На 07.02.2021 г., во Триесет и петтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски, Преподобен Публиј,Преподобен Мар и споменот на Светата маченичка Фелицита и нејзините седум синови, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Кирил Трајковски, свештеникот Александар Николовски, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во свештенички чин да го ракоположи ѓаконот Александар Николовски.
Од името на Епархијата, на отец Александар му го честитаме презвитерскиот чин и се молиме достојно да му служи на Бога и на паството кое ќе му биде доверено.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Прогледај! Верата твоја те спаси!“ (сп. Лука 18, 42).
Од денешното Свето Литургиско Евангелие, браќа и сестри, слушнавме за чудото, кое Господ Исус Христос го направил кога влегувал во Ерихон, кога го излекувал оној слеп човек по име Вартимеј, што значи син на Тимеј. Во Светото Евангелие се вели дека кога Вартимеј слушнал дека има голема раздвиженост меѓу луѓето, прашал што се случува, а како одговор му рекле: „Христос доаѓа“ (сп. Лука 18, 37). Овој слеп човек, многу пати пред тоа од луѓето имал слушнато за Христа, па така, иако бил телесно слеп, тој духовно имал отворени очи и силна вера во Бога, па со своите духовни очи можел да Го види Бога заради неговата силна вера, па затоа почнал да вика на силен глас: „Исусе Сине Давидов, смилувај се на мене!“ (сп. Лука 18, 39). Тогаш луѓето му рекле: „Немој да Го вознемируваш Учителот“ (сп. Лука 18, 39), а Христос им рекол: „Доведете го“ (сп. Лука 18, 40). Па така, откако пристапил кон Христа нашиот Бог и Спасител, Христос го прашал што сака, а тој одговорил: „Сакам да прогледам“ (сп. Лука 18, 41), а Христос му одговорил: „Прогледај! Ветата твоја те спаси“ (сп. Лука 18, 42). И во тој момент Вартимеј прогледал.
Браќа и сестри, ние кога денес ќе видиме телесно слепи луѓе, веднаш над нив се сожалуваме, сочувствуваме и сострадуваме, односно нивната болка ја прифаќаме како своја болка, што е правилниот начин на однесување кон оние што страдаат од било каква и да е болест.
Ете, од Светото Евангелие слушнавме дека Христос го излекувал овој слеп човек, но да си спомнеме дека Господ Исус Христос, кога ги лекувал луѓето, секогаш прво ги прашувал дали веруваат, па дури потоа, ако искажат вера во Него, дури тогаш ги лекувал.
Да си спомнеме за оној случај, кога Христос со Апостолите се спуштале долу, од Гората Тавор, каде имало едно момче, кое било болно од нем дух, па кога Господ му рекол на неговиот татко: „Веруваш ли“ (сп. Марко 9, 23), бидејќи причината за болеста на тоа момче било неверувањето на неговиот татко, тој рекол: „Да Господи, верувам, помогни ми на моето неверување!“ (сп. Марко 9, 24) . Што значи, без да се покаже вера во Бога, во Христа нашиот Бог и Спасител, Христос не сакал да лекува . А ете, овде Христос, не го прашал слепиот човек од раѓање дали верува, бидејќи Христос знаел дека тој силно верува во Него, па затоа му рекол: „Верата твоја те спаси!“ (сп. Лука 18, 42), и тој тргнал по Него и сите Го прославиле Бога.
Ова чудо, браќа и сестри, нас нè поттикнува на размисла дали ние денес во врска со ова чудо правилно постапуваме.
Имено, ние кажавме дека сострадуваме со луѓето кои се телесно слепи, но ние треба да знаеме дека има и едно друго слепило, кое е далеку пострашно и поопасно од телесното слепило, а тоа е духовното слепило. Духовното слепило, е всушност пред сè немање вера т.е. немање вистинска чиста вера во Бога, онака како што ни ја предал Христос нашиот Бог и Спасител, преку Светите Апостоли, Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, кои ја објасниле и ја портолкувале нашата Света Православна Вера.
Без чиста и правилна вера, онака како што нам ни е предадена од Христа, Апостолите и Светите Отци, нама спасение, браќа и сестри. Не секоја вера води кон спасение, туку само чистата, правилна и вистинска вера, зашто Самиот Христос рекол: „Ако некој измени јота или црта, (од она што Христос го кажал во Светото Писмо), тој најмал ќе се нарече во Царството Небесно“ (види Мат. 5, 18-19).
Во врска со ова, веднаш доаѓа мислата какво е тоа духовно гледање, браќа и сестри? Духовното гледање се состои во следното. Имено, Господ го создал човекот според Својот лик и подобие. Ликот Божји, е во душата на човекот, која е составена од ум, разум и волја. Кога згрешил првиот човек, односно нашите прародители Адам и Ева, им се помрачил умот, а помрачувањето на умот се состоело во тоа што тие ја прекинале врската со Бога, односно престанале да Го гледаат Бога, на начинот на кој што дотогаш Го гледале Бога, па затоа почнале да се кријат од Него, заборавајќи дека Он е секаде присутен.
Кога Бог го прашал Адама: „Каде си?“, Арам рекол: „Се скрив зад дрвото, оти не сум облечен“. Потоа Господ го прашал: „Кој ти кажа дека не си облечен, да не јадеше од забранетиот плод?“
Ете, сето тоа говори колку паднал човекот и колку паднала човечката природа поради првородниот грев, па така на човекот никој не можел да му помогне, освен Самиот Логос, Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, Кој заради нас и заради нашето спасение, доброволно прифатил да слезе на земјата, да се всели во утробата на Пресвета Богородица и да стане човек.
Па така, Синот Божји, Спасителот Христос, ни се јави прво како Младенец, роден во пештера, а на Богојавление, ни се јави целата Светата Троица, кога од небесата се слушна гласот на Отецот, Кој говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (сп. Мат. 3, 17), говорејќи за Христа нашиот Бог и Спасител, Кој што се крштеваше на реката Јордан од Јована, а Светиот Дух, во вид на гулаб, надлетуваше и во Својата полнота ги испраќа зраците, односно благодатта врз Христа, Кој се крштеваше.
Па така, возљубени браќа и сестри, нашата Вера, e Богооткриена Вера, бидејќи истата ние не сме ја примиле ниту од ангел, ниту, пак, од човек, туку од Самиот Син Божји, Спасителот Господ Исус Христос, Кој дошол во светот и станал човек, во сè еднаков на нас луѓето, освен во гревот, за да нè научи на вистинската вера и доброволно да пострада заради нас и заради нашето спасение.
Ете, затоа Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, во денешното Свето Евангелие, кога го лекува овој слеп човек од раѓање, по име Вартимеј, му вели дека неговата вера го спасила.
Возљубени браќа и сестри, нашата Црква, не е Црква на добри и лоши луѓе или, пак, на морални и неморални луѓе. Нашата Црква, браќа и сестри, е болница, во која ние се лекуваме од духовните болести, а за да почнеме да се лекуваме, прво треба да признаеме дека сме болни. Кога станува збор за телесните болести, оние кои се болни одат на лекар и бараат лека за телото. Покрај телесните болести, постојат и духови болести, а луѓето кои се духовно болни, се во најлоша состојба. Целосно се излекувале само светителите, кои се обожиле, а сите останати, сме болни и треба да се лекуваме, а за да се лекуваме, прво треба да осознаеме и признаеме дека сме болни т.е. да ги очистиме своите срца од грешните желби, чувства, похоти и страсти, а секако и од грешните дела, а потоа да го просветлиме својот ум, не дозволувајќи во него да се вселуваат грешни мисли, кои потоа стануваат и помисли, односно на мислите им се додаваат слики, со кои понатаму луѓето почнуваат да разговараат со нив и да прават фантазии. Од фантазии бил ослободен само Спасителот наш Господ Исус Христос, бидејќи е зачнат во утробата на Пресвета Богородица, од Светиот Дух, па токму затоа Христос е безгрешен, а Мајката Божја го имале првородниот грев.
Па така, ние за да се излекуваме од нашите болести, треба прво да признаеме дека сме болни и да прифатиме да се лекуваме.
Денес, браќа и сестри, исто така, го славиме големиот светилник на Црквата Христова, Светиот Григориј Богослов. Овој Божји угодник, живеел во златниот период на Црквата, заедно со Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст, на кои на дванаесетти февруари по нов стил, им го празнуваме заедничкиот празник „Свети три светители“, за да се покаже дека никој од нив не е поголем, туку се еднакви пред Христа. Свети Григориј, го носи епитетот богослов. Веднаш ќе кажеме дека богослов, не е оној што завршил Богословија или Богословски факултет. Да, тој на хартија велиме дека е богослов, но богослов во вистинска смисла на зборот, е оној, кој во себе Го има Бога. Прв богослов, е Свети Јован Богослов, за кого читаме во Светото Писмо и кој говори за суштинските работи на нашата Света Православна Вера кој говори дека Христос е Светлина од Светлина. Таа светлина, е всушност благодатта Божја, несоздадените Божествени енергии, кои ни се даваат нам луѓето. И ние, браќа и сестри, со Бога не можеме да се изедначиме во Неговата природа, зашто Бог не е создаден, а сè што е создадено, тоа не може да се изедначи со Бога. Затоа и во денешното второ Свето Евангелие, слушнавме дека Христос нашиот Бог и Спасител вели дека Он е добриот Пастир и Вратата преку која се влегува во Царството Небесно. Ние, Бога Отецот и Светиот Дух, не можеме да ги познаеме поинаку, освен преку Христа. Бог Отецот, Го испраќа Синот Божји, а Синот Божји, Го испраќа Светиот Дух на Апостолите, па така ние преку Синот Божји, Го примаме Светиот Дух.
И така, кога тие работи ќе ги разбереме правилно, дека нема спасение на човечкиот род, освен преку Оној, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение станал еднаков на нас луѓето, освен во гревот. Нема спасение на човечкиот род, освен преку Христа нашиот Бог и Спасител.
Па така, за оние што мислат дека гледаат телесно дека ќе се спасат, ќе кажеме дека многу луѓе, кои што имаат телесни очи, не се спасуваат. Во една наша Македонска поговорка, која всушност е од Светото Писмо се вели: „Ако слеп, води слеп, и двајцата во дупка ќе паднат“, ова се однесува не толку на оние што се телесно слепи, туку напротив, на оние што се духовно слепи. И ние, ако тргнеме по умот на оние што нè водат во духовно слепило, постојано лажејќи нè да ги прифаќаме лагите како вистина, или ако почнеме да мислиме дека овде на земјата е Царството Божјо, односно дека колку повеќе материјални богатства спечалиме, толку повеќе пред луѓето ќе се покажеме дека имаме власт, положба или било што, тогаш за нас нема спасение. Затоа, брќа и сестри, ние во животот треба да се раководиме според учењето на Христа нашиот Бог и Спасител, Светите Апостоли и учењето на Светите Отци на Црквата Христова.
Христос не рекол напразно: „Ако твоето око е светло, тогаш целото твое тело ќе биде светло, а ако окото ти е темно, целото тело ти е темно. А ако светлината во тебе е темнина, тогаш каква ли е твојата темнина?“ (сп. Мат. 6, 23). Нема светлина, браќа и сестри, без вистинската Светлина, Светлината од Светлините, Христа нашиот Бог и Спасител.
Ете, токму во тоа и нè упатува Свети Григориј Богослов, за кого во стихирите на вечерната се вели дека е „око на благодатта и река на догмите“, зашто правилно ги објаснил и ги пренел сите догми на Црквата Христова. Свети Григориј, браќа и сестри, е голем богослов на Црквата Божја, преку кого и ние добиваме можност за спасение.
По неговите Свети молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар