Триесет и прва недела по Педесетница (Недела по Раѓањето Христво) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 10.01.2021 г., во Триесет и првата недела по Педесетница (Недела по Раѓањето Христово), кога го празнуваме споменот на Свети праведен Јосиф ОбручникСветиот цар Давид, Свети Јаков, брат Господов, Светите Дваесет илјади никомидиски маченициПреподобен Симеон Мироточив и споменот на Светата маченичка Домна, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение протоерејот  Душан Талевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Глас се слуша во Рама, плач и редење и писок голем, Рахил плаче за своите деца и нема да се утеши, зашто ги нема!“ (сп. Мат. 2, 18).

По Христовото Раѓање во Витлеем, браќа и сестри, откако истото било разгласено на силен глас од Ангелите и пастирите, почнал да се шири гласот за Раѓањето на Синот Божји, од Пресвета Богородица. Па така, за сосема кусо време се случува голема трагедија во Витлеем и околината на Витлеем, зашто не мирува сатаната, а и луѓето, кои делуваат под дејство на сатаната, како што бил Ирод, кој многу се разгневил, откако не се вратиле кај него тројцата патници т.е. мудреците, кои дошле да Му се поклонат на Богомладенецот Христа и Му принеле дарови т.е. злато, ливан и смирна, во знак на Неговата царска, првосвештеничка и пророчка служба.

Знаете ли, браќа и сестри, како изгледа гневот кај луѓето. Кога луѓето ќе се разгневат, тогаш тие не личат на себе, па дури не личат ни на луѓе. Замислете каков бил Ирод, а какви сме и ние кога ќе се разгневиме. Кога сме гневни, наеднаш усните и снагата почнуваат да ни треперат од гнев, а очите ни стануваат крвави т.е. целиот човек пламнува и е готов да направи секакво зло. Ете, таков бил и Ирод, кој кога дознал дека мудреците не се вратиле кај него, за да му соопштат каде се родил Богомладенецот, Кој сакал да го убие, бидејќи мислел и се плашел дека ќе му го земе царскиот престол.

Ирод, браќа и сестри, направил и многу други големи зли дела пред тоа т.е. го убил својот тест Хиркан, кој го задавил во капатилото, ги убил и неговите два синови Аристовул и Александар, плашејќи се дека ќе му го земат престолот, а својата законите жена и нејзината мајка, ги обесил.

Ете, сега Ирод намислил да Го убие и Богомладенецот, па затоа веднаш наредил војската да отпочне со гонење т.е. со убивање на сите деца во Витлеем и околината од две години па надолу, уверен дека меѓу тие четиринаесет илјади деца, ќе биде убиен и Богомладенецот Христос.

Една е желбата и мислата на злобните луѓе, а друга е Божјата промисла за секого од нас, браќа и сестри, а уште повеќе за Малото Дете Богомладенецот Христа, Синот Божји, Кој истовремено е и Бог и човек, односно Богочовек.

Па така, Господ му се јавил на сон на Јосифа и му рекол: „Земи Го Младенецот и мајка Му и бегај во Египет, оти Ирод ја бара душата на Младенецот“ (сп. Мат. 2, 20).

Па така, праведниот Јосиф со Пресвета Богородица, а според Светото Преданието и Јаков, братот Господов, заминале за Египет. И ете, како што слушнавме од денешното Свето Литургиско Евангелие, кога изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот, тогаш Господ Го повика од Египет, Својот Син, како што пророкува Светиот пророк Осији (види Осиј. 11, 1).

Исто, како што, своевремено, избраниот Еврејскиот народ, во времето на патријархот Јаков, се нашол во Мисирското ропство, во Египет, двеста и петнаесет години, а потоа Господ повторно ги вратил во Ветената земја Палестина, во која тече мед и млеко, под водство на Исус Навин, кој е праслика на Исуса Христа.

Еве сега Богомладенецот, Синот Божји, Логосот Божји, првенецот Божји, се враќа од Египет, како што некогаш се вратил и Богоизбраниот Еврејски народ Израилот.

И веднаш се поставува прашањето: Зошто беше убиството на овие четиринаесет илјади деца? Дали Господ сакаше да погинат толку многу деца заради Него? Не, браќа и сестри! Тие деца што ги дадоа своите животи за Христа нашиот Бог и Спасител, се првите маченици на Црквата Христова, кои се овенчаа со венците на маченици на Црквата Христова.

Па така, Ирод, кој бараше да Го убие Богомладенецот, умре, а умреа и сите оние кои ја сакаа душата на Богомладенецот. А кога Јосиф слушна дека во Јудеја се зацарил Архелај, синот на Ирода, тогаш тој се исплаши, па си рече да не оди во Јудеа, туку да оди во Галилеја. И таму, во градот Назарет, кој значи фиданка т.е. нешто незначајно, што излегува од коренот на пресечено дрво, па затоа и Светиот апостол Филип ќе рече: „Има ли нешто добро од Назарет“ (сп. Јован 1, 46). Таму во тој незначаен град, град, кој не се споменува ни во Стариот Завет, браќа и сестри, таму се населил Христос нашиот Бог и Спасител, за да се исполни пророштвото дека Тој ќе се нарече Назареец.

Ете, откако ова се случило, веднаш се поставува прашањето: каде денеска сме ние во споредба со оние, кои по  наредба на Ирод, ги убија оние четиринаесет илјади деца во Витлеем, (што значи градот на лебот), и околината, каде плачот на мајките по загубените деца бил голем, бидејќи убијците ги одземале од нивните гради и ги убивале. Таму, браќа и сестри, имало толку маки, толку страдања, што и Рахила, жената на Јакова, за која говори Светиот пророк Езекил, плачела, кога Навуходоносор наредил Израелците да бидат депортирани во Вавилот, во Вавилонскоот ропство. Ете, тогаш Рахила плачела за Израилот, а сега вознемирена од страдањата на мајките, не можела да мирува во својот гроб, па станала и почнала да плаче, како што слушнавме од литургиското Свето Евангелие.

Затоа и ние денеска, кога си спомнуваме за оваа голема трагедија, ќе кажеме дека за жал и денеска ништо поинаку не се случува меѓу нас православните христијани во Битола, а и пошироко во целата наша Епархија, па и во цела Македонија, бидејќи не четиринаесет илјади годишно, туку над триесет илјади деца годишно се убиваат во утробите на мајките. Ете, децата во Витлеем биле убиени од оние што ја барале душата на Богомладенецот т.е. од противниците на Христа, а овде, од христијанките, од православните мајки и девојки, кои се крстени, а некои од нив и венчани во Црква.

Браќа и сестри, ние веднаш ги осудуваме, оние што ги убија оние четиринаесет илјади деца, со цел да Го убијат Христа, а не ги осудуваме т.е. не се осудуваме самите себеси, кои сме директни или идниректни учесници во убиства на децата кои се зачнале во утробите на своите мајки.

Затоа, ако ние сме навистина христијани, да се сетиме на оваа грозоморна слика, на ова страшно убиство на тие четиринаесет илјади деца, но и на она уште пострашно убиство т.е. на убиените деца во утробите на мајките, кои сеуште не се родени, и да кажеме дека никој од нас од денес, па натаму, ниту со мисла, ниту со помисла, нема да земе учество во такво злосторство на убивање на децата во мајчините утроби, ниту пак, да биде соучесник во такви злодела и убиства. Ако сме учествувале директно или индиректно во такво нешто, мора веднаш да се покаеме и кај нашиот духовник, кај свештеникот да се исповедаме, додека не сме го напуштиле овој свет,  со молење и постојано плачење за таквите убиства. Ако Свети апостол Петар, цел живот плачел кога ќе слушнел дека пее петел, за тоа што три пати се одрекол од Христа, а поле три пати Го исповедал на брегот на Генисаретското езеро, еве и ние, кои сме биле учесници и соучесници на такви убиства, постојано да плачеме за убиствата на невините деца во утробите на своите мајки. Тоа е факт и вистина, од која нема бегање.

Затоа, браќа и сестри, мораме искрено и со покајание да пристапиме кон овие злодела, кои ние православните христијани ги правиме, бидејќи само на таков начин можеме да се ослободиме од овој страшен и опасен грев.

Да си спомнеме, браќа и сестри, за овие Свети маченици на Црквата Христова, по нивните молитви, Господ да ги просветли нашите умови и да нè отстрани од ова зло.

По нивните молитви, Господи Исусе Христе, очисти ги нашите срца и души од секакво зло.

Господи Исусе Христе, Сине Божји, Твоето гонење не беше од оној момент, кога Те предаде Јуда, Твојот ученик со бакнеж, ниту кога беше на Својата првосвештеничка молитва во Гетсиманија, ниту Твоето првично гонење беше кога Те малтретираа, кога Те тепаа, биеја, плукаа, шамараа, кога трнов венец Ти ставија на главата и неправедно Те осудија.

А за тоа, браќа и сестри, има една интересна икона т.е. станува збор за икона во Западната Црква, на која е изобразено, како Христос нашиот Бог и Спасител, кога се родил во пештерата,  се смее во прегратките на Пресвета Богородица, а некаде долу, кај Неговите нозе, има едно јагне, на кое нозете му се врзани, а на главата има трнов венец, кое е праслика на Христовите страдања, на таканаречената Виа Долороза (Улицата на Христовите страдања до Голгота).

Браќа и сестри, кога Христос беше распнат на Крстот заради нас и заради нашето спасение, не се исполни желбата на сатаната и на неговите непријатели и убијци, зашто Он по три дена Воскресна од мртвите, а потоа се Вознесе на небесата, за да ја прослави нашата човечка природа, седнувајќи од десно на Бога Отецот.

Ете, браќа и сестри, кога слушнавме за овие големи настани и трагедии, постојано да мислиме на нашите гревови и постојано да се исповедаме, за да можеме да го наследиме Царството Небесно.

По молитвите на четиринаесетте илјади деца, кои пострадаа во Витлеем и околината, и на дваесетте илјади маченици, кои на денешен дена пострадаа во Никомидија, на кои денес им го празнуваме споменот, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Христос се роди! Навистина се роди!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар