На 31.12.2020 г., во предвечерието на новолетието, кога го славиме споменот на Светиот маченик Бонифациј; Свети Григориј (Григентиј), епископ Омиритски; Свети Бонифатиј Милостив, епископ Ферентиски; Преподобен Илија Муромец; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Душан Талевски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи сеноќно бдение со Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Наум, во Битола.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Не бојте се од оној што може да го убие телото, а на душата не може да и напакости; бојте се од Оној, Кој може и телото и душата да ги фрли во пеколот!“ (сп. Мат. 10, 28).
Возљубени, денешните светителли Светиот Бонифатиј, Светиот Григориј, епископот Омиритски, Светиот Бонифатие, епископот Ферентиски, и Светиот Илија Муромец, се светители на Црквата Христова. Сите овие светители живееле во различно време, па токму затоа за сите нив ќе кажеме по нешто, а исто така ќе кажеме нешто и за значењето на нивното прославување во денешниот ден.
Господ, возљубени, од грешници прави светители и маченици. Таков е случајот со Светиот Бонифатиј, кој живеел во Рим и бил грешник. Свети Бонифациј бил слуга на една неморална жена по име Аглаида, која живеела неморален живот, но и покрај тоа што била неморална, Господ најверојатно нејзе и внушил мисла, дека таа може да се заштити од злата и непогодите, ако при себе има мошти од светители, односно таа Светите Мошти ги замислувала како амајлија. Па така, таа го испратила овој нејзин слуга Бонифатиј во Рим, да оди во источните земји, односно таму каде што најмногу страдале христијаните, со цел таму да побара Свети Мошти од светители и да и ги донесе. Свети Бонифациј на заминување и рекол нејзе: „доколку не најдам Свети Мошти и ако ти го донесат моето тело тука, дали ти со почести ќе го примиш?“ Аглаида му се поднасмеала, бидејќи знаела дека тој е голем блудник и грешник и му рекла дека тоа што го зборува го зборува како безумен. Свети Бонифатиј зел неколку слуги со себе и заминал на пат. Кога дошол во Тарс, а тоа е гратчето во кое живеел и завршил универзитет Светиот апостол Павле, и ете таму, Свети Бонифатиј видел многу маченици. На едни им биле рацете пресечени, на други нозете, некои биле со копја избодени, а некој распнати на крстови, а на други пак им биле пресечени главите. Кога ја видел оваа ужасна слика, Свети Бонифатиј наеднаш се променил, неговиот ум почнал поинаку да размислува и наеднаш извикал пред присутните дека и тој е христијанин, а потоа бил земен на одговорност пред тогашните мачители, а тоа е времето кога со Римската Империја управувал царот Диоклицијан. После многу измачувања, Свети Бонифатиј, бил погубен со меч. Неговите слуги го донеле неговото тело во Рим, а пред тоа, Ангел Божји и се јавил на Аглаида и ѝ рекол, дека го носат телото на нејзиниот слуга Бонифатија, и дека таа треба да го прими со внимание и со почести. Таа така и направила, а потоа згрозувајќи се на дотогашниот нејзин живот, се повлекла од грешниот живот и петнаесет години живеела покајнички живот. Па така, како покајничка го завршила својот живот.
Светиот пак Григориј епископ Омиритски, бил ѓакон во денешно Милано (Медиолан) и оттука заминал во Александрија, а таму патријархот Протериј, го назначил да биде епископ во јужна Арабија во Омиритската земја. Таму Свети Григориј го проповедал Светото Евангелие и почнал многумина од неверниците да ги воведува во верата и да ги крштева, а таму имало и многу Евреи. Свети Григориј бил многу мачен од тамошниот цар, кој се викал Дунаан.
Ете, после измачувањата што ги имал со него, благоверниот цар Аврамие му помогнал, па така тој тргнал да ја освојува Омиритската земја и многумина да приведува во Православната Христијанска Вера. Па така, во тој момент кога ги приведувал оние што не биле крстени, а имало околу двеста мина евреи, кои се спротивставувале на учењето што го проповедал Светиот Григорие, епископот Омиритски, па затоа тие му рекле на благочестивиот цар Аврамие и на Светиот Григориј, епископот Омиритски, дека ќе поверуваат во верата Христова, само под еден услов, а тоа е ако тој успее да го прикаже Христа нашиот Бог и Спасител како вистински Бог, односно сакале жив да го видат Христа нашиот Спасител со своите телесни очи. Тогаш Светиот Григориј, епископот Омиритски, паднал на колена свртен кон исток и длабоко се молел, Господ да ја услиша неговата молитва. Тогаш наеднаш на исток се отворило небото и се појавил силен облак од кој излегувале грмотевици, а од средината на облакот, кој се движел кон Свети Григориј и присутните, се појавил Христос нашиот Бог и Спасител во прекрасни алишта, кои биле така извезени, како да биле од молња осветлени.
Кога тоа го виделе Евреите, веднаш го слушнале гласот Христов, кој им рекол, дека ќе ги излекува нив заради молитвите на Свети Григориј, нив (евреите) кои го убиле Христа нашиот Бог и Спасител.
Еве, возљубени, видовме дека не само верата, како што рекол Спасителот Господ Исус Христос, дека „може и планини да премести“, еве верата и молитвата на Светиот Григориј, епископот Омиритски, го поттикнала Христа нашиот Бог и Спасител, да се појави во тело пред овие неверни луѓе, со цел тие да поверуваат во Христа нашиот Бог и Спасител.
Покрај овие светители, како што на почетокот кажавме, дека Светиот Бонофатиј, кој умрел во 290 -та година по Христа, а Светиот Григориј, епископот Омиритски, го завршил својот живот и се преселил во Царството Небесно во 562 -та година, а тоа е шестиот век, односно времето на царот Јустинијан Втори.
Исто така, има уште еден светител истоименик на Свети Бонифатиј, кој бил Ферентински епископ, кој од своето детство бил многу дарежлив кон луѓето, и заради тоа бил често пати поучуван да не биде толку дарежлив, од неговата мајка и од неговите најблиски, но тој продолжил да биде дарежлив кон сиромасите, па затоа Господ стократно го наградувал. Па ете, и тој го завршил својот живот благочестиво.
Исто така, во дванаесеттиот век, поточно во 1188 година, Илија Муромец, кој е еден монах и подвижник во Русија или на Киевска Русија поточно речено, бил светител кој што целиот свој живот се подвизувал и конечно, како што Господ вели, дека нема да дозволи светецот да види распаѓање, така и неговото свето тело не се распаднало. Тој борејќи се и докажувајќи дека е силна Православната Вера, пред крајот од својот живот, односно во последниот миг пред да го заврши животот, се прекрстил со трите прста, на некој начин за изоблучување на оние кои неправлно се крстат, односно за нивна поука, за да знаат дека само правилното крстење и правилниот Крст, може да биде силен пред Бога и да бидат исполнети молитвите направени со правилен Крст, односно со трите прста, ставајќи ги начелото во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Господ него го прославил и така неговата Света рака стои на неговите Свети гради, како што тој се прекрстил.
Знам една жена, која токму пред четириесет години, премина од овој свет и нејзината последна молитва, крстејќи се беше: „Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“. Тогаш и падна раката на градите и така молитвено го заврши својот живот. Што значи, браќа и сестри, дека се силни молитвите на оние што се молат и целосно му се посветуваат на Бога.
Зато и молитвите на многу мајки се силни и пресилни. Да си спомнеме за Светата пророчица Ана, која се молела на Бога нашиот Спасител, Господ да и даде чедо, а таа потоа Нему да му го посвети тоа чедо, кое Господ и го дал.
Светиот пророк Самуил, кој е еден од позначајните старозаветни пророци, кој помазал два цара, а тоа се Саула и Давида, живеел меѓу распуштените синови на тогашниот првосвештеник Илија, но тој не дозволил да се оскверни или лошо да направи, напротив онака како што го воспитала неговата мајка, така тој го минувал својот живот во постојана молитва, во постојани подвизи, во постојан пост и затоа него Господ го прославил, браќа и сестри. И ете, неговите молитви се услишени и затоа се вели дека, кој и да е од луѓето себлагословен, доколку верува во Бога, и кога живееме се вели, и кога умираме Господови сме.
Но, најгосподови се оние деца, кои се подарени на Бога, од нивните родители, од нивните мајки, кои ги воспитале во нашата Света Православна Вера и кои никогаш не ги сметале за свои, туку прво за Божји чеда, а дури потоа за свои. Кога бев парохиски свештеник, во повеќе наврати имав можност да слушнам од постари жени, кога ќе прашав колку деца имаат и кои се нивните деца од присутните што беа таму. Тие вели, отче тие прво се Божји, а потоа наши. Само таквите татковци и таквите мајки, кои ги сметаат своите деца, дека тие прво се Божји чеда, а дури потоа нивни, имаат правлен поглед и правилно ги воспитуваат во нашата Света Православна Вера.
Па ете, имајќи го во предвид она што го слушнавме за денешниве светители и посебно за Светиот Бонифациј, да знаеме, возљубени, дека нашиот живот тука на земјата е краток. Порано или подоцан, ние ќе заминеме од овој свет. Но најбитното од сè е, дека тука е местото, тука е времето, тука е полето, тука е мегданот, каде што ние треба да се избориме со злото, да се избориме со искушенијата што ни доаѓаат од сатаната, но и со искушенијата, кои самите ние си дозволуваме да ги прифатиме.
Затоа, само преку подвизи, само преку пост и молитви, можеме тоа да го направиме. Не случајно го востановивме, токму овој ден, во таканаречената календарска нова година, да правиме секоја година во изминатите четириесет години, бдение, исклучиво со цел, желба и намера, кога цел свет, како што оваа година ја нарекува луда, кога навистина многу лудости и глупости се прават, кога многу луѓе се обесчестуваат, кога многумина стануваат пијаници, кога многумна поради својата невоздрживост се прејадуваат и завршуваат во болниците, како луѓе кои се прејале и опијаниле и од пиење можеби и се затруле.
Да се молиме за простување на нивните гревови, Господ да ги просветли нивните умови, да ги очисти нивните души и срца и да ги прибере во Царството Небесно. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар