На 30.08.2020 г., во Дванаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Мирон, презвитер, Светиот маченик Патрокле, Преподобен Илија Калабриски и споменот на Преподобен Алимпиј, иконописец печерски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Што ми треба уште да направам за да добијам живот вечен?“ (сп. Мат. 19, 16).
Вака, браќа и сестри, откако кон Спасителот Господ Исус Христос пристапил се обратил еден богат малад човек, а можеби и кнез, кој ги знаел Божјите Заповеди, а Спасителот Господ Исус Христос му го дал следниов одговор: „Исполнувај ги Божјите Заповеди и ќе имаш живот вечен“ (сп. Мат. 19, 17). Младиот човек прашал кои, а Господ му рекол: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај ги татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси!” (сп. Мат. 19, 18-19) А тој одговорил: „Тие заповеди уште од својата младост ги извршувам“ (сп. Мат. 19, 20).
Господ, Кој гледа длабоко во душите и срцата на луѓето, знаејќи кој бил идолот на тој млад човек, на тој кнез, му рекол: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!” (сп. Мат. 19, 21).
Овој млад човек, кога ги слушнал овие зборови како одговор од Господа Исуса Христа, многу се натажил, бидејќи бил многу богат и не можел така лесно да се раздели од своето богатство, кое всушност му било и вистинскиот бог, бидејќи тој навистина ги извршувал споменатите заповеди, но само формално, а не од длабочината на душата и срцето. Ние, браќа и сестри, ако вистински ги исполнуваме Божјите Заповеди, тогаш ги исполнуваме и сите други заповеди.
Спасителот наш Господ Исус Христос, исто така и при една друга прилика му одговорил на еден богат млад човек, кога овој Го прашал Господа која од заповедите е најголема во Законот, а Господ му спомнал само две заповеди, а не другите, односно му рекол: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум; и ближен свој како себеси!“ (сп. Мат. 22, 37-39). Господ вели дека во овие две заповеди се исполнети сите пророштва и сите закони. Ако овие две заповеди ги исполни човек дословно и предадено, тогаш ги исполнил и сите Божји Заповеди, и Закони.
Веднаш се поставува прашањето од денешниот расказ во Светото Евангелие, зошто овој млад човек и покрај тоа што мислел дека целосно ги исполнува Заповедите Божји, сепак бил неспокоен т.е. немал постојан мир и трајна радост? Бидејќи знаел дека нешто длабоко недостасува во неговиот живот.
Од Светото Евангелие слушнавме дека овој млад човек премногу се натажил поради богатството што го поседувал, т.е. со душата и срцето, не можел да се откаже и оддели од него, па затоа Спасителот Господ Исус Христос им рекол на Апостолите: „Тешко богат ќе се спаси“, а не, невозможно. Зошто? Затоа што сите луѓе кои се многу богати, на почетокот не копнеат премногу за богатството, туку копнеат и по Бога и по својот ближен. Колку повеќе се зголемува богатството, толку повеќе се зголемува и грижата за богатството, а не за Бога, за ближниот и за својата душа. Што значи, богатиот човек со богатството веќе на еден начин полека но сигурно станува роб на богатството, т.е тој не управува со богатството, туку богатството со него управува. Ете, во тоа е проблемот, браќа и сестри.
Ние денес кога слушаме каков е односот на луѓето кон богатството, ако би се направила една анкета за богатството, ќе се увериме дека можеби деведесет и девет насто од луѓето копнеат по богатство т.е. сакаат да бидат богати. Ете, веќе кога зборуваме за богатството, треба да разјасниме и кажеме дека има повеќе врсти на богатство.
Некои луѓе мислат дека богатството се само парите, другите мислат дека богатство е да имаш голем имот, трети мислат дека богатството е да имаш вили, куќи и острови, а факт е дела луѓето најмногу сакаат да имаат пари. Луѓето сметаат дека парите се најголемото богатство, па така ако денеска погледнеме во светот, ќе мора да се согасиме со еден наш учен универзитетски професор по економија, кој вели дека во светот постојат дваесет луѓе, кои имаат толку многу богатство, што можат две третини од светското население да го нахранат и да му обезбедат основни услови за живот.
Гледате, браќа и сестри, каков е односно на одделни богати луѓе во светот кон богатството. Тие ги држат тие пари мртви и затворени, само за да покажат дека се богати, а две третини од населението во светот страда за основни услови за живот т.е. немаат да се прехранат, а исто така и илјадници или милиони луѓе во светот умираат од глад. Каде им е душата, каде им е срцето, каде им се чувствата на тие богати луѓе во светот, што го собираат и го складираат богатството во банките, само за да покажат колку се богати?
Од друга страна, пак, некои луѓе мислат дека богатството се состои во науката и само тука им е умот. Сето тоа не е опасно, гледано од аспект на богатството како богатство. Богатството е опасно кога ние него ќе го претвориме во наш идол, во наш бог т.е. кога тоа ќе стане наша цел во животот. Некој ќе рече: богатите нема да се спасат. Господ не рекол дека богатите нема да се спасат, туку рекол дека тешко ќе се спасат, мислејќи дека многумина од богатите заради приврзаноста кон богатството нема да се спасат. Ние, браќа и сестри, имаме и историски факти, и во Стариот, и во Новиот Завет, кога многу богати луѓе се спасиле и покажале дека богатството што Господ им го дал, е за спасение, а не за, тие со него, да се богатат, да уживаат, да се прејадуваат, опиваат и да прославуваат, како што рекол оној неразумен богат човек: „Душо моја, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!“ (сп. Лука 12, 19), а Господ му рекол: „Безумниче, ноќеска ќе ти ја земат душата твоја, а богатството што си го спечалил кому ќе остане?“ (сп. Лука 12, 20). Понатаму во Светото Евангелие се вели дека демоните уште истата ноќ ја зеле неговта душа.
Браќа и сестри, сите ние копнееме по богатството, не размислувајќи дека земното и материјалното богатство, е од времен карактер, бидејќи порано или подоцна со него ќе завршиме. Кога ќе се постави прашањето, кои се најблиските пријатели на човекот, ќе видиме дека тоа не се неговите пријатели, зашто човекот кога умира, први што го напуштаат се неговите пројатели. Зошто? Бидејќи од него повеќе не неможат да видат никакво фајде, што вели нашиот народ, бидејќи тој не може повеќе да им помогне на никаков начин. Пријателствата, браќа и сестри, во најголема мера се создаваат само заради интересот, а не врз вистинска основа, т.е. врз љубов и разбирање кон луѓето. Па ете, кога ќе умре човекот, следни што го напуштаат покојниот, се неговите најблиски т.е. родителите, роднините и пријателите. Тие се оние што го напуштаат човекот, зашто никој не го сака телото на покојниот дома, туку сите сакаат што побргу да се ослободат од него, без разлика колку и да им бил мил, колку и да го сакале додека тој бил жив, кога ќе почине, сите брзаат да го однесат во замрзнувач, бидејќи тоа почнува да мириса и треба што побргу да се отстрани од домот.
Кој не го напушта покојниот после смртта, браќа и сестри? Покојниот не го напуштаат неговите дела, кои и понатаму го следат во задгробниот живот,без разлика дали тие дела се добри или лоши.
Човекот, браќа и сестри, е човек додека има тело и душа во него. Штом ќе се одвои душата од телото, човекот повеќе не е човек, туку е тело, кое се распаѓа во земјата или завршува на друг начин т.е. е изедено од животни или изгорено и.т.н, , а душата како што вели Светото Писмо, е од Бога дадена и при Бога се враќа, а Господ според нејзините заслуги, ја праќа или во времениот рај или во времениот ад.
Кога зборуваме за богатството, си споменуваме и за првото блаженство во кое се вели: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно“ (сп. Мат. 5, 3). Многумина за жал, а и свештени лица, погрешно ги разбитаат зборовите, „бедни по дух“. Некои мислат дека тие треба да се променат, односно да не било напишано „бедни по дух“ туку „скромни“. Не, точно е кажано „бедни по дух“. Што значи бедни по дух? Беден по дух е оној што има таков сиромашен дух до таа мера, што ништо не сака да си припише дека нему му припаѓа. Сè што има, сè е Божјо, се Му припаѓа на Бога, сè и припаѓа на Божјата правда. Ние, браќа и сестри, кога сме се родиле, ништо не сме донеле на овој свет, па така и кога ќе умреме, ништо не можеме да однесеме на оној свет. Ние треба да ја разбрале пораката дека немаме ништо наше, а ако нешто поседуваме, истото не е наше, туку ни е дар од Бога, кој ни е даден да го користиме за спасение на душите.
Во Стариот Завет имаме прекрасни примери каков бил односот на богатите луѓе кон богатството. Тука како пример ќе го земеме Светиот, праведниот и многустрадален Јов, кој бил најбогат човек во земјата Уз, кој сè што поседувал, не сметал дека е негово, туку дека е Божјо, па затоа кога Господ му ги зел сите богатства, тој како што му ги земал, така велел: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов 1, 21). Ние знаеме, браќа и сестри, дека Светиот праведен Јов го убедувале и неговите четворица пријатели, и неговата сопруга, тој каже некој збор против Бога, да похули и да умре. Но тој не кажал ниту еден збор против Бога за да умре, туку говорел дека сè што поседувал е од Бога и дека нема ништо негово, па затоа Господ, откако сатаната го искушал до таа мера, т.е. откако му зел сè, вклучувајќи го и неговото здравје, Господ повторно му го враќа, и здравјето, и десетте деца што ги загубил, и сето богатство, затоа што покажал дека богатството не го чувствувал за негова лична сопственост и за негов интерес, туку дека истото го користел за гладни да нахрани, жедни да напои, болни да лекува и.т.н.
Значи, богатството само по себе не е опасност, туку е опасна нашата желба и нашето тежнеење кон богатството. Некој ќе рече, луѓето што се сиромашни, ќе го наследат Царството Небесно. Не, браќа и сестри, сите сиромашни луѓе кои сакаат да бидат многу богати и заради богатството честопати крадат, лажат, убиваат, прават големи несреќи и.т.н., нема и тие да се спасат. Сиромасите кои чекаат од раката на богатите и им благодарат за тоа што ќе им дадат, тие ќе се спасат, а не оние што прават насилство. Значи, ниту богатите кои копнеат по богатство за да уживаат во него, ниту сиромасите кои копнеат по богатството со истата таа желба, а не за да се прехранат и да ги имаат основните услови за живот, нема да се спасат. Што значи правилниот однос кон богатството, е начинот за спасение на нашите души, браќа и сестри.
Па така, во тој дух сакам и да укажам на тоа дека ние треба да знаеме, дека спасението на човечкиот род доаѓа од тоа како луѓето ги исполнуваат Божјите Заповеди.
При првата прилика Господ му рекол на овој богат човек дека ако ги исполнува Божјите Заповеди, ќе има живот вечен, а потоа му рекол: „Продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене“ (сп. Мат. 19, 21). Ете, и двете кажувања се однесуваат на истата работа. Првиот пат се укажува дека младиот човек формално ги исполнувал Божјите Заповеди. Ако ние со душа и срце ги исполнуваме заповедите и ако сме подготвени богатството да го гледаме како средство за живот, не само за нашиот, туку и на ближните, тогаш сме на правиот пат, но ако богатството го гледаме како цел, тогаш ние не сме на правиот пат.
Браќа и сестри, заради богатството и заради интересите, се немирите меѓу луѓето, расправиите меѓу татко и син, ќерка и мајка, брат и сестри, сестри и сестра, роднини и пријатели, меѓу групи, меѓу луѓе, меѓу здруженија и меѓу држави. Сите војни за жал се водат токму за тие богатства, кои се цел во животот на оние што копнеат по богатството.
Па така, ако сакаме правилно да ја разбереме пораката на денешното Свето Евангелие, треба да разбереме дека и љубовта кон таткото и мајката, кон браќата и сестрите и кон сè друго, Господ не ја забранува, туку ни кажува дека најнапред треба да имаме љубов кон Бога, од Кого извира нашиот живот и нашето постоење и љубов кон ближниот како кон себеси.
Ако овие две заповеди ги исполнуваме правилно, тогаш сме ги исполниле и сите други заповеди.
Да се помолиме, Господ да ни ги просветли нашите умови за да мислиме не според нашето мислење т.е. човечкото умување, туку да мислиме според Христовиот ум, според Неговата волја, според Неговите заповеди, според Светото Писмо и Светото Предание, а исто така и да постапуваме според нив, зашто кој нема љубов кон ближниот и љубов кон Бога Отецот, и Синот и Светот Дух, тој навистина не е христијанин по живот и по дела, туку е христијанин само по име. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар