На 11.10.2020 г., во Осумнаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на преподобен Харитон Исповедник, Светиот пророк Варух, Светиот маченик Марко и споменот на Светиот маченик Вацлав, крал чешки, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Стеван Здравески, Пенчо Пусоски, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Отсега ќе ловиш луѓе!“ (сп. Лука 5, 10).
Браќа и сестри, од денешното Свето Евангелие слушнавме дека откако Спасителот наш Господ Исус Христос се пробил меѓу мноштвото народ, дошол на брегот на Генисаретското езеро, каде што апостолите Симон, подоцна наречен Петар, Јаков и Јован, си ги плавеле мрежите. Тогаш Господ влегол во едно од кајчињата и проповедал пред насобраниот народ. Кога Спасителот Христос ја завршил Својата проповед, му рекол на Свети апостол Петар да отплови со коработ во длабочината на езерото и да ги фрли мрежите, за да уловат риби, а Свети апостол Петар Му рекол на Спасителот: „Господи, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.” (сп. Лука 5, 5). И ете, откако ги фрлиле мрежите, тие уловиле толку многу богат лов на риби, што почнале и мрежите да се кинат.
Кога го видел ова чудо, Свети апостол Петар извикал со силен глас: „Оди си од мене, Господи, оти сум грешен човек!” (сп. Лука 5, 8). И веднаш се поставува прашањето, зошто Свети апостол Петар Му рекол на Господа да си оди од Него? Така Му се обратил на Господа, бидејќи почувствувал дека Христос не е обичен човек, туку дека е Син Божји, Кој заради нас грешните и недостојните, излегол од прегратките на Отецот и се вселил во утробата на Пресвета Богородица, и станал човек, а потоа заради нас и заради нашето спасение, благоволил да пострада со најтешката казна во тоа време т.е. со распнување на Крст, земајќи ги сите гревови на луѓето, од постанокот, па сè до крајот на светот, за да ја уништи смртта со Својата смрт, и да ја прослави нашата човечка природа, преку прославувањето на Неговата човечка природа.
Ете, Оној, Кој беше богат, осиромаши заради нас и нашето спасение. А кој всушност е богат, браќа и сестри? Богати се оние луѓе, кои Го носат Бога во своите срца и души, а оние, кои Го немаат Бога, колку и да имаат големо богатство, тие се бедни, затоа што Го немаат Бога, а кој Го нема Бога, тој не е богат. И најсиромашните, ако Го имаат Бога, се богати, зашто Христос ни покажа пример дека треба прво да осиромашиме, па потоа да се збогатиме. Ете, Тој осиромаши, со тоа што Он, Синот Божји, стана Син Човечки, покажувајќи смирение, за нас да нè збогати, за и ние да станеме богови преку Неговата благодат, преку благодатта на Отецот, Кој е Отецот на светлините.
Па така, браќа и сестри, преку зборовите на Свети апостол Петар: „Oди си од Мене Господи, оти сум грешен човек“ (сп. Лука 5, 8), се исполниле зборовите на Свети Јован Крстител, кој својата проповед ја започнал со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2). „Ете, секирата лежи при коренот на дрвото, и секое дрво, кое не дава добар плод, се сече и во оган се фрла“ (сп. Мат. 3, 10). Тоа значи дека секој човек што не прави добри дела, ќе биде посечен и фрлен во огнената геена. Со истите овие зборови, Својата проповед ја започнува и Спасителот наш Господ Исус Христос: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17).
Така, браќа и сестри, Свети апостол Петар, ја разбрал суштината на своето постоење дека е грешен човек, па затоа и Му се обраќа на Господа со зборовите: „Оди си од мене Господи, оти сум грешен човек“ (сп. Лука 5, 8).
Во Светото Евангелие, исто така, се наоѓа и едно друго чудо, кое го направил Господ Исус Христос, кога излекувал двајца бесомачни луѓе, кои живееле во гробиштата. Ете, откако ги излекувал, гадаринците наместо да Му заблагодарат на Бога, рекле: „Оди си од нас Господи“ (сп. Лука 8, 37).
Гадаринците, не рекле „оди си од нас Господи“ (сп. Лука 8, 37), затоа што се почувствувале грешни, туку заради тоа што сватиле дека пропаднала нивната желба да се збогатат преку одгледувале свињи, иако според Еврејскиот Закон, им било забрането да чуваат и продаваат сињи. Ете, токму заради материјалните богатсва, тие се обраќаат кон Христа, велејќи Му: „Оди си од нас Господи“ (сп. Лука 8, 37). А овде го имаме Свети апостол Петар, кој вели: „Оди си од мене Господи, оти сум грешен човек“ (сп. Лука 5, 8), па затоа и Господ му вели: „Не бој се! Отсега ќе те направам да бидеш ловец на луѓе!“ (сп. Лука 5, 10). Овие зборови на Христа Спасителот особено се исполниле на Педесетница (Духовден), кога Свети апостол Петар при првата негова проповед уловил (крстил), три илјади луѓе, а при друга прилика пет илјади луѓе.
Браќа и сестри, кога Господ им рекол на Апостолите да влезат подлабоко во морето за да уловат мноштво риби, Свети Јован Златоуст, вели дека овие зборови се однесуваат на светот во кој што живееме, а тоа е животното море во кое живеат луѓето, од постанокот, па сè до крајот на светот. Во тоа животно море, имаме и плитко и длабоко. Колку што е подлабоко, толку е побогато, зашто во длабочините на морето, се наоѓаат најскапоцените нешта т.е. таму се наоѓаат: бисерите, скапоцените камења, коралитe и.т.н. А овде станува збор за духовното богатство, па затоа Свети Јован Златоуст вели дека длабочината на морето, е Светото Евангелие.
Длабочината на морето, е всушност Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци. Ете, токму на тоа упатуваа Христови зборови: „Запловете подлабоко и таму фрлете ги мрежите свои“ (сп. Лука 5, 4).
Колку подлабоко се вдлабочуваме во Божјата наука, во Светото Писмо, во Евангелието, во Светото Предание и учењето на Светите Отци, толку побогати нешта доживуваме.
Па така, најбогатите биле оние, кои што станале богослови, како што се Светите Апостоли и нивните наследници апостолските мажи, епископите, ко ги ракополагале и поставиле да управуваат со Црквата Божја.
И токму заради тоа, ние денес слушајќи ги овие зборови од Светото Евангелие, ништо друго не можеме да кажеме, освен тоа дека Самиот Господ Исус Христос, е Оној, без Кого не можеме ништо да направиме. Само со Христа, нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас дошол во светот, ние можеме да се спасиме. Секако, нам ни се потребни и посредници, а најголемата посредничка и застапничка за нас грешните и недостојните, е Мајката Божја, Пресвета Богородица, заедно со Ангелите, Светите Апостоли и Сите Свети.
Па затоа, ние денес собрани во овој Свет храм, треба длабоко да размислиме за тоа дека ништо сами не можеме да направиме, освен со Божјиот благослов, а Божјиот благослов нас ќе нè прати, ако ние успееме да се задобиеме со Божјата благодат, зашто нашите прародители Адама и Ева, откако згрешиле, ја загубиле Божјата благодат, па требало да дојде новиот Адам, Христос нашиот Бог и Спасител, Кој се воплотил во утробата на Пресвета Богородица, за да нè спаси од гревот и смртта.
Па така, преку Пресвета Богородица, доаѓа Синот Божји, а преку Него, ние повторно постануваме Синови Божји, не по телесното раѓање, туку преку духовно раѓање, како што Христос му рекол на Никодима: „Ако човек повторно не се роди одозгора, не може да влезе во Царството Небесно“ (сп. Јован 3, 3). Тоа повторно раѓање, е всушност Крштението во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Но ние, и по Крштението повторно грешиме, па затоа треба повторно да се родиме, преку покајанието, а покајанието, е признавање на нашата грешна природа, преку длабоко навлегување во нашите души и срце, осознавајќи ги нашите гревови, направени од детството, па сè до денес. И не само со сознанието на гревовите, туку потребно е и пролевање на многу солзи за направените гревови.
Децата, браќа и сестри, од нас се попаметни, оти кога ќе згрешат, плачат, и сè додека родителите не им простат, тие не престануваат да плачат. А кој од нас плаче, за направените гревови? Малкумина се оние што плачат за направените гревови. Кој не пролее солзи за направените гревови, бидете сигурни дека нема да му бидат простени. Само преку многу пролеани солзи за нашите гревови и преку длабокото покајание и исповедта пред свештеникот т.е. пред духовникот, можеме да добиеме прошка за нашите гревови, но и со направените добри дела, спротивни на гревовите.
Браќа и сестри, затоа е потребен Божјиот благослов, зашто без него, без Божјата благодат, ние не можеме да се спасиме. Потребен е и благословот на родителите, зашто родителите се оние кои треба да ги поучуваат децата во верата.
Секоја мајка треба да го научи своето дете како правилно треба да се крсти со трите прста, кои ги означуваат Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а двата прста, кои се долу сложени, ги претставуваат Двете природи на Христа нашиот Бог и Спасите. Крстниот знак се става на челото за просветлување на умот и осветување на мислите, на градите, за да се освети срцето и да се облагородат чувствата, а на рамењата за да се зацврстат телесните сили и да бидат благословени делата на нашите раце.
Па така, браќа и сестри, не треба да го заборавиме и тоа дека секоја работа треба да ја започнуваме со Крстот во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Ништо не треба да правиме без да се прекрстиме и без да побараме помош од Бога.
Возљубени во Господа, ние откако сето тоа ќе го направиме, откако ќе ги исповедаме нашите гревови и откако ќе поживееме достоен живот, можеме да очекуваме спасение на нашите души.
По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар