На 07.11.2020 г., кога го празнуваме споменот на Светите маченици Маркијан и Мартириј, Светиот маченик Анастасиј и споменот на Света Тавита, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Заупокоена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.
После Божествената Литургијата, беше отслужена Панихида за покој на душите на сите упокоените во верата праотци, отци, мајки, браќа и сестри наши, со надеж на Воскресение и вечен живот.
Бог да си спомне и за сите знајни и незнајни чеда на Светата Православна Црква, кои имаат потреба од нашите молитви.
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
„Не плачете за Мене, туку плачете за себе и за вашите деца!“ (сп. Лука 23, 28).
Браќа и сестри, вака Христос нашиот Бог и Спасител им рекол на жените, кои плачеле, кога Он одел на Голгота да биде распнат на Крстот, заради нас и заради нашето спасение.
Христос нашиот Бог и Спасител, никогаш во Својот живот не се насмеал како човек, но затоа два пати се расплакал т.е. еднаш за неговиот пријател Лазар, кога како на човек Му кажале дела Лазар умрел, а Христос рекол: „Лазар не умре, туку заспа“ (сп. Јован 11, 11), а вториот пат заплакал пред да влезе во Ерусалим, односно на Цветници, кога од далеку го видел градот Ерусалим и рекол: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што ти се пратени! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца како квачката што ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте. Затоа Ерусалиме, од тебе нема да остане ни камен на камен“ (сп. Матеј 23, 27).
Ова пророштво на Христа нашиот Бог и Спасител, се исполнило во седумдесеттата година по Христовото раѓање, кога римските управители Тит и Веспасијани, до темели го разрушиле Ерусалим, а потоа Елие, врз рушевините го изградил градчето Елија Капитулина.
Па така, браќа и сестри, Христос нè плачел за нешто друго, туку заради нас, знаејќи дека човекот немилосрдно страда заради својата грешност, заради тоа што нашите прародители Адама и Ева, ја прекршиле единствената Божја Заповед во рајот.
Ете, Христос од преголема љубов кон човечкиот род, кон Своето создание, излегол од прегратките на Отецот и слегол на земјата за да го спаси човечкиот род. Христос воплотувајќи се т.е. примајќи Тело од Пресвета Богородица, го поучил човечкиот род за сè т.е. за создавањето на светот, за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а потоа поживеал со луѓето, доброволно бил распнат на Крст, за да го избави човечкиот род од гревот и смртта.
Па така, Христос нашиот Бог и Спасител, со Своето Воскресение, ни дал гаранција дека и ние ќе воскреснеме во последниот ден, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие дека при гласот на трубите од Ангелите од четирите страни на светот, кога Христос ќе дојде да му суди на светот и секому да даде според неговите дела.
Ете, браќа и сестри, тоа нам ни говори дека ние треба да разбереме и сфатиме дека тука на земјата сме времени, а не постојани, но ние за жал секогаш се однесуваме како да сме вечни тука на земјата, заборавајќи дека постои вечниот живот зад гробот, во Царството Небесно.
Ете, тоа е најголемата трагедија за човечкиот род, зашто сите други созданија живеат и постапуваат според своето назначување, а само човекот на постапува според назначувањето за кое е создаден т.е. да биде бог по благодат.
Ете, Господ така го создал човекот и заради него пострадал, Воскреснал и се Вознесол на небесата, прославувајќи ја човечката падната природа, седнувајќи од десно на Бога Отецот.
Браќа и сестри, кога ние денеска правиме сеопшт помен за покојните, секако во сите нас навираат чувствата и жалиме за покојните, ама да не жалиме како што рекол Господ Исус Христос: „Не жалете за Мене, туку жалете за себе и за вашите деца?“ (сп. Лука 23, 28) Што значи тоа? Тоа значи да плачиме за нашите деца, за нивните и за нашите гревови, а и за гревовите на целиот човечки род. А за воскресението од мртвите, не треба да се плаче, туку треба да се радуваме, зашто нашата вера не е безнадежна вера, туку е Крстовоскресна вера. Кога Христос се распнуваше, истовремено се наѕираше и радоста што требаше потоа да следи т.е. по третиот ден кога Христос Воскресна од мртвите и ни донесе сеопшта радост дека и ние ќе воскреснеме во последниот ден.
И сега кога за тоа размислуваме, си велиме: па добро, каде се сега оние, кои не се со нас, и колку се тие, а колку сме ние? Па ние, браќа и сестри, сме една рака луѓе во светот, во споредба со оние што досега починале. Од постанокот на светот, на гробиштата, на тоа вечно одморалиште, огромен е бројот на починатите, кои ќе спијат до Второто Христово доаѓање во светот. Тие жители на гробиштата, се неизброиви, а за оние кои верувале во воскресението на мртвите и вечниот живот, за нив нема смрт, зашто Христос нашиот Бог и Спасител вели: „Јас сум Бог на Авраама, Исака и Јакова, Бог Сум на живите, а не на мртвите“. (сп. Мат. 22, 31-32)
За Христа, овие Свети луѓе т.е. патријарсите од Стариот Завет, не биле мртви, туку живи. Па и за нас, многу наши предци се живи, а ние иако сме живи, сме мртви, како што и Самиот Христос, нашиот Бог и Спасител, преку устата на Светиот Апостол Јован Богослов, му вели еден епископ на една апокалиптичка Црква: „Иако си жив, знам дека си мртов, зашто ги знам твоите дела“ (сп. Откр. 3, 1)
Живи сме, браќа и сестри, ако се добри нашите дела, а ако делата ни се лоши, тогаш сме мртви. Ние исто така, доколку веруваме во воскресението на мртвите, не треба неутешно да плачеме за нашите починати браќа и сестри, во смисла дека требало уште малку да поживеат тука на земјата, бидејќи после телесната смрт, следува вечниот живот.
Да си спомнеме, колку многу мајки сакале нивните деца, откако умреле, да се вратат, како што е примерот со една жена по име Клеопатра, која му се молела на маченикот Оар или Ур, кому таа му подигнала црква (и во неа ги положила неговите Свети мошти), го прашува: зошто и го зел нејзиниот син? Оваа жена разочарана затоа што умрел нејзиниот син, почнала на некој начин да хули на Бога, но кога задремала, имала видение, во кое го видела својот син со светителот Оар, како се во рајот. Тогаш светителот Оар и рекло: „Еве го твојот син, ако сакаш земи си го“. Тогаш нејзиниот починат син и рекол на својата мајка: „Повеќе не сакам да се вратам во тој грешен свет и живот, остави ме да бидам во овие небесни живеалишта“. Тогаш мајката на ова момче, длабоко се раскајала за нејзината погрешна проценка дека е многу битно тука (на земјата) многу да живееме.
Ние, браќа и сестри, тука ќе живееме колку што е волјата Божја или доколку ѓаволот, не дај Боже, како што за жал, е сè поприсутно тоа мислење меѓу многу, браќа и сестри, дека за нив нема надеж, па посегнуваат по својот живот, и никогаш не можат да бидат во заедница со Бога, заради тоа што си го одзеле својот живот. Сите други гревови, можат да бидат простени, но самоубиството, тоа никако не може да биде простено, не заради нешто друго, туку затоа што човекот откако ќе умре, откако ќе се одвои душата од него, нема можност повеќе да биде целосен, бидејќи душата излегува од телото, кое оди во земјата, од кое е создадено, и тука завршува до Христовото повторно доаѓање, кога сите ќе воскреснат за вечен живот.
Затоа Црквата ги определила овие денови за сеопшта молитва, за покој на душите на сите упокоени, браќа и сестри, кои починале со вера во Спасителот Христос.
Исто така, браќа и сестри, да се помолиме и за сите оние кои почнале од оваа смртоносна болест Kovid-19.
Слушнавме преку медиумите дека едно младо момче во неговото семејство ја пренело болеста на неговите најблиски т.е. на дедото и бабата, таткото и мајката, и сите умреа, а само тоа останало живо.
Браќа и сестри, ако тоа момче, незнаејќи го направило тоа, ќе му биде простено, но ако знаело дека се разболело, комуницирајќи со болни од оваа болест, тогаш тој е свесен убиец на своите најблиски. Затоа апелирам дека сериозна е болеста, па затоа немојте да се залажуваме и да се однесуваме несериозно.
Во храмот Божји на Божествената Литургија, а и на сите други богослужби, Господ нè чува. Не дај Боже некој да поверува дека преку Причесната се пренесува вирусот. Никако, тоа ниту било, ниту ќе биде.
Христос, не е Оној што убива, бидејќи Христос е живот. Преку Тајната над Тајните, Причесната, ние не можеме да се заразиме, ама надвор од Светите Тајни, постои реална опасност да се заразиме и да умреме ако е Божјата волја. Затоа, да се помолиме за покој на душите на сите упокоени браќа и сестри, кои умреа од оваа лоша и опасна болест, која слободно можеме да ја наречеме современа колера.
Сите знаеме дека треба да бидеме внимателни т.е. ако некој се разболел, да биде доволно свесен да оди во самоизолација, или ако, пак, му се влошила здравствената состојба, да оди во болница и да се лекува.
Ете, не е многу тешко тоа да се направи, но сите ние луѓето некако премногу се опуштивме и си велиме дека тоа не е ништо. Не, браќа и сестри, работата е сериозна, особено за оние кои ја пренесуваат болеста, а сите ние можеме да бидеме потенцијални пренесувачи на таа болест. Ако сме свесни дека сме се заразиле или ако сме контактирале со болен, тогаш веднаш да преземеме мерки и чекори да ги заштитиме другите т.е. да не бидеме ние причинители за смртта на нивниот живот.
Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, преку нивните молитви, Господ да ни даде душевни, духовни и телесни сили, за да ги пребродиме сите овие искушенија.
Бог да ги прости покојните и да им подари рајска населба, а нам и вам, мир и утеха. Бог да ги прости покојните! Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар