Свети Великомаченик Димитриј – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 08.11.2020 г., во Дваесет и втората недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот Великомаченик ДимитријПреподобниот Димитриј БасарабовПреподобниот маченик Јоасаф и споменот на големиот земјотрес, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Драган Ѓеоргиевски  и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

На Божествената Литургија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, кон верниот народ се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Свети великомаченику Димитрие, моли Го Бога за нас!

Со побожност и со вера и со искрена молитва се обраќаме со овие зборови кон светиот великомаченик Димитриј Солунски. Ние се обраќаме така, затоа што веруваме дека тој ги слуша нашите молитви и он Го моли Господа за нас, бидејќи ние се надеваме на неговата помош.

Да се потсетиме на зборовите на светиот апостол Павле за старозаветните пророци. Што он зборува за нив? „Преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови; угаснаа огнена сила… од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски“ (Евр. 11, 33-34). Преку овие зборови ни се кажува што сѐ може да направи верата и тоа уште во Стариот Завет. Тоа го правела силата Божја која има голема и неисцрпна моќ и прави многу чуда. За таа сила Божја, многупати зборувал и старозаветниот цар и пророк Давид во своите псалми. Во еден од псалмите се вели: „Бог ми е прибежиште и сила…“. Во друг, пак, се вели: „Блажен е човекот на кого силата му е во Тебе“ (Пс. 84, 6). Во трет, пак, воскликнува: „Господ е сила на моето спасение“ (Пс. 140, 8).

Поминало времето на Стариот Завет и на земјата дошол Синот Божји во образ на човек. Господ Исус Христос бил Извор на таа сила. Он ги лекувал болните, воскреснувал мртви, проштевал на грешници, блудници итн. Тоа е силата на Неговото Божество. Светото Евангелие вели: „Целиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите“ (Лк. 6, 19). Самиот Господ Исус Христос зборува за Себе како за Извор на таа сила. Учејќи нѐ на молитвата Господова, Тој заповеда да ја завршуваме со зборовите: „Зашто Твое е царството и силата и славата во веки“ (Мт. 6, 13). Он е Домаќинот на Своето небесно Царство и Тој е Извор на силата и на Својата вечна слава.

Но, Господ Исус Христос со Своето вознесение на небото не ја вознесе таа сила со Себе. Он ја остави во Својата света Црква. Он ја разделува на луѓето преку светите тајни, преку крштението, причестувањето и другите светињи што се даваат на верниците преку Црквата. Особено таа сила ја дал и преку Својата Мајка и наша небесна покровителка, преку нејзините молитви и преку безбројните Негови угодници на кои со вера и молитва им се обраќаме за наша помош, како и преку нашиот ангел чувар кој ни се дава за да нѐ крепи и чува со светата тајна крштение.

После Неговото вознесение на небото, а особено по слегувањето на Светиот Дух на светата Педесетница, апостолите го проповедале словото Божјо во многу градови и земји. Народот внимавал на нивната проповед и многумина поверувале во нив, крштевајќи се, бидејќи ја почувствувале силата на проповедта, односно силата Божја, која ги покорува срцата на луѓето.

На крајот на III и почетокот на IV век, живеел големиот светилник на Црквата Христова – светиот великомаченик Димитриј Солунски. Тој потекнувал од угледно и богато семејство. Неговиот татко бил градоначалник на Солун и таен христијанин. Уште од млади години, Димитриј бил воспитан во христијанската вера и научен на благочестив живот од страна на неговите родители. Кога неговиот татко починал, тој бил назначен на неговото место. За разлика од неговиот родител, Димитриј почнал јавно да ја исповеда верата Христова и да ги заштитува христијаните. Бидејќи во тоа време христијанството било гонето од страна на Римските императори, кога императорот разбрал дека Димитриј е христијанин, го затворил со намера да го убеди да се откаже од Христа. За таа цел, бил подложен на разни страдања и маки, но свети Димитриј не се откажал од својот Бог. Претходно раздал половина од својот имот на сиромаси, а другата половина ја дал на еден свој слуга. Римските императори имале обичај да уживаат во страдањето на христијаните во римските амфитеатри во кои христијаните биле изведувани и мачени од страна на вешти војници. Така се случило со еден млад човек Нестор, кој се пријавил да се бори со прочуениот императорски борец Лиј, кој погубил мнозина христијани. Пред да појде во борба, овој млад човек добил благослов од Димитриј и го победил прочуениот борец. Затоа императорот наредил тој да биде погубен, а со иста казна го казнил и Димитриј, кој му дал благослов да го победи овој крвожеден императоров воин. Така, свети Димитриј го завршил својот маченички живот на почетокот на IV век во 306 г.

Да не ги заборавиме зборовите на старозаветниот псалмопејач кој вели: „Бог ми е прибежиште и сила“. Да се обратиме со искрена молитва кон свети Димитриј, Бог по неговите молитви да ни испрати утеха во сите наши животни искушенија, а ние да се молиме за Бог да нѐ послуша по молитвите на свети Димитриј. Амин!

Свети Великомаченик Димитриј Солунски

Храм „Свети Великомаченик Димитриј“ – Битола

08.11.2020