На 08.06.2020 г., на Втор ден Духовден, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Дејан Секулоски, Павле Лаповски, ерејот Крсте Тасески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Троица“, во Крушево.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму сум и Јас помеѓу нив“ (сп. Мат. 18, 20) – вели Спасителот наш Господ Исус Христос, браќа и сестри.
Еве Господ, како што им беше рекол на Своите Свети Ученици и Апостоли по Неговото Вознесение, да не го напуштат Ерусалим, туку да го очекуваат ветеното т.е. Утешителот, Духот на вистината, Кој од Отецот исходи, Кој Он ќе им Го испрати. Така и направиле Неговите Свети Ученици, кои биле собрани во собата именувана Горница, каде што секој ден биле постојано на молитва и го очекувале ветеното, односно слегувањето на Светиот Дух.
Па ете, според ветеното Господ и постапил, имено на педесеттиот ден од Неговото Воскресение, кога евреите го празнувале празникот на Сениците, на кој биле дојдени и други народи од разни нации на тој ден во Ерусалим, како во Свет град, за да се молат и да го празнуваат овој празник, кој бил во спомен и на давањето на Десетте Божји Заповеди на Еврејскиот народ, по неговото изведување од Мисир, односно од Египет.
Овој празник, исто така се однесувал и на завршетокот на жнеењето, односно на собирањето на плодовите од посеаните ниви, односно од жетвата. Па наеднаш се слушнал силен шум од небото и одеднаш во вид на огнени јазици слегол Светиот Дух врз Светите Апостоли, кои биле собрани во Горницата, заедно со Мајката Божја, Пресвета Богородица. Тогаш врз сите оние што биле тогаш присутни тука, зашто Господ Исус Христос им кажал на Своите Ученици и Апостоли дека тие треба секогаш да бидат заедно на молитва и да имаат љубов помеѓу себе, т.е. да се сакаат во секое време, зашто и Самиот Бог е љубов, т.е. Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Кажано е, браќа и сестри, дека Отецот Го љуби Синот и Светиот Дух, Синот го љуби Отецот и Светиот Дух, а Светиот Дух Го љуби Отецот и Синот, и оваа љубов е совршена љубов на Света Троица, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. И токму затоа Спасителот наш Господ Исус Христос, кога бил на онаа позната молитва во Гетсиманската градина пред Неговото страдање, ете таму, кога се молел, од големиот напор на молитвата, Нему од челото Му капеле крвави капки пот. Во таа Господова молитва, во која Господ се молел за Неговите Свети Ученици и Апостоли, а преку нив и за сите нас православните христијани, Спасителот Христос вели: „Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе“ (сп. Јован 17, 21), со други зборови како што ја имаат полнотата на љубовта Отецот, и Синот, и Светиот Дух, да ја имаат полнотата на љубовта и Неговите Апостоли, а и сите христијани и секогаш да бидат еднодушни, кога е во прашање, верата, надежта и љубовта, браќа и сестри.
Ете, токму во тој дух, Спасителот наш Господ Исус Христос, упатил до Своите Ученици и Апостоли порака, велејќи им: „Eве ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (сп. Јован 13, 34-35). Токму таа совршена љубов, браќа и сестри, и таа нивна совршена заедничка молитва во Горницата, била всушност и условот за испраќањето или примањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици. Па така, кога се случило тоа, ете тоа е првиот настан пред да се симне, т.е. пред да слезе Светиот Дух од небесата врз Апостолите.
Кога слегол Светиот Дух врз Апостолите, кај Светиот апостол Лука читаме дека навистина настанал силен шум од небесата и сите виделе дека од небесата во вид на огнени јазици врз Апостолите и народот слегува Светиот Дух.
Веднаш се поставува прашањето, зар не е ова контрадикторно со тоа што ние се молиме со молитвата на Светиот Дух, која гласи: „Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде“. Зар Светиот Дух, Кој е насекаде, сега одеднаш слегува врз Апостолите? Да, браќа и сестри, Светиот Дух е навистина насекаде и во една црковна песна ние пееме вака: „Духом Святим, всяка душа живится“ (Со Светиот Дух, сè живее). Нема ништо што живее во светот, било да се тоа луѓето и животните, тревките и сè што живее, а да нè живее преку Светиот Дух, бидејќи токму во оваа песна е кажано дека сè живее со Светиот Дух, па затоа Светиот Дух е присутен насекаде и Он дава живот и постоење на сè во светот. Без Светиот Дух нема живот и постоење, браќа и сестри.
Слегувањето на Свтиот Дух врз Апостолите е посебен настан кога Светиот Дух изобилно слегува,заради ветеното од Господа Исуса Христа дека ќе им испрати друг Утешите, Духот на вистината, Кој од Отецот излегува.
Спасителот наш Господ Исус Христос вели дека Он ќе сведочи за Мене. Светиот Дух ќе сведочи за Христа нашиот Бог и Спасител, но на Апостолите им вели: „И вие ќе сведочите“, зашто Светиот Дух слегол врз Апостолите и сега Апостолите ќе сведочат за Христа нашиот Бог и Спасител, преку Светиот Дух, Кој слегол врз нив.
Спасителот Господ Исус Христос, пред Вознесението им рекол на Своите Ученици и Апостоли: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20). Со овие зборови, Спасителот Господ Исус Христос ги испратил Светите Апостоли насекаде во светот да го проповедаат Евангелието на сите народи, а не само на одделни т.е. на грците, евреите или римјаните, туку на сите народи да биде проповедано Словото Божјо на нивните јазици. Затоа, браќа и сестри, подоцна ќе поговориме околу говорењето на јазиците.
Што е благодатта Божја? Божјата благодат се несоздадени енергии, кои извираат до Бога. Преку тие несоздадени енергии, Бог го создал светот. Ете, Спасителот Господ Исус Христос Го испраќа Светиот Дух, и Он слегува во вид на огнени јазици врз Апостолите.
Светиот Дух, се препознава во две работи или во две сили при слегувањето врз Светите Апостоли, но Он се дава изобилно и при вонредни настани, како што е осветувањето на црквите и.т.н.
Ете, тоа е првата сила, која делува преку вистината Божја, па токму затоа Христос нашиот Бог и Спасител рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Христос е светлината и вистината, браќа и сестри, а втората сила е Љубовта
Зар не се сеќаваме како апостолот Павле, кој пред тоа се викаше Савле, кога одеше за Дамаск за да ги убива христијаните, ете на патот, таа силна светлина го турна од коњот и тој падна.
Апостол Павле, во таа светлина не ја виде сончевата светлина или било каква друга материјална светлина, туку тој длабоко во душата и срцето почувствува дека тоа не е некаква друга светлина, туку Самиот Христос, нашиот Бог и Спасител, па затоа Му се обраќа и вели: „Кој си Ти Гопсподи?“ (сп. Дела 9, 5). Апостол Павле чувствува дека не станува збор за некоја обична светлина, туку за личносна светлина, за Христа нашиот Бог и Спасител, Кој му вели: „Јас Сум Христос, кого Го гониш ти“ (сп. Дела 9, 5).
Ова, браќа и сестри, се случило по Хрисовото Воскресение и Вознесението на небесата. Еве Христос, по Вознесението му се јавува на Свети апостол Павле во вид на силна светлина, која го турнала од коњот и токму таа силна светлина е онаа што делува, и понатаму преку луѓето и преку Црквата Божја.
Ете, покрај светлината, има исто така и нешто друго што делува врз нас луѓето, а тоа е Светиот Дух.
Господ Исус Христос, кога го ветил доаѓањето на Светиот Дух врз Светите Апостоли или слегувањето на Светиот Дух врз Светите Апостоли, тие, кога се случило тоа, биле изненадени.
Во што била работата? Работата била во тоа што тие одеднаш, и не само тие, туку и присутниот народ, биле навистина многу изненеадени, како овие прости галилејци рибари, сега одеднаш, кои го знаеја само својот еврејски јазик и не знаеја ниту еден друг јазик, сега почнаа да зборуваат на различни јазици, и тоа на јазиците на оние луѓе, што дошле од други народи тука, заедно да го прослават овој голем празник Педесетница или Сеници.
И ете, некои од ние што биле присутни, кои не верувале дека ова што се случило е нормална работа, па затоа рекле дека можеби овие од сабајле рано се опијаниле и сега зборуваат нешто. Тие велеле: „Како баш сега нашите јазици ги зборуваат, тоа мора да е под дејство на алкохолот, на пијанството и.т.н.
Тогаш Свети апостол Петар излегол пред народот и извикал: „Браќа Галилејци (секаки и другите што биле тука присутни), треба да знаете дека е рано, (било девет часот е по наше време, а по нивно време бил третиот час), ние евреите ни јадеме, ни пиеме до деветиот час, а тоа значи дека не е можно да сме пијани, бидејќи ниту сме јадели, ниту сме пиеле, а ова што се случува е под дејство на Светиот Дух, кој ете во вид на огнени јазици слезе врз нас, и ние не говориме од себе, туку говориме од Светиот Дух. Ние сме прости галилејски рибари, но она што го кажуваме не е наше дело, туку дело на Светиот Дух“.
И токму е така кажано, браќа и сестри, дека и старозаветните пророци и патријарсите и светите луѓе во Стариот Завет, а и во Новиот, се вели во Светото Писмо: Говореа преку Светиот Дух“, што значи дека Светиот Дух беше Тој што кога тие ќе ги очистеа своите срца, кога ќе ги просветлеа своите умови, тогаш Светиот Дух слегуваше на нив, односно тогаш благодатаа Божја изобилно се вселуваше во нив, и тие не говореа од себе, туку говореа исполнети од Светиот Дух, браќа и сестри.
Тоа им го вели Свети апостол Петар на насобраните луѓе, кои биле околу три илјади души и тие тогаш сватиле дека згрешиле, па затоа го прашуваат Свети апостол Петар: „Што треба сега да правиме“, а тој им вели: „Покајте се за своите гревови т.е. сè грешно што сте направиле, признајте дека сте згрешиле, а исто така исповедајте ги вашите гревови“.
Во раната Црква, христијаните јавно ги кажувале гревовите, а не како денеска кога одиме тајно кај свештеникот. Зошто? Затоа што во раната Црква немале толку многу гревови и толку тешки и опасни гревови, како што имаме ние денеска. Христијаните ги исповедале гревовите и верувале во Троичниот Бог.
Свети апостол Петар им говорел дека треба да се крстат во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да поверуваат во сè она што проповедал Христос. Тогаш Свети апостол Петар крстил три илјади луѓе, кои биле присутни тука на овој собир на Педесетница, на Духовден, кога Светиот Дух изобилно слегол на Светите Апостоли и на сиот присутен народ што поверувал и што се крстил.
Денес, браќа и сестри, од Светото Евангелие слушнавме дека Спасителот Христос вели: „Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму меѓу нив Сум и Јас (сп. Мат, 18, 20).
Ние, браќа и сестри, кога се собираме двајца или тројца, но не треба само двајца или тројца, бидејќи слушнавте дека на тој празник тогаш имало собрано три илјади луѓе, а ние православните христијани на Божествените Литургии, треба сите да бидеме сите присутни, а еве колку нè има тука денеска на овој празник, втор ден Духовден во храмот Божји. Ако сите заедно се собереме, не сме повеќе од двесте души, а во храмот нè има од педесет до осумдесет души и.т.н., а во другите денови, во неделите, ние сме на ниви и не се грижиме за спасението на душите, туку се грижиме некоја паричка да земеме за телата, а и тие пари ќе ги потрошиме за јадење и пиење, но за жал повеќе дури и за опивање и прејадување, а не за она што е потребно за спасение на душата.
Не е забрането да се печалат парите, туку тие треба правилно да се употребуваат, а правилно ги употребувале и ни дале прекрасен пример Светите праведни Јоаким и Ана, таткото и мајката на Пресвета Богородица, кои на три дела ги делеле парите што ќе ги спечалеле. Едниот дел бил за нив и за гостите што требало да ги пречекаат. Вториот дел од имотот и од парите бил наменет за сираци, сиромаси, вдовици, болни и за оние кои имале потреба од тоа, а третиот дел бил за храмот, односно за Црквата Божја. Ете, така тие ги делеле парите на три дела, а ние кога ќе направиме пресметка, ќе видиме дека тоа не го правиме, дури ни еден посто не даваме за болните, за страдалниците, за сираците, за сиромасите и.т.н., а за храмот, ако остане нешто, но за јадење и за пиење, за прејадување и опивање, и за тапаните и свирките, пари имаме, да ги лепиме на чело и на секаде. Ете, тој циркус го правиме, грижејќи се за телото и за телесните уживања, а за духовните работи и за спасението на душите не се грижиме.
Да се помолиме, браќа и сестри, како што на Духовден се собрал народот, како што пееме во кондакот на Духовден, во кој се вели дека кога се градела познатата вавилонска кула, народот од горделивост сакал да изгради кула, која ќе се издигне до небото, бидејќи престанале да веруваат во Бога. Тие си замислувале дека се Господ, па затоа се вели дека Господ Севишниот од горе слезе и им ги измеша јазиците. Тие што до тогаш зборуваа на еден јазик, наеднаш сите почнаа да зборуваат на различни јазици и не се разбираа, а при слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици на Апостолите, се случи и овде да слезе Светиот Дух и луѓето да проговорат на различни јазици, но овде беше за да се обединат, т.е. секој народ да говори на секој јазик, за да се обединат во Црквата.
Првото беше за разединување, заради гордоста на народите, кога ја правеа Вавилонската кула, а при слегувањето на Светиот Дух, Господ ги повика на единство сите луѓе, па затоа им го даде тој дар на Светите Апостоли со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (сп. Мат. 28, 19), а тоа значи дека Светите Апостоли им проповедале на другите народи на нивните јазици, не на еврејски, грчки или латински, како што учеле тирјазичниците, туку на сите јазици, на сите народи во сите времиња, за да се обединат сите во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар