На 27.05.2020 г., во предвечерието на празникот Вознесение Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи празнична Вечерна Богослужба во манастирот посветен на овој Свет празник во Крушево.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Луѓе Галилејци, што гледате? Овој Исус што сега се вознесува на небесата, пак како што сега се вознесува на небесата ќе дојде на земјата“ (сп. Дела 1, 11).
Овие зборови, браќа и сестри, се слушнале од Светите Ангели, што Го придружувале Христа нашиот Бог и Спасител, кога Он се вознесувал од земјата на небесата.
Како што и самите можете да видите на иконата, т.е. од втората икона од вашата лева страна, после иконата на Пресвета Богородица, каде што е насликано Вознесението Христово или како што ние милуваме на наш јазик да го наречеме овој празник Спасовден, е прикажано како на Елеонската или Маслинска Гора, бил присутни со Пресвет Богородица и Светите Ангели и Христос нашиот Бог и Спасител.
Христос нашиот Спасител по четириесеттиот ден, од Неговото Воскресение, се вознесол на небесата, придружуван од двајца Ангели, како што гледате од Неговата десна и лева страна, а долу има други два Ангели, кои се со Мајката Божја и со Апостолите, и така, таа положба на иконата, гледано од горе надолу и хоризонтално над Апостолите, Мајката Божја и Христа, Кој се Вознесува, придружуван од двајцата Ангели, се прави Крст.
Што всушност, браќа и сестри, се случило на Спасовден? Се случило Вознесението на Спасителот Христа, по Неговото славно Воскресението.
Христовото Вознесение е во тело, во Неговото исто Тело. Како што читаме во Светото Писмо и како што имаме сознание од Светото Предание и од учењето на Светите Отци Христос излегол од прегратките на Отецот и се родил во пештера од Пресвета Богородица и секогаш Дева Марија. Бил положен во јасли и нечујно било Неговото раѓање. При Неговото раѓање имало само неколку пастири, а тука биле Светото семејство, Мајката Негова, Пресвета Богородица, праведниот Јосиф, кој е нејзиниот вереник, само заради тоа, таа да не биде убиена, зашто девојките во тоа време што немало да се омажат ги каменувале т.е. ги убивале, па затоа според законот, таа требало да биде барем верена, за да се запази и заштити од законот да не биде убиена.
Ете, таму стигнале само уште тројца познати во тоа време мудреци од Исток, кои ги претставувале трите народи и така нечујно било раѓањето Христово. Нечујно било и Неговото растење и ние имаме многу малку сознанија за детството на Исуса Христа, освен она што го знаеме од Светото Писмо, кога биле на празникот Пасха во Ерусалим, и кога исчезнал од пред родителите, а тие се вратиле да Го бараат и Го нашле како во храмот ги поучува оние што биле законици во тоа време, т.е. оние кои што го знаеле законот. Така во Неговата десетта година, Христос покажал дека знае сè за светот, бидејќи истовремено покрај тоа што е човек, Он е и Бог, односно Богочовек.
За Христа, браќа и сестри, скоро ништо не се зборува, сè додека Он не наполнил триесет години, зашто според еврејскиот закон, Христос за да има право да поучува, да биде Учител, и да проповеда, потребно било да има триесет години. Од Богојавление, кога бил крстен од Свети Јован Крстител почнува Неговата мисија, Неговата проповед, Неговото јавно учење меѓу Еврејскиот народ.
Од тогаш почнува и Неговото покажување дека покрај тоа што е човек, истовремено è и Бог, правејќи многу чуда, а од чудата, пак, знаеме како што веќе претскажал и Светиот пророк Исаија дека слепи прогледувале, глуви слушале, и болни се лекувале од секакви болести. Исто така, Христос и мртви воскреснувал, а пред Неговото страдање и Воскресение, на Лазарева сабота, го воскреснал Својот пријател Лазара и со тоа покажал дека Лазар со неговото воскресение, е праслика или праобраз на нашето општото воскресение, што ќе се случи кога Христос повторно ќе дојде да им суди на живите и на мртвите.
Христос, браќа и сестри, откако ја завршил Својата мисија, како што било претскажано од старозаветните пророци, а особено од Светиот пророк Даниил, кој точно претскажал кога Христос ќе се роди и кога ќе пострада, се вознесол на небесата.
Пред Воскресението, Христос бил измачуван, бил биен по плеќите, бил шамаран, Му ставиле трнов венец на главата, Го осудиле неправедно на смрт, на најстрашната смрт во тоа време, со распнување на Крст, Му го дале Крстот да Го носи на Голгота и на тој Крст бил распнат. Со Крвта што ја пролеал на Крстот, Христос го осветил Крстот, кој е нашето најголемо и најславно знамение, преку кое ние се бориме со сатаната и со сите нечестиви духови, кои за жал честопати се и во нас самите, кога сме во гревови.
По распнувањето Христос е погребан, а по погребението, како што и Самиот на оние што Го распнале, т.е. на првосвештениците и старешините јудејски им рекол: „Ако го разурнете овој храм, (мислејќи на Неговото Тело, Кое е храм на Светиот Дух), Јас за три дена ќе го подигнам“, односно ако Ме убиете по три дена ќе воскреснам.
Па така, во третиот ден по распнувањето и по полагањето во гроб, Христос Воскреснал од мртвите.
Четириесет дека по воскресението Христос се јавувал, најнапред според Светото Предание на Мајката Божја, потоа на Марија Магдалина, на Жените Мироносици, на Апостолите одделно, на оние без Тома, а потоа заедно и со Тома па и на петстотини браќа и на други. Спасителот Христос им се јавил и на двајцата патници, односно Апостоли што оделе за селото Емаус, и конечно кога се исполниле четириесетте дена, Христос се вознесува на небесата.
Што всушност се случило со Неговото Вознесение? Слушнавме, од црковните песни, кои беа на македонски испеани дека Христос кога се вознесуваше, ја вознесуваше нашата падната природа, односно паднатата природа на нашите прародители Адама и Ева, преку кои падна и целата понатамошна човечка природа, односно како нивни потомци, сите ние луѓето без оглед на нацијата, сме чеда на паднатата природа. Првородниот грев бил наследуван, è наследуван и ќе биде наследуван сè до Христовото повторно доаѓање во светот, како што е кажано од ангелите токму на денешниот ден, кога се вознесувал Христос, Спасителот наш.
Човечкиот ум, браќа и сестри, бил помрачен и заради тоа требало Христос да дојде на земјата за да го просветли човечкиот ум, да ги очисти срцата и душите на луѓето. Да го просветли нашиот ум и да ја подвижи нашата волја за повторно да нè врати во заедница со Него.
Не можело поинаку да биде враќањето на човечкиот род, освен преку она што го направил Спасителот заради нас и нашето спасение. Христос ја вознесе на небесата, како што слушнавме од црковните песни, нашата човечката падната природа, со цел да ја врати во онаа состојба во која што била кај нашите прародители Адама и Ева пред да згрешат. Ете, токму заради тоа Христос се вознесол на небесата.
Од црковните песни слушнавме исто така дека Апостолите викале: „Зошто сега нè оставаш Учителе, нас твоите слуги“, па кога веќе виделе дека Христос се вознесува, тогаш тие реклe: „Испрати ни Го Твојот Свет Дух, Утешителот“, зашто Господ Исус Христос им рекол на Апостолите: „Нема да ве оставам сираци, туку ќе ви испратам друг Утешите, Духот на вистината, Кој од Отецот исходи, Тој ќе сведочи за Мене, а и вие ќе сведочите“ (сп. Јован 17-18).
Па така, Христос не ги оставил Неговите ученици и Апостоли сираци, бидејќи им Го испратил Светиот Дух. Но истото тоа важи и за нас, бидејќи и нас не нè оставил сираци, зошто, како што преку Светиот Дух, Кој слегол на Педесетница или Духовден т.е. ги исполнил сите присутни, а нè исполнува и нас.
Свети Дух, е всушност Оној што нашиот Спасител Христос на Тајната Вечера, кога Христос покажал на Лебот и рекол: „Ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува за прошка на гревовите“ (сп. Мат. 26, 26), и потоа покажал на Виното во Чашата и рекол: „Ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се пролева за прошка на гревовите“ (сп. Мат. 26, 26-27), ги претворил во Тело и Крв Христови. Токму во тој момент Светиот Дух слегува и на секоја Божествена Литургија, и Лебот го претвора во духовно Тело Христово, а Виното во духовна Крв Христова.
Па така, сите ние што се причестуваме, а пред тоа постиме и се исповедаме и покени, опростени едни од други, сметајќи се за најгрешни од сите грешни луѓе на земјата, пристапуваме и Го примаме Самиот Христос нашиот Бог и Спасител.
Еве да го прославиме овој голем и спасоносен празник, браќа и сестри, Спасовден, Вознесувањето на Неговото Свето Тело и седнувањето од десно на Отецот и подигањето на нашата човечка природа при Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар