме, ако сакаме.
Трудејќи се да ја обновиме нашата душа во овие денови од Страсната седмица преку Светата Тајна Покајание, ние сме должни на прво место да ја поставиме оваа заповед на нашиот Спасител, како завет од таткото до своите деца. Ние не можеме да бараме за себеси прошка, ако не им простуваме на другите. Ние секојдневно се молиме на Бога, изговарајќи ги зборовите: „И прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“: Оче, како што ние им ги проштеваме грешките и престапите на непријателите, така и Ти прости ги нашите!
Пораката на Нашиот Спасител – е јасна и недвосмислена. Затоа, христијанска душо, пренесисе се со мислите уште еднаш на Голгота, застани пред Крстот, подигни ги очите и погледни на Страдалецот, отвори ги учите и слушај, слушај – од Неговите усни гласните зборови: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!”
Да проникнеме во овие зборови и следејќи го Неговиот пример да им простиме на другите, ако сакаме и самите да добиеме прошка, и да бидеме, како благоразумниот разбојник со Него во рајот. Амин!