На 14.03.2021 г., во Неделата на Адамовото изгонување од рајот, кога го празнуваме споменот на Преподобната маченичка Евдокија, Преподобниот Агапиј и споменот на Светата маченичка Антонина, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Гоце Велјановски, свештеникот Игор Ризановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во свештенички чин да го ракоположи ѓаконот Игор Ризановски.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„А овој, пак, зол и прољубодеен род, само со пост и молитва се истерува“ (сп. Мат. 17, 21).
Браќа и сестри, денеска и вечерва се наоѓаме на прагот на големиот Велигденски пост, кој што ни предстои, кој всушност не е цел во нашиот живот, туку е средство за да стигнеме до целта, а целта е Празникот над празниците, Христовото Воскресение. Затоа нашата Света Црква, во изминатите подготвителни недели, преку Светите Евангелија нè подготвува за Велигденскиот пост, почнувајќи од смирението на Закхеј, кој се откажува од богатството и се преобразува, станувајќи нов човек. Потоа, исто така нам ни беше навестено и смирението на митарот, кој во споредба со фарисејот, покажал прекрасно смирение. Понатаму како пример, ни беше даден и блудниот син, кој се кае за своето недолично и неморално живеење и се враќа во татковиот дом. А во Месопусната недела, го слушнавме Евангелието за Страшниот Суд, во кое се говореше дека Господ дошол во овој свет, како човек во понижена состојба, Кој се родил во пештера и бил положен во јасли, но Неговото Второ доаѓање ќе биде како праведен Судија, секому да му даде според неговите дела.
А еве, браќа и сестри, денеска веќе сме во Сирната недела, кога го слушнавме Светото Евангелие, кое говори за постот т.е. за тоа каков треба да биде нашиот пост.
Уште на почетокот од постот, Црквата нам ни дава прекрасни примери. Во првата седмица од постот или во Неделата на Православието, Црквата нам ни напоменува на борбата против непријателите т.е. на борбата портив сите ереси и расколи што постоеле, во Црквата.
Во втората седмица од постот, Црквата нам ни говори за Светиот Григориј Палама (Солунски), кој ни дава прекрасен пример за Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè нас грешните“.
Понатаму во Крстопоклоната седмица на средината на храмот, ќе биде изнесен Крстот Христов, Кој треба да ни даде сила и снага во борбата и искушенијата против сатаната и неговите ангели, а во таа борба ни помага и Мајката Божја, Пресвета Богородица, која се застапува за нас грешните и недостојните, на која и се обраќаме во молитвите.
Понатаму следуваат воздржувањата што нам ни ги укажува Светиот Јован Лествичник, а потоа следува прекрасно покајание на Светата Марија Египетска, која од најголема блудница, станала најголема покајница, за да стигнеме до Влегувањето на Господа Исуса Христа во Ерусалим како цар, кога ќе отпочнат Неговите страдања во Страсната седмица, за да Го дочекаме Славното Христово Воскресение.
Затоа, браќа и сестри, ќе поговориме малку за тоа што е постот и како ние правилно треба да постиме. Дека постот е потребен, ние имаме примери, како во Стариот, така и во Новиот Завет.
Во Стариот Завет, ќе си спомнеме за оние славни и силни жени, како што била Јудита, која како вдовица застанала во борбата против освојувачот Олоферн, и покажала голема храброст, а сето тоа го постигнала преку постот. Исто така и Естира преку постот, го осуетила планот на Аман.
Во Стариот Завет постел и Светиот славен пророк Давид, кој за себе вели дека никогаш не легнувал, а да не ја натопел со солзи својата перница на која лежел, барајќи прошка за своите гревови. Светиот цар Давид, го напишал педесеттиот псалм, кој е најубавиот покаен псалм, кој е израз на длабоко покајание за неговиот грешен живот на земјата.
Во Стариот Завет имаме и други прекрасни примери на Свети луѓе, како што е примерот на Светиот пророк Мојсеј, кој пред да ги добие таблиците на Синајската гора, четириесет дена постел, па затоа бил просветлен и исполнет со Божјата благодат, па морал да става покривало на лицето, бидејќи од него зрачела прекрасна светлина, која е всушност благодатта Божја.
Постел, браќа и сестри, и Светиот Пророк, Претеча и Крстител Јован, кој во пустината јадел само див мед и скакулци.
Образец на сите постови, ни дал Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој пред да отпочне со Неговата проповед, отишол во пустината, каде четириесет дена и четириесет ноќи не јадел и не пиел ништо, а потоа откако огладнел, бил искушуван од сатаната како човек, кого го победил, велејќи му: „Напишано е – не само од леб ќе живее човекот, туку од секој збор што излегува од устата на Бога“ (сп. Мат. 4, 4). На барањата на сатаната, Спасителот Господ Исус Христос да скокне од храмот, велејќи Му дека ќе Го задржат ангелите на рацете да не ја сопне ногата од камен, Спасителот му одговорил на сатаната да бега од Него, а кога Го поставил на возвишено место и Mу ги покажал сите богатства од овој свет, велејќи Му дека ако му се поклони, ќе Mу ги дадe сите тие богатства, Господ му рекол: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само нему да Му служиш!“ (сп. Мат. 4, 10).
Ете, затоа нашата Света Црква го воспоставила овој Велигденски пост со 69-то правило на Светите апостоли, кој треба да го постиме, како што предвидела нашата Света Православна Црква, 40 дена, додавајќи ја страсната седмица.
Постот не е само телесен, туку è и духовен. Денес за жал, многумина православните христијани, на погрешен начин го разбираат постот, па ако нивните деца каснат чоколатце или бомбонче, веднаш кон нив го вперуваат прстот и ги караат, наместо да покажат љубов и милосрдност. Телесниот пост е подвиг и воздржување, за да се покаже дека над телото треба да првенствува духот. Духовниот пост е поважен од телесниот.
Од денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, слушнавме како треба да постиме т.е. не како лицемерите, кои своите лица ги прават мрачни, а со душата и срцето не постат.
Господ вели: „Кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред својот Отец, Кој е во тајност“ (сп. Мат. 6, 17-18). Ние, браќа и сестри, треба да покажеме внатрешна чистота, а не како лицемерите, кои ги чистат чиниите и чашите надворешно, а внатре се извалкани. Господ вели дека лицемерите се како варосани гробови од надвор, а внатре се исполнети со трулежност, распадливост, нечистотија и неподнослива смрдеа.
Постот пред сè треба да биде духовен, а под духовен пост подразбираме да не лажеме, бидејќи денес од сите страни слушаме и гледаме како луѓето јавно лажат и не се срамат од лагата, туку се правдаат, иако за нивните лаги има безброј докази, кои постојано ги кажуваат по телевизиите и.т.н.
Лажењето е страшна работа, бидејќи татко на лагата е ѓаволот, а тие што лажат се синови на ѓаволот.
Ние, браќа и сестри, никому не треба да му завидуваме, туку треба да се радуваме кога нашите браќа или сестри, напредуваат. Оние кои живеат во омраза и злоба, тие се предале на сатаната и неговите ангели. Борбата и оружјето против сатаната, се постот и молитвата.
На почетокот во Светото Евангелие беше кажано: „Овој род (демонскиот) само со пост и со молитва се изгонува“ (види Мат. 17, 21). Ако постиме духовно, т.е. ако од нашите души и срца ги отфрлиме, грешните желби, грешните мисли, грешните похоти, грешните чувства, тогаш ние сме се очистиле душевно, и сме на правиот и вистински пат. Светиот Јова Златоуст вели дека патиштата до простувањето се повеќе слојни.
Затоа, браќа и сестри, треба да знаеме дека постот треба да биде пред сè духовен, а потоа и телесен. Постот исто така, треба да биде проследен со прошка. Што значи простувањето? Простувањето значи да им простиме на луѓето за сè што ни згрешиле, но не формално, туку искрено од длабочината на душата и срцето. Ако некој рече: „Ти простувам, ама не ти заборавам“, – тој не простил. Ако свекрвата и рече на снаата: Ти простувам, а сега тргни ми се од пред очи да не те гледам“, – тоа не е прошка, браќа и сестри. Вистинско простување ќе има, само тогаш кога снаата и свекрвата ќе се натпреваруваат, која попрво ќе побара прошка.
За брачните другари се вели дека не треба да ги зајде сонцето без да се измират, за да бидат помили еден на друг. Оние што лицемерно проштеваат, тие вистински не проштеваат. За да стигнеме до покајанието, покрај проштевањето, потребно е и искрено покајание. Што значи покајанието? Покајанието значи да погледнеме длабоко во себеси и да ги најдеме сите наши грешни дела, желби, чувства, однесувања и постапки со луѓето и со самите себе. Па така, откако ги осознаеме сите наши гревови, треба да побараме прошка. Свети Јован Златоуст вели дека барањето прошка за гревовите се состои во тоа, да им простиме на оние што ни згрешиле, но и да побараме прошка од оние на кои сме им згрешиле.
Потоа, браќа и сестри, потребно е да отидеме кај свештеникот и да побараме од него прошка, исповедувајќи ги сите свои гревови без срам и без страв пред него како сведок, а Господ е Оној што проштева. Свештеникот ја има само власта да оцени дали духовното чедо вистински се покајало или не. Ако не се покајало вистински, тогаш свештеникот на духовното чедо му дава поправна мерка или епитимија, како да го окае својот грев и да се ослободи од гревот.
Еден свет човек вели дека ако ние пролееме толку многу солзи, за направените гревови, со кои можеме да се избањаме, тогаш сме се очистиле од гревовите, зашто како што со водата ги чистиме лицата, главите, телото, така со солзите ги чистиме душите. Покајанието исто така треба да биде проследено и со милостина, а милостината значи да имаме разбирање, сочувство и сострадателност кон сите луѓе, па дури и кон непријателите. Спасителот Христос ни дал прекрасен пример, кога од Крстот се молел за оние што го распнале, со зборовите: „Прости им Отче, зашто незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 34). Така и ние треба да проштеваме и да се молиме.
Молитвата, браќа и сестри, е второто крило, кое нас нè издига до Бога во текот на постите, а особено во Велигденскиот пост. Молитвата треба да биде искрена, бидејќи е разговор со Бога и остранување на мислите од секакви земни грижи, како што пееме на Божествената Литургија: „Всякое ныне житейское отложим попечение“, (секоја животна грижа да ја одложиме). Ете, тоа е вистинската молитва.
Нашата молитвата треба да биде силна и постојана т.е. како што просјакот бара храна за да преживее, така и ние преку молитвата постојано траба да бараме од Бога, да ни ги прости сите наши гревови, а тоа е особено изразено во молитвата „Отче наш“.
Господ не е насилник и насила не ни ги дава Заповедите, туку вели: „Кој сака да се спаси, нека го земе Крстот свој и нека врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34).
Договорот со Бога е доброволен, а не принуден, но ако не ги следиме Божјите заповеди, тогаш последиците ќе бидат катастрофални и ни нема спасение. Ако не се покаеме, ако не простиме, ако не постиме, ако не се молиме, ако не се исповедаме, ако не се причестуваме, ние не можеме да очекуваме дека ќе се спасиме.
Па така, само преку постот, молитвата, подвизите и особено преку правењето на милостина, ние можеме да го задобиеме Царството Небесно.
Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е наша заштитница, Господ преку нејзините молитви и на Сите Свети, да нè помилува и спаси. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар