На 19.12.2019 г, кога го празнувавме споменот на Светиот Николај Мирликиски Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј ставрофорот Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени, денес го прославуваме големиот и славен пастир на Црквата Христова, Светиот Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец. Свети Никола се родил во денешна Мала Азија или Турција во градот Патара, каде што од неговиот татко Теофан и мајка Нона, бил од Бога испросен со горешти молитви. Родителите на Свети Никола, браќа и сестри, немале дете, но единственото дете што го добиле, тие му го подариле на Бога. Свети Никола, најмногу во верата бил упатен и воспитан од неговиот истоимен чичко Николај, кој бил владика во градот Патара и кој таму подигнал еден манастир, кој го нарекол „Нов Сион“. Кога Свети Николај пораснал, во тој манастир бил замонашен.
Времето кога живеел Свети Николај, е време на гонење на христијаните од страна на тогашната Римска Империја, а тоа е времето на царевите Диклицијан и Максимијан.
Поради тоа што Свети Николај покажал голема ревност во верата, односно ги изобличувал лажните верувања што ги протежирале во тоа време римските цареви за таканаречените нивни измислени римски богови и кипови, пред кои тие се поклонувале и им служеле, принесувајќи им идолски жртви, а како жртви принесувале и мали деца. Токму заради тоа што се спротивставил на таквото лажно или идолско верување во тогашната Римска Империја, Свети Никола бил многупати зарворан.
Спасителот Христос во Светото Евангелие вели: „Не може да се сокрие град што стои на врв планина“ (сп. Мат. 5, 14), па така и Свети Николај, кога се покажал дека е вистински пастир на своето христијанско стадо, жртвувајќи се и живеејќи со него, ете бил избран за епископ, на местото на починатиот епископ на градот Мир, во областа Ликија. Свети Никола пред тоа сакал да се подвизува во манастирот „Нов Сион“ и во мир да го заврши својот живот, но Господ му рекол дека, „ако сакаш да бидеш прославен, треба да одиш во народот“, односно да го поведе народот како епископ и владика, и така, спасувајќи го народот и водејќи грижа за спасението на својот доверен народ, да биде прославен. Така и се случило, бидејќи целосно му се посветил на Бога.
Свети Никола, секогаш се застапувал за правдата и бил подготвен својот живот да го даде за правдата. Во два наврати спасил по тројца луѓе, кои неправедно биле осудени на смрт. Свети Никола, дури со својата рака го фатил самиот меч, со кој требало да бидат погубени неправедно осудените луѓе.
Свети Никола во секој поглед ги помагал своите верни чеда, односно им помагал дури и со материјални средства. Кога умреле неговите родители, тој сето богатство што го наследил од нив, бидејќи тие биле многу богати, го раздал на сиромаси. При една прилика, спасил едно семејство во кое имало три ќерки. Ова семејство, односно мајката и таткото во ова семејство, заради сиромаштијата, не можеле достојно да ги омажат своите ќерки. Тие биле подготвени да им дозволат на нивните ќерки да ги продаваат своите тела за пари, како што денес за жал, за пари, многумина ги продаваат своите тела, иако не се до тој степен сиромаси за тоа да го прават. Тие забораваат, дека телата човечки не се создадени за ништо други, освен да бидат храмови т.е. да биде храм на Светиот Дух, а не срам. Токму заради тоа, Свети Никола тајно фрлил пари во дворот на тоа семејство и ги спасил да не живеат недостоен живот.
Свети Никола правдата ја гледал во секој поглед, па дури за неа се одлучил да го загуби и епископскиот чин кога бил присутен на Првиот Вселенски Собор, кој се одржал во 325-та година во Никеја. Во тоа време била присутна страшната и опасна ерес на свештеникот Ариј од Александрија. Заради неговото погрешно учење, тој бил повикан на соборот да се оправда, но истиот се служел со измами и лаги. Не можејќи сето тоа да го трпи и поднеси Свети Николај, од ревност кон верата, од ревност кон Христа, од ревност кон правдата Божја, не можел да се воздржи, па му удрил шамар на Арија. Заради тоа што го удрил Арија, Свети Никола според црковните каноните, бил лишен од својот епископски чин, сè додека Самиот Спасител Господ Исус Христос и Мајката Божја, Пресвета Богородица, не им се јавиле на првите, односно челните Свети Отци на тој Вселенски Собор и побарале, Свети Николај да биде ослободен од казната, бидејќи тој не го удрил Ариј затоа што сакал да се бие, туку заради ревноста кон Бога и заради неправдата, која Ариј и ја нанесувал на Црквата со своето погрешно учење.
Па така, му бил вратен чинот и достоинството и достојно поживеал меѓу својот Божји народ, водејќи го кон спасението. И така, Господ него го прославил.
Неговото прославување се состои во тоа што, тој како епископ на Црквата Божја, бил почитуван уште за време на животот како светител. По неговата смрт, по неговото преминување од овој, во оној свет, неговото тело останало нераспадливо, а исто така и мироточиво. Од неговото Свето тело истекува миро, и сите оние што со вера пристапуваат и се помазуваат или биле помазувани, се лекуваат, ако имаат силна вера, од секакви болести.
Па ете Господ промислувал, неговото Свето тело или неговите Свети Мошти, да не бидат уништени. Токму затоа, некаде во единаесеттиот век, по Божја промисла Господ се јавил на еден свештеник и на еден епископ, а се јавил и самиот Николај, да се пренесат неговите Свети Мошти, од Мир (Ликијски) во Бари (Италија) зашто тогаш доаѓала навалата од Отоманската Империја т.е. Турците. Па така, телото на Свети никола од градот Мир во областа Ликија, било пренесено во Италија, во градот Бари, каде и денес се наоѓаат неговите Свети Мошти.
Па така, во нашата Света Црква, може слободно да се рече, дека повеќе од една четвртина, особено во нашата Македонија, луѓето што ги слават и почитуваат светителите, на прво место е Светиот Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец.
Ние денес, кога го празнуваме, овој голем учител и пастир на нашата Света Православна Црква, кој има таква почит меѓу верните, свештенството и епископатот на Православната Црква, на кого му се изградени најголем број на цркви и манастири, треба да го прославуваме онака како што им доликува на православните христијани.
Некои мислат дека славата или прославувањето треба да се состои во многу богати трпези , потоа на тие трпези да се повикаат гости, односно роднините, блиските и пријателите, и мислат дека во тоа се состои прославувањето. Не, браќа и сестри, прославувањето на светителите и на останатите празници се состои најнапред во тоа, да научиме и да разбереме, кои биле тие, кога се родиле, кога и како живееле и какви биле нивните дела? Веднаш потоа, ние треба да се потрудиме да ги следиме во нашиот живот, бидејќи слушаме од неговиот тропар, дека тој бил „правило на верата и образец или пример на кротоста и воспитанието“.
Свети Никола е човек, кој со својот живот ни дал пример, како ние треба да живееме. Ете, слушнавме накратко, дел од неговото житие, па ако сакаме вистински да го прославуваме, тогаш треба да бидеме и ние праведни, како што бил и тој праведен. Ако сакаме да го прославуваме достојно, треба да бидеме милостиви, како што и тој бил милостив и им помагал на сите кои имале потреба.
Да бидеме, возљубени во Господа, како што бил и тој секогаш буден и ревносен во верата, односно да не дозволиме некој да зборува лошо за нашата Света Православна Вера или кога ќе ги подбуцнува нашите православни христијани, сакајќи да ги наведе на грешен пат, дека сите вери се еднакви, православната со римокатоличката, со протестантите, со таканаречените христијански секти и цркви.
Не, чистотата на нашата Света Вера, која ни е предадена од Спасителот наш Господ Исус Христос и од неговите ученици, Светите Апостоли, а преку нив и од нивните наследници епископите, е најчистата вера, и токму затоа не се најбројни православните.
Спасителот Христос рекол: „не плаши се мало стадо“, зашто широк е патот на оние што одат во пропаст, што одат во адот, што одат во пеколот, а тесен е патот на оние што тргнале кон Царството Небесно. Токму затоа, луѓето не се сметаат според бројноста дали ќе се спасат, туку по квалитетот, односно по тоа, дали тие вистински живеат според учењето на нашата Света Православна Црква, според учењето на Светото Писмо и Светото Предание и учењето на Светите Отци.
Затоа, еве го примерот на овој голем славеник, Светиот Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец, и така да го прославуваме со тоа што ќе го подражаваме неговиот живот и неговите дела. Нека е честит празникот и нека е честито името на оние што го носат името на Свети Николај. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар