Најмили наши, дечиња!
Денес е Божиќ, најрадосниот ден за децата, зашто Самиот Бог, Синот Божји, заради нас од небесата посакал и слегол на земјата, раѓајќи се од Пресвета Богородица, во пештера, во градот Витлеем, и бил положен во јаслите на јагнињата и овците.
Кога се родил Христос, Синот на Бога Отецот, Неговото раѓање го објавиле т.е. соопштиле Ангелите, кои ја пееле Божикната песна: „Слава на Бога во висините и на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.
На Неговото раѓање се радувале и пастирите. А малото дете, малото Боже (Божик – Христос Синот Божји) рекол: „Јас се јавив на земјата, како дете, Син човечки, сличен на вас децата и на вас луѓето, за да се покажете и вие како синови (деца) Божји, слични на Мене во вечното Царство на Мојот Отец“.
Оваа радост, раѓањето на Синот Божји, за децата, за луѓето и за целиот свет, е неизмерна, зашто празнувајќи во Црквата, и ние во неа пееме: “Христос се раѓа – прославите Го! Христос е на земјата – пресретнете Го! Христос е на небесата – вознесе те се кон Него!“
Ако Христос вам како на деца и нам како на луѓе ни се дарува како Мало Дете, Младенец со љубов, и ние со љубов треба да Му одговориме на Неговата љубов и да Му го принесеме нашето срце и да ја слушнеме Неговата порака и поука, и вие бидете како деца незлобиви.
Христос си играл со децата, растел како што растат децата, пораснал и станал Учител но не престанал да ги сака децата, па при една прилика на Апостолите, а тоа значи и на сите луѓе, кога зел и на повисоко место поставил едно дете рекол: „Кој нема да биде како ова дете нема да влезе во Царството Божјо“. А при друга прилика, кога Апостолите не дозволувале децата да Му се приближат на Христа, за да не Го вознемируваат, Он рекол: „Оставете ги децата да дојдат кај Мене, зашто нивно е царството Небесно“! (Мат. 19, 14).
Ние славејќи го роденденот на малиот Бог, Божик, според обичајот за роденденот треба да Му подариме нешто на Христос, за Неговиот роденден. Па се прашуваме што би сакал Он да Му подариме, најмили наши дечиња?! Он од нас ништо друго не бара, освен нашите срца. Он сака нашите срца да Му бидат јасли, а нашите души пештера. Ете тој е најголем подарок што треба да Му Го дадеме на Христа, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Христос се роди!
Навистина се роди!
Ваш во малото дете, Богомладенецот Христа, постојаниот молитвеник дедо Владика +Петар