Недела на Свети Јован Лествичник – Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола

На 29.03.2020 г., во Четвртата Недела од Великиот Пост (Недела на Свети Јован Лествичник), кога го празнувавме споменот на Светиот апостол Аристовул, Светиот маченик Савин и Светите свештеномаченици Трофин и Тал, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски,  отслужи Света Божествена Василиева Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Овој род, зол и прељубодеен, само со пост и молитва може да се истера!“ (сп. Марко, 9, 29).

Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Литургиско Евангелие, во кое се вели дека Спасителот наш Господ Исус Христос, по преображението на Таворската гора пред Своите тројца Ученици и Апостоли Петар, Јаков и Јован, слегол во подножјето, каде што имало мноштво народ, каде исто така биле и останатите Негови Апостоли. Таму меѓу народот имало еден човек, кој имал болен син од нем дух, кој во одредено време го фаќал и кутнувал, и го фрлал во оган и вода, така што момчето паѓало на земјата и се пенавело.

Таткото на ова момче, ги замолил Апостолите Христови да го излекуваат, но тие не можеле, па токму затоа овој човек Му се обратил на Христа нашиот Бог и Спасител и Му рекол: „Твоите Ученици не можеа да го излекуваат, ако можеш Ти, излекувај го“ (сп. Марко 9, 17). А Господ Исус Христос му рекол: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!” (сп. Марко 9, 23). Тогаш, овој човек откако длабоко размислил во душата и срцето, разбрал дека Господ ги гледа и знае душите и срцата на луѓето и сè што е во нас, па неможел поинаку да одговори, освен да ја каже вистината велејќи: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (сп. Марко 9, 24), бидејќи немал силна вера во Господа дека неговиот син може да биде излекуван. Ете, токму затоа и Му се обратил на Господа Исуса Христа со зборовите: „Ако можеш, излекувај го“ (сп. Марко 9, 22).

Откако Спасителот наш Господ Исус Христо, го излекувал момчето, прво духовно, а потоа и телесно, истовремено духовно од неверувањето, го излекувал и неговиот татко, кому понатаму му дал вера да верува. После тоа, Спасителот наш  Господ Исус Христос го зел момчето и му го предал на татоко му. А учениците Негови, насамо го прашале: „Зошто ние не можевме да го излекуваме“ (сп. Марко 9. 28). Господ им рекол: „Заради вашето неверување“.

Веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, дали навистина Апостолите Христови не верувале или, пак, станува збор за нешто друго?

Имено, до слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, Светите Апостоли не биле целосно исполнети со Светиот Дух. Тие, сеуште изобилно не ја имале примено благодатта Божја, освен оние тројца Христови Апостоли Петар, Јаков и Јован, кои на гората Тавор делумно ја примиле Божјата благодат. Светите Апостоли изобилно ја примиле Божјата благодат на Духовден, кога Светиот Дух изобилно слегол врз сите присутни т.е. и врз Апостолите, и врз народот што бил таму присутен.

Но Апостолите Христови на гората Тавор, благодатта Божја ја примиле толку, колку што можеле да примат, како што пееме во тропарот на Светото Преображение „Јакоже можаху“ (колку што можеа да ја примат), па токму затоа паднале ничкум, кога виделе каква силна светлина излегува и зрачи од Христа нашиот Бог и Спасител,  за Kогo и во Символот на нашата вера велиме дека Он е Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински.

Ете, токму заради тоа Апостолите не можеле да го излекуваат тоа момче, но има и уште една причина, а таа е дека тие се посомневале Господа дека Он нив подеднакво ги сака, односно позавиделе на тоа што Господ со Себе ги зел Своите тројцата ученици Петар, Јаков и Јован, со кои се искачил на Таворската гора и пред кои се преобразил, кога со Него разговарале Светите славни пророци Мојсеј и Илија.

И веднаш се поставува прашањето, што всушност се случило кога Господ Исус Христос го излекувал ова момче? Имено, станува збор за три значајни работи. Најнапред тука до израз дошло прашањето за верата т.е. дека верата е една од најзначајните добродетели на нашата Света Православна Вера и Црква, бидејќи во Светото Писмо е кажано дека ние без вера не можеме да Му угодиме на Бога. Токму затоа ние во Светото Писмо читаме дека со вера Светите Апостолите правеле големи чудеса, како што Господ им рекол дека ќе прават и поголеми чудеса од Него.

Со вера, браќа и сестри, Светите Апостли лекувале од секакви болести во името на Христа нашиот Бог и Спасител и ги надминувале сите страдања  и потешкотии. Свети апостол Павле, со верата што ја имал ги надминал сите страдања и маки, кои ги имал по морињата, океаните, реките и.т.н. Со верата што ја имал, Свети апостол Петар, бил ослободен од затворот, кога од неговите нозе и раце, паднале веригите. Со вера во Бога, царевите освојувале царства и народи, со вера во Бога, во пустините живееле подвижниците на Црквата Христова, со вера биле затапувани мечевите на непријателите, со вера луѓето живееле по домовите и по сите други места, како што слушнавме во молитвите на оваа Божествена Литургија на Свети Василиј Велики. Без вера, браќа и сестри, ние ништо не можеме да направиме.

Нашата вера, браќа и сестри, не е вера која е безлична, нејасна и која нема сила. Нашата вера е потполно чиста и јасна, бидејќи не ни ја открил некој друг, ниту, пак, ангел од небесата, како што се вели во Светото Писмо, туку ни ја открил Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој излегол од прегратките на Отецот и се воплотил од Света Дева Марија т.е. слегол во нејзината Света утроба и станал човек, заради нас и заради нашето спасение.

Нашата Света Православна Вера, е изложена во Символот на Верата, во кој накратко е изложено учењето на нашата Света Црква, т.е. верата за Тоичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. На Првиот Вселенски Собор, е донесен првиот дел од Символот на Верата, а на Вториот Вселенски Собор, е донесен вториот дел од Символот на нашата Света Православна Вера и Црква.

Ниедна друга Црква, ниедна друга таканаречена религија или вера, не може да се споредува со нашата вера, бидејќи нашата вера е Богооткриена, која ни ја открил Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Верата, браќа и сестри, треба да биде чиста, бидејќи ако не е чиста, тогаш таа не е делотворна. Ние со нашата вера треба да правиме добродетели и преку нив да покажеме дека сме вистински христијани, не само по име, туку и по живот, и по вера, и по дела.

Спасителот наш Господ Исус Христос, кажал дека чудата треба да се прават со вера, па токму затоа Он  не направил ниедно чудо, без претходно да го праша оној кого требало да го излекува дали верува. Значи најнапред било побарано од оние кои ги лекувал од секакви болести да покажат вера во Него, па потоа да бидат излекувани.

Во текот на животот, сите ние, браќа и сестри, постојано сме напаѓани од нечестивиот т.е. од сатаната со неговите ангели (демоните). Спасителот Христос вели дека тој зол и прељубодеен род, се мисли на демонскиот род, не може со ништо друго да се истера, освен со пост и со молитва. Постот е средство, а не цел во животот на христијаните, преку кој, оној што се подложил на пост, треба најнапред да го пројави вистинскиот духовен пост, а духовниот пост се состои во тоа да постиме духовно, како што читаме и пееме во песните од Канонот на Свети Андреј Критски, каде се вели: „Да постиме браќа духовно и телесно“. Духовниот пост има предност пред телесниот пост, а телесниот пост, е само средство за да го поттикне духовниот пост, а духовниот пост, се состои во тоа, од нас да оттргнеме секакви грешни мисли, помисли, похоти и страсти. Понатаму исто така, во постот е потребно нашиот ум да не биде расеан, туку прибран, како што пееме во црковните  песни: „Собери го Господи мојот расеан ум“.

А молитвата, секогаш треба да биде искрена и вистинска, бидејќи вистинската молитва, е разговор со Бога. Ако молитвата е разговор со Бога, тогаш тоа значи дека кога ние се молиме, треба од нас да отстраниме секакви грижи за земното и материјалното и за сè што е преодно во овој свет, како што пееме на Божествената Литургија во песна „Иже херувими“, каде велиме да отфрлиме секаква животна грижа. Оној што е на молитва, треба да биде целосно глув, нем и слеп, за сè друго, освен за Бога т.е. секогаш во неговиот ум треба да биде Бог. Кога се молиме, браќа и сестри, ние не треба на ништо друго да мислиме и со ништо друго да не бидеме преокупирани, освен со Бога. Во молитвите, ние секогаш треба да го бараме она што е полезно за спасение на нашите души и тела. Господ вели: „Најнапред барајте го Царството Небесно и Неговата правда и сѐ друго ќе ви се додаде“ ( сп. Лука 12, 31). Најсилната е молитвата на заедницата, особено на Божествената Литургија. Нема посилна молитва, од молитвата на Божествена Литургија, која е јавна Божествена служба, на која на Светиот Престол се случува најголемото чудо т.е. благословениот Леб, се претвора во духовно Тело Христово, а благословеното Вино, во духовна Крв Христова, па така ако ние вера пристапуваме и се причестуваме со Телото и Крвта Христови, тогаш во нашите души и тела, Го примаме Самиот Христос нашиот Бог и Спасител.

Па затоа, еве и во овие денови на големите искушенија, кога од Бога ни е допуштена оваа опасна и смртоносна болест, именувана Kovid-19, ние практично треба да сфатиме и разбереме дека сè што ни се случува, е со Божјо допуштение. Нашиот народ вели: „Секое зло, доаѓа за добро“.

Што треба да правиме во овие денови на искушенија, кога сме во самоизолација? Господ со ова искушение, сака да ни каже дека домашната Црква, е основата на Црквата. Ако биде силна домашната Црква т.е. семејството, силна ќе биде и парохијата, силна ќе биде и Епархијата, како израз на големата Црква, која е возглавена од својот Епископ. Вистинската Црква ја сочинуваат верните чеда со свештенството и монаштвото, возглавени од својот Епископ.

Па така, во тој дух да се помолиме, Господ да отстрани од нас секакво искушение, како што е и ова искушение на оваа опасна смртоносна болест Kovid-19. Спасителот наш Господ Исус Христос вели: „Вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: Премести се одовде таму? и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“ (сп. Мат. 17, 20). Ние за жал сеуште ја немаме таа вера, а првите христијани ја имале таа вера и секој ден со таа вера живееле, секој ден присуствувале на Божествената Литургија и се причестувале. Отпадништвото од Бога, е причина за сите незгоди, искушенија, страдања и за оваа голгота, која сега ни се случува.

По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светиот Јован Лествичник, на кој денес споменот му го празнуваме, на Светиот Великомаченик Горгиј Попобедоносец, на кој е посветен овој Свет храм и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар