На 03.01.2021 г., во Триесеттата недела по Педесетница (Недела пред Христовото Раѓање), кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Јулијанија и шестотини и триесетте маченици со неа, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Во денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, ги слушнавме зборовите на Спасителот Господ Исус Христос дека богат тешко ќе се спаси т.е. дека богатите тешко ќе влезат во Царството Небесно!
Учениците Христови, а и присутните на овие Христови зборови прашале: „А тогаш кој ќе се спаси?“ (сп. Мат. 19. 25), а Господ им рекол: „Тоа што за луѓето е невозможно, за Бога е возможно“ (сп. Мат. 19. 26).
Денес, браќа и сестри, во оваа Триесеттата недела по Педесетница, на Божествената Литургија беше прочитано и Светото Евангелие за родословот на Спасителот наш Господ Исус Христос, па така, ќе поговориме, и за едното, и за другото Свето Евангелие.
Имено, кога говориме за богатството, се мисли дека тоа е социјално, економско и политичко прашање, и дека луѓето во Црквата, не треба да размислуваат за богатство, имот и слично, но ете, Спасителот Господ Исус Христос ни укажува на тоа дека во Црквата треба да се говори за богатството.
Токму затоа, Спасителот кажал и неколку параболи во врска со богатството, како што е параболата за богатиот човек и Лазар, или како што е денешната парабола за книжевникот или законикот, кој Му пристапил на Господа Христа со зборовите: „Што треба да направам за да добијам живот вечен“ (сп. Мат. 19, 16), на што Христос му одговара: „Исполнувај ги Божјите Заповеди т.е. не прељубодејствувај, не лажи, не кради, почитувај го татка си и мајка си и.т.н.“ (сп. Мат. 19, 17). Кога законикот го слушнал ова рекол: „Уште од младоста своја овие Заповеди сум ги исполнил“ (сп. Мат. 19, 20). Тогаш Господ му вели: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!” (сп. Мат. 19, 21).
Овој законик, браќа и сестри, кога од Христа ги слушнал овие зборови, многу се натажил, зашто бил многу богат и срцето му било прилепено кон неговото богатство, и си заминал, а тогаш Христос рекол: „Тешко богат човек ќе влезе во Царството Небесно“ (сп. Мат. 10, 23), на што Апостолите прашале: „Тогаш кој ќе се спаси“ (сп. Мат. 19, 25), а Христос рекол: „Тоа што за луѓето е невозможно, за Бога е возможно“ (сп. Мат. 19. 26).
Браќа и сестри, богатството само по себе ниту е штетно, ниту е корисно. Прашањето е во чии раце и во чиј ум е богатството и каков е односот на луѓето кон богатството. Ние во Стариот Завет имаме богати луѓе, како што бил Светиот патријарх Авраам, кој бил многу богат, како што бил Патријархот Јаков, како што бил паведниот и многустрадален Јов, кој бил најбогатиот човек во земјата Уз.
Ете, сите овие старозаветни праведници, иако биле премногу богати луѓе, ги спасиле своите души, зашто богатството не го гледале како цел во нивниот живот, туку како средство, преку кое човекот ако правилно раководи и управува, ќе ја спаси својата душа.
Овие богати старозаветни праведници, кон сиромасите биле многу внимателни и постојано со своето богатство им помагале на вдовици, сираци, болни и на сите оние што биле во немоќ.
Светиот славен патријарх Авраам, браќа и сестри, покажал голема милост кон Тројцата Патници, Кои ги угостил во својот дом, Кои всушност биле Ангели, кои ги претставувале Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Кога минувале покрај неговиот дом, Светиот патријарх Авраам, не им се обратил како на Тројца, туку како на Еден, велејќи: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, тогаш немој да го одминеш мојот дом“ (сп. 1. Мој. 18, 1-3). И така Авраам, заради своето гостопримство беше благословен заедно со неговото потомство, зашто Ги примил патниците во својот дом, а Тие му ја соопштија радосната вест дека неговата веќе премногу стара жена Сара ќе роди син и ќе му стават име Исак, што значи насмевка, бидејќи Сара се насмевнала кога ја слушнала оваа вест, сметајќи дека во деведесеттата година, баба не раѓа дете. Но она што е неможно за луѓето, можно е за Господа, па им се родил син Исак, кој всушност е праслика на Исуса Христа, нашиот Бог и Спасител, бидејќи Бог од Авраама посакал да го жртвува, а тој верувајќи дека Господ ќе го воскресне од мртвите, го однел на гората да го жртвува, како Христос на Голгота, ете, затоа е и праслика на Христа.
А исто така и праведниот Јов, своето богатство не го сметал за свој имот, туку велел: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (сп. Јов 1, 21), затоа што сметал дека сиот имот и сè што поседува, не е негова сопственост, туку дека сето тоа е Божјо, а нему му е на дар дадено правилно да го користи. Па така, кога праведниот Јов се разболел од лепрата и кога неговата жена и неговите најблиски пријатели, упорно го убедувале да се одрече од Бога и да похули на Него, тој тоа не го направил, туку рекол: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов. 1, 21).
И во Новиот завет имало богати луѓе, кои богатството не го сметале за свое. Да си спомнеме за Јосиф од Ариматеја, кој заедно со Никодима, од Крстот Го симнале Христа нашиот Бог и Спасител, а потоа го погребал во својот гроб, во кој сеуште не бил никој погребан.
Ете, браќа и сестри, каков однос имале овие луѓе кон богатството. Да си спомнеме и за родителите на Пресвета Богородица, Светите Јоаким и Ана, кои исто така биле многу богати, кои еден дел од имотот го користеле за своите животни потреби потреби, со вториот дел од имотот помагале сираци, сиромаси, вдовици, болни, а третиот дел го давале на Црквата Божја.
Конечно, еве го образецот како ние треба да го користиме нашиот имот. Ако така постапуваме, тогаш проблемот околу богатството е решен, но ние за жал само на богатството мислиме, кое е преодно и распадливо, и крадците го крадат. Затоа Господ вели: „Не собирајте богатства на земјата, каде што молецот и рѓата ги уништуват, и каде што крадци поткопуваат и крадат; туку собирајте си богатства на небесата, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги уништува, и каде што крадци не го поткопуваат и крадат“ (сп. Мат. 6, 19-21).
Кое е тоа богатство на небесата, браќа и сестри. Во првото блаженството, е кажано каков треба да биде нашиот однос кон богатството. Имено, таму се вели: „Блажени се бедните по дух, зашто е нивно Царството Небесно!“ (сп. Мат. 5, 3). Кои се тие луѓе кои е бедни по дух? Тука се прави една забуна меѓу нашите православни христијани, во смисла дека оние кои се бедни по дух, дека немаат добар дух. Ние, браќа и сестри, имаме помрачен ум. Бедни по дух, се оние луѓе, кои не мислат човечки, туку мислат многу божествено. Оние кои се бедни по дух, не собираат богатство на земјата, туку сè што имаат, го сметаат за Божјо. Тие велат: „Ние ништо немаме“, како што вели и Свети апостол Павле: „Сите велат дека ништо немаме, а ние сè имаме, велат дека сме сиромашни, а ние сите ги збогатуваме“. Со што? Со духовното богатство – со Словото Божјо, браќа и сестри.
Ете, тоа е суштината на денешното Свето Евангелие, кое се чита во Триесеттата недела по Педесетница. Па од таму, Господ вели дека камила побргу ќе помине низ иглени уши, отколку богат да влезе во Царството Небесно, асоцирајќи на една капија, која служела за влез во Ерусалим, која била малечка, па камилата кога била товарена, не можела да помине низ таа капија, додека не ја растовареле. Што значи сè додека не се ослободиме од богатството, во смисла да не ни се прилепува срцето и душата за него, нема да влеземе во Ерусалим, во Царството Небесно.
Постои друго толкување, според кое зборот „камила“ го означувал дебелото јаже, кое се фрла кога бродовите ги укотвуваат во пристаништа. И такво дебело јаже побргу ќе се протне низ иглени уши, отколку богат да влезе во Царството Небесно.
Браќа и сестри, треба да разбереме дека ние и кога правиме добри дела, не треба истите да ги правиме за да се покажеме пред луѓето дека сме богати и дека сме многу милостиви, туку треба да постапуваме според Христовите зборови: „Да не знае твојата лева рака што прави десната“ (сп. Мат. 6, 3), односно помагањето треба да биде тајно. Исто така, е кажано дека ние какво добро и да направиме, ако истото не го направиме во името на Христа нашиот Бог и Спасител, тоа нема нам да ни биде примено како награда во Царството Небесно. Затоа, секое добро што ќе го направите, правете го во името на Исуса Христа, нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас грешните и недостојните, слегол од небесата на земјата, се понижил да примил човечка природа, пострадал заради нас и заради нашето спасение, бил распнат на Крст и погребан, и Воскреснал во третиот ден, а на четириесеттиот ден се Вознел на небесата, прославувајќи ја нашата човечка природа, седејќи од десно на нашиот Бога Отецот.
Па така, возљубени во Христа, браќа и сестри, денеска на Божествената Литургија се читаше родословот на Христа т.е. за имињата на родовите од Авраама до Христа нашиот Бог и Спасител, во кои беа наредени четиринаесет, плус четиринаесет, плус четиринаесет родови, односно имиња на патријарси, почнувајќи од Авраама, додека да дојде Името над сите имиња, Името на Христа нашиот Бог и Спасител, кое е спасоносно.
Исус, значи Спасител, па затоа името Исус не се употребува меѓу луѓето. Никој не треба да го носи Тоа име Исус, оти еден е Спасителот наш Господ Исус Христос. Луѓето не се спасители, бидејќи можат само телесно да нè спасат, но не и духовно, бидејќи духовното спасение доаѓа од Христа нашиот Бог и Спасител.
Во Стариот Завет, се споменуваат две личности со името Исус т.е. Исус син Навинов и Исус Сирахов, кои се грижеле за спасението на Еврејскиот народ од телесното тобство, но вистинското спасение во Стариот Завет, доаѓало од Христа нашиот Бог и Спасител, бидејќи Он на Евреите во пустината, во вид на облак, им испраќал мана (небесен леб).
Па така, возљубени во Господа, нема поголемо, пославно и поубаво име, од името Исусово, според кое Име е позната и молитва над сите молитва – Исусовата молитва. Исусовата молитва, е молитвата на умот и на срцето, кога со умот мислиме на Исуса Христа нашиот Бог и Спасител, а во нашите срца Го доживуваме.
Па така, ако ние така постапуваме, ако со мислите на Христа мислиме, ако со срцата свои Христа Го чувствуваме, како што тоа го правел Свети Игнатиј Богоносец, кој пострадал во колосеумот во Рим, откако бил растргнат од ѕверовите, а од телото останало само неговото срце и коски. Кога го пресекле неговото срце, на него било испишано името Исус Христос.
Ете, такво име и таква молитва ни е потребна за спасение, браќа и сестри.
По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели и Архангели, на Светиот Славен Претеча Јован Крстител, и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè преку Твоето Свето Име. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!