На 11.09.2020 г., кога го празнуваме Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител и споменот на Преподобна Теодора Солунска и Светиот маченик Анастасиј (Спасо) Радовишки, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Гоце Велјановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Јован Крстител“, (Германски гробишта) во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не убивај!“ (2. Мој. 20, 13).
Оваа заповед Господ Исус Христос, Кој е Спасител на нашите души, почесто ја споменувал, а таа заповед е старозаветна, зашто кога Господ го создал човекот, не го создал за умирање, туку го создал за живот вечен, бидејќи човекот е Божјо создание. Токму заради тоа, секое убиство што ќе се изврши, подразбира и голема одговорност, односно тежок грев, кој е тешко опростив, бидејќи се знае дека оној што убил, не може така лесно да биде помилуван и да му се прости. Но човек, ако сам себеси се убие, тогаш никогаш нема да му биде опростен тој грев, бидејќи нема повеќе можност да се покае за својот грев самоубиство и да побара прошка од Бога преку својот духовник, за да направи спротивни добри дела на направениот тежок грев самоубиство, преку кои ќе може да го окае овој тежок грев и да се избави од гревот и смртта.
За тоа дека било забрането убиството, ние имаме многу голем број примери, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Оние што извршиле убиство, ретко кој од нив успеале да се ослободат од овој тежок грев убиството, а оние што се ослободиле, се ослободиле благодарение на тоа што длабоко се покајале за своите гревови, но и покрај тоа, тие морале да платат тешко за направениот грев.
Денешниот ден, е посветен на отсекувањето на главата на Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, за кого од Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, се вели дека е „најголем човек роден од жена“. Нема поголем човек, кој се родил од жена, од Свети Јована Крстител, зашто Свети Јован, е оној што го подготвил народот за доаѓањето во тело на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Тој е оној што ги израмнил патиштата, тој е оној што викал со силен глас од пустината: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2).
Свети Јован уште вели: „Ете, секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“, а тоа значи дека секој човек што нема да направи добри дела и на тој начин да се спаси себеси, ќе биде посечен и фрлен во вечната геена, т.е. во огинот кој никогаш не гасне. Тој оган, браќа и сестри, не е материјален, туку оган духовен, кој никогаш не се гасне, туку постојано гори и ги измачува грешниците, односно тие во него страдаат неутешно преку цела вечност.
Ете, токму затоа што на овој ден, Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, ја бранел честа и достоинството на брачната заедница, станал жртва на неразумниот цар Ирод, кој всушност е син токму на оној Ирод, кој ги погуби четиринаесете илјади деца во Витлеем, сакајќи меѓу нив да Го убие Синот Божји, Спасителот наш, Господ Исус Христос, откако му беше соопштено од мудреците дека се родил царот Израилски. Ирод, браќа и сестри, мислел дека станува збор за политички цар, за цар на земјата, заборавајќи дека во Светото Писмо за Господа Исуса Христа е напишано дека „Неговото Царството не е од овој свет“ (сп. Јован 18, 36). Царството Небесно, Царството Христово е од оној (вечниот) свет, браќа и сестри.
Ете Ирод, откако го убил Свети Јована, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, почнал да доживува кошмари. Па така, кога нашиот Спасител Христос почнал да проповеда, тој мислел дека од мртвите воскреснал Јован Крстител, зашто знаел дека тој е неговиот убиец. Имено, Ирод живеел нечесно и недостојно, т.е. бил подложен на сите земни задоволства и уживања, па токму поради тоа, си ја предал својата душа на сатаната, на ѓаволот, а потоа под негово влијание, направил голем и тежок грев, родосквернавење т.е. го осквернил бракот на неговиот брат Филипа, бидејќи уште за време на неговиот живот, ја зел за жена неговата жена Иродијада, поради што Свети Јован Крстител го изобличил, односно јавно пред народот и му велел: „Немаш право да ја имаш за жена, жената на твојот брат Филипа“ (сп. Мерко 6, 18). Поради ова, царицата Иродијада се озлобила многу на Свети Јована Крстител и побарала од Ирода да го фрли Свети Јован во темница, во затвор.
Откако Ирод го фрлил Свети Јован во затвор, Свети Јован не престанал со силен глас да вика од подрумите на затворот и повторно да го изобличува царот и царицата, така што тие немале никаков спокој и мир, за тоа што го направиле.
Па ете при една прилика, кога царот прославувал роденден, на кој Ирод ги повикал сите војводи и старешини народни, за да се провеселат заедно на таа страшна и убиствена гозба, на која откако се испијаниле и откако во меѓувреме им угодила Саломија, ќерката на Иродијада од брата му Филипа, тогаш царот во безумие и рекол на Саломија: „Што и да побараш ќе ти дадам, макар и половина од моето царство“ (сп. Марко 6, 23). Саломија веднаш се посоветувала со мајка си, која и рекла: „Барај ја главата на Јована Крстител“ (сп. Марко 6, 24). Таа се вратила и на царот му рекла: „Сега веднаш на табла ја барам главата на Јован Крстител“ (сп. Марко 6, 25).
Ирод, не знаејќи дека таква ќе биде понудата или молбата, многу се вознемирил, бидејќи знаел дека Свети Јован е почитуван меѓу народот како пророк, и дека народот заради тоа ќе се вознемири, а го почитувал и самиот тој, бидејќи знаел дека е праведен човек и дека она што го зборува е вистинито, но затоа што дал збор и како што вели народната, „царскиот збор, назад не се враќа“, а би му било многу подобро да ја прекрши клетвата, да го повлече зборот и да не ја издаде наредбата да биде убиен Свети Јован Крстител. Но Ирод, за жал ја издел наредбата и џелатот ја пресекол главата на Свети Јован Крстител и на табла и ја дал на Саломија, а оваа на мајка си Иродијада, која бидејќи била озлобена до тој степен, извадила игла и со неа го бодела јазикот од мртвата глава на Свети Јована Крстител, со зборовите: „Овој јазик зборуваше против мене“.
Браќа и сестри, секое направено зло, не може да не биде казнето. Така и Ирод, за неговите гревови и за направеното зло, ја добил својата заслужена казна. Царот Арета, таткото на првата жена на Ирода, кој бил Арапски кнез или крал, се кренал со голема војска против Ирода и го победил, и Ирод платил за сите гревови што ги направил, бидејќи бил повикан во Рим и бил осуден со казна прогонство. На тој начин Ирод отишол во Шпанија и таму со Иродијада и со нејзината ќерка Саломија, ги минувале последните денови од нивниот живот во беда и сиромаштија. За Саломија, браќа и сестри, се вели дека кога еден ден излегла да ја мине реката Сикорис, во градот Толедо, која била замрзната, се скршил мразот, и две санти од ледот и го притиснале вратот, и како што некогаш кога им угодувала на гостите играјќи на масите со нозете, така и сега со нозете сакала да го допре дното на реката, но не можела, и во тоа нејзино движење, како танцот што го правела на масите, и била пресечена главата. Минал некој човек, кој се сожалил над главата на оваа млада девојка, ја ставил на табла, и како што некогаш била предадена главата на Свети Јован Крстител, така и сега била предадена нејзината глава на нејзината мајка. Ете, и овој пат на ист начин се случила отплатата на гревот т.е. казната.
Ете, браќа и сестри, некој ќе рече дека можеме да правиме помали или поголеми гревови, и дека на крајот ќе си се исповедаме и ќе си се ослободиме од гревовите. Не е така, браќа и сестри! Кога човек ќе почне да прави гревови, тој станува веќе жртва на сатаната, а кога ќе стане жртва на сатаната, тој веќе не е послушен на Бога, бидејќи не живее според Светото Писмо и Божјите Заповеди, туку живее според своите желби. Душата, која е навикната да греши, не може така лесно да се ослободи од гревовите, бидејќи живее со гревот и страснала со гревот. Попусти ќе бидат сите желби на грешниот човек да се ослободи од гревовите, зашто гревот страшно влече. Кога се прави гревот, тој е сладок како мед, но отпосле станува како пелин, и оние што го почувствувале тоа, знаат дека е многу тешко човек да живее во големи и тешки гревови.
Ние, браќа и сестри, постојано си велиме и се утешуваме дека не сме толку многу грешни како Ирода и Иродијада, бидејќи не го убивме или не го убиваме Свети Јован Крстител. Ние си велиме дека не ги убиваме луѓето, но кога ќе размислиме малку подлабоко и кога ќе направиме една анализа за нашите постапки и за нашето однесување, ќе видиме дека и ние во помала или поголема мера, сме убијци, а можеби поголеми убијци и од Ирода, зашто ако направиме една анализа во нашава Црква и во нашата Татковина Македонија, ќе видиме дека во Македонија не убиваме само четиринаесет илјади деца, туку повеќе од триесет илјади деца според статистиката за извршени абортуси или убиства на неродените деца во утробите на мајките. Оние што ги убиваат децата во утробите на мајките, тие убиваат невини суштества, кои сеуште не го виделе овој свет, не ги виделе убавините на овој свет, не слушнале мајчин и татков збор, т.е. убиваат деца, кои сакаат да живеат во овој свет, кои сакаат да станат членови на нашата земна, па и небесната Црква. Ете, уште не излезени од утробите на своите мајки, тие гинат, а нивната бројка не е четиринаесет илјади, туку над триесет илјади во текот на годината. Ние не можеме да речеме дека сме добри и дека не сме убијци, бидејќи тие нешта се прават и се случуваат, било тоа да е таткото, по чија желба обично се убиваат децата во утробите на мајките, било тоа да се самите девојки или жените. Тоа е факт од кој нема бегање и од кој не можеме така лесно да се ослободиме.
За да се ослободиме од тој грев, ние сме должни на исповед да го исповедаме тој тежок грев, т.е. да признаеме дека сме посредувале во гревот со совет или ако ништо друго, или ако сме виделе дека постои опасност некој да убие чедо во утробата на мајката, не сме го спречиле тоа со совет и.т.н.
Од друга страна, браќа и сестри, ние и на други начини можеме да убиеме луѓе, како на пример ако некој човек му го одземе имотот на некого или го уништи неговиот имот, тој на таков начин, неусетно го довел таквиот човек во ситуација да не може да опстои во својот живот и да страда за тоа, а ние со тоа стануваме учесници во таквото убиство на луѓето. Исто така, ако ги извалкаме честа и достоинството на луѓето, со тоа што ќе ги клеветиме, или ако за некоја девојка говориме дека, е нечесна, или ако на било кој човек му го уништиме неговото достоинство, тогаш ние духовно сме го убиле, браќа и сестри, од кое убиство нема бегање. Понатаму, ако вие некому не му помогнале да создаде основни услови за живот, а сте можеле тоа да го направите, тогаш пак станувате убијци на некој начин или соучесници во убиството на оние што страдаат.
Исто така, ние сносиме одговорност и за оние кои што се наоѓаат во некои тешки духовни или душевни состојби. Сте слушнале или сте виделе како некои се разочарале од овој свет и живот поради многу нешта, и заради тоа нема никаква смисла нивниот живот, па си го одземаат животот. Никој од нас не смее(ме) да биде(ме) спокоен во таква состојба на луѓето, туку треба веднаш да им укажеме помош со совети, да им укажеме дека треба длабоко да навлезат во душата и срцето и да отидат кај духовникот за да си ги исповедаат своите гревови, и да направат спротивни на гревовите добри дела, за да станат покајници, т.е. вистински членови на Црквата Христова.
Покајанието е света работа, браќа и сестри, па затоа луѓето не треба да забораваат дека од покајанието зависи и иднината на човечкиот живот, и не само на еден, туку на генерации и генерации. Не случајно Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, ја започнал својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се проближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2), а и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Неговата проповед ја започнал со зборовите: „Покајте се!“
Па така, ние не треба да забораваме дека од покајанието зависи иднината наша, и на земјата, а особено на небесата, во вечниот живот. Сите ние порано или подоцна ќе умреме, бидејќи тука на земјата ние сме времени патници или жители. Ако и Спасителот наш Господ Исус Христос, заради нас умрел, Кој на Крстот ја пролеал Својата Света и скапоцена Крв, за да нè избави од гревот и смртта, тогаш ние немаме никаква гаранција дека тука вечно ќе живееме, а сведоци сме дека никој од луѓето не живее вечно на земјата. Дури и двајца Свети пророци Енох и Илија, иако не умреле, сепак не се веќе на земјата, туку се на небесата, а при Второто Христово доаѓање за миг ќе умрат и воскреснат. Така, никој од луѓето не треба да не се занесува и да печали богатство тука на земјата, мислејќи дека тука вечно ќе живее, туку како што вели Спасителот наш Христос дека треба да си печалиме богатство, кое рѓата не го гризе, и молецот не го поткопува и краде, а тоа богатство е Царството Небесно, кое можеме да го здобиеме преку направени добри дела, браќа и сестри.
Па затоа славејќи го денеска Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, да извикаме со црковниот песник, кој вели: „Што да те наречем Свети Јоване, пророк ли?“ Повеќе од пророк, браќа и сестри, зашто нема поголем пророк од пророците, од Свети Јован Претеча и Крстител. „Што да те наречам Свети Јоване, маченик ли?“ Навистина, поголем маченик од Светиот Претеча, кој ја бранел брачната заедница во нашата Света Православна Вера, не се родил и нема. „Како да те наречам, ангел ли?“ И повеќе од ангел, зашто никој на земјата, од земните луѓе, браќа и сестри, таков живот не живеел, како Свети Јован Крстител, кој израснал во пустината и бил ангел во тело.
Нека му е вечен споменот на Светиот Славен, Прерок, Претеча и Крстител Господов Јован, а Спасителот наш Господ Исус Христос, преку неговите молитви нека нè помилува и спаси нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар