Недела на Православието – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 08.03.2020 г., во Првата Недела од Великиот Пост (Недела на Православието), кога го празнувавме наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител  и споменот на преподобен Еразмо, монах Печерски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

А нашата вера е победа, победа со која го победивме целиот свет.

Оваа прва недела од Велигденскиот пост, браќа и сестри, е посветена на победата на Православието т.е. на Православната Црква, над сите погрешни учења што се појавиле во Црквата Христова.

Спасението на човечкиот род, најмногу зависи од тоа, каква е неговата вера, дали е чиста, односно дали е онаква, каква што во Стариот Завет ни ја проповедале Светите пророци, патријарсите и сите други Свети луѓе, кои како што вели Светото Писмо: „Не говореа тие, туку Светиот Дух говореше преку нив“ (види 2. Петр. 1, 21).

Во Стариот Завет, верата на старозаветните патријарси била верата во Месијата, а Месијата е ветениот наш Спасител, Господ Исус Христос, Кој верните во Стариот Завет ги исполнувал со вера во Бога и ги поткрепувал во сите нивни страдања, маки и искушенија.

Од денешното апостолско четиво, слушнавме каква била верата на Светиот пророк Мојсеј, кој ги нашишал Петте Книги на Законот под дејство – вдахновение на Светиот Дух, односно преку Светиот архангел Гаврл, кој му диктил што и како да напише.

Светиот пророк Мојсеј, повеќе сакал да биде во страдања, маки и искушенија, отколку блудно и недостојно да живее во дворот на фараонот. Па токму затоа, од ропството фараонско го извел Еврејскиот народ, а пред тоа преку Пасхалното јагне, кое е праслика на Христа нашиот Бог и Спасител, со чија крв биле помачкувани надвратниците на домовите на Евреите, Бог ги поштедил сите Евреи и нивните семејства, а биле убиени сите првенци на фараонот и на Египјаните.

Господ потоа го извел Еврејскиот народ преку Црвеното море, а морето ги потопило непријателите.

Понатаму во пустината, Месијата, Спасителот наш Господ Исус Христос ги штител преку Облакот, кој нив ги водел низ пустината четириесет години и ги хранел со мана т.е. небесна храна, која е праслика на Причесната. Па така, Светиот пророк Мојсеј ги довел до Ветената земја, откако претходно на Синајската гора се удостоил да ги прими Десетте Божји Заповеди, а потоа преку седумкратното обиколување на Ерихон, кој го освоиле, се населиле во Ветената Земја.

Понатаму, браќа и сестри, Светиот апостол Павле вели: „Што уште да ви зборувам за верата на судиите и пророците, за Самсона, за Јефтаја, за Вараха, за Самуила, за цар Давида и.т.н“ (види Евер. 11, 32)., укажувајќи на нивната силна вера т.е. дека тие со нивната силна вера успеале да ги победат царствата, да ја затапат острицата на мечот и да извршуваат правда.

Ете, тие се оние, кои заради верата во Бога пострадаа, беа гонети, скитаа по пустините, ридовите и пештерите, се облекуваа во овчи и козји кожи, се бореа со непријателите, беа гонети заради Христа нашиот Бог и Спасител.

Исто така, да си спомнеме и за мачениците и страдалниците на нашата Света Праволавна Вера во Новиот Завет, почнувајќи од четиринаесетте илјади деца, кои пострадаа во Витлеем, во домот на лебот,  заради Христа нашиот Бог и Спасител. Заради Христа пострадаа илјадници и илјадници маченици, кои беа изложени на големи страдања, како што вели Светиот апостол Павле, заради верата во Христа нашиот Бог и Спасител.

Во денешното Свето Евангелие, слушнавме како Христос Спасителот наш сакал да отиде во Галилеја и да го повика Филипа да Го следи, откако претходно го повикал првоповиканиот апостол Андреј и Свети Јован Богослов, кој пишува токму за овие настани. Во Светото Евангелие беше кажано дека Филип оди и му вели на Натанаила, (кој е всушност апостолот Вартоломеј): „Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!” (сп. Јован 1. 45), а Натанаил поради неговата искреност му вели: „Зар може нешто добро да излезе од Назарет? (Јован 1, 46), а Филип му вели: „Дојди и види!“ (Јован 1, 46). Па така, кога дошол, Христос на Филипа му вели: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство“ (Јован 1, 47), а тој вели: „Од каде ме познаваш?” (Јован 1, 48), а Господ му одговара: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов“ (Јован 1, 48). Светиот Натанаил т.е. Светиот апостол Вартоломеј, се молел под смоквата за својот Израилски народ и за очекувањето на Месијата, Христа нашиот Бог и Спасител.

Откако Христос му кажал дека го видел под смоквата, Светиот апостол Натанаил Му вели: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!” (Јован 1, 49), а Господ му вели: „Поверува, оти ти реков дека те видов под смоквата; но ти велам, ќе видиш повеќе од ова. Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки” (Јован 1, 50-51).

Ете, сето ова се исполнило, браќа и сестри. Првиот кој ги видел отворени небесата, е Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, врз кого биле исфрлени огромен број камења, а тој пред да ја предаде својата душа на Бога, со подигнал рацете кон небесата рекол: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога“ (Дела 7, 56).

Браќа и сестри, нашата Света Православна Вера, е вистинската вера, не затоа што со неа сакаме да се фалиме, туку затоа што не е измислена од човек, како што се измислени безброј вери и религии од луѓето.

Православната Вера е Божјо Откровение. Господ Бог го открил учењето на нашата Света Православна Вера, а изворот на нашето учење е Светото Писмо и Светото Предание, кое е објаснето и протолкувано од Светите Отци на нашата Света Православна Црква, и на Вселенските и Помесните Собори.

Ниедна вера нема така убаво изразено учење, како што е изразено нашето учење во Символот на Верата. Суштината на нашата Света Православна Вера, е учењето за Света Троица, учењето за Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Во Символот на Верата се вели дека заради гревот и смртта, на нашите прародители Адама и Ева, Синот Божји, од преголема љубов кон нас грешните, посака да излезе од прегратките на Отецот, да слезе на земјата и да се воплоти т.е. да влезе во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која зачна од Светиот Дух, како што пееме во Канонот на Свети Андреј Критски, дека родителот на Синот Божји è Светиот Дух, Кој од Отецот исходи. Тоа е учењето на нашата Света Православна Вера, а такво учење нема ниту една друга вера и религија, како што има Православната Вера, која ни ја открил Самиот Спасител Господ Исус Христос.

Но ѓаволот, браќа и сестри, им позавидел на православните христијани, па така,  сакајќи да ја уништи нашата Света Православна Вера, против неа ги употреби не само надворешните, туку и внатрешните непријатели. Во првите векови на христијанството се појавиле безброј погрешни учења за верата, а едно од тие погрешни учења, е учењето на Ариј, кој велел дека Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, не è Син Божји, дека не е еднаков на Отецот и на Светиот Дух, туку дека е Божјо создание.

Ете, против него во тоа време станале и се бореле столбовите на Православна Црква, како што се: Свети Јован Златоуст, Свети Григориј Богослов, Свети Атанасиј Велики, Свети Григориј Назијазин и Свети Василиј Велики, чија Божествена Литургија денес ја служиме, а која се служи десет пати во годината т.е. на Бадник, на Обрезание Господово, кога го празнуваме и неговиот спомен, на Водокрст, во првите пет недели од Велигденскиот пост, на Велики Четврток и на Велика Сабота.

Исто така, безброј други Свети Отци, на нашата Света Православна Црква, се бореле против ересите, против кои биле свикувани Вселенски Собори, почнувајќи од Првиот Вселенски Собор во 325 година, па сè до Седмиот Вселенски Собор во 787 година, кога практично е извојувана победата над непријателите на иконите (иконоборците), кои иконите не ги сметале за Свети предмети, пред кои ние се молиме и се обраќаме до архитипите, односно до вистинските ликови, т.е. се обраќаме на Света Троица, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Свети Јован Крстите и на сите други Свети.

Светите икони, браќа и сестри, не се идоли како што проповедаат сектантите, туку се Свети предмети. Ако ние ги почитуваме сликите на нашите родители т.е. на нашите татковци, мајки, браќа, сестри и на сите што ги почитуваме или ако велиме дека символот на државата е државното знаме, кое ако биде запалено, сметаме дека запалена ни е и државата, тогаш како ние да не ги почитуваме иконите? Се вели дека царот Михаил, кој требало да одлучи дали иконите се идоли или се Свети предмети, кога ја видел сликата на својата мајка и ја целивал, и рекол: „Ако јас ја целивам сликата на мојата мајка, зошто да не ги целиваме иконите?“

Иконите, се прозорци преку кои ние ги гледаме вистинските икони. Кога се молиме пред иконата на Свети Јован Крстител, на кого денес споменот му го празнуваме, ние духовно се пренесуваме кон него и му се обраќаме, а иконата само нè потсетува и упатува на вистинскиот човек, на вистинскиот лик на светителот.

Ете, токму затоа, браќа и сестри, во Првата недела од Велигденскиот пост, ја прославуваме победата  над непријателите (еретиците) и сите погрешните учења, кои се спротивни на вистинското учење на Црквата. Изворот на учењето на нашата Света Православна Вера, ние не го бараме меѓу луѓето и човечкото мудрување, туку го црпиме од Светото Писмо, кое е напишано под вдахновение на Светиот Дух, под вдахновение на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а исто така и од Светото Предание, кое подоцна е запишано и објаснето на Вселенските и Помесните Собори и нашата Света Црква. Учењето на нашата Света Црква има своја мистерија, своја мистичност, а таа мистичност на нашата Света Црка, е во Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Светата Тајна Исповед и Покајание, Светата Тајна Свештенство, Светата Тајна Венчание (за оние кои што се венчаваат), Светата Тајна Маслосвет (за оние кои боледуваат од тешки болести), и конечно Тајната над сите тајни, Светата Тајна Евхаристија, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.

И токму преку овие Свети Тајни делува Светиот Дух, а делувањето на Светиот Дух, е всушност благодатта Божја, а Благодатта Божја е сила Божја, тоа се Божествени несоздадени енергии. Божествените енергии, се всушност еманација или сила, која излегува од Бога, преку која ние од грешни, стануваме свети, од нечесни, чесни, од недостојни, достојни. Преку Светите Тајни, ние практично се исполнуваме со Светиот Дух.

Ние, возљубени браќа и сестри, не треба да заборавиме дека нашата вера има печат на соборност. Нашата вера, не се раководи како другите вери и секти, таканаречени цркви, или како што е Римокатоличката Црква, каде Папата одлучува што ќе биде и како ќе биде и.т.н. Кај нас не е така, бидејќи кај нас пред сè е битна соборноста.

Соборноста во Православната Црква, се покажала на Вселенските и Помесните Собори, на кои учество земале верните цареви, свештенослужители и епископи, односно оние кои управувале со Црквата.

Токму во соборноста е изразена суштината на нашата Света Православна Вера, па токму затоа е кажано: „«Аще ангел, пришед с небесе, благовестит вам (ино), не яко же мы благовестихом, да будет анатема“ (сп. Гал. 1, 8), односно дури и ангел од небото ако ви благовести нешто друго од она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема! На Вселенските Собори, браќа и сестри, Светите Отци не говореле од себе, туку Светиот Дух говорел преку нив.

По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Свети Јован Крстител, на кој денес споменот му го празнуваме и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Честит нека е празникот на нашата Света Црква, кога е извојувана победата над сите погрешни учења. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар