На 12.07.2020 г., во Петтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите Апостоли Петар и Павлe, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Димитар Михајловски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во пределот посветен на Светите апостоли Петар и Павле, во храмот на Сите Македонски Светители во Битола.
На Светата Божествена Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, браќа и сестри, ги славиме Светите апостоли Петар и Павле, кои се првопрестолници на апостолите. Во нивниот тропар, кој е најкратката песна за нивниот живот, се вели вака: „Началници – Првопрестолници на Апостолите и учители на вселената, молете Го Господарот (Владиката) на сè, да и даде мир на вселената, а на нашите души, милост голема“.
Зборот апостол доаѓа од грчкиот збор „άπόστελο“ – што значи испраќам или праќам, а Апостолите се всушност Божји пратеници.
Кога Спасителот наш Господ Исус Христос ги избрал Апостолите по Неговото Воскресение, ги испретил да Го проповедаат Словото Божјо несекаде по двајца, а тука зборуваме особено за Дванаесетте Свети Апостоли, што Господ ги избрал за Свои Ученици.
Господ им рекол: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал. (сп. Мат. 28,19-20) Апостолите на тој начин ја уловиле целата вселена.
При една прилика Господ Исус Христос на Своите Ученици и Апостоли им рекол дека ќе ги направи да бидат ловци на луѓе, па ете, токму од тие Апостоли, кои повеќето од нив биле рибари, како што бил и Светиот апостол Петар, Господ ги направил да бидат ловци на луѓе. Па така кога ќе погледнеме и видиме каков бил животот на овие двајца врховни апостоли, на Светиот апостол Петар и на Светиот апостол Павле, ќе видиме дека првиот од нив, Свети апостол Петар, кој претходно се викал Симон, Господ му го дал името Петар, кога му рекол: „Ти си Петар, што значи камен, т.е. цврст како камен, и на тој камен, односно на таа вера (Петрова), ќе ја изградам Црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (сп. Мат. 16, 18).
Зошто Спасителот Господ Исус Христос, вака му рекол на Свети апостол Петар? Затоа што кога Спасителот Господ Исус Христос ги прашал (апостолите) за кого Ме сметаат Мене луѓето, Апостолите рекле: „Едни за Јован Крстител, други за пророкот Илија, а некои за пророк Еремија или за некои од пророците“ (сп. Мат. 16, 14), а Господ ги прашува Апостолите: „Вие за кого Ме сметате?“ (сп. Мат. 16, 15). Тогаш во името на сите Апостоли, Свети апостол Петар прв извикал: „Ти си Христос, Син на Живиот Бог“ (сп. Мат. 16, 16), и на тој начин Го исповедал Христос нашиот Бог и Спасител за вистинскиот Месија, Кој ќе Го спаси човечкиот род. Па така, браќа и сестри, токму затоа Господ така Му возвратил на Свети апостол Петар дека тој е Петар, што значи камен, и дека токму врз таа негова камена вера ќе ја изгради Црквата Своја, што не ќе може ни вратата на пеколот да ја надвладее.
Браќа и сестри, при една прилика Господ Исус Христос им рекол на 12-те Апостолите, а тоа значи и на сите други Апостоли, зашто покрај овие Дванаесетте, имало уште Седумдесет други, а и повеќе од нив Негови ученици: „Кој нема да Го јаде Моето Тело и нема да ја пие Мојата Крв, нема да има живот вечен“ (сп. Јован 6, 56). Поради овие Христови зборови, некои од Неговите ученици Го напуштиле Христа нашиот Бог и Спасител, а Господ им вели на Дванаесетте: „И вие да нè сакате да Ме напуштите“, а Свети апостол Петар му одговорил: „Господи ние каде ќе одиме и кај кого? Ти си нашиот Учител, Ти имаш зборови за вечен живот“. Ете, токму затоа Господ, така се однесувал кон Светиот апостол Петар.
Овој човек, Свети Петар, кој бил од гратчето Витсаида, бил обичен рибар, кој претежно мислел за човечките, земните и преодни работи, а не за Божествените. Но откако бил избран за апостол од Господа наш Исуса Христа, Свети Петар, е оној кој почесто се истакнувал, поради големата љубов која ја имал кон Господа Исуса Христа.
Светиот Петар, кој често имал и чувство за одмазда, кон оние што биле неправедни, па токму заради тоа, кога биле во Гетсиманската градина, кога Спасителот наш Господ Исус Христос бил предаден од Јуда, го извадил мечот за да го одбрани Христа, а Господ му рекол: „Стави го мечот во својата ножница, зашто кој за меч се фаќа, од меч ќе погине“ (сп. Мат. 26, 52). Но еве истиот тој апостол, кој покажал таква желба за одмазда заради правдата, станува еден од најсмирените и најкротките луѓе, кој потоа Го прашал Господа Исуса Христа: „Колку пати треба да се простува, дали до седум пати“, на што Господ му рекол: „седумпати по седумдесет“ (сп. Мат. 18, 22), односно безброј пати треба да им проштеваме на луѓето и да бараме прошка од нив. Ете, истиот тој сега станува покорен заедно со останатите Свети Апостоли, откако на Педесетница, на Духовден, Го примиле Светиот Дух и се исполниле со сила одозгора, како што им беше рекол Господ наш Исус Христос. Овие Христови ученици, кои биле прости Галилејски рибари, плашливи, слаби и немудри, Спасителот ги избра за со нив да ги победи силните и мудрите во овој свет.
Затоа и овие Негови Свети Ученици, откако Го примиле Светиот Дух, не биле повеќе плашливи, т.е. не ги затворале вратите кога се молеле, како оној пат кога Господ влегол низ затворените врати, кога Учениците Негови заедно со Неговиот Ученик Тома, биле собрани на заедничка молитва и се затвориле заради страв од Јудеите. По примањето на Светиот Дух, Апостолите биле подготвени во секое време да го дадат својот живот за Христа нашиот Бог и Спасител.
Светиот апостол Павле, пак е сосема спротивна личност од Свети апостол Петар по неговото происходство, зашто он не бил прост галилејски рибар, туку бил еден од најучените апостоли. Тој бил од местото Тарс, каде што завршил универзитет и бил еден од познатите ученици на познатиот учител Гамалило, кој бил ревносен фарисеј, кој мислел дека треба до крај да се исполнуваат обредите и сите закони што ги проповедала нивната фарисејска секта. Поради тоа Свети апостол Павле, како Свале ги гонел и убивал христијаните, а бил присутен и при онаа прилика кога една толпа фатила еден млад човек, а тоа бил Светиот апостол и архиѓакон Стефан, кој требало да биде убиен, односно со камења да биде погубен. Таму бил присутен и Свети Павле, кој тогаш се викал Савле и бил сведок на убиството на првиот маченик за верата Христова, Светиот архиѓакон Стефан. Но еве, самиот тој, кој понатаму ќе рече дека уште од утробата на неговата мајка бил избран од Господа да биде сад на Светиот Дух и да го проповеда Словото Божјо на јазичниците.
Ток кога тргнал за градот Дамаск, со цел да ги гони христијаните, на патот бил турнат од коњот од силна Светлина, а таа силна светлина бил Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Кого Го исповедаме во Симболот на Верата дека е Светлина од Светлина, вистински Бог и вистинскиот Бог. Во таа светлина, Савле Го препознал Самиот Бог и затоа прашува: „Кој си Ти Господи?“, а Спасителот Господ Исус Христос му вели: „Јас сум Христос ти Кого Го гониш ти“ (сп. Дела 9, 5), што значи, гонејќи ги христијаните, Христа Го гони, и му рекол да оди во Дамаск и таму да се јави кај првосвештеникот Ананија за да го исповеда и крсти. Од тогаш Савле станува Христов апостол т.е. од гонител на христијаните, од оној кој што ги убивал христијаните, кој што бил ревносен фарисеј, еве станува вистински христијанин, и Христов апостол.
Свети апостол Павле вели: „Не сум достоен да се наречам Христов ученик, оти своевремено ја гонел Црквата Божја“ (сп. 1. Кор. 15, 9), но исто така вели дека самиот тој од сите Апостоли повеќе се потрудил и објаснива дека не тој, туку благодатта Божја која е во него, односно силата Божја, енергиите Божји што му се нему дадени како на Апостол.
Ете, и самите слушнавте од денешниот Апостол како вели тој дека нема да се пофали со себе, зашто не може да се пофали со ништо друго, освен со своите слабости, но вели знам еден друг човек, а тука всушност зборува за себе во смисла на другиот човек, покајаниот, преродениот Савле во Павле, оној што повеќе не е гонител на Црквата, туку е исполнител на Законот Христов, браќа и сестри. Вели дека тој нема со себе да се фали, туку со тој човек, кој во тело или без тело, беше грабнат и однесен на небесата до третото небо, и таму виде и слушна многу зборови, и многу работи, што не може да ги види човечкото око и да ги слушне човечко уво и не може човечки збор ги објасни. Ете таков е овој Божји угодник, Светиот апостол Павле, браќа и сестри.
И еве, и едниот и другиот, односно и Свети апостол Петар, кој се покажал како најревносен во исповедувањето на Христа нашиот Бог и Спасител, а и Светиот апостол Павле, кој пострадал многу за Христа, т.е. бил биен по лицето, бил гонет, вели дека од Јудејците примил петпати по четириесет без еден удар, дека трипати бил тепан со стапови, еднаш каменуван, дека трипати претрпел бродолом, дека до смрт бил биен, дека се нашол во големи опасности, на реки, езера, мориња и на океани. Светиот апостол Павле вели дека три дена и три ноќи бил во утробата на морето, и ете, после сите свои страдања што ги поднесол овој Божји угодник, конечно вели дека својата трка ја завршил, верата ја одржал и дека го очекува венецот од Христа нашиот Бог и Спасител.
Еве, кога ги прославуваме овие Божји угодници, Светите началници на Апостолите, Светиот Петар, кој е исповедник на верата и Светиот аостол Павле, кој е најревносен во верата, ние што можеме да кажеме?
Ние, браќа и сестри, ако сакаме правилно да ги прославуваме овие Божји угодници, особено денешните славеници, Првоапостолите Петар и Павле, треба барем малку да се уподобиме на нивниот живот, да бидеме и ние смели како што бил смел и Свети апостол Петар, кој никогаш не се плашел од непријателите. Тој иако своевремено три пати се откажал од Христа, само за да види како ќе биди крајот на судењето, но затоа, три пати Го исповедал Христа и му било вратено апостолството. Како тој штосе каел за одрекувањето од Христа и до крајот на животот плачел кога ќе слушнел петел да пее, и ние треба да плачеме за нашите гревови.
Светиот апостол Петар го завршува својот живот маченички за Христа нашиот Бог и Спасител во Рим, распнат на Крст, но кога го распнувале рекол не е достоен да биде распнат како неговиот Учител Христос со главата горе, туку барал да биде распнат со главата долу, а со нозете горе.
И Светиот апостол Павле, кој за себе вели дека не е достоен да се нарече Христов апостол, оти некогаш ја гонел Црквата Божја, сега вели: „Не живеам јас, туку Христос живее во Мене“. Еве и ние да се потрудиме и подготвиме да ги следиме нив во својот живот. Ако тие до смрт го сакале Бога и заради Неговата љубов, својот живот го завршиле со смрт за Христа нашиот Бог и Спасител, ние барем да се потрудиме да ја исполнуваме верата, според силите дадени од Бога. Да бидеме во пост, молитви и подвизи. Да се бориме со искушенијата, како што се бореле и Светите апостоли Петар и Павле, како што Свети апостол Павле велел: „Не само што сум врзан, туку сум подготвен за Христа и да страдам, а ако треба и животот свој да го дадам“. И го дал, бидејќи бил осуден на смрт, односно нему џелатот со меч му ја пресекол главата, а Свети Петар бил распнат на Крст.
Ете, ако тие така постапиле за Христа, сакајќи да возвратат за љубовта која ја дал Христос за нас грешните и недостојните, и ние сме должни, барем малку да направиме од она што тие го направиле за спасение на душите наши. Амин!
Нека е честит празникот и за многу години. Нека е честиот името на оние што ги носат имињата на Светите апостоли Петар и Павле. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар