На 02.03.2020 г., во Понеделникот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Големо повечерие со читање на Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
Ирмос: Помошник и покровител ми стана во спасението. Он е мојот Бог и ќе Го прославам – Бог на мојот татко, и Него ќе Го возвисам, оти славно се прослави.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Од каде да почнам да ги оплакувам делата на мојот беден живот? И што да ставам за почеток на моето сегашно редење, Христе? Но, како Милосрден, дај ми прошка на гревовите.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Оди, бедна душо, со телото твое, на Творецот на сите исповедај се, и од поранешното безумство натаму ослободи се; и, во покајание, на Бога солзи принеси Му.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Престапот на првосоздадениот Адам подражавајќи го, откажан се познав од Бога, и од Царството вечно и наслада, поради моите гревови.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Тешко мене, душо бедна! Зошто на првата Ева си се уподобила? Оти зло си видела и тешко си се ранила; дрвото си го допрела и од безумната храна слободно си вкусила.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Наместо телесната Ева, ми се јави духовна Ева – страсна помисла во плотта, која ми покажува наслади, и со горчлива напивка секогаш ме напојува.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Адам праведно беше истеран од рајот, оти не ја запази Твојата единствена заповед, Спасителу; а јас колку ќе пострадам, отфрлајќи ги постојано Твоите животворни зборови!
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Надсуштествена Троице, славена во Единица! Тешкото гревовно бреме земи го од мене и, како Милосрдна, дај ми солзи на смирение.
И сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Богородице, надеж/и застапнице за нас што ти пееме! Тешкото гревовно бреме, земи го од мене и, како Чиста Владичица, мене покајникот прими ме.
(Од Покајниот канон на Свети Aндреј Критски)