Илинден – Света Архиерејска Божествена Литургија во Крушево

На 02.08.2020 г., во Осмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот пророк Илија и споменот на Светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Дејан Секулоски, свештеникот Крсте Тасески и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Крушево.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Литургијата, беше отслужена Панихида за сите паднати борци и бранители на Татковината.

(Аудио) «Празнична аудио проповед на Митрополитот Петар»

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Ангел во тело, основа на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање, славниот пророк Илија, кој на Елисеј му даде двојна благодат. Затоа на оние што го почитуваат, ги лекува од секакви болести“. (Тропар на Свети пророк Илија)

Да се помолиме и нас да нè излекува од секаква болест, браќа и сестри.

Овој славен пророк на нашата Света Православна Црква, е човек, кој се родил деветстотини години пред Спасителот Христос да се воплоти во тело од Мајката Божја, Пресвета Богородица.

За него, според видението што го имал неговиот татко Савах, се вели дека богобојазливи мажи го облекувале со оган, и го хранеле со пламен. На неговиот татко Савах му било кажано да не се бои, зашто неговото чедо, неговиот син ќе биде голем пророк во Израилот. И навистина Свети Илија, е еден од најголемите Старозаветни Пророци на нашата Света Православна Црква, кој од никого не се плашел, па ни од царот и царицата.

Имено, во времето кога тој живеел, со Израелското Царство управувал царот Ахав, со неговата жена Езавела, која била ќерка на царот Сидонски, која како многубожкиња, во Израилот ги донела идолите. Па така, иако Евреите биле од Бога избран народ, кој требало да Го проповеда словото Божјо, онака како што Бог им соопштил преку Светите луѓе (пророците), тие отстапиле од верата во Бога и почнале да се клањаат на боговите на царицата Езавела, односно на богот Ваал. Токму заради тоа, Светиот пророк Илија почнал силно да проповеда дека ќе настапат големи незгоди во Израилското царство, па токму затоа царот Ахав го повикал и му рекол: „Зошто го замајуваш и вознемируваш народот, а Свети Илија му рекол: „Не го замајувам и вознемирувам јас народот, туку ти го вознемируваш со твојот татковски дом, зашто отстапи од нашата Света Вера“. Тогаш Свети пророк Илија му рекол дека три ипол години од небото нема да надне, ни дожд, ни роса, и така и стана. Но на него се озлобила царицата Езавела и сакала да го убие, затоа што царот посакал да го има лозјето на Навутеј, кое му било наследство од неговиот татко, кое било негова татковина, како што и Македонија е наша Татковина, наследена од борците, војводите и војниците, кои загинале за нашата Македонија и за нашата Света Православна Вера, во востанијата кои биле кренати против непријателот, како што е и востанието кое денеска го славиме т.е. Илинденското востание и на Вториот Илинден, за одбрани на нашата Вера и Татковина.

Ете, токму заради тоа царот сакал да го убие, но Светиот пророк Илија се повлекол кај потокот Хорав, од кој пиел вода, каде гавраните наутро му носеле леб, а навечер месо. Но кога потоа немал што да јаде, Светиот пророк Илија заминал при една вдовица во Сарепта Сидонска, која го примила, но немала со што да го нахрани, бидејќи и привршувало брашно во ноќвите и масло во масларникот. Но Светиот пророк Илија направил чудо, за брашното во ноќвите и маслото во масларникот никогаш да не престанат да бидат полни, но се случила една несреќа т.е. се разболел нејзиниот син, кој умрел. Заради оваа случка, вдовицата силно се разгневила на Светиот пророк Илија, а овој како голем молитвеник, го зал момчето, го положил на неговата постела, три пати се поклонил, молејќи се на Бога, и Господ го воскреснат, односно му ја вратил душата на ова момче. Тогаш таа рекла: „Гледам дека си човек Божји“.

После тоа, браќа и сестри, Господ му се јавува на Светиот пророк Илија и му вели: „Оди и кажи му на царот Ахав дека нему крвта ќе му ја лижат кучињата, а на царицата телото ќе го изедат“. И токму така и станало т.е. таму каде што се случило злосторството, а тоа било во лозјето на Навутеј, таму се случил мегданот меѓу царот Ахав и подоцнежниот цар Јуј, кој тешко го ранил (Ахава), кој умрел, и таму на тоа место, кучињата ја лижеле неговата крв, а царицата Езавела била фрлена од прозорецот или тарасата покрај ѕидот од  палатата, каде кучињата ја изеле, а од неа останале само коските и нејзинот череп. Ете, така завршило царството на царот Ахав и на неговата жена Езавела.

И ете, браќа и сестри, меѓу другото Свети Илија се помолил, и не паднал дожд три ипол години, и откако повторно се помолил, повторно паднал дожд, откако на дело се покажало дека жртвата на Вааловите првосвештеници и пророци, не била примена, ама жртвата на Свети Илија била примена, бидејќи слегол оган од небото и ја спалил. Тогаш царот Ахав, кога го видел тоа, се исплашил, а Светиот славен пророк Илија се прославил, бидејќи по неговите молитви, три години и шест месеци не паднал дожд, а сега повторно по неговите молитви, паднал дожд и ја облагородил земјата.

Ние денеска кога, го славиме Светиот славен пророк Илија, многумина од нас ќе се запрашаме, што има заедничко измеѓу Израелското царство со Навутеј, на когo лозјето му било земено од царот Ахав и царицата Езавела, со нас Македонците, како и со славниот пророк Илија. Има многу заедничко, браќа и сестри. Она што било Татковина на Навутеј, тоа е нашата Татковина Македонија. Како што Навутеј не сакал да го даде дарот т.е. наследството од неговиот татко, и ние не смееме да ја дадеме нашата Татковина Македонија, која ни е наследство, не од некој друг, туку од Илинденците, кои ги положија живототе за нашата Света Црква и за нашата Татковина Македонија. Да си спомнеме исто така, и за оние кои загинаа во Разловечкото Востание, Кресненското Македонско востание, во чиј Устав стоеше: „Бараме, кога Македонија ќе стане држава, да ни се обнови Охридската Архиепископија, како наша Света Црква“.

Ете, истото било повторувано и на другите Востанија како пред тоа, и на Карпошовото, и на Илинденското, кога Илинденците од сите Илиндени, ги полагаа своите раце на Евангелието, и се крстеа дека нема да се откажат од својата Татковина Македонија и дека за неа ќе загинат. Токму затоа таму беше ставена и камата, и пиштолот, како опомена и сеќавање, за тоа, кој ќе ја предаде Татковината, со нив да биде и убиен.

И ете, поминаа времиња, браќа и сестри, а ние во денешно време се радуваме дека добивме слободна земја, но ние истата не ја спечаливме, бидејќи Македонија ја спечалија војводите и борците од сите востанија и војни, како: Карпошовото, Разловечкото, Кресненското Македонско востание, Илинденското и од Вториот Илинден, Балканските, I и II Светска војна, па сè до 1991 година, кога ние станавме суверена држава, одделувајќи се од Југославија, кога паднаа и првите жртви, почнувајќи со Сашо Гешовски и.т.н. Добро се сеќавам на тие времиња, бидејќи тогаш од Кукуречани и Битола, пред Митрополијата во Битола,  на полноќ дојдоа преку петстотини души, кои ме молеа да удрат камбаните, за да се помолиме за покој на неговата душа.

Да си споменеме исто така, и на другите што пострадаа за одбрана на нашата Татковина Македонија од поново време, како што се бранителите од Карпалак и Вејце, кои ги положија животите, меѓу кои беше и Влатко (Миленковски). Ама изгледа ние Македонците сме со слабо памтење, бидејќи забораваме дека некој животот свој го положил, душата своја ја дал за нашата Света Православна Вера и за нашата Татковина Македонија.

Така, пострадаа и многу свештеници во Илинденското, и по Илинденското Востание, за одбрана на нашата вера и Татковина. Пострадаа исто така, и по Првата и Втората Балканска и Светска Војна, кога многумина свештеници заради автокефалноста, одлежаа по затворите, а некои грозоморно беа убиени или фрлани во варници. Сите овие нешта се опишани во книгата: „Свештеници, маченици“, каде можете да прочитате, како тие луѓе пострадаа, полагајќи ги своите животи за нашата Света Православна Вера и за нашата Татковина Македонија.

Како ние денеска да ги прославиме овие луѓе, кои паднаа за одбрана на нашата Вера и Татковината? Вистински ќе ги прославиме, почнувајќи од Светиот пророк Илија, кој, ние Македонците сме го избрале за наш заштитник, затоа што бил праведен и затоа што бил подготвен дури и животот да го даде за правдата, за Татковината на Навутеј, за неговото лозје. Токму затоа нашите предци, него го избрале за покровител на нашата Татковина  Македонија, бидејќи се борел за правдата.

И така, браќа и сестри, ние треба да знаеме дека заради нашите гревови, не стигнувале ропствата, на кои сме робувале, почнувајќи од петвековното Турско ропство на Агарјаните, кога за нашата Света Православна Вера душите ги дадоа многу маченици, како што се: Свети Ѓорѓи Кратовски, Свети Ѓорѓи Јанински, Света Злата Мегленска, и безброј други, кои ги прославила нашата Света Православна Црква, кои пред Бога се запишани како свети луѓе.

На таков начин за Татковината пострадале  и многу војводи и борци за време на Илинденското Востание, па и по Илинденското, за време на Вториот Илинден и за време на Првата и Втората Балканска и Светска Војна. Денес некој ќе рече: „Добро, тогаш тие луѓе воделе војна, бидејќи можеле тоа да го прават, а сега не е време за војна“. За војна е, браќа и сестри, и тоа силна војна, која треба да ја отвориме, за да ја спасиме и Верата и Татковината, но не војна со пушки, со пиштоли, со тенкови или со незнам што, туку војна против злото. Секој, што прави зло, против него треба да отвориме војна и јавно да му речеме: Не лажи!, зашто така воспитуваш генерации, кои нема да се спасат и нема да отидат во Царството Небесно, туку ќе завршат во пеколот.

Војна на злото да отвориме, преку оние што ги мразат своите браќа. Мрази ли некој некого, за него нема спасение.

Некои ќе речат: „Па не живееме во ропство“. Да, браќа и сестри, поминаа ропставата на другите, но ние сега сме самозаробеници т.е. сами се заробуваме, сами си се откажуваме од Татковината, сами се откажуваме од верата, самите правиме сè, само за да му угодиме на телото, на телесните задоволства, на телесните уживања, и на сè што е земно и преодно, заборавајќи дека така спасение нема. Ако некој се плаши од казна дека ќе биде казнет, за него не е сигурно дека ќе се спаси. Ако некој мисли дека ќе биде добар, па со тоа што е добар ќе добие награда, и тука е дискутабилно дали ќе се спаси. Зашто првиот, е роб на сатаната, бидејќи така го учи сатаната, а вториот е наемник, и тоа го прави за пари, но вистинските синови на Царството Небесно, браќа и сестри, не се плашат од никого, бидејќи тие имаат совршена љубов, како децата што не се плашат од родителите, туку ги почитуваат, и нивната почит е до таму, што дури не сакаат да ги ожалостат, оти сè дале за нив. И ние така треба така да постапуваме.

Некој ќе рече: Па ние треба да живееме, бидејќи ако немаме доволно за јадење и пиење, тогаш како ќе живееме во овие услови на корона вирусот?

Браќа и сестри, ние денес во најголемата немаштија, живееме побогато, од оние наши богати Македонци, кога страдале за време на војни и востанијата, но не се откажале од верата и Татковината, а ние за пет пари ја продаваме Татковина. Нашата Татковина стана монета за поткусурување. За жал, така е, браќа и сестри, (и од тоа нема бегање).

Тука денеска во храмот, ги нема претставниците на власта, да оддадат почит на борците, со поменот т.е. парастосот што го направивме тука. Незнам зошто? Тоа е нивни проблем, но уверен сум дека првпат откако прославуваме ги нема. Да не се срамат или се плашат?! Од што се плашат? Незнам! Ние не се плашиме, ние во Бога веруваме и на Бога се надеваме.

Сите ќе умреме, браќа и сестри, како што умреле војводите, борците и војниците, кои денес овде ги прославуваме. Ние денеска не мислиме за духовната смрт, туку мислиме само за телесната смрт. Телесната смрт, нема да не одбегне, па затоа да не мислиме толку многу на телесната смрт, туку повеќе да мислиме на духовната смрт. Ако не живееме според Божјите заповеди, според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, нема да го наследиме Царството Небесно.

Светиот апостол Павлe вели: „Еднаш човекот мора да умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9. 27). На Божјиот суд, секому ќе му се суди според делата. И како што пастирот ги двои овците од козите, така и Христос ќе нè одвои т.е. едни во Царството Небесно, а други во геената огнена, со сатаната и неговите ангели.

Затоа сериозно да размислиме, особено во овие тешки моменти на оваа тешка болест, корона вирусот, и не да се плашиме од телесната смрт, толку, туку вистински да се плашиме од духовната смрт. Дали ја зачувавме нашата Света Православна Вера и дали си ја сочувавме нашата Татковина Македонија? Ако тоа го направивме, браќа и сестри, тогаш можеме да очекуваме спокоен живот во Царството Небесно. Не плашете се и не секирајте се, туку молете се на Бога, Господ да ни даде да се обнови нашата Татковина Македонија, пак, да даде војници, војводи и борци, како што биле: Христијан Тодоровски Карпош, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Јане Сандански, Петре Поп Арсов, и сите од Илинденското Востание, како и оние што беа од вториот Илинден, како Панко Брашнаров, поп Шаќо, (свештеникот Јован Гелев) и.т.н.

Е такви, пратеници ни требаат, како Панко Брашнаров, поети ни требаат, како Солев, (Коста Рацин), како Анте Поповски, како Џинго, Јован Котески, Петре М. Андреевски и други. Ќе даде Господ и такви поети, ќе даде Господ и такви борци.

Да не заборавиме, браќа и сестри, дека дури и луѓе, кои не припаѓаат на нашата нација, честопати се одважуваат да речат дека се Македонци и да се борат за Македонија, иако по род и по вера не се Македонци. Сретнав такви во Австралија т.е. едно момче од Унгарија, и го прашав: Што си ти? Вели: Македонец. Од каде си? Вели: од Унгарија. Му велам: Како може да си Македонец од Унгарија, да не си од бегалците? Не, не вели, туку јас живеам со Македончињата, (овде во Австралија) кои толку се добри, што и јас сакам да бидам Македонец. Па ние имавме и случај со една европска парламентарка (од Хрватска), која се викаше Маријана, која повеќе се застапуваше за Македонија, отколку многу наши парламентарци, кои за наш срам, ја предадоа и Татковината и Верата.

Да се помолиме, браќа и сестри, Господ да нè вразуми и да нè упати на правиот и вистински пат, (Кој е Христос нашиот Бог), и да се молиме да ни даде војници, војводи и борци, кои достоинствено ќе се борат за Татковината, како оние што денес ги споменуваме. Амин!

Бог да ги прости и да им подари рајска населба!

 

(Проповедта е транскрибирана од аудио снимка.)

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар