На 14.02.2021 г., во Триесет и шестата недела по Педесетница (Недела на Закхеј), кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Трифун, Светите маченици Перпетуа, Фелицитате, Сатир и другите со нив и споменот на Преподобниот Петар Галатиски, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Денес дојде спасение на овој дом!“ (сп. Лука 19, 9).
Спасителот наш Господ Исус Христос, браќа и сестри, кога влегувал во Ерихон, излекувал еден слеп човек од раѓање, по име Вартимеј, а потоа околу Него се собрал мноштво народ, кој почнал да се турка, за кој поблиску да дојде до Христа. Меѓу таа толпа на народ, бил и цариникот Закхеј, кој бил низок по раст. Закхеј длабоко во душата и срцето сакал да Го види Христа, но неможел, па дури и се поткревал на прсти, но и така не можел да Го види Христа, па затоа одлучил да се качи на една смоква, која била крај патот, за на тој начин одблизу да Го види Христа нашиот Бог и Спасител. А Христос, Кој ги гледа напите души и срцата и ги знае нашите мисли, помисли, чувства, желби, похоти и страстите, кога се приближил до смоквата, му се обратил на Закхеј со зборовите: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“ (сп. Лука 19, 5), а овој, кога ги слушнал овие зборови, слегнал и со радост Го примил во својот дом, Христа нашиот Бог и Спасител.
Закхеј бил цариник, кој собирал данок за римјаните, а собирачите на данок или доночниците, се нарекувале митари. Ете, од таму доаѓа зборот мито, со кој ги ословуваме подмитувачи, кои даваат поткуп, за да завршат некоја работа на нечесен начин.
Еве, Закхеј, се удостојува во својот дом да Го прими Христа нашиот Бог и Спасител, Кого Го примил со радост и задоволство. Закхеј, браќа и сестри, кога ги пречекувал гостите дома, сите во неговото семејство, заедно со слугите служеле, но овој пат Закхеј, е оној што Му служи на Христа нашиот Бог и Спасител.
Книжниците и фарисеите, а и оние кои не ја разбрале одлуката Христова, Он да влезе во куќата на овој грешен човек, кој е од Еврејскиот народ, како останатите митници, бил сметан како нечесен човек, кој незаслужено собира богатства, рекле: „Отиде во куќата на грешен човек“ (сп. Лука 19, 7).
Но Закхеј, во тој момент почувствувал голема радост т.е. неговото срце почнало да се чисти и неговиот ум да се просветлува (од гревовите), па затоа Му вели на Христа: „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам“ (сп. Лука 19, 8).
Кога Господ Исус Христос ги слушнал овие зборови од Закхеја, тогаш пред присутните рекол: „Денес дојде спасение на овој дом, зашто и тој е син Аврамов!“ (сп. Лука 19, 9).
Дошло спасението на Закхеј т.е. не само на неговиот дом, во смисла на неговата жена, децата и сите што биле на неговиот дом, туку и на неговата стока и на сè што поседувал.
Закхеј, браќа и сестри, што значи праведен, во животот бил најнеправеден човек, но ете, кога се откажал од своето богатство и сè што поседува, рекол дека половината од имотот ќе го даден на сиромаси, а ако нешто зел или затаил од некого, дека четворно ќе им врати. Закхеј, со други зборови кажано, се одрекол од сето материјално богатство и станал најсиромав човек, ама духовно најбогат, оти Христа нашиот Бог и Спасител, Го примил во својата душа и во своето срце. Но Господ, не го оставил Закхеја, туку го зел со Себе и го направил Негов (Христов) Апостол.
Возљубени браќа и сестри, кога голем грешник ќе се обрати во нашата Света Православна Вера, истиот станува Божји угодник, а оние кои целосно ќе Му се предадат на Христа, се обожуваат, односно стануваат светители.
Зошто, браќа и сестри, Закхеј меѓу народот бил сметан за грешен човек? Одговорот е затоа што неговото срце било прилепило кон богатството. Веднаш ќе кажеме дека богатството само по себе не е грев и грешно, туку желбата за богатството, за имот и за пари, ете тоа е грев. Богатството нас луѓето на некој начин, полека нè прави да бидеме нечесни. Спасителот Христос вели: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ‘рѓата ги гризе, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; туку собирајте богатства на небесата“ (сп. Мат. 6, 19-21), а богатствата на небесата, се добрите дела и добродетелите. Ете, со нив ние треба да се богатиме, а богат човек, е оној што во своето срце, во својата душа и во својот ум, го примил Бога. Оние кои се богатат со земни и материјални богатства, тие, браќа и сестри, за жал, се најбедните и најсиромашните луѓе, доколку богатството тие не го сметаат за дар Божји, преку кој треба да ги спасат своите души.
Ние, во Стариот и Новиот Завет, имаме прекрасни примери на најбогати луѓе, кои богатството го сметале како средство за спасение на своите души, преку кое се спасиле, како што е праведниот Јов, кој бил најбогатиот човек во земјата Уз, кој сето свое богатство го сметал за дар Божји, но кога по завист на сатаната му било одземено сето богатство, рекол: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов. 1, 21), за најпосле Господ повторно да му го врати богатството, затоа што го давал на сираци, сиромаси, вдовици, бедни и на патници. На ист начин со богатството постапувал и Светиот патријарх Авраам, кој се покажал како најголем гостопримец во историјата на човештвото, со тоа што богатството го давал на оние што имале потреба, па затоа се удостоил во својот дом да Го прими Троичниот Бог, во вид на Тројца Патници, Кому Му рекол: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој!“ (сп. 1. Мој. 18. 1-3). Ете, затоа и благословот Божји бил врз него т.е. Господ му го дал неговиот син Исак од неговата неплодна жена Сара.
Ете, исто така и во Новиот Завет имало богати луѓе. Да си спомнеме за Јосиф од Ариматеја, кој бил богат човек, член на Синендрионот, кој својот гроб, во кој уште никој не бил погребан, Му го подарил на Христа нашиот Бог и Спасител, кој станал извор на благодат, зашто од тој гроб, излегол животот, бидејќи Христос распнатиот и умрениот, бил положен во тој гроб. Ете, од тогаш гробовите, кои до тогаш се сметале како најстрашните места, стануваат радост и спасение на човечкиот род, зашто Господ, Воскреснувајќи од гробот, ни покажал дека и ние ќе воскреснеме при Второто Христово доаѓање.
Па така, кога зборуваме за тоа колку е опасно да станеме жртви на богатството, да си спомнеме дека сите оние луѓе, како во Стариот, така и во Новиот Завет, кои копнееле по богатството, и на кои богатството им станало идол, а не средство за спасение на душите, не се спасиле. Ние, возљубени браќа и сестри, знаеме дека во војните, на војници им било речено дека ништо не смеат да земаат од непријателите, а ако ништо земеле или украделе, биле казнувани.
Да си спомнеме и за Јуда Искариотски, апостолот Христов, чие срце било прилепено за парите, кој бил поставен да ја чува црковната каса, но тој наместо да ја чува и да ги разделува средствата на сираци, сиромаси, вдовици, болни и несреќни, сакал што повеќе пари да влезат во касата, за од неа да краде.
Браќа и сестри, колку му треба на еден човек? Што е најпотребно за луѓето? Да имаат доволно средства за храна и облека, за да се прехранат и облечат, и дом каде што ќе живеат, а сè друго е луксуз. Ние за жал, за основните потреби не водиме толку грижа, колку што водиме грижа за луксузот. Ете, така луѓето ги трошат парите, на луксуз и расипништво.
Богатите, ако богатството не го сметаат како средство за спасение на душите, нема да се спасат, а истото се однесува и на работодавачите, кои ако им ги скратуваат платите на вработените или не им ги даваат навреме, треба да знаат дека со тоа прават хула на Светиот Дух т.е. грев, кој нема да им се прости. Сите оние, кои што прават разни зделки меѓу себе, кои за да се збогатат, крадат и како пијавици ја цицаат крвта на сираците, сиромасите и вдовиците, нема да се спасат.
Зошто, браќа и сестри, луѓето трупаат богатства. Денес знаеме дека во светот дваесет луѓе имаат богатство за да спасат две третини од човештвото, кое не може да опстои за живот, да се прехрани и да се излекува. Замислете, какви монструми се тие луѓе, кои не за нешто друго, туку само за да се покажат пред луѓето колку се богати, го прават сето тоа.
Сега малку ќе поговориме и за вирусот Kovid-19, за кој постојано слушаме секакви новости. Имено, еден француски адвокат Карло Брусл, за еден франциски ТВ канал даде изјава дека вакцината на Fajzer, била одобрена, уште пред да почне болеста. Ако е тоа така, не преудицираме дека е така, значи дека некој намерно го направил овој вирус, со цел за да се збогати, немајќи грижа за луѓето кои постојано живеат во страв и умираат. Сигурно, сиромав човек, не го напавил тоа, сето тоа е дело на големите богаташи, за да се намали бројот на луѓето, особено на старите, болните и немоќните, но сведоци сме дека од оваа болест умираат и млади луѓе. Ние не преудицираме дека ова е точно, но секојдневно го слушаме, па затоа сме должни да кажеме што се случува. Зошто е сето ова? Заради богатење, заради прибирање на туѓ имот. Што е кражбата? Божјата Заповед вели: „Не кради!“, а тоа подразбира да не присвојуваме туѓ имот, коj нам не ни припаѓа. Некоj ќе рече, ете, овој или оној украл, затоа што немал. Тие што немаат ништо, подобро е да просат, отколку да крадат, зашто преку просењето, не само што ќе ги спасат душите на оние што ним ќе им дадат од срце, во името на Христа нашиот Бог и Спасител, туку и тие ќе се спасат, оти чесно е да се побара, отколку да се украде.
Во крадењето, луѓето немаат мерка, па затоа крадат сè. Ете, во Стариот Завет, кога биле украдени светите сосуди, казната го стигната дури и царот Валтазар, кој сакал да пие од украдените Ерусалимски сосуди, па затоа на ѕидот се покажал натпис: „Мене теке уфарсин“, што значи: „Измерен си и лесен си најден“, односно ти си оној, што си измамник, па затоа тој човек, својот живот го завршил таа ноќ.
Крадат, браќа и сестри, и оние што се сиромаси, но најмногу крадат тие што се богати, оти крадат за да бидат богати и славни.
Да се помолиме, браќа и сестри, и да погледнеме со духовните очи на денешниот настан, кога Господ Исус Христос му рече на Закхеј: „Денес дојде спасение на овој дом, зашто и тој е син на Авраама“ (сп. Лука 19, 9).
Ете, и ние богатството да не го гледаме како средство за богатење и како цел во животот, односно да го ставиме на местото на Бога и само на него да мислиме, туку да го гледаме исклучиво сако како дар, даден од Бога, преку кој ние можеме да ги спасиме нашите души и тела. Амин!
Честит нека е празникот на денешните маченици Свети Трифун и Света Перпетуа.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар